Со своите пријатели правам исто како и со своите книги. Би сакал да бидат таму каде ќе можам да ги најдам, но ретко со нив се користам. Ралф Емерсон
Како што ластовицата во лето долетува, а во зимо одлетува, така и неверниот пријател во среќата е на услуга, а штом среќата ќе се промени, тој го остава пријателот. Цицерон
Човекот е социјално битие, создадено да живее во заедница со другите луѓе, за да може да опстои. Старите велат дека судбината на човекот му ги одредува роднините, а пријателите ги избира сам. Како што единствена вистинска награда за направеното добро дело е самото дело, така и единствен начин човек да има пријател е и самиот да биде пријател. Тоа значи дека секој човек треба да ги прифати сите слабости на луѓето со кои комуницира, слабостите од другите да не му сметаат, да биде многу толерантен и спремен на пријателот да му се најде во неволја во секое време.
Има многу случаи, кога човекот не е во можност самиот да ги избира луѓето со кои ќе соработува и комуницира. Таков е случајот со членовите на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп. Од самиот почеток на своето постоење, во далечната 1978 година, Клубот е доброволна, достапна и отворена организација за секој човек кој има какви било проблеми предизвикани од алкохолот, но го посетуваат и луѓе кои за среќа немаат проблеми со пиењето алкохол, туку, од чисто човекољубие, доаѓаат за да им помогнат на другите. Зборот пријателство во нашиот Клуб не е само обична фраза, лесно прифатена формалност. Пријателството помеѓу апстинентите се темели на основните човекови доблести – взаемното почитување, добрината, вистината, љубовта и човекољубието, искреноста и спремноста еден на друг да си помагаат во заедничкото одење кон посреќна и посветла иднина.
Се поставува сосема логично прашање: како е можно во една заедница, во која членуваат различни луѓе, кои во поголемиот број случаи воопшто не се познаваат помеѓу себе, луѓе кои позади себе имаат страшно минато бидејќи долги години биле заробени од ѓаволот и живееле во алкохолниот пекол, луѓе кои биле многу лоши и им нанеле големи неправди и несреќи на своите најмили, како е можно токму такви луѓе да изградат така добро пријателство помеѓу себе, достојно за почит и восхит? Која е таа сила што така цврсто ги држи темелите на Клубот на лекувани алкохоличари?
Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп е како каменит свод, чии камења се поврзани, но тој веднаш ќе се сруши ако над него деноноќно не бдеат нашите терапевти. Тие се единствени учители, достојни на тоа име, бидејќи кај апстинентите го разбудуваат духот на слободното мислење и развиват чувство на лична одговорност. Тие не учат, за да се чувствуваме посигурни, похрабри и помирни, дека треба да посакуваме малку од животот, а да се надеваме на уште помалку, не учат дека не мораме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобри колку што можеме. Тие знаат да ја препознаат демонската сила на незнаењето, уште повеќе, да ја препознаат демонската сила на погрешното знаење, а со тоа да ја уништат и таа лоша причина за многу лични и семејни трагедии. Нашите терапевти на апстинентите им пружаат посебна помош и внимание во нивното искачување кон врвот на вистината, кон здогледување на нови, поголеми предели од животот, кои треба да ги истражуваат.
Поголемиот дел од луѓето својата среќа во животот ја наоѓаат во стекнувањето на богатство, во уживањето во предметите на техниката и технологијата од развојот на цивилизацијата. Во светот има многу експерти кои придонесуваат за развојот и унапредувањето на науката и техниката, но само терапевтите во Клубот на лекувани алкохоличари правилно ја разбрале и во пракса го применуваат напредокот на цивилизацијата, на која, на крајот на краиштата, не би требало да и биде цел само напредокот на науката и машините, туку напредокот и издигнувањето на човекот.
Нашите терапевти постојано не учат дека вистинска среќа и огромно богатство за секој човек е да стекне барем еден вистински пријател, дека нема други богатства повредни од тоа. Тоа го потврдува и мудроста на почитуваниот професор др.Ферид Мухиќ:“Таму, каде човекот е број еден, парите се број два; таму, каде парите се број еден, човекот е број - нула.”







