%
Роден сум 1956 година во Република Македонија, во градот Прилеп, како второ од четирите деца на моите родители, Марија и Славе Петрески. Брат ми е девет години помал од мене, а со сестрите послабо комуницирав, така што поголемиот дел од денот го поминував во играње, со врсниците од поблиската околина. Живеевме во трошна куќа, направена од плитари, опремена со скромна покуќнина: два железни кревети, креденец во кој имаше се и сешто, маса и неколку столици, тркалезна масичка – синија за месење леб, која секогаш беше обесена на ѕидот, и шпорет на дрва. Посебно за тој шпорет моите родители имаа болни спомени, бидејќи еден несреќен ден, кога во куќата на кратко било оставено само најстарото сестриче, тоа се доближило до шпоретот и се запалило, што било и причина за нејзината смрт. Споменот на овој трагичен настан секогаш ги насолзуваше очите на татко ми, а мајка ми излегуваше од собата, криејќи ги солзите и болот во душата.
Мајка ми беше многу добра, премногу добра жена, но сиромаштијата, скромното знаење, посебно проблемите што ги имаше со татко ми веројатно беа причина што нејзината љубов вистински не можевме да ја почувствуваме. Беше премногу тивка и повлечена и да не беа безбројните (потребни и непотребни) обврски кон децата и кон татко ми, веројатно немаше ни да ја забележуваме. Слободно можам да кажам дека бевме немирни деца, така што мајка ми цело време имаше обврски околу нас, а таа, таа стоички сето тоа го поднесуваше. Само понекогаш нејзината закана дека за некоја наша поголема глупост ќе му каже на татко ми, имаше влијание на нас и тогаш во собата ќе завладееше целосна тишина.
Мојот татко е посебна приказна во мојот живот. Можеби тешкотиите и лошото искуство што го имал во неговиот живот, придонеле да биде многу нервозен, но беше и лош човек, страшен кога казнува, страшен и кога наградува, па поради тоа многу се плашев од него. Неговиот збор не само што секогаш беше последен, туку беше закон за сите без исклучок – за сите важеше правилото: едниот пат велам, другиот пат тепам. Не беше алкохоличар и во основа беше чесен човек, со скромни потреби.
Се сеќавам, кога имав пет-шест години, во едно од новогодишните колетчиња имаше детски карти за играње, полни со многу убави сликички. Многу се израдувавме на поклонот и со нестрпливост дочекавме колетот да се отвори. Но, уште на почетокот со постарата сестра се скаравме, бидејќи и таа сакаше да игра со картите. Бидејќи не попуштавме во нашите намери, татко ми, во тој момент, за да ја смири состојбата, го избра за нас најнеочекуваното и најболното решение. Со голема лутина и нервоза скокна од креветот, ги грабна картите и ги фрли во огнот од шпоретот. Во собата наеднаш завладеа целосна тишина, а ние, стуткани во ќошот, со солзи во очите се каевме што ете, бевме толку лоши со што предизвикавме толку силен бес кај нашиот татко. Веројатно се плашевме и нас да не не фрли во огнот и затоа никој ништо не приговараше. Од тој ден стравот од татко ми се повеќе растеше во моето срце, но истовремено се повеќе растеше и мојата омраза кон него.
Имаше многу моменти во кои татко ми покажуваше непотребна, честопати премногу ризична самодоверба која, така да кажам, се граничеше со глупост. Имаше многу важни моменти во кои донесуваше брзи, непромислени, честопати погрешни и крајно ризични одлуки. Едно попладне децата од соседството, во нивите засадени со тутун, пронашле неексплодирана бомба-граната и ја донесоа кај татко ми. Во тие моменти тој се однесуваше како да е голем експерт, кој отвора едноставен затворач од винско шише, зеде еден остар нож и полека, со сигурност на човек кој таа работа ја прави стотинапати на ден, ја извади главата од бомбата, додека сите деца, не имаше десетина, бевме наредени околу него и гледавме со восхит и големо внимание. Тоа беше една од ретките прилики кога во татко ми гледав свој херој, но во исто време, од некој непознат страв, моето срце силно трепереше. Незнам што тогаш мислеше, ако воопшто мислеше, но татко ми мораше да биде свесен за последиците, кои можеа да бидат катастрофални, од неговиот крајно неразумен чин.
Кога наредниот ден, едно од децата што беа присутни на настанот, (веројатно со намера пред нашата учителка да го прикаже мојот татко како голем херој), го раскажа случајот со голема восхитеност и драматичност, се доби сосема спротиван ефект, така што за малку од лутина и изненаденост, учителката ќе паднеше во несвест. “Па зошто не го спречивте, зошто дозволивте да си игра со вашите животи” – гневно викаше таа. Но, веќе беше касно за се – делото, од кое на човек му се крева косата на главата, му застанува крвта во жилите од самата помисла и го фаќа ужас од можните, катастрофални последици, веќе беше направено.
%







