ЖЕНИТЕ ВО КЛУБОТ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ – “ВИКТОРИЈА”

Бракот може да биде среќен само под овој услов: и едниот и другиот брачен другар мораат за себе да ја одредат како прва должност, оваа незаменлива одлука: сакам да го сакам и да го почитувам тоа срце на кое сум му дозволил да биде господар над моето. Силвио Пелико

Не недостатокот на љубов, туку недостатокот на пријателство ги создава несреќните бракови     Ниче

Оваа мудрост од Ниче ја зедов како главна поента за мојот текст, бидејќи по седумгодишна апстиненција од алкохолот, ја сфатив нејзината вистинска порака. За разлика од многу алкохоличари, кои вината за својата несреќна состојба, за своите грешки, глупости и пропусти во животот, го посочуваат несогласувањето со својата сопруга, јас денес признавам, и пред себе и пред Бога, дека вината беше само моја. Мојата сопруга стоички ги издржа сите мои удари, сета неправда што и ја нанесов, го издржа моето неподносливо однесување, го одржа семејството, за што од сето срце и душа сум и благодарен. Таа беше и пријател, и мајка, и сопруга, и сестра – се во исто време. Денес сум многу среќен човек и можам слободно да кажам дека нема ништо поубаво, отколку кога на својата сопруга, на своите деца си им толку мил, да заради тоа и самиот себе си си уште помил.

Кога човекот ќе тргне по трнливиот пат кој води во алкохолниот пекол, за жал, заедно со него, по тој пат одат и неговите најмили – сопругата и децата. Тие гледаат како алкохоличарот секојдневно се уништува во својата глупост, но не гледаат начин како да му помогнат и нему, и себе си. И, покрај големата љубов, што најблиските ја чувствуваат кон него, по долгогодишното поднесување на последиците од алкохолот, едноставно креваат раце од алкохоличарот, го оставаат сам на себе.

Единствено оправдување за оваа голема, ако не и најголема грешка на луѓето, кои се најблиски на алкохоличарот, е нивното незнаење, нивната недоволна информираност, дека спас има. Повторувам, спас од алкохолниот пекол има и лекот се наоѓа на дофат на вашите раце, треба само да соберете храброст и мудрост и да го земете, за свое добро, уште повеќе за доброто на вашите деца.

Во рамките на Клубот на лекувани алкохоличари: “Здрав живот” од Прилеп, многу успешно, корисно, и едукативно работи и Женскиот дел од клубот за поддршка – “Викторија”. На состаноците кои се одржуваат во Центарот за Социјални работи секоја среда од 16-18 часот, присуствуваат сопругите на лекуваните алкохоличари, кои активно го посетуваат клубот, но и оние мајки, сопруги, сестри и ќерки, кои во својот дом имаат алкохоличар, но не го знаат начинот како да го убедат и тој да се обиде да ја надмине и победи алкохолната болест, што долги години ја има. Оваа активност е од извонредно значење, бидејќи многу сопруги од алкохоличарите се плашат, пред својот сопруг да ги искажат своите маки и страдања. Добиените сознанија се од извонредно значење во натамошниот пристап кон алкохоличарот, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и кон животот воопшто.

Почитувани мајки, сопруги, ќерки, сестри, деца – дојдете во храмот на спасот и побарајте спас за вашите најмили, пронајдете го најлесниот пат кон среќна иднина за вашето семејство, посетете го Женскиот дел од клубот “Викторија.” На вратата ќе ве пречека веселата насмевка на нашите прекрасни терапевти г-ѓа Милка Темелкоска – социолог и др.Снежана Ѓорѓијоска – психијатар. Ќе слушнете многу совети кои ќе ви бидат од голема корист за вашата иднина, но бидете убедени дека во нивното срце ќе останат многу неискажани нешта, бидејќи невозможно е на еден состанок да се искажат најдлабоките тајни за смислата на животот и живеењето. Сепак, ќе поминете прекрасно попладне со луѓе кои имале слична или иста животна судбина, со луѓе кои успеале да го пронајдат начинот како да се соочат со секојдневните проблеми, со луѓе кои ќе изразат спремност искрено да ви помогнат во секое време. И, кога по завршувањето на состанокот полека ќе чекорите кон вашиот дом, кога вашите мисли ќе ги средуваат впечатоците од оваа, за вас, необична средба, опиени од кратката среќа на надежта што после долго време повторно ќе заживее во вашето срце, низ главата ќе ви доаѓаат безброј прашања, а меѓу нив најглавните: “Овие среќни жени немале толку големи проблеми и страдања како што имам јас. Нивните мажи сигурно не биле големи пијаници и не правеле толку големи проблеми како мојот сопруг.” Во тој момент погледнете подлабоко и поискрено во вашето срце и одговорот што таму ќе го пронајдете, ќе ги разбие вашите дилеми и сомнежи. “Во секое семејство каде има пијаница, на овој или на оној начин ги има истите проблеми. Долго време ме мачеше мислата дека само ние така живееме, дека во другите бракови тоа го нема. Но, тоа мора да е судбина на сите луѓе кои завлегле во алкохолниот пекол. Веројатно и тие, како и јас, мислеле дека тоа е само нивна несреќа. Досега ја криев таа премногу срамна несреќа не само од другите, туку и од самата себе. Денес за првпат во животот добив вистинска надеж дека шанса за излез од пеколниот алкохолен лавиринт, во кој толку долго време се наоѓаме, сепак постои. За успехот на овие среќни, неверојатни жени, полни со позитивна енергија, мора да се најзаслужни терапевтите. Не верував дека на земјата сеуште постојат луѓе, кои во себе имаат толку љубов и човекољубие, како што во себе имаат г-ѓа Милка и др.Жане. Но, од каде извира нивната сила и енергија да се зафатат со спасување на алкохоличарите, кои се отфрлени од луѓето и живеат на маргините на општеството? Без дилеми, тоа мора да е дар од нашиот Семоќен Бог. Божјата промисла не случајно ги избрала токму овие храбри и несебични жени, г-ѓа Милка и др.Жане, на својот грб да ги носат тешкотиите во борбата со злото, како најголеми борци да бидат Божјото оружје, до конечната победа над најголемиот непријател за целото човештво – алкохолот.”

Ги повикувам сите сопруги или ќерки, мајки или сестри, кои не знаат каде да ја побараат помошта што им е толку неопходна, да дојдат во Женскиот клуб за поддршка на лекуваните алкохоличари “Викторија.” Треба да соберете храброст, да ги надминете сите предрасуди и да ја согледате реалноста дека алкохолизмот е болест, како и секоја друга болест и дека може да се лечи. Терапевтите и сопругите кои го посетуваат клубот ќе ви поклонат искрено внимание, на сите ќе ви пружат рака за помош. Знаете, кога човек ќе мора преку греда да премине преку некоја провалија, тоа многу полесно ќе го направи ако знае дека од другата страна има некој, кој ќе му подаде рака. Раката ви е пружена, имајте мудрост и прифатете ја. Преминете на страната на победниците над ѓаволот. Посетете го клубот и наполнете ги вашите чаши од изворот на надежта што потекува од срцата на нашите терапевти, пружете ја раката кон плодоносното дрво кое расте од нивното срце и вкусете од слатките плодови на среќата. Бидете убедени дека ќе ви се измени вашиот живот, ќе ви се изменат вашите соништа. И, кога вашиот сопруг, брат или син ќе излезе од пеколот, кога на вашата одлука што сега треба да ја донесете, а за која можеби се колебате, ќе набљудувате од друга перспектива, кога мирот, среќата и радоста ќе се вратат во вашиот дом, убеден сум дека вашето задоволство ќе биде многу големо, толку големо, како да сте ја добиле главната премија на лотарија.