Да ги увериме паметните луѓе дека сме нешто што вистински не сме - тоа често е потешко отколку да станеме тоа, за што би сакале да не сметаат.     Георг Лихтенберг

Научникот привлекува со знаење, богатиот со богатството, убавецот со убавината, способниот со својата способност. Секој од нив привлекува одреден број лица. Единствено љубовта, без исклучок ги привлекува сите човекови суштества. Отец Калистрат

Веќе на наредниот состанок во Клубот на лекувани алкохоличари, др.Жане ни приреди пријатно изненадување. Рече дека нашите напори не беа залудни.

-Имам посебна вест за сите вас. Вчера околу пладне во болницата, дојде вашиот колега кој го посетивме пред неколку денови. Рече дека ги согледал своите грешки и цврсто е решен повторно да започне со апстиненција. Сите многу ве поздравува и вети дека за брзо ќе го посети Клубот. Забележав дека е исполнет со силно чувство на срам и грижа на совеста и затоа не инсистирав денес да дојде во клубот.

Навистина бевме пријатно изненадени. Најтешкиот дел од работата беше завршена. Ова беше едно од многуте искуства, што преку секојдневната комуникација помеѓу апстинентите постојано ги доживуваме, искуство кое не научи дека навремената интервенција во случај на рецидив, дава најдобри резултати.

По излегувањето од болница, на првиот состанок во Клубот, нашиот колега дојде заедно со својата сопруга. Не кревајќи го погледот, промрмори нешто, слично на добар ден, и тромо седна во ќошот од салата. Не можеше да ја сокрие болката на неговото лице. Беше тоа многу пријатно изненадување и сите многу се израдувавме на неговото присуство. Верувам дека уште повеќе не изненади кога зеде збор и нажалено праша:

- Какво тоа мислење имате за мене и моето достоинство, штом сметате дека јас би можел, макар и да помислам, целосно да го напуштам Клубот. Ве уверувам дека тоа не може да биде. Кога се најдов над таква бездна, помеѓу пропаста на една и неизвесноста на друга страна, бев убеден дека дефинитивно сум изгубен и затоа за момент, потсвесно, се посомневав во вредностите на Клубот. Но, дури и кога би знаел дека повеќе не ме сакате и дека ќе се разделиме засекогаш, од што за мене пострашна би била само смртта, никогаш на памет не би ми дошла таква идеја и затоа ве молам, ако кај вас сеуште има останато барем малку почитување и љубов кон мене, подобро за тоа да не ми зборувате - ќе ми биде помило добро да ме истепате. Искрено жалам за тоа што се случи со мене и затоа мислам дека најдобро е се да заборавиме, уште подобро, засекогаш да го закопаме сеќавањето на тоа.

Веројатно ја забележа пријатната збунетост кај сите присутни што ја предизвика неговиот говор, забележа дека очекуваме да даде додатни објаснувања. Продолжи со тивок глас, но не можеше да ги сокрие солзите.

- Се враќам во Клубот, таму каде ја најдов својата среќа. Моите блиски роднини и пријатели ги гледаат работите такви какви што тие сакаат да ги видат, а не такви какви што навистина се и затоа имав голем притисок од нив. Не знаев како да им се спротивставам. Креваа голема врева говорејќи дека сум многу паметен и интелигентен, дека нема што да научам во клубот и дека моето место не е таму, така што мене јадниот, возгордеаноста ми удри во главата. Бев возгордеан како и многу други луѓе, добро знаев дека ме сметаат за исклучително паметен и надарен, па за себе и самиот почнав полека да оформувам такво мислење, какво што за мене имаа другите луѓе, а особено ми беше пријатно кога зборуваа за тоа и кога ме фалеа и имаше многу такви моменти во кои вистински уживав. Никогаш некое бедно, возгордеано човеково битие не било заслепено од сето тоа што околу него се случува, како што бев заслепен јас. Ниту во еден момент не размислував за тоа што ме чека, ниту помислував дека сум толку блиску до пропаста и дека несреќата веќе е дојдена пред мојата врата. Сепак, сакам да бидам целосно искрен и да признаам: има вистина дека таа пропаст во тој момент повеќе како да ја посакував, отколку што настојував да ја избегнам. Се трудев луѓето да ме сметаат за нешто повеќе отколку што вистински бев и тоа беше моето најголемо залажување. Во почетокот имаше многу моменти кога го кревав погледот кон небото и се прашував: зошто Господе, зошто да не можам да живеам лагоден живот, како што живеат моите роднини и пријатели.

После посетата на мојот пријател, наредниот ден ме посети патронажната група. По укажувањата од моите пријатели, посебно по укажувањата на нашиот терапевт др.Жане, како да се разбудив од длабок сон. Дотогаш беа бесполезни советите што ги слушав од моите родители и сопругата, бидејќи чувствував дека тоа е само обично попување. На мене вистински делуваше огромниот авторитет на нашиот терапевт, бидејќи оној што е склон кон грешен живот, повеќе се поведува по тоа што воспитувачите од срце го прават, отколку по тоа, за што лажните филозофи расправаат. Многу долго и многу сликовито, со многу примери од долгогодишната пракса, ми ја опиша состојбата во која се наоѓам. Рече дека се надевала дека до крајот на животот ќе бидам под влијание на добрите поуки и совети што ги слушав во Клубот, дека никогаш нема да ги заборавам поранешните неволји предизвикани од алкохолот, дека нема да дојдам во состојба, во која ќе ми биде потребно нешто повеќе од Божјата милост за да не станам поголем грешник, отколку што бев порано. Не сум способен да ги повторам прекрасните зборови од овоа извонредна личност - единствено што можам да речам е дека др.Жане повторно влеа живот во мојата душа и ме доведе во состојба, каква што за целиот свој живот на познавав. Сето тоа го искажа со така силни зборови, со какви јас не можам да се изразувам и тоа го поткрепи со така уверливи докази, што јас не можам ни да ги повторам. Со тоа не само што ме натера да ја слушам долго време, туку многу вешто ги побиваше сите мои примедби, а своите зборови ги поткрепуваше со сите можни докази што човековиот ум може да ги измисли. Можам да речам дека успеа да го скрши мојот отпор, побивајќи ги со докази сите мои мотиви и причини за да го напуштам Клубот и конечно почнав да сфаќам, колкава е опасноста што ми се заканува, а на која пред овој разговор, воопшто не помислував. Посетата на патронажната група во мојата душа остави силен впечаток, а заради добрината што ја почувствував во тој момент, одвратноста кон моите гревови беше појака, отколку кога било дотогаш. Бев засрамен и солзи ми доаѓаа во очите, но истовремено почувствував прикриена, прекрасна радост во надежта дека сеуште имам шанса да станам вистински покајник, дека ќе ми биде простено, дека ќе го оставам алкохолот засекогаш и ќе се вратам во нормалниот живот. Морам повторно да напоменам дека, не само во таа прилика, туку и во многу други моменти, кога ќе се појавеше напливот на благодарност во мојата душа, мојот поранешен живот ми изгледаше нестварен и никогаш толку не ми се гадело и никогаш не сум чувствувал таква грижа на совеста, како во моментите кога ќе се потсетев: каква добрина, преку моите пријатели од Клубот , посебно од нашиот терапевт др.Жане, ми подари Божјото Провидение и бев спремен на таа добрина никогаш повеќе да не возвратам со враќање во злото, во алкохолниот пекол. Ги примам како дар среќата и радоста, совеста и разумот, како нешто најскапо што кога било некој ми подарил, но исто така го примам овој дар како долг, кој ќе го отплаќам додека сум жив.