Секој човек има некоја тајна за која никогаш во животот не зборувал. Одамна поминати работи, срамота, авантури, бол во срцето или рана во душата. Би била интересна лекција кога би, макар во смртниот час, некој искрено да ги раскаже тајните што за животот ги премолчил.     Џула Креди

Бев изненаден од тоа што го слушнав. Знаев дека морам да бидам внимателен со зборовите, бидејќи само мала грешка можеше уште повеќе да ја искомплицира и така лошата состојба и да ги влоши работите. Сепак, одлучив храбро да се спротивставам на неговите размислувања. Ја кренав наведнатата глава и гледајќи го право во очите реков:

- На самиот почеток да ти кажам дека овој разговор воопшто не ми е по волја. Веројатно забележа дека сум подготвен да слушам се што ќе кажеш, но се надевам дека доволно ме почитуваш и дека нема да кажеш нешто, од што во иднина ќе се срамиш или нешто што нема да биде пријатно за моите уши. Веднаш забележав дека си изградил одлична одбрамбена стратегија за твоите глупости. И самиот знаеш дека мене не можеш да ме излажеш, дека немаш валидно објаснување за твоето однесување, особено што и самиот гледаш дека никој околу тебе тоа не го оправдува. Види, и самиот рече дека немаш потреба од моите совети и од мојата помош, дека се знаеш и дека на сите во Клубот можеш да ни држиш лекција за алкохолот. Како вистински, искрен пријател, морам да ти укажам дека многу грешиш, дека токму тебе и во овој момент ти е најпотребна мојата и помошта на другите членови на Клубот. Што се однесува до држењето лекции, убеден сум дека и за тоа не си во право, бидејќи ти во овој момент со твоите совети не можеш да си помогнеш себе си, уште помалку можеш да им помогнеш и да им држиш лекции на другите. И јас порано се знаев, ама за разлика од денес, кога по твое ништо незнам, тогаш, како и ти сега, се труев со алкохол. Со еден збор, ќе почнам да оформувам многу лошо мислење за твојот карактер, уште повеќе за твојата памет, кога гледам како во овие одлучни моменти лесноумно се поигруваш со твојата судбина. Го ставаш својот и животот на твоите најмили на лотарија, каде на милион среќки не паѓа ниту една добивка, правиш животот да ти биде како смрт, како скок во темна дупка. Незнам што ти се мота низ главата и дали навистина имаш некои проблеми, но и да ги имаш, нема да ги решиш на овој начин. Мора да почнеш да го правиш тоа што го прават и другите членови на Клубот и да се задоволиш со тоа што е и какво што е, макар што тоа нема да биде така, како што ти посакуваш.

Направив кратка пауза, а потоа продолжив налутено. - А твоите убедувања и заклетви? Зарем се откажуваш од своите убедувања за да им угодиш и да не го предизвикаш бесот кај некои членови на твојата фамилија? Членовите на Клубот, посебно нашиот терашевт, постојано на тоа скренувавме внимание, а ти изгледа дека сите овие години лесно преминуваше преку тие совети, од високо зборуваше дека тоа се неважни ситници, дека рецидив тебе не може да ти се случи, а сега наеднаш до каде стигна? Дали тоа е твојата верност кон Клубот, дали твојата чест го дозволува ова, дали ова е плод на твоите ветувања? Не можам да сфатам како можеле да те наговорат на таков чекор, така лесно да го напуштиш Клубот. Зарем заборави каква почит и внимание ти даруваа луѓето кои сега ги напушташ за да им угодиш на оние, кои можеби поради нивната суета те туркаат во пропаст. Тие ти внеле во главата некоја пеколна мисла која ти го поматува умот и затоа се сомневаш во нашите напори, се сомневаш дека спасот единствено ќе го најдеш во Клубот на лекувани алкохоличари. Си поигруваш со чувствата на луѓето од клубот, кои докажаа дека врските кои ги поврзуваат со тебе се доволно цврсти, за да можат тукутака да се раскинат. Ние и покрај се секогаш ќе те почитуваме и сакаме како да си наш …

- Знам, како да сум ваш најголем пријател, извика налутено. Често се потсетувам на долгите разговори кои ги водевме во клубот, на многуте часови во кои многу се трудевме да се увериме во вредностите на клубот, како сето тоа ќе го промени нашиот живот на подобро, дека Клубот ни е потребен, но дека и ние многу сме му потребни на Клубот и т.н. Но сепак, во првиот момент кога требаше да ги докажете вашите зборови на дело, вие не бевте покрај мене.