2009
Yearly Archive
чет 31 дек 2009
Во една прилика, др.Ферид Мухиќ, докажан хуманист и пријател на Клубот на лекувани алкохоличари, говореше дека човекот е создаден за задоволство и среќа, дека секој човек има легитимно право да ја посакува, бара и да копнее по среќата, непрекинато да трага по неа. Бидејќи не постои јасно одредена дефиниција, по која сите луѓе би ја барале среќата која ќе биде добра за нив (тоа што еден човек го прави среќен не значи дека со тоа ќе бидат среќни и другите), секој човек поединечно сам ја гради и секогаш самиот е ковач на својата среќа. На пример, мене најголема среќа во животот ми донесе сознанието дека, и покрај сите мои грешки, глупости и пропусти во животот, моите најмили ме сакаат и ценат, дека сеуште сум им потребен и мил.
- Би било интересно секој од вас да се замисли׃ поради што сте почувствувале најголема среќа?
Ќе се обидам да одговорам на прашањето: дали човекот непрекинато може да биде среќен? Ако ја набљудуваме реалноста во која секојдневно живееме, недвосмислено се наметнува одговорот дека не може! Сепак, теоретски гледано, човекот може да биде непрекинато среќен, а за да достигне таква среќа, потребно е да се исполнат повеќе услови.
- Основно е секој човек да ја пронајде вистинската смисла на својот живот, која мора да ја бара и да ја пронајде исклучиво во доброто и вистината. За жал, поголемиот број од луѓето вложуваат огромен труд само за да ја подобрат својата среќа, а малкумина од нив се трудат да се подобрат самите себе. Основната животна цел на секој поединец секогаш треба да биде иста: да напредува во доброто, да биде навистина добар, а не само така да изгледа. Со тоа што добрината ја шириме околу нас, истовремено ја зацврстуваме и во самите себе. Најсреќен е оној човек кој помогнал многу други да станат среќни. Човекот никогаш не треба да биде задоволен со нивото на добрината што ја поседува, туку непрекинато треба да се труди да биде што е можно подобар, бидејќи најголема неправда е човекот да изгледа добар и праведен, а тоа да не е.
Запрашајте се: дали некогаш сте се потрудиле навистина да бидете добри, отколку само да изгледате добри? Дали некогаш сте помислиле дека со вашите активности можете да помогнете да се унапреди светот и да го направите подобар?
- Среќата се наоѓа таму, каде човекот ја бара и чудно е колку малку е потребно за да бидеме среќни, но уште почудно е како, речиси секогаш, тоа малку ни недостасува. Единствен начин да не бидеме несреќни е да прифатиме дека од животот не треба да бараме повеќе, од што тој може да ни даде. Секогаш треба да бидеме среќни со тоа што го имаме, а не со тоа што посакуваме да го имаме.
Секој од нас треба да се запраша: дали треба да бидеме среќни заради нашето богатство, или заради доблестите и мирот во домот кои ги имаме, односно, кои треба да ги имаме?
пон 28 дек 2009
Почитувани пријатели, со особено внимание да ги следиме примерите и советите од нашите терапевти, но и од сите разумни луѓе кои ни укажуваат на нашите слабости и, да се потрудиме и ние, бидејќи така не учат тие, да го претвориме нашето блато, во злато. По нивниот пример, по нивното несебично укажување, да се откажеме од лажните убавини и лажните задоволства што ѓаволот ни ги нуди, а кои на крајот носат само несреќа и зло. Да се покаеме, да ја признаеме нашата срамота.
Рибите исфрлени на суво загинуваат; слично се случува и со апстинентите кои ќе го напуштат својот клуб - своето свето место, кога ќе се вратат во своето старо јато, на своите валкани страсти, во канџите на својот стар познаник - алкохолот и, на тој начин, ќе се оддалечат од своите добри намери. Да бидеме убедени дека само во Клубот на лекувани алкохоличари ќе научиме, дека само во болката од нашето искрено каење се наоѓа нашиот вистински спас, се наоѓа нашата животна радост.
Ако Семоќниот Бог одредил да живеам доволно долго, да доживеам длабока старост и, со побелена коса и свенато лице да ја дочекам и да слезам во вечната ноќ, или пак ако денешниот ден е мој последен ден од мојот живот - се надевам дека ќе ја имам таа радост, во пеколот што сам си го изградив со својот живот, да го понесам споменот на многубројните незаборавни, пресреќни моменти од мојот живот откако станав апстинент и дека храбро ќе застанам пред ѓаволот и ќе му викнам: сатано, можеш да ми ги искршиш сите коски, можеш да го запалиш моето тело за вмиг да ме снема, можеш да ја исцедиш целата крв од моите жили, но среќата што ми ја подари Клубот на лекувани алкохоличари, среќата што им ја вратив на моите најмили, среќата што ја чувствувам со целата душа и срце во моментите кога успевам и другите да ги наговорам да го следат патот што ги води кон излезот од твојот страшен пекол, тие нешта не можеш да ми ги земеш. Споменот на нашите терапевти, на овие прекрасни луѓе, кои како Ангели Божји секојдневно го враќаат мирот и среќата во илјадници домови на алкохоличарите, спомен што ме издига до небесата - тоа никогаш не ќе можеш да ми го одземеш.
… заради успехот во борбата со алкохолната болест чувствувам голема радост во мојата душа. Со гордост уживам во љубовта и вниманието на моите најмили, во симпатиите и добрината на моите колеги од Клубот на лекувани алкохоличари, во симпатиите на сите Вас кои ги читате моите текстови и, бидејќи чувствувам дека сум многу почитуван и сакан - и самиот себе уште повеќе си се засакав.
чет 24 дек 2009
%
Во мојата душа однекаде се појави и заживеа мислата дека, на овој свет, човекот може да биде среќен само по цена на болката од неговото каење и радоста од спремноста за простување на грешките. И, колку таа болка е поголема, колку каењето кај алкохоличарот, сега апстинент, е поискрено и доаѓа од длабината на срцето, толку ќе биде поголема радоста од новиот живот, ослободен од најголемото зло за сите луѓе - алкохолот.
Болката има своја снага која ни помага да се поправиме, да се подобриме, да бидеме помилосрдни, таа не осветува и не уверува дека нашиот живот е должност, а не забава. Затоа, сосема е беспредметно прашањето: дали човековиот живот има смисла или не? Тој има онаква смисла, каква што ние му ја даваме.
Мене ми се случи тоа што им се случува на луѓето што сакаат да живеат за душата, а не за телото. Ми се случи неочекувано, така што мислата, која во прво време ми изгледаше како парадокс, дури и како шега, сега почна се почесто и почесто да наоѓа потврда во секојдневниот живот и наеднаш се појави пред мене како наједноставна вистина. Сега ми стана јасна пораката што ја сретнав во Библијата, дека единствен начин за спасување од ужасното зло од кое страдаат луѓето е само тоа, луѓето секогаш да признаваат дека се виновни, искрено да признаваат и да бидат спремни никогаш повеќе да не ги направат истите грешки, да не го повторат гревот.
Одговорот што толку долго го барав и што никако не можев да го најдам беше толку едноставен, а се состоеше во тоа дека треба да се простува секогаш и на секого, бесконечно многупати да се простува, бидејќи не постои таков човек што не носи вина во душата.
Бев активен и гледач и учесник во злото, но многуте месеци поминати во Клубот на лекувани алкохоличари и новите сознанија за алкохолната болест и нејзината уништувачка моќ над човекот, ми даваат се поголема сила за цврста апстиненција, секогаш ме тераат да се згрозам од сеќавањата на глупостите, што ги правев под дејство на алкохолот.
%
нед 20 дек 2009
%
Атомите што се соединиле да ме обликуваат како алкохоличар, пружаат за душата непријатно соединување. Но, тоа е само невина игра на природата, бидејќи ни самите атоми не знаат точно што прават. Секако дека еден ден тие исто така рамнодушно ќе се разединат како што се соединиле, ќе се претворат во земја и прашина, но ќе останат како спомен само моите добри или лоши дела, како доказ за моето постоење.
Сепак, во овие нови околности, овој нов - втор живот што Господ Бог ми го подари да го живеам, ме потсетува за се и од мене бара искрено да ја признаам нискоста и свирепоста, што ми дадоа сила и можност мирно да живеам триесетина години, со такви гревови на душата.
После долго размислување, одлучив својата исповед да им ја прочитам на моите најмили, за тие да ми бидат првите критичари. Да бидам искрен, не очекував дека вистината може толку многу да боли, дека срцето може толку многу да крвари. После секоја реченица тивко воздивнував, а солзи на вина непрекинато течеа по моето лице. Очекував мојата исповед да ја примат со ужас, со одвратност, токму така како што заслужуваше, бидејќи мислев дека не ќе можат да сфатат: како може човек да признае толку големи гревови и - да остане жив?
Бев целосно изгубен, во потсвеста го молев Господ Бог да ја отвори земјата за да ме проголта, за што побрзо и полесно да се спасам од преголемиот срам и грижата на совеста. Но, земјата остана тврда, а јас со наведната глава, со солзи во очите, по којзнае којпат ги гледав сликите од мојата уништена младост.
Чувствував дека главата ми гори, а рацете ми беа толку малаксани, така што сигурно во тие мигови не ќе имав сила ни среќата да ја допрам, ако некој тогаш ми ја пружеше да ја дофатам. Голема болка ги притискаше моите гради, а срцето неконтролирано силно биеше како да секој момент ќе препукне.
Но, неочекувано почувствував големо олеснување, голема радост, радост каква што дотогаш немав доживеано, кога моите најмили со солзи радосници почнаа да ми искажуваат благодарност, затоа што собрав сили толку искрено и токму на овој начин да го искажам своето каење.
%
сре 16 дек 2009
%
- Кога се чувствуваш несреќен, сети се на туѓите несреќи и тогаш ќе сфатиш дека можело да биде уште полошо. Во длабината на срцето прифати ја единствената вистина дека ти си бил виновен пред, а дека виновен си и сега, а тоа е најважно. Запомни дека тоа што ти го нарекуваш несреќа, пратена ти е како твое искушение, за да научиш покорно и стрпливо да ја поднесуваш несреќата и дека благодарение на таа несреќа треба да станеш подобар. Во тоа е и целата твоја животна задача - непрекинато да се бориш со злото и, низ таа тешка борба, да станеш подобар.
Кога искушенијата ќе те опкружат од сите страни и кога непријателите (сите оние кои ќе ти завидуваат на твојата среќа и ќе ти нудат алкохол за да станеш како нив и повторно да се вратиш во алкохолниот пекол) ќе навалат како река, кога ќе почувствуваш немоќ, во тие моменти ќе ја согледаш потребата од силата на спасот, ќе ја согледаш вистинската потреба од Клуб на лекувани алкохоличари и ќе сфатиш дека одиш кон победата единствено тогаш и само тогаш, кога се бориш заедно со своите другари од Клубот на лекувани алкохоличари.
Ако се наоѓаш во тешки ситуации, меѓу луѓе кои не те разбираат, кои не водат сметка за тоа што тебе ти е потребно и пријатно, кои ќе те отфрлат како исцеден лимон откако ќе те искористат, сети се на твоите другари од Клубот на лекувани алкохоличари, сети се на нивната спремност да ти помогнат во секое време и наеднаш ќе почувствуваш голема радост.
- Признав дека страдањата и несреќите на моите најмили се исклучиво моја вина, мој злочин и дека јас сакам искрено да се покајам за тој злочин. Дури ни Бог не може да го измени минатото, направеното да го направи ненаправено, не може на моите најмили да им ја врати првобитната среќа, да им ги врати убавините на животот, што на така подмолен начин им ги уништив. Ќе беше многу лесно ако моите најмили имаа по десетина животи, така што во тој случај воопшто не ќе беше страшно ако некој будала, како мене, им одземе еден од нив.
Бидејќи на моите најмили не можев да им ја вратам среќата, честопати размислував себе си да се унесреќам многу повеќе отколку што беа тие. Но, сфатив дека освен еден будала помалку на земјава, освен радоста на ѓаволот од успехот во уништувањето на човекот, дека друго никој ништо не добиваше од тоа. Ми остана само искрено да се кајам и жалам за сите пропусти, за сите неправди и глупости, да се кајам и жалам многу повеќе отколку што тоа луѓето можат да го знаат, многу повеќе отколку што тоа воопшто можат да го замислат.
%
пет 11 дек 2009
%
- “Мојата тајна е мој заробеник, ако ми избега, ќе стане мој господар” - беше паролата што моето мислење во почетокот го правеше дијаметрално спротивно, од мислењето на нашиот терапевт, сметав дека секој човек има право да ја чува својата интима. Овде морам да кажам дека веројатно ова беше пресудниот момент за мојата цврста апстиненција. Како што времето одминуваше, оваа мисла се повеќе почна да ме преокупира, беше се поприсутна во мојата глава. Мудроста и советите на нашиот терапевт, др.Методија Николоски - Мец, почнаа да ме топат како восок, почнаа одново да го обликуваат мојот карактер по калапот на неговите упатства. Со голема стрпливост, умешност и знаење, се разбира, со помош на мојата цврста волја и несебичната поддршка што непрекинато ја имав од членовите на моето семејство, тој успеа мојот карактер на алкохоличар, како од порцеланска земја, да го преобрази во карактер на добар апстинент и добар човек.
Добивав чудна, голема сила, добивав недвосмислена убеденост во исправноста на моите постапки. Дојдов до едноставното сознание дека не треба да владееме со светот, туку да го искористиме нашето знаење и времето кое ни е дадено, да помогнеме во борбата за искоренување на алкохолното зло од полињата кои ни се добро познати, за да можат некои идни генерации да наследат чисти полиња за обработување. Чувствував дека мојата душа повторно заживува и добива нова, прекрасна убавина која ме тера да воскликнам: “Еве сум пред вас, погледнете ме, успеав да го победам животното во себе, од денес повторно сум човек.”
Почнав секојдневно да размислувам за својот живот, почнав да ги споредувам страдањата од минатото со убавините од сегашноста, почнав во својата фантазија да ја обликувам мојата иднина. Ме исполни желба да ги прикажам во текст тие визии што непоканети блескаа во огледалото на мојот ум. Ех, кога би можел зборовите да ги обликувам така добро, секој човек да може да ме разбере. Почнав, прво срамежливо, а потоа со се поголем елан да пишувам за својот живот. Во најцрна светлина ги прикажав сите свои глупости и порази од минатото, бидејќи само на тој начин можев од нив побрзо и полесно да се ослободам. Кога целосно завршив со мојата исповед, во која искрено ги признав сите свои грешки, признав дека страдањата на моите најмили се исклучиво моја вина, тогаш вистината, што толку долго ја барав, излезе пред мене. Таа вистина за животот и среќата на алкохоличарот, за негово успешно лекување од алкохолната болест, недвосмислено се состоеше од две работи: редовно посетување и активно вклучување во работата на Клуб на лекувани алкохоличари и, искрено, вистинско каење за своите грешки.
%
пон 7 дек 2009
%
Од секојдневните страдања на луѓето, се убедив дека нам ни е судено да бидеме само сведоци на страшната агонија на цивилизацијата, дека од сите задоволства што ни ги пружаат разумот, науката и моралот, ни преостанува само свирепата радост да гледаме како секојдневно се уништуваме и умираме, како во својата глупост секојдневно се уништува и умира животот и живеењето на луѓето, на ова Божјо дело - наречено свет.
Во тоа време бев на почетокот од мојата борба со алкохолната болест и за мене вистината беше дека животот е бесмислен. Се чувствував како човек, кој долго, бесцелно патувал и стигнал на ивицата од некоја провалија и јасно гледав дека пред мене нема ништо, освен пропаст. Назад не беше можно, а беше невозможно да се затворат очите за да не се види дека напред нема ништо друго, освен лагата за животот, освен вистински пекол, вистински страдања, вистинска смрт - потполно уништување на себе си.
Бидејќи не можев да го најдам вистинскиот одговор, одлучив да не мислам на алкохолот, со надеж дека одговорот, со текот на времето, сам ќе излезе пред мене. Но, овие напори останаа залудни. Алкохолот постојано беше во моите мисли: додека читав, додека работев, додека упорно се трудев да размислувам за нешто друго. Воопшто не беше тешко во мојата глава да се предизвикаат такви визии, бидејќи се околу мене, почнувајќи од мојата сопруга, од моите прекрасни деца, од мојата побелена коса и вештачките заби - се ме потсетуваше на алкохолот. Во сето тоа, сепак, чувствував големо задоволство од фактот што никогаш не паднав во искушение, во криза, никогаш не се фатив себе си да размислувам за враќање кон злото, за враќање во канџите на алкохолот, против кој се заколнав дека ќе се борам, дека ќе го победам како свој најголем непријател.
Бев жеден за знаења и, за што подобро да ги спознаам тајните на животот, почнав да читам разни книги, но и од нив ништо не разбрав. Кога сфатив дека сам не ќе можам да најдам одговори кои ќе ми ја покажат вистинската смисла за животот на алкохоличарот, почнав со се поголемо внимание да ја следам работата на клубот. Почнав да се споредувам со другите членови на клубот, станав свесен дека сакам да бидам ист како нив. Но, тие во својот мозок имаа нешто, некакво знаење, што го немаше кај мене. Но, знаење си е знаење! Тоа што тие го научиле би можел да го научам и јас. Тие тоа го научиле со помош на клубот и докторот, додека јас бев сеуште заробен од алкохолот.
Моето внимание посебно го привлече укажувањето на нашиот терапевт, дека од посебна и многу голема важност за секој апстиенент, во неговата борба за излез од алкохолниот пекол, е да се претстави пред членовите на Клубот на лекувани алкохоличари, да го раскаже својот животен пат.
%
сре 2 дек 2009
Уште од мојата прва посета на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” во Прилеп, мојот немирен дух се судри со размислувањата и односите во новата средина. Чувствата за единство, за слога, за заедништво, за хуманост и другарство, за смирување на духот, за толку потребното чувство за послушност кон моралните закони, во клубот беа многу изразени. Особено беше видлива улогата на нашиот терапевт при разгледувањето на проблемите од животот, што секој алкохоличар ги има во својата борба со алкохолната болест. Секогаш ведар, насмеан, со изразита трпеливост и смиреност, тој, со речник разбирлив за сите, на многу едноставен начин ги објаснуваше прашањата од секојдневниот живот.
Веројатно поттикнат од својата глупост и возгордеаност, од чувството за супериорност, уште на почетокот помислив дека, прво, во Клубот на лекувани алкохоличари (КЛА) нема ништо ново што јас веќе не го знам, нешто што ќе биде корисно во мојот понатамошен живот и, второ, дека прашањата што се разгледуваат на состаноците се премнопгу едноставни, глупави, па дури и детинести прашања за кои не вреди да се вложува посебен труд и внимание. Мислам дека треба да напоменам дека уште во моите први посети, почнав многу критички да ја оценувам работата на клубот, почнав да предлагам некои новини за кои сметав дека, ако се прифатат, се од голема, многу голема важност за клубот, а за себе и за моите проблеми што ги имав со алкохолот воопшто не разговарав, ниту сметав дека има потреба од тоа.
За да ја одбранам својата глупост и возгордеаност, во моите мисли се роди чудна желба што побрзо да најдам одговор на прашањата за животот на алкохоличарот, за доброто и злото, да докажам пред себе си, посебно да им докажам на членовите на клубот, дека тоа навистина се припрости прашања, за какви што јас ги сметав.
И, со сиот жар, со сите свои сили и знаење се обидов да ги одговорам. Но, само што ги допрев, само што пробав да ги решам и да одговорам на нив, во истиот момент се уверив дека, прво, тоа не се детинести и глупави прашања, туку најзначајни и најдлабоки прашања за животот на секој човек, посебно за животот и среќата на алкохоличарот и неговите најблиски и, второ, дека јас не ќе можам, макар колку и да размислувам, да ги решам. Безброј одговори на овие прашања непрекинато поминуваа низ мојата глава, но ниту еден од нив не ми изгледаше дека е токму оној вистинскиот одговор, од кој ќе ја согледам правата вистина за смислата на животот.
%
пон 30 ное 2009
Posted by Cilin under
МУДРОСТИ No Comments
- Луѓето подлабоко се поклонуваат на дисаѓи полни со пари, отколку на глави полни со мудрост. Козби
- За човек да биде независен и непристрастен, треба да има полни џебови со пари. Лиен
- Полесно е парите да ги стекнеш, отколку да ги зачуваш. Монтењ
- Парите не ја прават среќата, но спречуваат многу несреќи. Др.Џонсон
- Кога бев млад, верував дека парите се најважни во животот. Сега, кога остарев, тоа го знам. Вилд
- Парите се најважна работа на светот. Тие претставуваат здравје, снага, чест, племенитост и убавина. А желбата за нив претставува болест, слабост, срамота, безначајност и одвратност. Брнард Шо
- Тоа што јас не можам како човек, што не можам со моите индивидуални способности, тоа можам со помош на парите. Маркс
- Желбата за пари е смрт за пријателството - парите од пријателот можат да направат непријател. Латинска поговорка
- Изгубените пари се оплакуваат со вистински солзи. Јувенал
- “Кралот - пари”, и дава на девојката и потекло и убавина. Хорацие
- Да имаш пари е исто толкаво зло, како и ако ги немаш. Латинска поговорка
- Не е ли човек на човек плен? Ѕверовите убиваат заради глад, а човекот тоа го прави за пари. Греј
- Оној кој знае како е да се биде сиромав, знае се. Микеле
- Сиромаштијата не е само несреќа, таа е и понижување. Бернард Шо
- Да не знаеш да ја поднесеш бедата, срамота е; да не знаеш со работа да ја отклониш е уште поголема срамота. Перикле
- Сиромаштијата не е грев, но од Бога е срамота. Руска поговорка
- Човекот ги прави парите, а не парите човекот. Народна поговорка
- Парите ни помагаат да ја поднесеме сиромаштијата. Алфонс Аплиас
- Тие што мислат дека со парите можат се, сигурно се спремни за пари да направат што било. Едмон Бошен
- Луѓето се восхитуваат на храброста, талентот, добротата, големите задачи и големите искушенија, но не ценат ништо освен парите. Енри Бек
- Без пари ни синот на таткото гробот не му го копа. Бугарска поговорка
- Не цени ги парите ни повеќе ни помалку од што вредат: тие се добар слуга, но и лош господар. Дима
- Најубавата особина на парите е во тоа што со нивна помош може на другите да им донесете радост, но за жал, тоа го прават мал број од оние што ги имаат. Перл Бак
- Оние кои имаат намера да играат за пари, мораат и душата да ја стават на коцка. Ојштен
- Пари во џебот - ѓавол во срцето. Козарац
- Кога се во прашање парите, сите се од иста вера. Волтер
- Не е злато се што сјае, а не е ни сјај се што е од злато. Хебел
- Кога на некој ќе му позајмиш пари, или ќе ги изгубиш парите или пријателот. Југ. пог.
- Никогаш не троши ги парите, пред да ги имаш. Цицерон
- На тој што нема пари, ништо не му помага тоа што е побожен. Лутер
- Парите имаат тркалезен облик, за полесно да одат од рака во рака. Народна пог.
- Парите кога заминуваат имаат сто нозе, а кога доаѓаат само две. Народна поговорка
- Кога немам пари, се чувствувам бедно каде било да се наоѓам. Тоа морам да го надминам, а најдобар начин е да ставам во џебот сто златници и да ги носам цела година. Постојаната тежина на златото ќе ми го отклони непријатното чувство на невредност. Шопенхауер
- Сега знам по што луѓето се разликуваат од животните - тоа се тешкотиите заради парите. Жил Ренар
- Порасна богатството и лудата желба за него - и, макар што имаат многу, бараат уште повеќе. Овидие
нед 29 ное 2009
- Ни со нозете, ни со желбите не треба да се помине повеќе од што е возможно. Епиктет
-Особина на мудрецот е да биде умерен и во тоа што на сите им е дозволено. Јувенал
- На едно стебло гради само едно гнездо. Теокрит
- Среќата сама од себе се руши кога ќе ги премине дозволените граници. Цицерон
- Тебе, што ја фалиш “златната средина” да ми биде животен пат, одговарам: “Кој сака да биде млак меѓу ладно и топло, или да трепери меѓу животот и смртта, или да е пифтијаст - ни течен ни цврст.” Гибран
- Јади колку што имаш, работи колку што можеш. Народна поговорка.
- Брзината на времето е бескрајна, но уште побрза им изгледа на оние кои гледаат наназад. Сенека
- Часот што поминал не може повеќе да се врати. Овидие
- Пустите желби не ги враќаат поминатите денови. Латинска поговорка
- “Добри стари времиња” - сите времиња, кога му припаѓаат на минатото се добри. Бајрон
- Ништо што било вредно во минатото не заминува; ниедна вистина или добро кое човек го создал никогаш не умира, ниту може да умре. “““
- На тоа што било лани и чавките се смеат. Јапонска поговорка.
- Оние што не го паметат минатото, осудени се да го повторуваат. Георг Сантајана
- На многумина би им се допаднал, да не си се трудел да им се допаднеш на сите. Латинска поговорка
- Љубомората секогаш се раѓа со љубовта, но секогаш не умира со неа. Шопенхауер
Next Page »