САМОЗАЛАЖУВАЊЕ

Има моменти кога е дозволено да се премолчи вистината, но неа никогаш не треба да ја замениме со лага.     Св. Августин

Кога донесов цврста одлука да истраам во борбата со алкохолното зло, веќе ми беше многу лесно да го најдам одговорот на прашањето: како треба да постапувам во иднина? Сфатив дека никогаш повеќе не смеам да се лажам себе си, да не се плашам од вистината, без обзир каде таа ќе ме однесе. Човек, кој отишол толку далеку и кој безнадежно стои на ивицата на животот, таму каде со најмал погрешен чекор може повторно да падне во мрачната провалија без дно, греши и лаже ако се обиде себе си или другите да ги залажува со својата совршеност. Јас никогаш не лажев пред луѓето, но додека бев во алкохолниот пекол, знам дека се лажев себе си и воопшто не се плашев од последиците од вака неразумен чин, кои на крајот беа катастрофални за мене, уште повеќе за моите најмили, бидејќи последиците од лажењето на другите не се ништо во споредба со последиците од лажењето на самиот себе, а токму на такви страшни лаги го градев својот живот. Да не се лажам себе си значи да не се плашам од вистината за алкохолот, самиот да не измислувам и да не ги прифаќам многуте лукавства кои луѓето ги измислуваат, за од самите себе да ги сокријат погрешните заклучоци на разумот и совеста; кога разговарам за алкохолот да не се плашам од разидувањата во мислењата со сите околу мене и да не се плашам дека ќе останам сам – само со својот разум и својата совест; да не се плашам од непријатната положба во која ќе ме донесе вистината, цврсто да верувам дека таа положба до која секоја вистина ќе ме донесе, особено вистината за алкохолот, колку и да биде лоша, дека не може да биде полоша од тоа што е изградено со лага. Лагата пред другите луѓе само ги комплицира работите и го одолговлекува решението на проблемот, но лагата пред себе си, која се прифаќа како вистина, може да го уништи целиот живот на човекот.

Кога човекот ќе зачекори по таа стрмна патека, по патот кон алкохолниот пекол, ако смета дека тој пат е оној вистинскиот, тогаш со секоја испиена чашка се повеќе ќе се оддалечува од своите добри намери, од својата вистинска животна цел. Во моментот кога ќе му укажеме дека го избрал погрешниот правец во животот, во поголем број случаи алкохоличарот ќе се исплаши од вистината и себе си ќе се убеди дека тој е во право, дека за него нема друг, подобар пат во животот. Ако алкохоличарот се плаши од вистината и, кога ќе ја согледа, ако не ја прифати, туку лагата ја прифати за вистина, тогаш никогаш нема да дознае што вистински треба да направи, за да се спаси од пеколниот алкохолен лавиринт.