февруари 2009
Monthly Archive
саб 28 фев 2009
Можете лесно да убедите човек кој не знае; можете уште полесно да убедите паметен човек. Но, оној кој малку знае, а мисли дека е совршен, ни Господ Бог не може да го убеди. Латинска поговорка
Премногу сум свесен за недостатоците на врстата на која и припаѓам да би се лутел на кој било најзин член. Мојот лек е: да се фатиме во костец со злото кое го гледаме, не повредувајќи го чинителот на злото, исто како што ни самиот не би сакал да бидам повреден заради грешките што непрекинато ги правам. Голем број луѓе према себе се субјективни, а кон другите објективни, додека за свое добро, би требало да се однесуваат спротивно. Киеркегор
Многупати, кога правиме грешки, иако разочарани и депримирани, одненадеж забележуваме дека нашите искрени роднини и пријатели сеуште не сакаат и ценат, дека сакаат да ни помогнат, дека и покрај се сеуште ја немаат загубено довербата во нас. Во моментите на нескриена желба за помош, со својата искреност, тие не доведуваат до величенствено, духовно расположение во кое целосно се убедуваме во својата грешност, во кое добиваме многу голема сила и енергија за што поуспешна апстиненција - со тоа по којзнае којпат ни даваат уште една прилика повторно да се исправиме и храбро да зачекориме напред.
Кога човек има во себе нешто што го измачува, потребно е да има некој сигурен, близок, искрен пријател во кој ќе има целосна доверба, на кој ќе може да му ја довери тагата за својата мака, каква таа и да биде, или таа со двојна снага ќе му ја притисни душата и можеби ќе стане неподнослива за него. И токму недовербата кон луѓето е причината што честопати многу луѓе - и тоа луѓе кои имаат најголеми и најубави доблести, ќе се почувствуваат слаби и не се способни да ја поднесат тагата на својата несреќна состојба, во која западнале од разни причини и тогаш прибегнуваат кон најлесното решение - посегнуваат по чашата со алкохол, мислејќи дека само алкохолот ќе им помогне да си ја олеснат тежината што ја измачува нивната душа.
Методите што се применуваат во Клубовите на лекувани алкохоличари за лекување на алкохолната болест веројатно се универзални или се разликуваат во многу мали нијанси. Комуникацијата и дружењето помеѓу апстинетите, љубовта и почитта што ја градат помеѓу себе, спремноста во секое време да си помогнат еден на друг, се основата на која се гради довербата кон Клубот, како единствено место за одржување на трајна апстиненција, како единствено место каде се гради цврстината на карактерот на апстинентот, за да може полесно да се пробива по трнливиот пат низ џунглата на животот.
Бидејќи ѓаволот е неуморен во настојувањата да го уништи човекот, тој никогаш не пропушта прилика да пронајде начин на кој човекот ќе го наведе на грев. Многу е веројатно дека гревот многу лесно ќе помине низ пукнатините на нашите најдобри намери и најсвечените заклетви во истиот момент, кога ќе помислиме на алкохолот. Затоа, секој апстинент мора многу да внимава, да во моментите кога лукавиот ќе го води по патеката на злото, кон рецидив, ако самиот не може да се спротивстави на ѓаволските искушенија, што побрзо да побара помош од своите вистински пријатели - терапевтите и членовите на Клубот на лекувани алкохололичари.
Како составен и еден од најважните делови на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп е патронажната група, која редовно ги посетува сите апстиненти, особено апстинентите за кои ќе дојде до сознание дека направиле рецидив. Во сите случаи, кои се разликуваат еден од друг, бидејќи секој апстинент кој направил рецидив, наведува различни причини и различно реагира на нашата посета, ние се трудиме, на сите можни начини да го освестиме, да го мотивираме повторно да се врати во Клубот. Го убедуваме дека мотивот за нашата посета не е за да ја задоволиме нашата љубопитност, туку искрената желба да му помогнеме, бидејќи тоа само ние, неговите пријатели од Клубот, можеме да го направиме. Во повеќето случаи апстинентот не сака да признае дека му е потребна помош, од едноставна причина што цврсто е убеден дека самиот ќе ја надмине таа состојба. Искуството не учи дека тоа многу ретко или скоро никогаш не успева и затоа сме упорни да го наговориме апстинентот повторно да почне да го посетува Клубот. Иако нашето убедување секогаш е искрено, често сме убедени дека тој нема да побара помош како што ние посакуваме, но од неговото лице секогаш може да се види дека му е мило што таа помош му ја нудиме. Речиси секогаш, на наше огромно задоволство, ефектот од нашата посета сепак има успех и апстинентот се враќа во клубот.
Посебен впечаток на мене остави попатната посета на еден драг колега, апстинент во клубот, кој неколку месеци не доаѓаше во Клубот. Беше изненаден од мојата посета и ме прими некако ладно, како гостин кој дошол во незгоден момент. Очигледно беше дека ѓаволот ја остварил својата победа, со тоа што во неговото срце внесол горко и тмурно расположение, бидејќи тој знае дека би бил наполовина помалку опасен, кога кај човекот би испраќал весело расположение и ведри мисли. Наведнатата глава од мојот домаќин, молкот на членовите на неговото семејство јасно укажуваа на мачната атмосфера што лебдеше во просторијата. Сепак, за разлика од неговото ладно, рамнодушно однесување, светлината и радоста што се појавија во очите на неговата сопруга недвојбено ја покажуваа молбата за помош, надежта и очекувањата од мене. Молкот го прекина домаќинот.
- Знам зошто си дојден и затоа веднаш да ти кажам дека залудно го трошиш времето. Нема потреба ништо да ми кажуваш. Впрочем, биди убеден дека се што ќе ми кажеш јас веќе го знам и тебе и на сите од Клубот можам да ви држам лекции за тоа. Ќе кажам само дека имам некои свои планови и кога ќе дојде време, самиот ќе се повлечам. Повторувам дека не ми се потребни твоите совети и затоа подобро е да разговараме за нешто друго.
Мачната атмосфера што настана со солзи во очите ја прекина неговата сопруга. - Некои членови на нашата фамилија почнаа да вршат голем притисок врз него за да го напушти клубот и од тогаш некој тежок терет, некоја тешка мора многу го измачува. Сепак, убедена сум дека тој терет не е така тежок за мојот сопруг да не може да го поднесе, само треба да собере храброст на вистината да и погледне во очи, бидејќи тој, како што го охрабрувам, ужива голема доверба кај колегите од клубот и дека само вие можете да му помогнете. Сигурна сум дека тој во длабината на својата душа знае дека постапува гадно и свирепо, дека тој, свесен за тие постапки, не само што не смее никого да обвинува и осудува, туку не смее ни да им погледне во очи на луѓето, а и да не зборуваме за тоа самиот себе да се смета за добар родител и сопруг, како што се сметаше порано. Залуден е целиот мој труд да го утешам. Раната во неговото срце изгледа дека е предлабока, грижата на совеста му го поматува умот и целиот е обземен од тага и очај. Не верувам дека ниту тој, ниту вие можете и да претпоставите колку мене ми е тешко. Постојано го охрабрувам и бодрам да не потклекнува со духот во својата неволја, која мислам дека вистински не постои, а самата себе не можам да се охрабрам, да не потклекнам кога го гледам како се измачува. Му говорам како треба храбро да го носи теретот на својата неволја, а самата таа храброст не можам да ја смогнам. Често се прашувам: како можеше толку да се измени? Како се случи тоа сега да личи на некој сосема друг, а не на оној кој сите го знаеме?
Излезе од собата гласно плачејќи, испратена со псовките на сопругот.
саб 21 фев 2009
Posted by Cilin under
СИТЕ КАТЕГОРИИ 1 Comment
Детето е половина мајмун, половина ангел. Колку треба да се издигнува и колку да се спушта, додека да стане човек? Јозеф Еотвос
Дали знаете кој е најсигурен начин, со кој можете да го турнете своето дете во несреќа? Дозволете му да направи се што ќе посака. Русо
Пред неколку денови, на покана од терапевтот г-ѓа Милка Темелкоска, присуствував на состанокот во Женскиот клуб за поддршка на апстинентите - ”Викторија.” Немам зборови со кои ќе ја опишам прекрасната атмосфера која лебдеше во просторијата, од почетокот до крајот на состанокот. На секој лик од присутните, десетина жени, можеше да се забележи задоволство и среќа, слична на среќата од човекот, кој го пронашол скриеното богатство, што толку долго го барал. Терапевтот многу вешто, без воопшто да се наметнува, ги остави присутните да ги искажат своите маки, да се посоветуваат една со друга и да си понудат помош. Со внимание ги слушаше овие напатени жени, кои отворено даваа до знаење дека одамна не ја почувствувале радоста и среќата, дека, ако ништо друго, со посетата на Клубот, во нивните срца повторно се родила и живее мислата, дека излез од алкохолниот пекол сепак постои. При крајот на состанокот, терапевтот рече:
- Ве молам за малку внимание. Ќе ви раскажам една приказна која многу пластично ги прикажува раните во срцето, нанесени од алкохолот. Се надевам дека ќе ви се допадне.
МНОГУ ОДАМНА ЖИВЕЕШЕ ЕДНО ДЕТЕ, СО ЛОШ КАРАКТЕР. НЕГОВИОТ ТАТКО МУ ДАДЕ ЕДНА КЕСА ПОЛНА СО КЛИНЦИ И МУ РЕЧЕ: “СЕКОГАШ КОГА ЌЕ ЈА ИЗГУБИШ КОНТРОЛАТА ВРЗ СЕБЕ, ДА ЗАКОВАШ ПО ЕДЕН КЛИНЕЦ ВО ОГРАДАТА.”
ПРВИОТ ДЕН ДЕТЕТО ЗАКОВА 37 КЛИНЦИ ВО ОГРАДАТА. ВО ТЕКОТ НА НАРЕДНИТЕ МЕСЕЦИ СЕ НАУЧИ ДА ГО КОНТРОЛИРА СВОЈОТ БЕС И БРОЈОТ НА ЗАКОВАНИ КЛИНЦИ СЕ СМАЛУВАШЕ. ОТКРИ ДЕКА ПОЛЕСНО Е ДА ГО КОНТРОЛИРА СВОЈОТ КАРАКТЕР, ОТКОЛКУ ДА КОВА КЛИНЦИ ВО ОГРАДАТА.
И ТАКА, ДОЈДЕ ДЕНОТ КОГА НИТУ ЕДНАШ НЕ БЕСНЕЕШЕ. ТОЈ МУ ГО КАЖА ТОА НА СВОЈОТ ТАТКО, А ПАК ТАТКОТО МУ РЕЧЕ: “ОД ДЕНЕС СЕКОГАШ КОГА ЌЕ УСПЕЕШ ДА ГО КОНТРОЛИРАШ СВОЈОТ КАРАКТЕР, ЌЕ ВАДИШ ПО ЕДЕН КЛИНЕЦ ОД ОГРАДАТА.”
ДЕНОВИТЕ ПОМИНУВАА, А ДЕТЕТО ГИ ВАДЕШЕ КЛИНЦИТЕ МЕНУВАЈЌИ ГО СВОЈОТ КАРАКТЕР И ЕДЕН ДЕН МУ КАЖА НА СВОЈОТ ТАТКО ДЕКА ГИ ИЗВАДИ СИТЕ КЛИНЦИ ОД ОГРАДАТА. ТОГАШ НЕГОВИОТ ТАТКО ГО ЗЕДЕ ЗА РАКАТА И ГО ОДВЕДЕ ДО ОГРАДАТА И МУ РЕЧЕ НА СИНОТ: “СИНКО, УБАВО СЕТО ОВА СИ ГО НАПРАВИЛ, НО ПОГЛЕДАЈ ГИ СИТЕ ТИЕ ДУПКИ ШТО СЕ НАПРАВЕНИ ОД КЛИНЦИТЕ ВО ОГРАДАТА. ОГРАДАТА НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ИСТА. КОГА ВО БЕС ЌЕ ГИ КАЖЕШ НЕКОИ РАБОТИ, ТИЕ ОСТАВААТ ТРАГИ ВО ДУШАТА И СРЦЕТО, ИСТО КАКО ШТО СЕ И ОВИЕ ДУПКИ ВО ОГРАДАТА. АКО ЧОВЕК ГО ПРОБОДЕШ СО НОЖ И АКО ГО ПОВЛЕЧЕШ ИСТИОТ, ПОТОА НЕ Е БИТНО КОЛКУ ПАТИ ЌЕ КАЖЕШ ДЕКА ТИ Е ЖАЛ. РАНИТЕ ОСТАНУВААТ. ВЕРБАЛНАТА РАНА Е ИСТО ТОЛКУ БОЛНА, КОЛКУ И ФИЗИЧКАТА.”
ПРИЈАТЕЛИТЕ СЕ РЕТКА СКАПОЦЕНОСТ И ГОЛЕМО БОГАТСТВО. ТИЕ ПРАВАТ ДА СЕ СМЕЕШ, ТЕ ОХРАБРУВААТ ДА УСПЕЕШ ВО НЕШТО, ТИЕ СЕ СПРЕМНИ ДА ТЕ СЛУШААТ, ДА ЈА ПОДЕЛАТ ТВОЈАТА БОЛКА, ИМААТ УБАВИ ЗБОРОВИ ЗА ТЕБЕ И СЕКОГАШ ИМ Е СРЦЕТО ОТВОРЕНО ЗА ТЕБЕ. ПОКАЖЕТЕ ИМ НА СВОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ КОЛКУ ВИ Е ВАЖНО НИВНОТО ПРИСУСТВО ВО ВАШИОТ ЖИВОТ.
ЖИВОТОТ НЕ Е БЛОК ЗА ЦРТАЊЕ. ГРЕШКИТЕ НЕ СЕ НАЦРТАНИ СО МОЛИВ ЗА КОИ МОЖЕ ДА СЕ УПОТРЕБИ ГУМА ЗА БРИШЕЊЕ, ЗА ДА ГИ СНЕМА, КАКО НИКОГАШ ДА НЕ ПОСТОЕЛЕ. ТИЕ СЕКОГАШ ЌЕ ЖИВЕАТ ВО СРЦЕТО НА СЕКОЈ ИСКРЕН АПСТИНЕНТ И КАКО БОЛНИ РАНИ ЌЕ ПЕЧАТ И ДО КРАЈОТ НА ЖИВОТОТ ЌЕ ГО ПОТСЕТУВААТ НА МИНАТОТО. СЕКОЈ АПСТИНЕНТ СЕКОЈДНЕВНО СЕ ПОТСЕТУВА НА ДЕНОВИТЕ И НОЌИТЕ, КОИ ТРЧАЈЌИ ГО ВОДЕЛЕ НЕГО И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО ВО ПРОПАСТ. СЕ ПОТСЕТУВА НА ТОА САМО ЗАТОА ШТО ТОА ЗА НЕГО Е ЕДИНСТВЕНА ВИСТИНА - СЕ ДРУГО Е ЛАГА. СОБЕРЕТЕ СИЛИ И ПОМОГНЕТЕ ИМ НА ВАШИТЕ СОПРУЗИ. ПОКАЖЕТЕ ИМ КОЛКУ СТЕ СРЕЌНИ, ОТКАКО ТИЕ СТАНАЛЕ АПСТИНЕНТИ. ТОА ЌЕ ИМ ЈА ЗГОЛЕМИ САМОДОВЕРБАТА ВО НИВНИТЕ ВРЕДНОСТИ И СИГУРНО ВО ИДНИНА ЌЕ СЕ ТРУДАТ ДА БИДАТ УШТЕ ПОДОБРИ, ЌЕ СЕ ТРУДАТ ДА ВИ ГИ НАДОКНАДАТ СРЕЌАТА, РАДОСТА И СЛОБОДАТА, ШТО ПОРАДИ ЗАСЛЕПЕНОСТА ОД АЛКОХОЛОТ ВИ ГИ ОДЗЕЛЕ.
Чекорев полека, со наведната глава додека се враќав кон домот. Неколкуте кратки приказни што ги кажа г-ѓа Милка, непрекинато се во мојата глава. Срам ми е да признаам, дека по цели седум години редовно посетување на Клубот, осознав дека имало уште толку многу работи, кои можат да ја разбрануваат мојата душа. Со мојата одлука да почнам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари управуваше провидението. Ме водеше Божјата рака и јас од дното на душата сум и благодарен. Чувствувам дека во клубот станав многу подобар, што можеби и не е многу, бидејќи бев многу лош. Но, сега сум цврсто убеден дека се што овде се случува е само добро, затоа што да сретнеш така прекрасен човек кој со сето срце и душа се труди, умее и сака да помогне, тоа мора да е Божја волја. Убеден сум дека мудроста на нашиот терапевт ќе ми даде уште поголема сила да успеам да го поднесам заморот, да не ги чувствувам напорите да им помагам на другите како терет, да ги поднесувам со радост, мислејќи само на среќата која ме очекува, од направеното добро дело.
Со љубов во Бога
сре 18 фев 2009
Кој е слободен? Само мудрецот кој знае да владее со себе, кој не се плаши од сиромаштијата, оковите и смртта, кој знае да им пркоси на страстите и ги презира славата и почестите. Хорацие
Ми рекоа: “Ако најдеш заспан роб, не буди го - можеби сонува за слободата.” Јас им одговорив: “Ако најдеш заспан роб, разбуди го и раскажувај му за слободата.” Гибран
За одржување на трајна апстиненција во лекувањето на алкохолната болест, во Клубовите на лекувани алкохоличари низ целиот свет, се применуваат различни методи.
Се смета дека првите Клубови на лекувани алкохоличари, наречени Клубови на Анонимни алкохоличари (АА) се формирани во Америка, во 1936 година. На принципот на анонимност на апстинентите функционираат клубовите речиси низ целиот свет.
Во книгата “Писма2″ 1887-1910 г. стр.32 од Толстој, најдов интересен податок. Во писмото што го испраќа до сликарот И.Ј.Рјепин, Толстој пишува дека било основано доброволно друштво за борба против алкохолот, првото друштво основано во Русија во 1888 г. со име “Солидарност против пијанството.” Во писмото Толстој пишува: “…Особено живо ме потсети на Вас главата на жена без нос на вињетата за сифилисот. Остава страшен впечаток. И еве, имам нешто да ве замолам, да ви предложам и да се посоветувам со Вас. Јас веќе издавам книги за пијанството. Две - од докторот Алексеев (”За штетноста од употребата на јаките алкохолни пијалаци” и ”Како да се помогне во големата несреќа? Како да се спречи пијанството”), едната е на цензура, третата ќе се препечати. И јас постојано мислам да напишам книга на оваа тема. И затоа ми падна на памет да Вие изработите две работи: една слика со вињети, на која ќе биде прикажано пијанството во сите облици и во сите стадиуми, втората, мала за обвивката на книгата што ја пишувам, и трета, заедничка за сите книги за пијанството кои ќе ги издадеме. Сижето и за едното, за другото и третото изберете го сам, но нека биде исто така страшно, снажно, и нека директно се однесува на предметот, како што е случајот со сифилисот.
Нашата солидарност против пијанството, како што мене ми изгледа, и покрај тоа што нема одреден облик, се шири и ги зафаќа луѓето, односно делува.”
Во почетокот на шеесеттите години од минатиот век, низ Европа почнуваат да никнуваат првите Клубови на лекувани алкохоличари, а основач и главен иницијатор е Др.Владимир Худолин, психијатар и хуманист. Тој во Загреб отвора и алкохолошка школа, во која се едуцираат сите алкохолози од поранешна Југославија.
Во зависност од карактерот, од капацитетот на љубов и човекољубие што терапевтот ги поседува, во Клубот што го води спроведува свои методи на работа, од кои најкарактеристични се два - првиот, автократски, во кој на состаноците во клубот во центарот на вниманието е терапевтот и вториот, либерален, во кој на состаноците во клубот во центарот на вниманието е апстинентот.
Во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, Др.Методија Николоски - Мец, кој својата специјализација по алкохологија ја добил кај Др.Владимир Худолин, а и сегашните терапевти, го прифатија и применуваат либералниот метод. Ако некој апстинент чувствува некакви тегоби, предизвикани од алкохолни кризи кои се пропратна појава кај секој апстинент, јавно разговара и бара помош не само од терапевтите, туку и од своите колеги, постарите апстиненти, кои веќе се соочиле и ја надминале таквата состојба. Со помош на терапевтот, но најмногу со помош на искуството од апстинентите, кризите најлесно се пребродуваат. На состаноците секој апстинент има можност директно да учествува во расветлувањето на многу прашања од областа на алкохолизмот и животот воопшто, кои не му се доволно јасни. Се разбира, новите апстиненти постојано ги збогатуваат своите сознанија за алкохолот и животот воопшто, добиени од искажувањата на поискусните апстиненти. Со текот на времето кај апстинентот се зголемува неговата волја за цврста апстиненција, се зголемува сигурноста во себе, така што се случува некој апстинент, кој што подолго од една година бил пасивен набљудувач и воопшто или многу малку учествувал во активностите на КЛА, да почне да ги искажува своите ставови, што е сигурен знак за напредок во неговото лекување. Структурата на апстинентите кои го посетуваат клубот е сосема поинаква од структурата на апстинентите, кои посетуваат некои други клубови. Нашиот клуб, покрај новите апстиненти кои ја започнуваат својата апстиненција, го посетуваат луѓе кои имаат по десет, петнаесет, дваесет па и повеќегодишна апстиненција.
Некои експерти по алкохологија напишале дека апстинентот успеал да се излекува од алкохолната болест, ако редовно посетува Клуб на лекувани алкохоличари од 3-5 години и дека потоа нема потреба да го посетува клубот.
Практиката покажува дека тоа е погрешен пристап, односно дека многу апстиненти по повеќе од десетгодишна апстиненција повторно влегуваат во рецидив, а некои дури целосно му се враќаат на алкохолот. За одбрана од рецидивот (праксата во триесетгодишното активно работење на КЛА докажа дека е сосема исправно), во Клубот на лекувани алкохоличари ”Здрав живот” од Прилеп има оформено патронажна група, составена од терапевт и двајца апстиненти, кои го посетуваат апстинентот кој направил рецидив во неговиот дом. Веќе стекнатото пријателство и почитување помеѓу апстинентите и авторитетот на терапевтот, придонесуваат во најголем број случаи на рецидив, апстинентот повторно да се врати во клубот и да продолжи со своето успешно лекување.
Заедничка негативност и во двата метода е што некои од младите апстиненти, многу брзо го напуштаат клубот и повторно се враќаат во прегратките на ѓаволот. Во првиот метод причината е што нема механизам со кој ќе се следи напредувањето на апстинентот во градењето на неговиот карактер, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и животот воопшто, а во вториот причина е што новиот апстинент, веднаш по излегувањето од болница, неподготвен, без доволно сознанија за значењето на КЛА во неговиот живот, се сретнува со информации кои во тој момент не може правилно да ги оцени и разбере. Затоа, кај некои апстиненти се јавува разочараност и нивниот интерес за посета на клубот уште на почетокот опаѓа. За надминување на овие проблеми, експертите по алкохологија препорачуваат, барем во првите неколку месеци од апстиненцијата, покрај на редовните состаноци, со новите апстиненти да се работи одвоено, за да се припремат за вистинско вклучување во работата на Клубот на лекувани алкохоличари и резултатите нема да изостанат.
саб 14 фев 2009
Posted by Cilin under
МУДРОСТИ No Comments
АЛКОХОЛИЗАМ
- Тие што немаат посебни способности, обично се фалат дека се големи пијаници. Шандор Петефи
-Лоша е таа куќа во која успехот се прославува со чаша, а тагата се растерува со флаша. Бугарска пог.
- Во водата е лесно да потоне, во виното уште полесно. Латинска пог.
- Секој крчмар го сака пијаницата, но не за свој зет. Еврејска пог.
- Навиката за конзумирање алкохол за човештвото е поголемо зло отколку војната, гладот и сите болести заедно. Дарвин
- Во раното утро подобро е да бидеш жена на крчмарот, отколку на гостинот. Д. Радовиќ
- Некои толку пијат за здравјето на другите, што на крајот го губат своето. Маџарска пог.
- Прво пиеме вино, потоа виното пие вино и на крај виното не пие нас. Еврејска пог.
- Причината за многу несреќи лежи на дното од винската чаша. Толстој
- Да се тврди дека алкохолот и користи на генијалноста, исто е како да тврдиме дека повеќе гледа оној, кој гледа двојно. Фоербах
- Мене не ми е потребно вино да би се одушевил. Русо
- Кој се расправа со пијан, навредува отсутен човек. Публиј Сир
- Од главата во која виното ќе влези, разумот ќе излези. Талмуд
- Погледот на пијаница е најдобрата поука за трезниот. Анахагора
- Пијанството не е ништо друго, туку доброволно лудило. Сенека
- Тагата не се потопува во вино - во него таа побрзо ќе науши да плива. Анте Дукиќ
- Повеќе луѓе има упропастено алкохолот, отколку меч. Латинска пог.
- Бог ја створи само водата, човекот го направи виното. Виктор Иго
- Тоа што е во срцето на трезниот, на јазикот е кај пијаниот. Латинска пог.
- Мудроста со виното се поматува, бидејќи виното и мудриот ќе го побудали. Лат. пог.
- Зошто оној што не се опива затоа што нагонски го мрази виното, оправдано го нарекуваме трезен? Уго Фосколо
- И тоа е едно од неповолните влијанија на виното - човек пиејќи почнува да ги заменува мислите со зборови. Самуел Џонсон
- Пијанството секогаш е грев, но може да биде и злочин. Паоло Мантегаца
- Кој на вересија пие, двапати се опива. Народна пог.
АГРЕСИЈА
- Агресијата насекаде во светот без сомнеж е во пораст: агресијата на родителите врз децата и на децата врз родителите; мажот према жената и жената према мажот, соседот против сосед и држави против држави - се до најопасната и по човекот и животот на земјата, можеби кобна агресија - човекот против природата. Др.Јеротиќ
- Агресивниот човек е и само агресиван. Уништувајќи ги другите, тој се уништува и себе си, а со тоа и изворот на агресија. Др.Јеротиќ
- Агресијата што е ужасна кога ќе ја направи поединец, не се казнува кога ќе ја направи мнозинството. Херберт Спенсер
АКТИВНОСТ
- Како ќе се запознаеш себе си? Со набљудување никогаш, туку со активна работа. Обиди се да ја извршуваш својата должност, па ќе дознаеш колку вредиш. Гете
-Секоја активност, уживањето го прави целосно. Аристотел
- Во размислувањето биди сличен на полжав, а во активностите на птица. Јапонска пог.
- Човек од акција, обземен со мисли, несреќен е додека од тие мисли не се ослободи.
- Ако упорно одиш, ќе стигнеш кај што си намислил. Бурманска пог.
- Еден дел од луѓето работат, но не мислат; а другиот дел мисли, но не работи. Фосколо
- Надвор од акција, ние сме надвор од општеството. Тин Ујевиќ
- Во тешки моменти, спас е ништо да не се презема, да се остави се како што е. Лат. пог.
АМБИЦИЈА
- Амбицијата, во стварност, е лакомост за моќ. Чарлс Колтон
- На луѓето кои не се надарени, а имаат претензии, ништо друго не им останува, осван да не ги признаваат вистинските таленти. Чехов
- Големата намера во почетокот изгледа како лудост. Гете
- Илјада опасности го демнат оној, кој сака нешто да постигни. Јапонска пог.
- Оној што многу им се восхитува на коњитњ и јавачите, ќе се качи, порано или покасно - на маска. Владимир Назор
- Човекот целиот живот го мачи гладот за признанија. Јан Парандовски
- Амбицијата многу луѓе ги натерала да бидат неискрени. Салустие
- Како поинаку да расти стеблото, отколкуи према сонцето. Петар Шегедин
- Кога автомобилот ќе ја помини брзината од 100 км/ч, тогаш повеќе не возиш - туку гаѓаш. Торстен Тагнер
- Ништо не ја поттикнува амбицијата како трубата што ја најавува туѓата слава. Грацијан
- Живееме со желба да се обогатиме или да стекнеме некое повисоко звање, но малку напор вложуваме за стекнување некое поголемо знаење. Горки
- Ако амбицијата и вредноста чекорат покрај вас, ќе станете некој. Сантајана
- Робот има само еден господар; амбициозниот човек толку, колку што можат да влијаат на неговиот успех. Ла Бриер
- Амбицијата доволно ги мачи своите следбеници, држејќи ги постојано на увид на јавноста, како улични споменици. Др.Фулер
- Човекот се пробива додека е млад, потоа внимава младите да не се пробијат. Канижај
- Можете да го убиете генералот на една војска, но не можете да ја убиете амбицијата во обичниот човек. Конфучие
- Болната амбиција раѓа отровни цветови. Сергеј Лукач
АФОРИЗАМ
- Мудрите изреки остануваат безвредни, додека не се применат во пракса. Гибран
- Најголемата слабост на афоризмот е во тоа што никој не мисли дека на него се однесува. “““
Повеќето составувачи на збирки стихови и изреки, наликуваат на луѓе кои јадат цреши - ги бираат прво најубавите, а на крајот ќе ги изедат сите. Никола Шамфор
- Медицината со апарат мери притисок. Државата отишла подалеку: државниот апарат може да го зголеми. В. Булатовиќ
-Никој не е против слободата воопшто. Човекот обично е против слободата на друг човек. В.Булатовиќ
- Колку повисоко леташ, толку изгледаш помал. Пајовиќ
- Во пустината, можни се сите правци. П.Ковачевиќ
- За живеење потребни се нерви. Тоа е работа како и секоја друга. Б.Црнчевиќ
- Не ни се оди во пензија, не заради работата, туку заради другото што на работа се работи. Радовиќ
БАКНЕЖ
- Звукот на бакнежот не е толку јак како звукот на топот, но неговиот екот многу подолго трае. Оливер Хилмс
- Бакнежот е химна на љубовта. Јозеф Махар
- Има работи кои можат да се кажат само при грлењето … бидејќи тоа што е најдлабоко и најчисто излегува од душата, можеби само на повик на бакнежите. Морис Метерлинк
- Првиот бакнеж му доаѓа како некоја мала матура, после која детето преоѓа во повисоките класови, каде се учи виша математика на љубовта, со сите познати и непознати. Б.Њушиќ
- Бакнежот е налик на солена вода. И,Колку повеќе пиеш, пијалакот се повеќе ти годи. Рудаки
саб 14 фев 2009
Меѓу доблестите со кои владарот ја стекнува наклоноста на народот, на прво место се несебичноста и правдата. Макијавели
На човек што прави непрекиден напор, треба да му се помогне. Гете
Помогни му на слабиот, да не би морал после и неговиот товар на себе да го земеш. Румунска пог.
Паметни, добри, талентирани млади луѓе, пред кои се отвораат бесконечни можности, доаѓаат во состојба да бидат заробени од алкохолот, несвесно се предаваат во рацете на ѓаволот кој ги мачи во својот пекол, пред воопшто да се порадуваат на животот, кои можеби никогаш нема да сфатат зошто се родиле, ниту зошто живеат. Во нивните пеколни страдања никакви теории не можат да им дадат одговор на овие, на прв поглед едноставни прашања. Во книгите во кои ги бараат овие одговори, тие наоѓаат многу интересни, умни нешта, но никаде не го наоѓаат одговорот на главното прашање: зошто луѓето од власта (која било власт досега) не го гледаат тоа што е толку очигледно, зошто не ги гледаат страдањата од луѓето кои се предизвикани од алкохолот, зошто не сакаат да помогнат да се ублажат последиците од ова најстрашно зло, што како темен облак се надвиснал и се заканува да ја угасни светлината на радоста и среќата во душата од луѓето, особено кај младите луѓе.
Државата и институциите во неа постојат за да го штитат народот од злото, значи, постојат за доброто на народот. Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари сакаме да веруваме дека тоа навистина е така, сакаме да веруваме и да се надеваме дека можеме да ги разбудиме институциите во нашата држава и дека тие ќе направат се за да ги направат посреќни своите граѓани, особено да ги заштитат и да им помогнат на младите луѓе, на кои таа помош им е најпотребна. Опасноста од алкохолното зло е најголема токму поради заташкувањето на проблемите со алкохолот од страна на власта, бидејќи со таквото однесување на власта кон алкохолот, тоа зло не само што не се намалува, туку се повеќе се зголемува. Се зголемува затоа што се оправдува и облекува во привлечни форми, се прикажува во сосема поинаква слика од вистинската. Но, ако проблемите со алкохолот се заташкуваат, не значи дека тие и не постојат, дека ги нема. Спротивно, колку повеќе се заташкуваат проблемите предизвикани од алкохолот, тие проблеми ги има се повеќе, а се повеќе ги има и оние кои се богатат на сметка на злото, оние кои придонесуваат алкохоличарите да дојдат во таква состојба.
Можеби некои луѓе од државниот апарат, што ќе ги слушнат или прочитаат овие мои размислувања, ќе заклучат дека моите ставови се резултат на мојата фантазија, на моето незнаење. На сите нив ќе им речам: Господа, јас незнам во чија власт е животот на келиите во човековиот организам, но добро знам дека животот на многу млади луѓе, кои можеби токму поради вашиот индолентен однос кон алкохолот завлегле или веќе се наоѓаат во пеколот, дека нивната иднина и судбината се во ваши раце. Им се обраќам на сите кои се наоѓаат на врвот од хиерархиската скала и сите кои во иднина ќе дојдат на таа скала - знам дека ви е тешко да сфатите што точно во овој момент од Вас се очекува и бара. Ако сакате вистински да помогнете, размрдајте ги институциите на власта, донесете добри - применливи закони со кои ќе се стави ред во производството, посебно да се стави ред во продажбата на алкохолот. Посебно внимание и помош посветете им на Клубовите на лекувани алкохоличари како единствени места за одржување на трајна апстиненција, како на места без кои не може да има успех во борбата со ова најстрашно зло за целото човештво. Значи добро, многу добро размислете пред да ја донесете одлуката: дали ќе го запалите светлото на надежта во срцата на нашата младина или ќе го угасите.
Моите размислувања, особено во денешно време, можеби за многумина се граничат со фантазија, но сепак, да ги слушнеме искуствата од Џек Лондон. Тој вели: “Кога разумни луѓе ќе ја раководат човековата заедница, прво ќе почнат да спроведуваат или барем ќе се обидат да спроведат затворање на крчмите. Неразумните низ илјада генерации не би ги затвориле крчмите… И тоа ќе оди лесно. Единствено ќе бидат погодени тешките и случајни пијаници на една генерација. Јас сум еден од нив и давам свечена изјава врз основа на долгогодишното другарување со алкохолот, дека нема многу силно да ме здоболи ако престанам да пијам, кога никој друг нема да пие и кога не ќе може да се купи алкохол. Од друга страна, младите луѓе по својата природа до толкава мера се неалкохоличари, та поради тоа што никогаш не вкусиле алкохол, нема ни да почувствуваат дека го нема. Тие ќе дознаат за крчмите единствено преку историјата, мислејќи за нив како за некој чуден стар обичај, сличен на борбата со бикови или запалување вештерки.”
Јас лично, а верувам и сите членови на Клубовите на лекувани алкохоличари и, сите луѓе кои имале или сеуште имаат какви било проблеми од алкохолот, изразуваат посебна почит и благодарност кон оваа Влада на Република Македонија, која собра храброст и донесе мудри одлуки со кои конечно и во нашата држава започнува вистинска битка со алкохолното зло. Донесувањето на “Предлог програмата за борба со алкохолизмот”, што од страна на Владата беше доставена пред повеќе години, а за која изгубивме надеж дека кога било ќе ја види светлината на денот, на 20.11.2007 год. конечно беше усвоена од страна на Владата. Се надеваме дека програмата ќе биде спроведена во целост, се надеваме дека Владата ќе помогне Клубовите на лекувани алкохоличари конечно да го добијат вистинскиот статус, што преку успесите што досега ги постигнале, неспорно докажале дека го заслужуваат.
Мислам дека кон Клубовите на лекувани алкохоличари е направена голема неправда и дека е крајно време таа да се исправи. Имено, во овој момент Клубовите на лекувани алкохоличари (од за нас несфатливи причини) се ставени во ист ранг со сите други здруженија на граѓани (пример гулабари, врапчари, рибари и слични). Се надевам дека успеав преку моите текстови, посебно преку моите книги, да ја прикажам благодатната, хуманитарната, корисната улога што ја имаат Клубовите на лекувани алкохоличари и дека Владата конечно ќе ги повлече вистинските потези - ќе почне вистински да ги помага постоечките, и ќе отвори Клубови на лекувани алкохоличари барем во поголемите населени места.
Долги години наназад, Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, не добива никакви средства и опстојуваме благодарејќи само на упорноста на нашите терапевти и помошта што ја пружаат постарите членови на клубот. Да напоменам дека неколку пати конкуриравме кај невладините организации, но понижувачки бевме одбиени. За 2008 год. поднесовме апликација со проект програма за помош до Владата, но и од таму сме одбиени. Сакаме да веруваме дека сме одбиени само затоа што нашите проекти ги правеа аматери, луѓе што не ги знаат начините за украсување на проектите, или народски кажано, луѓе кои не знаат да лажат, да направат добра програма од која сите што ќе ја разгледуваат ќе бидат презадоволни, а во стварност, освен неколкумина, од истата никој друг нема да има корист. Токму затоа мислиме дека Владата на Република Македонија треба да пронајди начин со кој ќе се надмине проблемот со финансирањето на Клубовите на лекувани алкохоличари. Сметам дека најдобро решение би било кога Министерството за Труд и Социјала или Министерството за Здравство, (земајќи ги во предвид хуманите активности) би ги прифатиле Клубовите на лекувани алкохоличари под своја капа.
Резултатите што и досега со своите активности ги постигнуваат Клубовите на лекувани алкохоличари, посебно резултатите што ги постигнува Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп се за секаква пофалба, но убеден сум дека со вистинската помош од Владата на Република Македонија, ќе бидат многу поголеми. Во теоријата на алкохолизмот прифатена е тезата дека е успех ако од десет, се излекува и само еден алкохоличар. Членовите на Клубовите од нашата држава не ја прифаќаат оваа теорија и со сите сили се трудиме да им помогнеме на сите алкохоличари кои ќе побараат помош од нас. За нас не постои целосно изгубен случај, не сакаме да прифатиме дека и оној, кој веќе стигнал до дното од алкохолниот пекол, не ќе може еден ден да биде корисно, морално човеково битие. Затоа, кон секој алкохоличар пристапуваме со посебно внимание, спремни сме да му ја поклониме нашата љубов и човекољубие, спремни сме и кај него да ги разбудиме оние подзаспани чувства на добрина, љубов и човекољубие, за и тој еден ден да им помага на другите луѓе. Се разбира, помошта што им е потребна на Клубовите на лекувани алкохоличари, не ќе бидат залудно потрошени средства. Ќе бидат строго наменски и многу корисно инвестирани во интерес на апстинентите, но и на заедницата во целина. Површна пресметка може да ги докаже нашите ставови: ако се пресметаат трошоците за болничко лекување и трошоците за боледување на алкохоличарите, што преку нашите активности драстично ги намалуваме, ако се земат во обзир штетите во сообраќајот, зголемувањето на криминалот, да не заборавиме на страшните загуби на човечки животи во сообраќајот, убиствата, а верувам, сите се согласуваме, дека нема цена што може да ја плати една детска солза - ако сето тоа се земе во обзир, тогаш сигурен сум дека активностите кои ги обавуваме се сосема оправдани и заслужуваат да бидат помогнати и да им се посвети вистинското внимание.
пет 13 фев 2009
Nulla pericula me deterrebont, guoninus amicis adsim -Никакви опасности не ќе ме одвратат, да не им помагам на пријателите. Латинска пог.
Donec eris sospes multos numerabilis, tempora si fuerint nubila, solus eris - Додека ќе бидеш среќен, ќе имаш многу пријатели, а ако настанат лоши времиња, ќе бидеш сам. Латинска пог.
Кога алкохоличарот, после сите жртви и напори конечно ќе излезе од алкохолниот пекол и ќе почне да живее нов живот, во неговиот и во животот на неговите најмили ќе се почувствува голема, позитивна промена. Во неговиот дом повторно ќе царуваат радоста и среќата, ќе се врати толку потребниот мир, што е најважно, членовите на семејството после долго заробеништво во алкохолниот пекол, повторно ќе ја почувствуваат слободата. Се разбира, за повторното враќање на овие најголеми благодети во животот на апстинентот и членовите на неговото семејство, најголема заслуга има Клубот на лекувани алкохоличари - терапевтите и новите, вистински пријатели во ликот на секој член на клубот.
Многу апстиненти, а во некои случаи и членовите на неговото семејство, веројатно поттикнати од нивната возгордеаност и егоизам, не можат или едноставно не сакаат да ја прифатат реалноста и да признаат, барем пред себе, дека тие самите не можеле да успеат во борбата со алкохолната болест. Спротивно, тие се убедени дека самите се заслужни за нивниот успех и, иако тоа не го покажуваат пред другите членови на клубот, цврсто се убедени во своите вредности. Почнуваат во својата глава да внесуваат мисла дека стигнале на многу повисок степен на развој, дека клубот нема ништо ново да им понуди и дека веќе нема потреба да го губат времето посетувајќи го клубот. Во почетокот дискретно, а потоа се поочигледно даваат до знаење дека почнуваат нов живот, од кој клубот делумно или целосно е исклучен и се поретко и поретко доаѓаат на состаноците во клубот. За своето однесување обично наоѓаат оправдување дека премногу се зафатени со други активности и дека немаат време за ништо друго. Ваквото однесување на апстинентите најчесто е поддржано и од членовите на неговото семејство.
Мудрецот рекол дека неблагодарноста е како оштрица од меч, кој понекогаш ја сече главата на својот ковач. Практиката покажува дека голем број од овие апстиненти, по кратко време, паѓаат уште на првото искушение и повторно му се враќаат на алкохолот.
За разлика од нив, поголем број од апстинентите се целосно свесни дека за нивниот успех во борбата со алкохолната болест, најзаслужни се терапевтите и членовите на клубот, бидејќи непрекинато добивале поддршка од нив. Апстинентот е свесен за сите околности кои ги вратиле неговите вредности, што е најважно, ја чувствува убавината на животот без алкохол, во својата душа ужива во среќата и радоста на неговите најмили. Веројатно поттикнат од чувството на должност, на добрината да врати со добрина, во неговата душа повторно заживуваат оние подзаборавени, заспани доблести, пред се чувството за чесност и благодарност. Чесноста од таквиот апстинент бара, откако самиот успеал да го победи алкохолот и да излезе од најстрашниот пекол, во границата на неговите можности, да им помага на новите апстиненти за да можат и тие полесно да го постигнат истиот успех. Апстинентот е свесен дека, помагајќи им на другите, индиректно си помага и себе си, за што повеќе да ја зацврсти својата волја за трајна апатиненција. Овие апстиненти остануваат во клубот долги години, најчесто до крајот на животот и ретко се случува некој од нив да направи рецидив.
вто 10 фев 2009
Кога ќе се угасни светлоста на твојот духовен живот, темна сенка на твоите телесни желби ќе падне на твојот пат. Чувај се од таа страшна сенка: светлоста на твојот дух не може да го уништи тој мрак, се додека од твојата душа не ги истераш желбите на телото. Браманска мудрост
Секој човек може да биде огледало во кое ги гледаме своите маани, недостатоци и сето зло што е во нас. Но, повеќето од нас притоа постапуваме како кучето кое лае во огледалото, бидејќи мисли дека во него не се гледа себе си, туку некое друго куче. Шопенхауер
Потсвеста е дел од човековиот ум, кој поседува неограничени можности до кои секој апстинент има пристап и може да ги насочи, за постигнување на што поголем успех во својата апстиненција од алкохолот. Потребно е да да ја искористиме потсвеста за да изградиме самодоверба во нашите вистински вредности, со тоа што ќе го извежбаме умот да ни биде од корист во нашето лекување, ќе ни даде сила и мотив да му го свртиме грбот на алкохолот, во моментите на криза или искушение.
Секое утро да застанеме пред огледало. Кога со искрени очи ќе погледнеме во човекот во огледалото, да сфатиме дека не е важно што другите велат за нас - ниту нашите мајка, татко, сестра, брат, сопруга, најмалку е важно што за нас велат нашите божемни пријатели - важно е што ни вели човекот во огледалото. Длабоко во душата да ја прифатиме пораката што човекот од огледалото ни ја испраќа, да ја сфатиме неговата тага заради нашата наивна, но во секој случај, огромна глупост. Да ја почувствуваме позитивната сила што зрачи од вистинското јас на човекот во огледалото, сила што ќе ни го врати мирот, среќата и радоста во нашето срце. Со радосни, позитивни мисли да го започнеме денот. Тивко, со сигурност во гласот да му се обратиме на човекот во огледалото: “Јас сум најдобриот апстинент и тоа ќе го докажам денес, утре и секогаш.” А нашите најблиски, кога ќе излегуваме од домот, нежно нека не испраќаат со зборовите: “Ти си најдобриот човек откако си апстинент и тоа денес ќе го докажеш.” Нежните зборови ќе го растопат и најзакоравеното срце, ќе ја зацвстат мислата дека покрај нас живеат луѓе кои искрено не сакаат, ќе ни ја вратат радоста и среќата, ќе помогнат да се наоружиме со позитивна енергија што цел ден ќе биде во нашите мисли. И, така и наредниот ден и сите денови, до крајот на животот.
Почитувани пријатели, знам дека многумина се плашат да фрлат поглед во огледалото, бидејќи се плашат дека ќе се соочат со самите себе, ќе се соочат со својата глупост и своето самозалажување на кое го градат целиот живот. Бидете храбри и извадете ја капата која ве топли, но која истовремено ви го покрива погледот и не ви дозволува да ја согледате правата вистина за последиците од алкохолното зло.
пон 9 фев 2009
Никогаш нема да ја поправи својата положба оној, кој го менува само местото, а не животот и навиките. Франциско Квеведо
Ако си успеал да одиш по вода, не си станал ништо повеќе од една сламка. Ако си успеал да леташ во воздухот, не си станал ништо повеќе од една птица. Но, ако си ги победил своите страсти, тогаш си станал некој. Ал Ансар
Не постои поразорна човечка навика од одолговлекувањето, одложувањето да се прекине со алкохолот утре, а не денес. Со алкохолот требало да се прекине многу одамна, во краен случај, никогаш и не требало ни да се започне со пиење алкохол. Во борбата со алкохолната болест ќе бидат успешни само оние, кои веднаш ќе тргнат во акција да се победи алкохолното зло.
Постојат два вида на активности во борбата со алкохолното зло: првата, која ја преземаме затоа што самите така сме одлучиле, и втората, која ја преземаме дури откако на тоа сме приморани. Кога апстинентот самиот ќе согледа дека има проблеми предизвикани од алкохолот и ќе побара помош, со таквиот чекор половина од работата во неговото лекување е завршена. Завршувањето на останатото е рутинска работа на терапевтите. Во вториот случај, кога бараме помош од стручни лица дури откако тоа мораме да го направиме, лекувањето е многу потешко, бидејќи обично станува збор за поголеми ментални или телесни оштетувања кај алкохоличарот.
Кога алкохоличарот ќе започне со своето лекување, тој и членовите на неговото семејство треба од своите мисли да го избришат зборот “невозможно”, бидејќи тоа е појдовна точка кон секој успех, особено кон постигнување успех во лекувањето на алкохолната болест. Можеме да постигнеме сигурен успех во борбата со алкохолната болест, само ако сме убедени во нашата способност дека тоа можеме да го постигнеме. Ако не сме сигурни во цврстината на нашата одлука да го победиме алкохолното зло, тогаш веднаш, во истиот момент треба да ја донесеме конечната одлука. Нашата одлука треба да ја внесеме во нашите мисли и да ја повторуваме повеќепати дневно, како еден вид молитва. Да запаметиме, ништо не се случува само од себе. Нештата не се случуваат така, како што ние посакуваме, само затоа што ние посакуваме така да се случат. Мора да вложиме труд работите да се случат и да се одвиваат така, како што ние посакуваме. Успехот во борбата со алкохолната болест ќе биде резултат на трудот што ќе го вложиме, на постојаните напори, на нашата спремност советите и правилата што ќе ни ги одреди терапевтот, да ги спроведеме во дело.
Почитувани пријатели, кои ќе го прочитате овој напис. Отворете “Како да се победи Кралот Алкохол” и од прва рака, од искажувањата на релевантни личности од областа на социологијата и алкохологијата, како што се др. Ферид Мухич, др.Павлина Васкова и г-ѓа Милка Темелкоска, ќе дознаете многу повеќе за оваа и другите теми.
саб 7 фев 2009
Слични со мене се околу мене; и јас сум сличен со нив. Идентификувајќи се со другите, мудриот човек не прави зло, ниту е причина за злото. Староиндиски запис
Во нашиот изопачен свет општите слабости и маани повеќе придонесуваат за меѓусебно зближување, од сите поуки на филозофите и теолозите. Халифакс
Откако ќе ги осознаеме нашите грешки и ќе донесеме цврста одлука за победа над алкохолното зло по секоја цена, треба да понудиме и свои идеи со кои ќе си помогнеме себе си и на другите. Ако јас и ти имаме по едно јаболко и ги размениме, ниту јас ниту ти ќе постигнеш нешто. Но, ако ја заменам идејата што јас ја имам за идејата што ја имаш ти, на крајот и двајцата ќе имаме двапати повеќе отколку на почетокот. Значи, тимската работа претставува начин за зголемување на нашето духовно богатсво, начин постојано да се зголемува нашата волја за успех во нашата борба со алкохолната болест. Да запомнеме, кога двајца или повеќе апстиненти си помагаат, кои соработуваат и меѓусебно се дополнуваат и поддржуваат, секогаш постигнуваат многу поголем успех, отколку апстинентот кој сам се бори со алкохолните кризи. Соработката помеѓу апстинентите е најнепогрешливиот клуч до постигнување на сигурен успех во лекувањето на алкохолната болест. Поединечно ништо или многу малку можеме да постигнеме, бидејќи секогаш ќе бидеме изложени на многуте опасности и замки, кои ѓаволот ги поставува насекаде околу нас.
Многу алкохоличари прават грешка, кога за укажувањата од терапевтот и поискусните членови на клубот сметаат, како некој да им поставува домашна задача. Треба што побрзо да се ослободоиме од тој погрешен впечаток и со радост да ги прифаќаме поставените задачи. Единствена оценка која за нашата апстиненција ќе ја добиеме, ќе биде успехот или неуспехот во нашето лекување. За разлика од оценките кои ги добиваме на училиште, оценката добиена за нашето успешно лекување секојдневно треба да ја потврдуваме со нови, практични чекори, кои треба да бидат во склад со новите сознанија, стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари. Треба да решиме сега и овде, правилата да ни станат средство за постигнување на посакуваните цели и успехот нема да изостане. Треба потполно да се внесеме во правилата за излез од алкохолниот пекол и да ги применуваме во секојдневните активности. Кога разумно ќе размислуваме за својот живот, ќе го пронајдеме тоа со што треба да се соочиме на патот кон успехот. Значи, треба да соработуваме и да се консултираме со терапевтите или со некој од поискусните апстиненти. Од извонредно значење е правилата за секојдневно однесување, што ние самите ќе ги определиме за нас, да ги разгледуваме и со нашиот брачен другар, отворено да разговараме за нашите размислувања и забелешки. Впрочем, вклучувањето и поддршката на брачниот другар во лекувањето на алкохолната болест, е најважниот дел од семејната терапија.
Ќе ја добиете вашата битка со алкохолната болест, бидејќи вашите терапевти - вашите Ангели, се чувари на вашата среќа и успешно ќе ве предводат во таа борба. Тие на себе ќе ја преземат сета ваша болка, сите ваши страдања. Нивната стратегија е посилна од сите лукавства на ѓаволот, нивната љубов и човекољубие ја докажуваат христијанската доктрина за победа над злото: “Бог со својата љубов и добрина ќе го победи злото.”
пет 6 фев 2009
Говорат: треба да се спасува душата. Да се спасува може само тоа што може да пропадне. Душата не може да пропадне затоа што таа единствено постои. Не е потребно да се спасува душата, туку треба да ја прочистиме од тоа што ја помрачува, што ја погани. Душата треба да се просветли, за да може Бог се повеќе да проаѓа низ неа. Толстој
За алкохоличарот да успее во неговата борба со алкохолната болест, покрај универзалните правила кои важат за сите алкохоличари, треба да донесе и некои негови правила кои ќе мисли дека ќе му помогнат да успее да го победи алкохолот.
Особина на речиси секој алкохоличар е во почетокот, за да го оправда своето однесување, да се залажува себе си, а потоа ги лаже сите околу него. Таа состојба што побрзо треба да се надмине. Секој човек има некоја тајна што ја носи длабоко во срцето, за која никогаш во животот не зборувал. Одамна поминати работи, срамота, авантури, болка во срцето или рана во душата. Многу доблесно е, ако си погрешил, особено ако во пијана состојба таа грешка била бесрамна и им нанела болка на луѓето околу тебе, да признаеш отворено иако тоа никој од тебе не го бара. Тоа е најлесниот пат да се ослободите од грижата на совеста. На тој начин ќе го победите гревот и ќе бидете чисти и проѕирни, бидејќи ќе станете прозорец низ кој морате да го гледате светот.
Алкохоличарот треба искрено да го отвори срцето пред терапевтот, треба да побара помош за се што мисли дека го измачува. Има безброј мотиви (ретко или речиси никогаш реални и оправдани) кои човекот го наведуваат да посегне по чашата со алкохол и кои го носат во алкохолниот пекол. Кога ќе ги осознаат мотивите кои алкохоличарот ги измислува за да ја оправда својата глупост и кои го туркаат во пеколот, искуството и доблестите од терапевтите, посебно нивната спремност да му помогнат на секого и во секое време, се единствениот спас од неподносливата состојба која постојано го измачува алкохоличарот, а во која стигнал исклучиво по своја вина.
Терапевтите се многу искусни. Иако тоа вие нема да го забележите, тие веднаш ќе знаат дали ја кажувате вистината или не. Не заборавајте - каде што има искреност, има можност за сочувство и помош. Побарајте помош и ќе ја добиете. Немојте да се плашите дека ќе станете заробеник на вашата тајна. За вашата тајна покрај вас, знае и Бог, а ОН радосно ќе стои покрај вас во моментите на простувањето, било кон самиот себе, било на другите кон вас. Впрочем, на простувањето се темели и опстанокот на целото човештво.
Next Page »