јануари 2009


Бракот може да биде среќен само под овој услов: и едниот и другиот брачен другар мораат за себе да ја одредат како прва должност, оваа незаменлива одлука: сакам да го сакам и да го почитувам тоа срце на кое сум му дозволил да биде господар над моето. Силвио Пелико

Не недостатокот на љубов, туку недостатокот на пријателство ги создава несреќните бракови     Ниче

Оваа мудрост од Ниче ја зедов како главна поента за мојот текст, бидејќи по седумгодишна апстиненција од алкохолот, ја сфатив нејзината вистинска порака. За разлика од многу алкохоличари, кои вината за својата несреќна состојба, за своите грешки, глупости и пропусти во животот, го посочуваат несогласувањето со својата сопруга, јас денес признавам, и пред себе и пред Бога, дека вината беше само моја. Мојата сопруга стоички ги издржа сите мои удари, сета неправда што и ја нанесов, го издржа моето неподносливо однесување, го одржа семејството, за што од сето срце и душа сум и благодарен. Таа беше и пријател, и мајка, и сопруга, и сестра - се во исто време. Денес сум многу среќен човек и можам слободно да кажам дека нема ништо поубаво, отколку кога на својата сопруга, на своите деца си им толку мил, да заради тоа и самиот себе си си уште помил.

Кога човекот ќе тргне по трнливиот пат кој води во алкохолниот пекол, за жал, заедно со него, по тој пат одат и неговите најмили - сопругата и децата. Тие гледаат како алкохоличарот секојдневно се уништува во својата глупост, но не гледаат начин како да му помогнат и нему, и себе си. И, покрај големата љубов, што најблиските ја чувствуваат кон него, по долгогодишното поднесување на последиците од алкохолот, едноставно креваат раце од алкохоличарот, го оставаат сам на себе.

Единствено оправдување за оваа голема, ако не и најголема грешка на луѓето, кои се најблиски на алкохоличарот, е нивното незнаење, нивната недоволна информираност, дека спас има. Повторувам, спас од алкохолниот пекол има и лекот се наоѓа на дофат на вашите раце, треба само да соберете храброст и мудрост и да го земете, за свое добро, уште повеќе за доброто на вашите деца.

Во рамките на Клубот на лекувани алкохоличари: “Здрав живот” од Прилеп, многу успешно, корисно, и едукативно работи и Женскиот дел од клубот за поддршка - ”Викторија”. На состаноците кои се одржуваат во Центарот за Социјални работи секоја среда од 16-18 часот, присуствуваат сопругите на лекуваните алкохоличари, кои активно го посетуваат клубот, но и оние мајки, сопруги, сестри и ќерки, кои во својот дом имаат алкохоличар, но не го знаат начинот како да го убедат и тој да се обиде да ја надмине и победи алкохолната болест, што долги години ја има. Оваа активност е од извонредно значење, бидејќи многу сопруги од алкохоличарите се плашат, пред својот сопруг да ги искажат своите маки и страдања. Добиените сознанија се од извонредно значење во натамошниот пристап кон алкохоличарот, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и кон животот воопшто.

Почитувани мајки, сопруги, ќерки, сестри, деца - дојдете во храмот на спасот и побарајте спас за вашите најмили, пронајдете го најлесниот пат кон среќна иднина за вашето семејство, посетете го Женскиот дел од клубот “Викторија.” На вратата ќе ве пречека веселата насмевка на нашите прекрасни терапевти г-ѓа Милка Темелкоска - социолог и др.Снежана Ѓорѓијоска - психијатар. Ќе слушнете многу совети кои ќе ви бидат од голема корист за вашата иднина, но бидете убедени дека во нивното срце ќе останат многу неискажани нешта, бидејќи невозможно е на еден состанок да се искажат најдлабоките тајни за смислата на животот и живеењето. Сепак, ќе поминете прекрасно попладне со луѓе кои имале слична или иста животна судбина, со луѓе кои успеале да го пронајдат начинот како да се соочат со секојдневните проблеми, со луѓе кои ќе изразат спремност искрено да ви помогнат во секое време. И, кога по завршувањето на состанокот полека ќе чекорите кон вашиот дом, кога вашите мисли ќе ги средуваат впечатоците од оваа, за вас, необична средба, опиени од кратката среќа на надежта што после долго време повторно ќе заживее во вашето срце, низ главата ќе ви доаѓаат безброј прашања, а меѓу нив најглавните: “Овие среќни жени немале толку големи проблеми и страдања како што имам јас. Нивните мажи сигурно не биле големи пијаници и не правеле толку големи проблеми како мојот сопруг.” Во тој момент погледнете подлабоко и поискрено во вашето срце и одговорот што таму ќе го пронајдете, ќе ги разбие вашите дилеми и сомнежи. “Во секое семејство каде има пијаница, на овој или на оној начин ги има истите проблеми. Долго време ме мачеше мислата дека само ние така живееме, дека во другите бракови тоа го нема. Но, тоа мора да е судбина на сите луѓе кои завлегле во алкохолниот пекол. Веројатно и тие, како и јас, мислеле дека тоа е само нивна несреќа. Досега ја криев таа премногу срамна несреќа не само од другите, туку и од самата себе. Денес за првпат во животот добив вистинска надеж дека шанса за излез од пеколниот алкохолен лавиринт, во кој толку долго време се наоѓаме, сепак постои. За успехот на овие среќни, неверојатни жени, полни со позитивна енергија, мора да се најзаслужни терапевтите. Не верував дека на земјата сеуште постојат луѓе, кои во себе имаат толку љубов и човекољубие, како што во себе имаат г-ѓа Милка и др.Жане. Но, од каде извира нивната сила и енергија да се зафатат со спасување на алкохоличарите, кои се отфрлени од луѓето и живеат на маргините на општеството? Без дилеми, тоа мора да е дар од нашиот Семоќен Бог. Божјата промисла не случајно ги избрала токму овие храбри и несебични жени, г-ѓа Милка и др.Жане, на својот грб да ги носат тешкотиите во борбата со злото, како најголеми борци да бидат Божјото оружје, до конечната победа над најголемиот непријател за целото човештво - алкохолот.”

Ги повикувам сите сопруги или ќерки, мајки или сестри, кои не знаат каде да ја побараат помошта што им е толку неопходна, да дојдат во Женскиот клуб за поддршка на лекуваните алкохоличари “Викторија.” Треба да соберете храброст, да ги надминете сите предрасуди и да ја согледате реалноста дека алкохолизмот е болест, како и секоја друга болест и дека може да се лечи. Терапевтите и сопругите кои го посетуваат клубот ќе ви поклонат искрено внимание, на сите ќе ви пружат рака за помош. Знаете, кога човек ќе мора преку греда да премине преку некоја провалија, тоа многу полесно ќе го направи ако знае дека од другата страна има некој, кој ќе му подаде рака. Раката ви е пружена, имајте мудрост и прифатете ја. Преминете на страната на победниците над ѓаволот. Посетете го клубот и наполнете ги вашите чаши од изворот на надежта што потекува од срцата на нашите терапевти, пружете ја раката кон плодоносното дрво кое расте од нивното срце и вкусете од слатките плодови на среќата. Бидете убедени дека ќе ви се измени вашиот живот, ќе ви се изменат вашите соништа. И, кога вашиот сопруг, брат или син ќе излезе од пеколот, кога на вашата одлука што сега треба да ја донесете, а за која можеби се колебате, ќе набљудувате од друга перспектива, кога мирот, среќата и радоста ќе се вратат во вашиот дом, убеден сум дека вашето задоволство ќе биде многу големо, толку големо, како да сте ја добиле главната премија на лотарија.

Секое битие расти постепано, а не наеднаш. Не може наеднаш да се научи целата наука. Исто така, не може наеднаш ни гревот да се победи. За човек да стани подобар, има само еден начин: мудро расудување и постојан, трпелив напор.     Чанинг

Срамота е за човекот кога му советуваат да се огледа на мравката. А двапати поголема срамота е ако тој советот не го послуша.     Талмуд

Најголемата награда за апстинентот е личното задоволство од постигнатиот успех во лекувањето од алкохолната болест. Затоа, треба да имаме јасна претстава за борбата што ја водиме со алкохолот, да ја прифатиме како наша приоритетна животна цел, кон која ќе ги насочиме сите наши мисли и целата своја енергија за на крајот да бидеме победници. Не смееме да дозволиме моменталните тешкотии да ни застанат на патот и да не разочараат. Ако вистински сме решиле да постигнеме успех во нашата борба, да го победиме нашиот најголем непријател - алкохолот, ништо не може да ни застане на патот. Да запомнеме: се што умот може да замисли и во што може да поверува, може и да се постигне. Бог му помага само на оној кој самиот решил да си помогне. Оној кој решил да постигне успех, треба да тргне од точката на која во тој момент се наоѓа, да донесе конечна одлука за постигнување на успехот денес, а не утре, да биде свесен дека не смее да чека ненадејни дарови од небото, туку да ги вложи сите свои сили ако сака да победи. За да го постигни тоа, треба на најдобар можен начин да ги искористи советите од терапевтите, да собира зрна на мудроста кои во Клубот на лекувани алкохоличари ги има доволно за сите.

Како апстиненти мора да водиме непрекината борба за да го победиме алкохолното зло. Кога ќе ја осознаеме вистинската смисла на нашиот живот, кога ќе одредиме јасна цел кон која треба да се стремиме, треба да ги искористиме сите можности кои ги нуди Клубот на лекувани алкохоличари во нашата борба до конечната победа над алкохолот. И затоа, таа борба треба да ја прифатиме како шанса да излеземе од алкохолниот пекол, а не како тешкотија која не можеме да ја надминеме. Не можеме да постигнеме ништо вредно во животот без борба, а наградата ја добиваат само оние кои во клубот ќе научат како да се соочат со проблемите, се до средбата со нови искушенија, каде храбро ќе тргнеме во нова борба, кон нова победа. Така поминува целиот живот на разумните луѓе - со постојани напори и грижи при решевањето на проблемите и во задоволството од постигнатите успеси. За жал, голем е бројот на оние кои во борбата со алкохолното зло настојуваат да одат по линијата на помал отпор. Тие немаат сила во својот карактер, сила која исклучиво се раѓа во борбата со алкохолното зло и затоа, многу лесно паѓаат во искушение да посегнат по најлесното решение - чашата со алкохол. Тоа е најголемата причина зошто успехот постојано ги заобиколува.

Методите за успех во борбата со алкохолната болест ќе ги препознаете низ написите што се објавени на мојот блог. Сепак, за да ги осознаете сите методи и начини за излез од алкохолниот пекол, ви препорачувам да ги прочитате моите книги посветени на борбата со алкохолот и последиците од него. Убеден сум дека се од голема корист за сите луѓе. Тие што лично немаат проблеми со алкохолот ќе научат како да им пристапат и помогнат на своите блиски роднини и пријатели, а тие што имаат каков било проблем предизвикан од алкохолот, многу полесно ќе го надминат.

Надежта е последната Божица на која можеш да и се обратиш за помош.   Латинска пог.

За апстинентот да постигне успех во борбата со алкохолната болест, потребно е пред себе и пред другите да си постави јасно определена цел. Шансите да се постигне успехот ќе бидат неспоредливо поголеми, ако апстинентот навистина има искрена желба пред себе и пред другите да докаже, дека е спремен да го измени своето однесување, својот поглед кон алкохолот и кон животот воопшто, со други зборови, да докаже дека е спремен да го измени својот карактер.

Секоја намера, секој сон почнува со надеж дека може да се оствари. Надежта е основата за постигнување на успехот. Таа преминува во вера во помошта од Бога и поголема вера во своите способности, верата потоа се трансформира во решителност, а решителноста во акција која го поттикнува човекот на преземање на конкретни чекори за постигнување на успехот. Надежта се раѓа во нашите мечти, извира од нашите соништа за подобар живот, за подобро утре, добива сила од нашата цврста одлука за успех по секоја цена. На надежта се темели главната животна цел, а нашите активности придонесуваат да се претвори во конкретни дела. Речиси секоја приказна за успехот, која има среќен крај, почнува со зборовите: “Еден човек се надеваше дека ќе успее…” И приказната за успехот во борбата со алкохолната болест на кој било апстинент, кој решил да излезе од алкохолниот пекол, има ист почеток: “Имаше еден апстинент кој се надеваше дека во Клубот на лекувани алкохоличари ќе го најде јажето на спасот, што Бог му го пушти за да го извлече од алкохолниот пекол и…” Врз основа на својата надеж и искрената доверба во терапевтите и постарите членови на клубот, треба да ја определиме нашата крајна цел - да ја добиеме битката со нашиот најголем непријател - алкохолот. Таа цел треба да биде нашата ѕвезда што ќе не води кон нашиот успех. Треба да се исполниме со вера дека ништо не е невозможно. повторувам, ништо не е невозможно ако апстинентот има искрена желба да се извлече од пеколот. И тогаш треба да ја вложиме целата енергија и храбро да тргнеме кон извршување на поставената задача. Кога нашите мисли ќе бидат насочени 24 часа дневно кон ѕвездата што не води - кон нашите терапевти и членовите од клубот кои се спремни да ни помогнат во секое време, многу полесно ќе го пронајдеме патот до целта. Многу полесно ќе препознаеме што може да ни го забрза патувањето кон успехот, а што го успорува и не враќа назад во пеколот. Ако не гледаме во ѕвездата пред да стигнеме до целта, лесно може да се случи да тргнеме во погрешна насока и повторно да зачекориме по трнливиот пат во пеколниот алкохолен лавиринт.

Кога ќе видам човек што греши, си велам себе си дека и сам сум грешел; кога ќе видам страст во некого, си велам себе си дека и јас таков некогаш сум бил. И, на тој начин чувствувам сродност со секого на овој свет и чувствувам дека не можам да бидам среќен, ако не е среќен и оној најпонижениот.     Ганди

Сепак, мораме да признаеме дека човекот, и покрај сите свои племенити вредности, сеуште на себе го носи неизбришливиот печат на своето ниско потекло.     Дарвин

Луѓето околу нас ги осудуваат нашите гревови, иако и самите ги прават истите гревови. Веруваат дека знаат се за вистината, иако и самите не живеат по неа. Тие ни се закануваат со огнот на пеколот, за грешки што тие самите не избегнуваат да ги направат. Затоа, сите ние, кои сме активно вклучени во борбата со алкохолното зло, треба да се потрудиме да ги измениме размислувањата кај многу луѓе, кои со нескриено задоволство говорат дека алкохолот е најприродна појава, дека само заради своите лични проблеми со алкохолот, кои заради својата глупост алкохоличарите ги имаат, алкохолот не треба да се осудува, дека тој отсекогаш постоел и ќе постои, дека тоа така мора да биде и дека тоа е неизбежен услов на цивилизацијата. Треба сите сложно, во еден глас да кажеме, силно да викнеме, да не слушнат и оние со најзакоравени срца - тоа не е неизбежен услов, туку најголема глупост на цивилизацијата. Да се потрудиме да ги замолчиме, да ги натераме тие луѓе во длабината на душата да го прифатат нашето размислување, да прифатат дека тоа е единствено исправно и да се помират со тоа.

Кога човекот сака да го покаже своето човекољубие на дело, кога вистински сака да им помогне на алкохоличарите, не треба да му бидат препрека огромниот број на оние на кои сака да им помогне: алкохоличари имало, ги има и денес, за жал - веројатно ќе ги има и во иднина. Прашањето е само колку секој човек, према своите можности, може и сака да помогне. Човекот кој сака да помогне не треба да прави пресметка колку илјади алкохоличари има во нашата држава; за него треба да постои само едно единствено прашање: дали и колку е спремен да им поклони искрена љубов и внимание. Мала или голема, ако љубовта што се поклонува биде навистина искрена, таа ќе стигне на вистинското место. На човекот, кој искрено сака да помага, ќе му биде жал што не може да им помогне на сите, но тој токму затоа и помага, бидејќи се надева дека ако сите луѓе сочувствуваат и се жалаат еден со друг, дека тоа ќе почне да се пренесува како бран кој ќе ги зафати сите луѓе. Само на оние на кои им се важни и кои живеат по моралните вистини, само на оние кои се радуваат со туѓата среќа подеднакво како со својата, само тие знаат колку е важно, корисно и со колкав труд се постигнуваат вистински резултати во борбата со алкохолната болест. Додека гледаме дека покрај нас постојат луѓе кои алкохолот ги прави несреќни и кои страдаат, мора да се срамиме што сме весели и што безгрижно се радуваме на животот, дека не можеме да бидеме среќни се додека не помогнеме да нема повеќе такви луѓе околу нас, невозможно е да се замисли како луѓето можат да се веселат и радуваат, додека многу луѓе околу нив страдаат. Да се потсетиме дека и ние или некој од нашите најблиски роднини и пријатели ги имал или сеуште ги има истите проблеми со алкохолното зло, едноставно, да бидеме искрени и да прифатиме дека ништо човечко не треба да ни биде туѓо, дека се што може да му се случи на кој било човек, може да ни се случи и нам.

Мислам дека успеав да им дадам одговор на скептиците дека единствено само љубовта и човекољубието се основата на која, акцијата што ја предлагам за борба со алкохолната болест и последиците од неа, може да даде вистински резултати. За да ги исполниме нашите хумани намери за да им помагаме на луѓето, особено да им помагаме на алкохоличарите, не е толку важно дали правиме мали или големи дела, важно е нешто да правиме. Мајка Тереза не потсетува: “Не можеме да направиме големи дела на оваа земја. Можеме да направиме само мали дела, со голема љубов.”

Луѓето кои сакаат да им помагаат на алкохоличарите, треба да почнат со такви активности. На прв поглед изгледа дека е многу мало, безначајно тоа што го прават еден, двајца, десетина луѓе. Но, еве што видов еден зимски ден пред дваесетина години. Сред бел ден, на камен пред една порта, седеше пијан, млад човек. Многу луѓе поминуваа покрај него, но сите иронично се потсмевнуваа и го гледаа со презир и одвратност. После повеќе од еден час, наиде еден стар човек од седумдесетина години. Застана за момент пред пијаниот младич, како да се двоумеше, а потоа со брзи чекори се врати по истиот пат од каде доаѓаше. После само пет минути го забележав како со брзи чекори доаѓа во друштво со млад човек, го зедоа пијаниот младич и го одведоа. Покасно дознав дека го однеле во нивниот дом, го оставиле да отспие, а потоа го нахраниле пред да си замине. Пијаниот младич веројатно и денес се прашува: кој е тој човек, кој без обзир на неговата пијана состојба, кога покрај него поминуваа десетици луѓе и не го сожалија, сепак го сожали и му помогна. На сите што седевме во блиската кафеана, некако ни беше мило што сепак се најде некој да му помогне на пијаниот, а од друга страна, чувствувавме срам затоа што можевме, но не го направивме истото дело. Значи, искрената акција за помош на алкохоличарите е значајна и по тоа што таа е заразна, бидејќи таа го пренесува човекољубието од еден на друг и ширењето на таа зараза ќе нема граници. Како што од една свеќа можат да се запалат безброј свеќи, без притоа да се намали нејзиниот сјај, така и од едно искрено срце можат да се запалат безброј срца, кои само ќе ја зголемат неговата радост, кои ќе му дадат волја и сила за уште поголеми дела.

Во моите текстови за борбата со алкохолната болест, повеќепати го нагласив мислењето дека секој разумен човек мора да се преиспита, колку е тој виновен за несреќната судбина на алкохоличарите околу себе, да ги осознае своите грешки, своите промашувања и лошите навики, за неговото учество во одобрувањето и постоењето на алкохолот - ова најголемо зло за целото човештво, бидејќи тоа е единствен начин за помош во борбата со ова најголемо зло на денешницата. Колку критички и беспоштедно да се изразувам за институциите и личностите, мислам дека е очигледно дека во ниеден момент не се исклучувам себе си, секогаш сум првиот против кој ги насочувам своите стрели, секогаш најнапред се критикувам и осудувам себе си. Што се однесува за луѓето, особено за луѓето околу мене, упорно и искрено настојувам да ги сакам, да им удоволувам, да не им нанесувам болка, бидејќи “љубовта кон ближниот” ми се врежа во главата, исто како и омразата кон самиот себе. Сепак, очигледно е дека луѓето не се спремни да ги прифатат моите ставови. Често помислувам дека животот на луѓето им е прекрасен, и покрај тоа што стравотиите од алкохолното зло секојдневно ги чувствуваат милиони луѓе, што е најстрашно, најмногу страдаат најневините - мајките, жените, а најмногу децата. Однесувањето на луѓето не ме лути, но многу ме натажува. Иако злото е толку очигледно, сепак, поголем број луѓе секојдневно му се враќаат на алкохолот, заради него стануваат зли. Сето тоа е толку јасно и очигледно, сфатливо за секој човек и секој би можел да дојде до овој едноставен заклучок, ако размислува само еден единствен момент. Но, тоа луѓето не сакаат да го направат, не сакаат да ги избегнат страдањата на алкохолниот пекол, не сакаат за себе и своите деца да градат среќна и светла иднина. Да размислува само еден момент, секој да се задлабочи кратко време во себе и да се запраша: колку тој лично е виновен и колкаво е неговото учество во страдањата на алкохоличарите и нивните семејства, тоа никој не сака да го направи. Поради тоа често се двоумам: дали и колкава смисла има тоа што го пишувам, дали воопшто има смисла човек во себе да негува добри идеали, кога на сето тоа милиони луѓе се спротивставуваат. Сепак, некоја чудна сила ме тера да продолжам со започнатото дело, со афирмација на идеалите што се градат во Клубовите на лекувани алкохоличари.

Почитувани пријатели, сите Вие кои ќе ги прочитате моите текстови. Од извонредно значење во мојата борба со алкохолот и од голема помош би било, кога би можел да го слушнам Вашето мислење за моите искрени намери и размислувања за борбата со алкохолната болест. Напишете неколку зборови, без оглед колку и да имаат критика во себе.

Речиси секогаш кога ќе погледнеме во себе, ја наоѓаме истата грешка што ја осудуваме кај другите, а ако и не видиме иста таква грешка, да погледнеме подлабоко, па ќе пронајдеме уште поголема.     Толстој

Колку побрзо ќе сфатиме дека нашата судбина лежи во нас самите, толку подобро за нас. Среќата можеме да ја најдеме во нас самите - не треба да ја бараме од другите, бидејќи никој ја нема на претек.     Монтењ 

Оние кои ги слушаат моите укажувања за борбата со алкохолната болест, постои голема веројатност сето тоа да го слушаат со затворен ум… ум кој им укажува дека никогаш не ќе бидат во состојба да го достигнат тоа што го достигнале луѓето кои редовно посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари. Но, како да ги отвориме нивните умови? Тоа може да се постигне единствено ако успееме да помогнеме да станат свесни за нашиот беден живот во минатото, да станат потполно свесни за несреќите што секој алкохоличар ги има, особено за несреќите што им ги нанесува на своите најблиски, да станат свесни за нашата денешна среќа, за нашата исправност во борбата со злото, да станат свесни за тешкотиите што тие треба да ги надминат за да постигнат успех. Потребно е да се убедат и да прифатат дека единствена причина за нивните несреќи е алкохолот.

Но, како тоа да се постигни? Треба да се користат најсилните можни зборови, за во нивните умови да се доловат слики кои никогаш не ќе можат да ги заборават. Треба повторно да ги удри одвратниот мирис на валканите кафеани кои некогаш беа наш втор дом, да им дозволиме да ги доживеат страдањата на нашите срца, да ги натераме да ги почувствуваат понижувањата и болката заради неуспехот кој го имаат во борбата за подобар живот. Да ги натераме да, после првата посета на Клубот на лекувани алкохоличари, заминат размислувајќи: “Ако луѓето кои посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари се во состојба тоа да го постигнат, и покрај сите тешкотии, зошто јас, на кого веќе му е трасиран патот кон среќата да се жалам на својата судбина, зошто да не пробам да го следам тој пат.” Кога алкохоличарите ќе бидат убедени во нашата борба за подобра иднина, ќе им биде полесно да ја прифатат нашата порака, како водич во менувањето на нивниот живот, бидејќи и ние, како и тие сега, сме се соочувале со истите тешкотии, но на крајот сме излегле како победници.

Во почетокот, кога го оставив алкохолот, кога бев во друштво со моите поранешни другари по алкохолот, чувствував некоја вина во душата, се чувствував како животно кое залутало во некоја туѓа, забранета територија, која повеќе не беше мое живеалиште, во која за мене немаше ни воздух, ни храна. Денес конечно сфатив дека сите ние, кои сме го поминале патот од пеколот и сите оние кои сакаат да им помагаат на алкохоличарите, дека треба да го бираме вистинскиот начин за да пристапиме, за да се доближиме до алкохоличарите, да не се правиме важни и возгордеани, туку искрено да ја покажеме нашата љубов и внимание кон нив. Тоа може да биде многу корисно и за нив и за нас, бидејќи, иако тоа сеуште не е лечење, тогаш барем ќе се обидеме да ја испитаме болеста, за што треба да бидеме благодарни, бидејќи тоа е шанса што треба да ја искористиме, барем малку да ги подобриме и нашите доблести. Ако не бидеме зашеметени од нашата возгордеаност, ако само малку подобро ги погледнеме и размислиме за несреќната судбина на алкохоличарите кои се околу нас, ќе сфатиме дека нивната судбина не може да се поправи и да им се помогне само декларативно, со донесување одлуки исполнети со празни зборови, кои не можат и не се спроведуваат во дела, дека во никаква состојба не можат да бидат среќни ако нивниот поглед на животот не се измени, особено ако ние и понатаму на нив гледаме како на некои посебни, лоши луѓе, а не како на луѓе кои се исти како и ние самите. Треба да бидеме свесни дека на такви луѓе може да им се помогне само ако успееме да помогнеме, тие да го изменат својот поглед кон алкохолот и кон животот воопшто. Но, за да го менуваме погледот на животот на другите луѓе, потребно е самите да имаме најдобри погледи за животот и да живееме во склад со тие погледи.

Светски познатите алкохолози докажале дека најтежок чекор во лекувањето на алкохолната болест е пристапот до алкохоличарот, односно доаѓањето во контакт со луѓето кои на било кој начин имаат проблеми со алкохолот. Сите методи за пристап, начинот на мотивирање на алкохоличарот за започнување со лечење од алкохолната болест, ќе ги најдете во моите книги “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи Кралот Алкохол.”

Да не дојдев и на светот да не му говорев, не ќе дознаеја дека се грешни. Сега немаат изговор за својот грев. Но, кога го видоа, ме замразија и мене и мојот Отец.     Исус

Борбата со последиците од алкохолната болест во нашата држава многу одамна е започната. Уште пред четириесетина години, неколку разумни луѓе ги согледале реалните опасности од алкохолизмот и го трасирале патот за борба со алкохолното зло. Тие го посеале семето за борба со алкохолната болест, ние денес треба само да го поливаме тоа семе за да имаме сигурни успеси во иднина.

Луѓето обично се многу скептични и затоа често ги слушам вообичаените забелешки: “Акцијата и методите што ги предлагате за борба со алкохолната болест без дилеми се многу хумани и корисни, но се темелат само на празни зборови. Подобро кажете го практичниот начин: како тоа треба да се направи?”

Ако навистина сакаме оваа акција да вроди со плод, треба да се создаде широк фронт за борба со алкохолното зло, најголемото зло за целото човештво. Пред се, во таквата акција треба да се вклучи целото општество, сите, повторувам - сите институции и сите разумни луѓе

Во моите написи за борбата со алкохолната болест, посебно внимание им посветив на воспитувањето на децата и улогата што ја има околината при градењето на нивниот карактер. Покрај улогата на родителите, кои први доаѓаат во контакт со детето и од чие однесување многу зависи однесувањето на детето кон случувањата во иднина, важна, многу важна улога во градењето на карактерот на детето има образованието. Мислам дека денес во образовниот процес, воопшто или многу малку се води сметка за културно воспитното издигнување на младите луѓе. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на младите луѓе од зависностите, а посебно внимание треба да се посвети на борбата против алкохолното зло, од кое се раѓаат речиси сите други зла. Треба континуирано да се организираат стручни предавања, на кои алкохолозите ќе ги обучуваат професорите и наставниците, а потоа во секое основно и средно училиште треба да се воведат задолжителни часови против зависностите. Убеден сум дека, откако децата уште од најрана возраст ќе се запознаат со опасностите што им се закануваат од алкохолот, дека бројот на децата кои после полуматурските и матурските забави ги носат на детоксикација значително ќе се намали, особено што нивниот број во последните десетина години рапидно расте, до загрижувачки граници. Се разбира дека не е исклучена можноста, со стекнатото знаење, во семејствата каде има алкохоличари, децата да им помогнат на своите најблиски полесно да го најдат спасот од алкохолниот пекол.

Сепак, најголема улога во борбата со алкохолната болест треба да има медицинската струка и наука. За жал, од за мене необјасниви причини, во пракса не е така. Речиси сите луѓе, кои ги убедувам дека алкохолот навистина е штетен, ми велат дека токму лекарот им препорачал да пијат алкохол како лек - по една чашка ракија пред јадење за циркулација на крвта, по една чашка мастика за апетит и варење на храната, дека било добро да се пие по една чаша црно вино за покачување на притисокот, варено вино со шеќер за лекување на грлото и што уште не. Еден мој пријател пред извесно време упорно ме убедуваше дека нема подобар лек за настинка, од една чашка ракија правена со коприви. Господе, се крстам со лева рака! Не можев да поверувам дека тоа го слушам од високо образован човек. Како да живееме во камено време. Во сите тие случаи останувам сам, само со својата вистина, бидејќи за нив зборот од недоучениот лекар има поголема тежина. Воопшто не им е важно тоа што укажувам дека токму медицинската наука докажала дека, после маснотиите, кои немаат никакво корисно дејство на организмот на второ место е алкохолот, дека непобитно е докажано и токму докторите тоа јавно го кажуваат, дека не постои лек што може да се конзумира во исто време со алкохол. Со чесни исклучоци, каков што е мојот случај, кога мојот матичен лекар др.Добрица Тинтоска Димеска ме упати во Клуб на лекувани алкохоличари и која е најзаслужна за мојот успех во мојата борба со алкохолната болест и за мојата денешна среќа, можеби токму луѓето од медицината - мислам на општите лекари кои први доаѓаат во контакт со заболените од алкохолната болест, и на докторите од нервните одделенија во болниците, каде започнува лекувањето во вистинска смисла на зборот, дека тие ја носат вината за големиот број заболени од алкохолната болест во нашата држава. Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, за голема среќа, преку нашите терапевти Јове Велески - клинички психолог, др.Снежана Ѓорѓиоска - психијатар и Милка Темелкоска - социолог, има одлична соработка со нервното одделение од нашата болница, а доказ за тоа се новите апстиненти кои континуирано пристигнуваат во клубот. Сепак, очигледно е дека малкумина од докторите и социолозите сакаат да се вклучат во работата на Клуб на лекувани алкохоличари, со објаснување дека таму нема пари, дека тие вложиле многу во нивното школување за сега да работат бесплатно. За нив не е доволна награда благодарноста од луѓето на кои ќе им ги вратат мирот и среќата во нивните домови. И можеби токму тоа е причината што секојдневно се појавуваат разни надрилекари и тревари, шарлатани, кои поттикнати од желбата за лесна заработка, нудат неиспитани лекови за лечење на алкохолната болест, можеби тоа е причината што терапевти во некои Клубови на лекувани алкохоличари, наместо луѓе од медицината и социологијата, се појавуваат и ги водат економисти, кои не се стеснуваат јавно докторите да ги нарекуваат “луѓе во бели мантили кои ништо не знаат и ништо не прават.”

По примерот на многу напредни, современи држави, под заштита на Министерството за труд и социјала, во сите градови што поитно треба да се отворат што повеќе Клубови на лекувани алкохоличари, да се идентификуваат зависниците од алкохолот, да се одржува контакт со луѓето на кои им е потребна помош. И, за да се победи алкохолното зло, да им се направи добро на луѓето, не се потребни премногу пари, туку пред се, способноста навреме да се откажеме од конвенциите во нашиот живот, да почнеме да ги применуваме моралните човекови вредности, на кои, во ова тешко време, веќе целосно сме заборавиле. Потребно е да ги надминеме страшните заблуди во кои живееме, потребно е прво ние да излеземе од калта, за да имаме успех кога другите ќе сакаме да ги вадиме од неа.

Има моменти кога е дозволено да се премолчи вистината, но неа никогаш не треба да ја замениме со лага.     Св. Августин

Кога донесов цврста одлука да истраам во борбата со алкохолното зло, веќе ми беше многу лесно да го најдам одговорот на прашањето: како треба да постапувам во иднина? Сфатив дека никогаш повеќе не смеам да се лажам себе си, да не се плашам од вистината, без обзир каде таа ќе ме однесе. Човек, кој отишол толку далеку и кој безнадежно стои на ивицата на животот, таму каде со најмал погрешен чекор може повторно да падне во мрачната провалија без дно, греши и лаже ако се обиде себе си или другите да ги залажува со својата совршеност. Јас никогаш не лажев пред луѓето, но додека бев во алкохолниот пекол, знам дека се лажев себе си и воопшто не се плашев од последиците од вака неразумен чин, кои на крајот беа катастрофални за мене, уште повеќе за моите најмили, бидејќи последиците од лажењето на другите не се ништо во споредба со последиците од лажењето на самиот себе, а токму на такви страшни лаги го градев својот живот. Да не се лажам себе си значи да не се плашам од вистината за алкохолот, самиот да не измислувам и да не ги прифаќам многуте лукавства кои луѓето ги измислуваат, за од самите себе да ги сокријат погрешните заклучоци на разумот и совеста; кога разговарам за алкохолот да не се плашам од разидувањата во мислењата со сите околу мене и да не се плашам дека ќе останам сам - само со својот разум и својата совест; да не се плашам од непријатната положба во која ќе ме донесе вистината, цврсто да верувам дека таа положба до која секоја вистина ќе ме донесе, особено вистината за алкохолот, колку и да биде лоша, дека не може да биде полоша од тоа што е изградено со лага. Лагата пред другите луѓе само ги комплицира работите и го одолговлекува решението на проблемот, но лагата пред себе си, која се прифаќа како вистина, може да го уништи целиот живот на човекот.

Кога човекот ќе зачекори по таа стрмна патека, по патот кон алкохолниот пекол, ако смета дека тој пат е оној вистинскиот, тогаш со секоја испиена чашка се повеќе ќе се оддалечува од своите добри намери, од својата вистинска животна цел. Во моментот кога ќе му укажеме дека го избрал погрешниот правец во животот, во поголем број случаи алкохоличарот ќе се исплаши од вистината и себе си ќе се убеди дека тој е во право, дека за него нема друг, подобар пат во животот. Ако алкохоличарот се плаши од вистината и, кога ќе ја согледа, ако не ја прифати, туку лагата ја прифати за вистина, тогаш никогаш нема да дознае што вистински треба да направи, за да се спаси од пеколниот алкохолен лавиринт.

Гле, ухватили птицу певачицу,

муче је, стежу - ох тешко њој.

Јадница пишти, цвркут јој стао,

                         а они вичу: “Пој, птицо, пој”.          Державин

Потврда дека сум на вистинскиот пат во борбата со алкохолното зло и дека моите размислувања и ставови се исправни е акцијата за сузбивање на семејното насилство, на кое порано се жалеа само понекои и само понекогаш, а денес стана општа појава. По примерот на многу цивилизирани држави, борбата против семејното насилство, конечно започна и кај нас. Со внимание ги следам случувањата на оваа тема и, колку што можам да забележам, оваа акција досега се води погрешно, или во најмала рака, недостасува вистинска стратегија. Имено, сите институции што се вклучени во оваа акција целосно се занимаваат само со последиците од ова зло, без притоа воопшто или многу малку да ги допрат причините од кои произлегува насилството.

Пред извесно време Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп го посети директорот за социјални работи. Бев пријатно изненаден од неговата намера да го вклучи клубот во борбата против семејното насилство, бидејќи, како што рече, само во неколку месеци од таа година, во оваа установа има пријавено дваесетина случаи на семејно насилство и, за жал, во сите случаи главен виновник е алкохолот. Се договори со нашиот терапевт да поработат на еден случај и за следниот состанок клубот, наместо алкохоличарот, го посети неговата сопруга, со најмалото од трите деца. На прв поглед се доби впечаток дека жената е збунета, но таа брзо се созеде и храбро ја раскажа својата тажна приказна: како нејзиниот сопруг секој ден безмилосно ја малтретира, нарекувајќи ја пред децата со најпогрдни зборови, дека е курва и недомаќинка и, се разбира, дека постојано ја тепа. “Крајно е љубоморен и неразумен” и, како што рече “ништо не работи и никого не сака да го послуша за да го подобри своето однесување. Незнам дали повеќе ќе можам да издржам. Жал ми е за трите прекрасни дечиња, да не беа тие одамна ќе го оставев” - заврши таа.

Просторијата ја исполни чудна тишина. Оваа храбра жена не кажа ништо ново, што ние веќе не го знаевме, но нејзините искрени зборови кои ја пренесуваа молбата за помош, не погодија сите. Сигурен сум дека во тој момент секој од нас во мислите ги виде солзите на своите најмили. Жената бараше помош, а ние во тој момент се чувствувавме немоќно. Можевме да помогнеме да ги ублажиме последиците од алкохолното зло, но чинителот на злото во тој момент веројатно безгрижно седеше во некоја кафеана, далеку од нашите погледи.

Размислував што да кажам, како да ја охрабрам, да и дадам надеж дека сепак постои начин да се помогне. Како од сон ме штрекнаа зборовите на детето. Тоа невино, четиринаесет годишно детенце, уште на почетокот не можеше да ги задржи солзите. Повтори дел од приказната на својата мајка, но на крајот не запрепасти сите кога кажа тешки зборови, несвојствени за дете на негова возраст. Усните му трепереа и со плачлив глас силно викна, како да се надева дека ќе го слушне и неговиот татко алкохоличар: “Или вие преземете нешто состојбата да се подобри, или ние, трите братчиња ќе преземеме, вака повеќе не може да се живее.”

Бевме целосно поразени. Го советувавме детето дека тоа е најгрешниот начин за решавање на нивните проблеми, но знаевме дека со нашите совети многу не му помогнавме на несреќното семејство. Сепак, се надевам дека ако еден ден таткото алкохоличар ги прочита овие редови, дека неговата совест ќе се разбуди и дека ќе го побара патот што води кон излезот од пеколниот алкохолен лавиринт, ќе го посети Клубот на лекувани алкохоличари каде ќе најде спас за себе, уште повеќе за неговите најмили.

Исто така, се надевам дека од примерот што го наведов, институциите на власта ќе можат да заклучат дека најлесно ќе помогнат ако се позанимаваат, пред се со причините кои довеле до насилството, се разбира, без притоа да се казнува чинителот на злото. Убеден сум дека на секој човек со правилен пристап, со упатување на вистинското место, а тоа се Клубовите на лекувани алкохоличари, најлесно може да се помогне.

Методите за борба со алкохолното зло, многу убаво се опишани во романот “Како да се победи Кралот Алкохол.” Прочитајте ја оваа книга и ќе научите како најлесно да се справите со злото.

Истражувај го возвишеното, тежнеј кон возвишеното и ќе го достигнеш возвишеното.    Конфучие

Застани! Издигни се низ своето вистинско Јас - скроти се себе си низ своето вистинско Јас. Секогаш заштитен со своето вистинско Јас, ќе живееш во најголема радост, бидејќи твоето вистинско Јас е твој господар, бидејќи твоето вистинско Јас е твоето прибежиште.     Дамапада

Почитувани млади луѓе, внимавајте со алкохолот, бидејќи со самата помисла на алкохолот ќе напукне оклопот што ги штити вашите доблести и низ тој отвор ќе протече танок млаз на страста кон пиењето алкохол и опивањето и ќе ја загубите неговата заштита во моментите, кога благодадта од неговата заштита ќе ви биде најпотребна.

Сите млади луѓе денес се наоѓаат во многу голема опасност. Таа опасност доаѓа оттаму што во тие години, кога се создаваат навиките, кои засекогаш ќе останат во нивниот карактер, младите луѓе живеат без никакви правила и не гледаат ништо друго, освен задоволување на страстите кои од сите страни ги привлекуваат и за кои вложуваат огромна енергија за да ги задоволат. Положбата на младите луѓе е многу опасна бидејќи, ако човекот ги постави страстите како идеал, како единствена цел во животот, како што ги поставуваат младите, кога со текот на времето страста кон алкохолот ќе стане особено силна, тогаш без исклучок и по многу познатиот и неоспорен закон, ќе дојдат дотаму што, за да го почувствуваат очекуваното задоволство, кое навикнале да го почувствуваат, ќе мораат непрекинато да ја зголемуваат дозата со алкохолот, бидејќи кога еднаш страста кон алкохолот ќе биде задоволена, вториот и третиот пат нема да го пружа тоа уживање што навикнале да го почувствуваат и ќе треба многу повеќе да се испие алкохол, за да се дојде до саканиот ефект. (Постои закон по кој е познато дека уживањето се зголемува со аритметичка прогресија, додека средствата со кои се поттикнува тоа уживање - алкохолот, мораат да се зголемат на квадрат). Тоа е така едноставен пат што по него, со ретки исклучоци, одат речиси сите млади луѓе и, ако навреме не се спречат, тогаш во иднината влегуваат помалку или повеќе осакатени или сосема пропаѓаат, како што тоа секојдневно го гледаме. Единствен начин да се спасите од таа положба е да застанете, да погледнете околу вас и да пронајдете вистински идеали, односно што сакате да бидете во животот и да ја вложите целата енергија за да го достигнете тоа што го сакате.

Денес често може да се слушне како младиот човек говори: не сакам да живеам по туѓата памет, сам ќе смислам и ќе го трасирам патот кон мојот живот. Што има да го измислувате веќе измисленото, да измислувате топла вода?

За жал, поголем број од младите луѓе, особено оние кои веќе тргнале кон алкохолниот пекол, се однесуваат така, како да одат наназад кон провалија. Тие знат дека позади нив се наоѓа провалија во која секој момент можат да паднат, но воопшто не обраќаат внимание на неа, туку се забавуваат само со тоа што го гледаат пред нив, уживаат во ѓаволските сласти, воопшто не размислувајќи дека тоа ги води во пропаст. И никакви укажувања не можат да ги разбудат за да ја согледаат вистината, едноставно, се однесуваат како хипнотизирани, убедени во својата безгрешност, верувајќи само во теоријата која не поднесува критика.

Почитувани млади луѓе, во романот “Како да се победи Кралот Алкохол.” волшебното стапче ви е дадено - прифатете ги советите за градењето на вистинската смисла на вашиот живот и ќе научите како со него да се користите. Земете го веќе измисленото и весело чекорете кон среќен и плоден живот.

Нема убави зборови што можат да го заменат примениот ќотек.     Антун Радиќ

Ако човек се напие малку - добар е како овца. Ако се напие малку повеќе - станува храбар како лав. Ако ја премине мерата - агресивен е како тигар. А ако пиењето му стане страст - личи на свиња која се брбешка во калта.     Еврејска пог.

Алкохолизмот е болест широко распространета во светот и кај нас. Тоа е зависност која ја уништува секоја клетка во човековиот организам, а најмногу и меѓу првите ги уништува мозочните клетки. Заради тоа многу брзо се појавуваат промени во личноста и карактерот, изменето однесување, несогласување со околината, а особено со членовите на семејството кои најмногу ги чувствуваат последиците од алкохолот. Како секојдневен сведок на многу семејни тргедии, сакам да нагласам дека лекувањето од алкохолната болест е многу сложен и долготраен процес - зависи од самиот зависник, но и од подршката која во текот на лекувањето, алкохоличарот кој се одлучил да апстинира, ја добива од своето семејство. Затоа, кога еден алкохоличар ќе одлучи да се лекува, се лекува и целото семејство, бидејќи основно во лекувањето не е само алкохоличарот да престане со пиењето, туку уште поважно е да ја одржи апстиненцијата. Потребно е апстинентот во целост да го смени начинот на живеење и однесување, но исто така и членовите на неговото семејство треба да се пренаучат како да живеат со секојдневните радости и проблеми - трезвено, без алкохол. Ова е сложен процес кој не може да се одвива само во рамките на здравствените установи. Единствени места каде е возможен овој процес се Клубовите на лекувани алкохоличари.

Кога човек ќе почне да се занимава со поправањето на самиот себе, ќе ги согледа сите свои недостатоци и штом ќе ги осознае, должен е и да ги поправи. Поправањето на самиот себе е најдобриот начин за воспитување на своите и туѓите деца, како и на возрасните луѓе. А што правиме ние? Велат, не е добро без вино и ракија кога купуваш, продаваш, договараш, пред се на празници, крштевки, свадби, погреби… Може да се каже дека при секое продавање, купување, за условите треба добро да се размисли, а не да се очекува човекот да се напие. Но, тоа сеуште е најмало зло. Да кажеме, ќе дојде празник. Празник значи прекинување, одмор од секојдневните активности. Човекот има можност за се состане со семејството, роднините, пријателите, да поразговара, да се развесели. И, што е најважно, може да размисли за своето однесување, за мирот во душата. Но, наместо разговор, веселба со пријателите и роднините, луѓето се опиваат со вино и ракија и наместо да размислат за мирот во душата - пцујат, честопати кавги, се тепаат помеѓу себе. Или крштевањето! Се родил човекот, треба да се размисли како убаво да се воспита. А за убаво да се воспита, треба човекот самиот да се поправи, да се одвикне од лошото и да се научи на добро, додека наместо тоа - вино и ракија, пијанчење… Исто е, дури полошо на свадбите. Се согласиле млади луѓе да живеат во слога, љубов и мир, да одгледуваат и воспитуваат деца. Би требало да им се покаже пример за добар живот. Наместо тоа - повторно вино и ракија. Најглупаво е на погребите. Заминал човекот од каде што е дојден, од Бога кон Бога. Може да се каже дека треба да се размисли за душата, ако не веднаш, тогаш на враќање од гробишта, каде е закопано телото на таткото, мајката, братот кој заминал таму каде сите ние одиме и што никого нема да го заобиколи. И што наместо тоа? Вино и ракија и се што произлегува од нив. А ние велиме - не е добро човек да не се напие, така од стари останало. Но, старите не сфатиле дека тоа е лошо. Но, ние сфаќаме. А кога сфаќаме, тогаш треба да прекинеме со алкохолот и глупостите што одат со него. Ако човек прекине со алкохолот една година - две, нека се заврти и ќе види дека, на прво место, за една година останале доста пари во куќата, второ, многу глупави и лоши зборови, а исто така и лоши дела останале неизречени и ненаправени, трето, во семејството ќе има повеќе слога, љубов и мир, четврто и најважно, во душата на човекот ќе му биде многу подобро, ќе ја почувствува радоста на вистинскиот, корисен човечки живот - корисен за себе, уште повеќе за неговите најмили.

Моите книги “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи Кралот алкохол” им ги препорачувам на сите луѓе кои во своето место на живеење имаат Клуб на лекувани алкохоличари, но и на оние кои немаат, бидејќи во нив ќе го пронајдат патот за излез од алкохолниот пекол, ќе ги научат методите за полесно да се спасат од оваа опака болест.

Next Page »