Кога грешниците ќе ја признаат својата грешка, не очекуваат казна, туку опростување. Мом Сомерсет
Гревот во твојата душа во почетокот е туѓинац, потоа гостин, а кога ќе се навикнеш на него, станува домаќин. Толстој
Секој може да погреши, но паметниот ја поправа својата грешка, додека будалиот упорно држи до неа. Цицерон
Направи кратка пауза за да земе здив и продолжи:
- Мислам дека ќе биде интересен и корисен како поука да го раскажам начинот, на кој лукавиот ме улови во својата мрежа. Сигурен сум во тоа дека, кога тој ден излегов од дома, немав никаков план, немав никаква намера, ниту помослував на алкохол. Одненадеж некоја чудна, страшна мисла ми дојде во главата: барај и напиј се алкохол. Таква страшна мисла во главата можел да ми влее единствено самиот ѓавол од пеколот. Не можам да речам дали во тие моменти мојата волја, да се спротивстави на искушението, во мене беше изгубена. Едноставно, силата што ме влечеше кон дното беше многу посилна од сите мои морални правила, беше посилна од моите искрени желби да останам доследен борец против ова најголемо зло. Беше тоа сила слична на поранешната желба за апстиненција, само во обратна смисла. Мислата за пиење ми дојде исто така природно, како што порано ми доаѓаа мисли за подобар живот. Таа мисла беше толку соблазна, што бев принуден да го употребам сето свое знаење стекнато во Клубот на лекувани алкохоличари, за барем да го успорам извршувањето на лошите намери. Не сакав да брзам во извршувањето на овие ѓаволски мисли, затоа што сакав да ја употребам целата своја сила и знаење, за од себе некако да ја отфрлам. Ако и не успеам во тоа, намерата секогаш ќе можам да ја спроведам.
Повеќе од еден час се борев со таа страшна мисла. Бев убеден дека, само ако во мислите го имам Клубот, од тоа ѓаволот ќе се исплаши како вампир од крст, ќе избега и ќе ме остави мирно да продолжам со мојата апстиненција. Но, таа страшна мисла беше многу посилна од сите мои морални правила, од сите совети и поуки кои ги добив во Клубот. Лукавиот ми стави змија во пазувите која непрекинато ме заведуваше, говорејќи ми каков раскош и убавина ме очекува, така што не е чудно што мојата внимателност попушти. Не можам да кажам како сатаната ме внесе во кафеаната, местото каде ја фрли својата мамка. Тоа место во тој момент ми наликуваше на вистински рај, а бидејќи ѓаволот ме фати на својата јадица, и самиот се најде таму да ме охрабрува и како сега да му го слушам гласот: “Брзо земи ја чашата, сега е моментот за одлука.” Уште не го дорече тоа, без размислување почнав да пијам. Со еден збор, бев толку збунет и изгубен, така што не знаев што правам. Не се сеќавам колку испив, како сум се вратил дома, што сум говорел и што сум правел таа вечер. Таа ноќ спиев многу малку, а изутрината ме мачеше ужасната мисла од тоа што го направив. Грижата на совеста ме мачеше кратко време, но потоа гласот на совеста се стивна, а моето срце се повеќе стврднуваше. Потполно попуштив пред напливот на гревот и никаква грижа на совеста повеќе не ме мачеше, ниту пак помислував на каење. Сите моии мисли беа некако концентрирани да ги задоволам своите страсти уште овој ден, само уште овој ден, а утре ќе престанам со тие глупости. Но, во такво мизерно расположение секогаш имаше утре, секој ден бев се поодлучен да истраам во злото, пронаоѓав нови поводи да истраам во гревот. Секој може да забележи, дека еднаш направениот грев, поттикнати од пеколните страсти, секогаш го повторуваме, бидејќи секое жалење и каење го снемува штом лажните ѓаволски сласти ќе не заробат. Да пружев отпор и да не се состанев со ѓаволот наредниот ден, грешната желба што беше во мене ќе се изгубеше и јас повеќе немаше да грешам и ќе се вратев во нормалниот живот.
После тоа доживеав многу авантури за кратко време. Но, и денес се чудам како тогаш се однесував кон алкохолот, како да сум почетник во тој одвратен занет. Се однесував толку неразумно, така што од сите патишта, секогаш го избирав најлошиот. Мојата освест воопшто не се спротивставуваше и затоа не правев ништо поинаку, од тоа што лукавиот ми го внесуваше во главата, а тој навистина беше многу дарежлив со своите совети. Толку ме заслепи што неколку пати, во пијана состојба, почнав да се коцкам, така што изгубив многу пари, што од друга страна, беше додатно оптеретување на мојата совест, се разбира, беше оптеретување и на семејниот буџет. Ништо не е така глупаво, така жално, како човек на кого алкохолот и слатките страсти заедно, ќе му удрат во главата – тој во истиот момент е во власт на два ѓавола и не владее со својот разум. Во тоа друштво јас чувствував дека чекорам по поранешниот, вообичаен колосек и не сакајќи му се препуштав на непромислениот и неморален тон, што царуваше во тој круг на луѓе. Да имав среќа, да речам, да се стретнав со некој од коплегите од Клубот, кој со своите совети ќе ме разбудеше, убеден сум дека ќе престанев да се мешам со така опако друштво, во какво што западнав. Но, упорниот ѓавол, кој сакаше и понатаму да му служам, непрекинато ме охрабруваше терајќи ме повторно да излезам од дома, за како божем да се прошетам, цврсто ме држеше и како слепец ме носеше право во кафеаната, во куќата на злото – во таа најголема срамота, сред пеколните викотници, кавги, простотилук, сред тие напатени, пијани луѓе – со сето тоа ова место беше слика на пеколот, некој вид негово преддворје. Беше тоа необичен доказ колку луѓето во денешно време ги прифаќаат расипаноста на светот во кој живееме, беше доказ со колку голема леснотија влегуваат во гревот. И покрај тоа што и самиот во тој момент бев многу грешен и расипан, сепак таквото однесување почна да ги навредува моите морални чувства. Понекогаш, кога ќе ми надојдеа покајнички мисли, се чудев што дури ни големите страдања кои ги доживеав во минатото не ми го дотераа умот, што ни во такави состојби не извлекував никакви поуки.
Почна да ме измачува тоа што долг период го оставив алкохолот и, како што мислев, веќе се имам покајано за гревовите од своето минато и живеев разумно, сериозно и повлечено, но ете сега моето тело и душа повторно западнаа во пропаст. Се чувствував изгубено и не знаејќи што да правам, неколкупати паднав на колена молејќи го Бога, најпонизно колку што можев, да ме спаси, но не би можел да кажам дека во тие мои молитви имаше каква било вера или надеж. Почнав да се плашам од се околу мене, а со мојата душа завладеа мрак. Мислев дека сеуште ги немам окајано грешките од минатото, па затоа Бог ме казнува на овој свет и како што се страшни моите гревови, дека таква судбина ме чека и во иднина.
Често искрено се каев за својот грешен живот, но тоа каење не ми донесе утеха ни мир, не, ни најмалку, бидејќи ѓаволот секогаш успеваше да ми го прикаже пеколот како најубав рај, кој како да е создаден специјално за мене. Се сеќавам како еден ден, после бурно поминатата ноќ, сепак бев порасположен од обично, почнав да размислувам како да се оттргнам од алкохолнмото зло. Сигурно таква мисла во главата ми внесе некој добар дух. Без сомнеж, беше тоа среќен момент и дај Боже да го послушав тој благословен совет, без оглед од кого беше пратен, бидејќи тогаш сеуште имав шанса да живеам мирен живот. Признавам дека во тие моменти вистински се каев, но исто така, не знаев како своето зло да го поправам. Како да не жалев што за толку кратко време направив толку гревови и што со тоа ги унесреќував сите околу мене, туку што заради тоа треба да бидам казнет. Не се каев за тоа што грешев, туку затоа што кога тогаш, требаше да страдам заради своите грешки и мачен од тие мисли, во своето каење не наоѓав никаква утеха, па дури ни надеж дека воопшто ќе можам да ги окајам своите грешки. Го напоменувам ова бидејќи мислам дека е добро секој човек да види како со текот на времето, под влијание на лошото друштво на крајот ќе се навикни на алкохолот и кафеаните, кои во почетокот ќе го исполнуваат со одвратност, но потоа ќе стане радосен и среќен во својата несреќа, каков што бил пред да завлезе во алкохолниот пекол. Грижата на совеста за кратко време ја снемуваше и јас брзо го заборавав тоа што ја предизвикуваше. Немирниот ѓавол кој така неуморно ме туркаше во злото и пропаста, премногу цврсто ме држеше во своите канџи, за да ме пушти лесно да се извлечам. Како што лесноумноста ме фрли во калта, така сега лакомоста и глупоста ме држеа во неа, се додека не беше прекасно сам да можам да се извлечам од неа. Причините кои разумот ги наведуваше, уверувајќи ме дека треба да се оттргнам од злото, глупоста и заслепеноста ги побиваа со зборовите: “Само ти продолжи така и ќе заслужиш најубав рај.” И така, кога се најдов во канџите на ѓаволот, цврсто останав во нив како маѓепсан и немав сили да излезам од волшебниот круг, се загубив во лавиринтот на злото, кој беше премногу испреплетен за воопшто да можам да го најдам излезот. Често искрено го проколнував гревот воопшто и оние посебни околности во кои и самиот грешев – алкохолот кој ми ги разбуди лошите страсти и ѓаволот, кој што пронајде начин повторно да ме вовлече во гревот. Преокупиран со такви мисли од сето тоа извлекував морална поука и неколку денови не пиев, но штом покајничките мисли ќе ме напуштеа, грешните мисли повторно ќе надојдеа како река и јас пак бев спремен да продолжам со мојата глупост – да се дружам со алкохолот.







