Почитувани пријатели, сите Вие кои ќе ја отворите оваа страна. Во наредниот период ќе Ви презентирам дел од мојата прва книга “Исповед на еден алкохоличар”, со цел поблиску да се запознаете со мојот животен пат, пред се да се запознаете со уништувачката моќ на алкохолот и со непобитната вистина, дека спас од пеколниот алкохолен лавиринт постои. Се надевам дека луѓето што ќе прочитаат, ако ништо друго, подобро ќе се размислат за својата судбина, за судбината на своите најблиски роднини и пријатели, ќе ги научат методите за пристап и помош на заболените од алкохолната болест. Немојте да мислите дека сум толку наивен, бидејќи, исто како и Вие, добро знам дека овие редови најмалку ќе ги читаат алкохоличарите, токму оние на кои тие им се најкорисни. Мојата намера е, во оваа тешка битка против најголемиот непријател на целото човештво – алкохолот, да се обидам да привлечам што повеќе разумни луѓе да се вклучат кон најголемата армија на светот, да им се приклучат на борците против страшните последици од алкохолизмот. Свесен сум дека во овој момент и во вакви околности, не можеме премногу да постигнеме, но ајде, сите заедно, да ставиме по едно камче како патоказ, да го трасираме патот за борба со алкохолизмот, за полесно да одат по него идните генерации. А можеби, со вложениот труд, ќе успееме да спасиме барем еден човек од алкохолниот пекол. Мирот и среќата што ќе ги вратиме во неговиот дом, среќната насмевка на лицата од дотогаш неговите несреќни дечиња, ќе биде најголема награда за вложениот труд – и за Вас и за мене.
Со благодарност ги очекувам Вашите коментари за впечатоците, кои на Вас ќе ги остави мојата исповед, односно, како Вие гледате на мојата искрена намера да им помагам на луѓето во борбата со алкохолното зло. Коментарите, какви и да бидат, многу ќе ми помогнат да ги збогатам моите сознанија од оваа област. Да Ви напоменам дека ќе Ви биде од голема корист ако ги читате и другите текстови кои се обајавени на оваа страна, а секако дека многу ќе Ви помогне ако ја прочитате и мојата книга “Како да се победи Кралот Алкохол.” Се разбира, оваа страна препорачувајте им ја на вашите роднини и пријатели, за и тие да се запознаат со уништувачката моќ на најголемото зло за целото човештво – алкохолот, за да можат да си помогнат себе си и на луѓето околу нив, кои од разни причини стигнале во алкохолниот пекол.
Тешко е да се пишува за својот живот, посебно е тешко за својот живот да пишува лекуван алкохоличар, бидејќи постои реална опасност да не биде правилно разбран, да биде исмеан од својата околина и во иднина да се срами од тоа што ќе го напише. Тешка задача е да се претворат чувствата и сеќавањата во текст, напишан или изговорен, кој, кај оној што го чита или слуша да предизвика исти такви чувства и визии.
Кога еден алкохоличар, завлезен во алкохолниот пекол уште од детството, ќе земе да го раскажува својот животен пат, својот пат кон пеколот, почнувајќи од времето кога првпат се опил до бесвест, па со ред и сите свои злодела што им ги нанесол на своите најмили во текот на триесет години, постои голема тешкотија сето тоа да го прикаже така, да не биде повод само за критика од читателите, туку да има и советодавна улога. При пишувањето на мојата искрена исповед се држев само до едно правило: во ниеден нејзин дел нема ниту една лоша работа, ниту една лоша постапка, а нејзиниот резултат, во почетокот или на крајот, да не биде прикажана како бедна, во најцрна светлина, а притоа веднаш да не биде осудена.
Некои од моите пријатели ме советуваа да не го правам тоа, дека претерувам со мојата искреност, дека е срамота за мене, посебно е срамота и грев кон моите деца: “Зошто не си избрал поубава тема за пишување? Знаеме дека има многу одвратни работи во животот на човекот, но тоа не е причина токму ти да…” Како со своите погледи да ми говореа: “Ние од почит кон тебе ја заташкуваме твојата глупост, а ти упорно продолжуваш со тоа!?” Смешно ми е нивното размислување дека знаат. Ех, кога вистински би знаеле! Се чудам како можат да стигнат дотаму да не видат, да не слушнат и да не го разберат со срцето сето тоа што е толку јасно, очигледно и неоспорно? Треба само за момент да се замислат, па ќе ги фати ужас пред таа страшна противречност помеѓу нивниот живот и тоа што го декларираат тие, таканаречени хумани, напредни луѓе.
Луѓето грешат кога прават градација на алкохоличарите на големи и поголеми пијаници. Крадењето од богатиот изгледа како помалку лошо дело отколку крадењето од сиромавиот, но и едното и другото е кражба. Тие се склони за своето завлегување во алкохолизмот да наоѓаат безброј оправдувања, посебно во некои одредени околности, но останува голата вистина дека тие сепак се само алкохоличари и ништо друго.
И самиот факт дека бев алкохоличар за моите роднини и пријатели е премногу голем срам, но тоа што јас без срам го раскажувам пред целиот свет – е тоа, се разбира, ја преминува секоја мерка. Не е нивна вина што не можат да ме разберат – родени се и живееле во друг свет, каде нивните родители знаеле да ги заштитат од алкохолниот пекол, знаеле да ја заштитат нивната детска невиност. Но, јас познавам поинаков живот, полн со расипаност и поинаква убавина. Во визија преполна со поединости го гледам алкохолниот пекол, гледам море полно со зла и одвратности кои добро ги знам и низ кои поминав вдолж и попречно. Затоа и не им се лутам што не го разбираат мотивот за мојата исповед. За првпат пред луѓето се прикажувам таков каков вистински сум бил во минатото и каков што сум денес. Затоа, и покрај целиот ризик, се обидувам на луѓето да им кажам се што знам за алкохолот и неговата уништувачка моќ.
Дали може да се родат веќе воспитани и среќни деца? Да, може да се родат веќе воспитани деца, а единствен услов за тоа е и родителите да им се добро воспитани.
Почитувани родители, треба да знаете дека добриот пример секогаш е поефикасен од најдобрата наредба. Со трпеливост и добро однесување во секојдневниот живот, ќе успеете своите добри навики и доблести да ги пренесете во карактерот од детето. А за вашите деца да бидат среќни, треба да им пружите безрезервна поддршка, љубов и внимание, да вложите огромен труд додека детето се издига и спушта, да помогнете на крајот детето да стане човек. Должни сте вашите деца постојано да ги чувате и држите подалеку од лоши луѓе, од луѓе склони кон лажење, од луѓе склони кон алкохол и пијанчење, бидејќи секогаш по нешто од нивниот лошотилок и нивните животински навики, ќе останат во срцето на вашето дете.
Сета онаа чиста, блескава младост што моите пријатели ја доживеале, мене ми беше одземена, затоа што многу рано дојдов во зависност од алкохолот. Денес, кога ги пишувам овие редови, ми останува само да се надевам дека ќе дојдат многу подобри времиња, кога производството и употребата на алкохолот ќе се стават во строги законски рамки, а со тоа ќе се создадат подобри услови кои ќе помогнат да се заштитат сегашните и идните генерации од ова масовно лудило, наречено алкохолизам, колку што тоа е можно, да се заштитат луѓето, особено младите луѓе од ова најстрашно зло за целото човештво. Убеден сум дека тогаш Клубовите на лекувани алкохоличари (КЛА) ќе бидат многу попримамливи, подобри, покорисни места за собирање и дружење, места во кои ќе доаѓаат луѓето што сега одат во кафеаните, за да се најдат себе си и еден со друг. Ќе бидам многу среќен ако успеам моето животно искуство, кај оној што ќе ја прочита или слушне мојата исповед да предизвика визија, во која со свои очи ќе го види пеколот низ кој поминал еден алкохоличар, искуство кое ќе им помогне на многу луѓе, посебно на младите, да не ги направат истите грешки.
%








