О, човечки роде! Зошто толку ја избегнуваш вистината и зошто секогаш сакаш да се лажеш самиот себе или дозволуваш да бидеш излажан. Секени
Нема поголема радост, од кога на луѓето им се простува злото и на злото им се враќа со добро. И, нема поголема од таа радост за оној, кој тоа го прави. Толстој
Има уште нешто што морам да го напоменам. Во целиот овој најгрешен период од мојот живот, во моите мисли речиси никогаш не се јави мисла и желба да побарам совет и помош од терапевтите и членовите на Клубот на лекувани алкохоличари. Како да се угаси светлината во мојот разум, таму каде ја чував мислата за силата на спасот. Ви благодарам што ми помогнавте да го победам злото, што ми помогнавте да почнам нов живот. Почнувам повторно во мојата фантазија да го обликувам мојот живот по вашите упатства, без капка алкохол. Кога денес во моите мисли ќе дојдат моите роднини, кои ме наговараа да го напуштам Клубот, си го поставувам прашањето: “Зошто Господе, зошто моите роднини и пријатели и сите други да не бидат како мене.”
Некои луѓе имаат мотив за борба со алкохолот само во одредени моменти, некои во таква состојба се неколку денови, една недела, па и по еден месец. Тоа е добро, но јас сакам мојата мотивација и волја за борба со алкохолната болест да ја одржувам трајно, искрено и безрезервно, така што денешниот успех да можам да го повторам и утре, наредната недела, наредниот месец и така до крајот на животот. Се надевам дека вистинската мотивираност, искреноста и активноста во Клубот на лекувани алкохоличари и извршувањето на задачите, што нашиот терапевт ќе ми ги даде, на мене ќе делуваат на волшебен начин, кој дури не ќе биде неопходно ни да го разберам – доволно ќе ми биде сознанието дека тоа ќе му даде нова, поубава смисла на мојот живот.
Ја прегрна и бакна својата сопруга и продолжи. – Денес конечно го истерав животното од мојот живот. Од денес ќе одам исправено меѓу луѓето, бидејќи од денес сум нов човек, со нов живот. Свечено се колнам дека ништо не ќе може да ме спречи во градењето на мојот нов живот, да ја градам својата иднина до крајот на мојот живот, без капка алкохол. Нема да пропуштам ниту една можност за да ги поправам грешките, ниту еден миг за да ги направам посреќни моите најмили. Убеден сум дека во иднина ќе направам се да биде добро, благодарејќи на тоа што повторно ја открив волшебната моќ, која во еден несреќен период од мојот живот ми недостигаше – дека достоинството е повредно и од животот. Би дал се во буквалана смисла на зборот, моите роднини и пријатели да се сега овде, да можат да не видат прегрнати и среќни, да видат како вистината и љубовта од моите најмили, со помошта од вака искрени пријатели, сигурно ќе го победат алкохолното зло, да видат дека сигурно ќе победам во оваа најтешка битка во мојот живот. Повторно ми се врати довербата во посветла иднина, ми се врати довербата во самиот себе. Тоа ми помогна повеќе да не се измачувам со своите сомнежи, конечно и засекогаш ја затворив вратата на своето срце пред носот на животното што живееше во мене. Денес воопшто не ми е важно мислењето на оние кои уживаат во маките на болните алкохоличари, не ми е важно мислењето на оние кои без никаква грижа на совеста ги туркаат алкохоличарите во пропаст, туку ми е многу поважно мислењето на оние, кои некогаш се наоѓале во алкохолниот пекол, но смогнале сила и мудрост да излезат од него и денес можат да служат за пример во борбата со алкохолното зло, поважно ми е мислењето дури и од оние кои денес се наоѓаат во алкохолниот пекол бидејќи, преку напорите што ќе ги вложувам за да им помогнам, ќе ја зацврстувам и мојата волја за да истраам во апстиненцијата. Ги повикувам моите божем искрени роднини и пријатели да ми кажат: дали би сакале нивните деца или браќа, да го поминат истиот пат кон пеколот, на кој тие ме наведуваа? Ако кој било човек, макар и пијаница, го запрашаме: дали би сакал неговото дете да тргне по патот кон пеколот, зарем секој од нив не би посакал се друго, освен тоа? За разлика од оние, кои секогаш упорно се држат до старите шеми, размислувања и однесувања, јас, со помош на Клубот на лекувани алкохоличари ќе се трудам, со сите свои сили, повторно да ја победам алкохолната болест, да ги пребродам алкохолните кризи, да ги надминам проблемите и да ја почувствувам радоста на повторното раѓање, што ќе го следи мојот успешен премин кон вечната зрелост. Сите мои најлоши дела што ги направив, правејќи ги несреќни сите околу мене, особено моите најблиски, нека бидат опомена за сите луѓе да се чуваат од нив - на тој начин луѓето се известуваат за методите со кои лукавиот ѓавол ќе ги намами во алкохолниот пекол, па преку моите искуства се надевам дека полесно ќе го согледеаат начинот, како тоа да го избегнат.
Понекогаш се прашувам: дали да се потсетувам на минатото, кое толку ме возбудува и ме прави несреќен, или спротивно, да се сеќавам на тогашната моја судбина со особено задоволство, бидејќи таа и ме донесе во Клубот, моето несреќно минато е причината што дојдов во Клубот каде сретнав и се дружам со толку прекрасни луѓе.
Не можам да ги пронајдам вистинските зборови со кои ќе ја искажам мојата искрена благодарност кон сите вас, затоа што ме разбудивте, што мене и на моите најмили ни ја вративте радоста, што ни ја вративте надежта за посреќна иднина. Почитувани терапевти, Вам ви упатувам посебна благодарност, бидејќи јас бев изгубено јагне, а Вие ме пронајдовте, бидејќи бев мртов, а Вие ме воскреснавте, бидејќи љубовта избега од моето срце, а Вие повторно ми ја вративте таа најголема милост, бидејќи живеев во мрак, а Вие повторно ја запаливте светлината во мојата душа. Уште еднаш, големо благодарам.
Се наоѓавме во пријатна, величенствена атмосфера, во која грешниците целосно се убедени во својата грешност. Залутаната овца повторно се врати во своето стадо, а тоа за нас е најголема среќа. Посебно не прави среќни неговата искреност, особено сознанието дека, конечно, вистински ја разбрал благодатната улога на Клубот на лекувани алкохоличари во борбата со алкохолната болест.
email petreski_i@hotmail.com







