%
Но, тогаш Бог одлучи да смеша прсти во нашиот живот. Еден тмурен, пролетен ден, јас заминав во полето да работам, а мојот сопруг, како и обично, тргна кон кафеаната. На половина од патот, забележал дека ги заборавил оние малку пари што ги имаше и одлучил да се врати, за да ги земе. Само што дошол до портата, видел дека целата куќа е во пламен. Комшиите збунето стоеле во дворот, викајќи: Спасете ги децата! Но, кој да ги спаси? И денес се чудам, од каде кај мојот Ристе дошла таква сила, кога знам дека едвај на нозе стоеше!Со голема сила влетал во собата каде тие спиеја, ги зел двете деца и ги изнасол надвор од куќата. Потоа се вратил по малото сандаче, во кое ги чувавме поважните работи, пред сé нашите докуманти, но кога стигнал до вратата, една запалена греда паднала врз него и… да не биле комшиите, кои со голем напор го спасиле, веројатно жив ќе изгорел. Работев наведната во блиската нива, кога викотниците од соселаните ме натераа да ја кренам главата и… кога го видов чадот, што се издигаше од правецот на нашата куќа, ја фрлив мотиката и со трчање поитав кон куќата. Во главата ми доаѓаа најцрни мисли. Кога стигнав до дворот, ја затекнав колата за брза помош на заминување. Брзо се качив во колата и заминавме во градската болница. Неколку денови лекарите се бореа за животот на дечињата, кои беа затруени од чадот и… фала му на Бога, успешно ја завршија нивната работа!
Но, состојбата со Ристе беше многу критична. Имаше изгореници по целото тело, а лицето му беше упропастено. Десетина денови не можеше да се освести. Дење и ноќе бдеев над него. Ноќта, по десеттиот ден, седејќи на клупата во ходникот од болницата, за миг задремав и… сонив чуден сон! Како да одев низ некоја пеколна темнина, ги напрегав очите, но не можев ништо да видам. Ме фати страв, кога од темнината слушнав некој глас, кој јасно го изговори моето име.
– Погледни подобро околу себе Милево… чекориш по патот што ти му го припреми на твојот Ристе. Сакаше што побрзо тој да умре, да се куртулиш од него, а тој денес беше човек, беше херој… денес ти покажа дека дури и таков, каков што е – пијаница, може да направи добро дело и да биде од многу голема корист. Тој денес ги спаси вашите деца и затоа, моли се на Бога да преживее. Биди убедена дека неговата смрт ќе биде најголемата несреќа за тебе, бидејќи грижата на совеста ќе те уништи. Вложи напор и помогни му да излезе од







