И најлошиот ученик денес знае вистини, за кои Архимед би го жртвувал својот живот. Ренан
Незнаењето е ненапишан лист хартија, на која можеме да пишуваме. Погрешното знаење е напишан лист, кој прво мора да го бришеме, за потоа да можеме да пишуваме. Лат.пог.
Многу луѓе сакаат да покажат доследност, тврдејќи дека не го менуваат своето мислење. Тоа само покажува дека ништо не научиле, од денот кога го формирале нивното мислење. Така очигледен доказ за сопствената глупост и незнаење, не треба да се удира на големо ѕвоно. Ле Бон
Забележувам дека од методите што се применуваат во Клубовите на лекувани алкохоличари, изостануваат препораките од најголемиот експерт по алкохологија, др.Владимир Худолин. Покрај другото, др.Худолин препорачува: на апстинентите кои започнуваат со својата апстиненција, потребно е постојано да им помага некој од постарите членови, цело време да се грижи за него, како еден вид “Ангел чувар.” За жал, голем дел од апстинентите, кои успеале да ја победат алкохолната болест, наместо да возвратат со благодарност, целосно заборавиле колкава помош им била потребна за да го достигнат успехот. Гледајќи ги само сопствените интереси, не сакаат да си земат обврска, да му бидат “Ангели чувари” на некој од новите апстиненти, убедени се дека тој метод за многумина е преголем залаг и преголем терет. Тие би се залагале 24 часа во денот, но само за оној, кој од срце и душа ќе ги употребува зборовите: “Аман луѓе, помагајте, ова не е живот што јас го живеам”, и дека за таков човек се би направиле.
За жал, нивните и моите ставови за борбата со алкохолната болест се разликуваат како Крали Марко и телевизија. Нивното однесување наликува на однесувањето на човекот, кој сака да го проучува предметот, но му го врти грбот и го проучува по сенката што предметот ја фрла и затоа не можам да го делам нивното мислење и го сметам за сосема погрешно. Немам намера да ги оспорувам нивните методи, се разбира, не сум способен да измислам нови и подобри, туку упорно се трудам, поучен од животот, да докажам дека имам цврсти, непобитни докази со кои се обидувам да ги уверам другите дека тоа што е корисно за мене, ќе биде корисно и благодат и за нив, ако го следат мојот пример и моите совети. Се разбира, убеден сум дека лекувањето на алкохолната болест е долг и сложен процес, со чести рецидиви, дека одбивањето на алкохоличарот да признае дека е болен и дека му е потребна помош, е дел од неговата болест. Затоа, цврсто сум убеден во тоа дека - речиси и да не постои алкохоличар кој ќе дојде кај нив и ќе ги моли: “Аман луѓе помагајте.” Се надевам дека добро ќе ги прочитаат моите книги и сите мои текстови уште еднаш и со поголемо внимание, а потоа сигурно ќе го согледаат лицемерието во нивните постапки и ќе се согласат со моите ставови. Можеби приказнава што следи во текстот, ќе им помогне да ги корегираат нивните размислувања.
Голема група луѓе патувала и се случило да скршнат од патот, така што сега морале да одат, не по рамен терен, туку преку блато, жбунови, трновити и паднати дрвја кои им го попречувале патот, и се движеле се потешко и потешко.
Тогаш патниците се поделиле во две групи: едната одлучила, без да застане, да оди право по истиот пат по кој дотогаш одела, убедувајќи се себе си и другите дека не скршнале од правиот пат и дека сепак ќе стигнат до целта. Другата група одлучила да, бидејќи правецот по кој одат очигледно е погрешен – инаку веќе би стигнале до целта – дека треба да го бараат патот, а за да го пронајдат, потребно е, не запирајќи, да тргнат што е можно побрзо во сите правци. Речиси сите патници се определиле за едно од овие две мислења: едни одлучиле непрекинато да одат право, другите да одат на сите страни, но се најдоа неколку луѓе кои, не сложувајќи се ни со едното ни со другото мислење, предложиле да, пред да тргнат во кој било од тие правци, дека е потребно пред се да застанат и да ги разгледаат околностите и дури потоа да го изберат едното или другото. Но, патниците биле толку заслепени во нивното верување дека нивното мислење е исправно, а биле и многу преплашени заради нивната положба, така што сакале да се утешат со надежта дека не залутале, туку само за некое време скршнале од патот и за час повторно ќе го најдат, и што е најважно, сакале со одење да го надминат стравот, така што тоа мислење наишло на општо негодување, прекор и потсмев од двете групи.
- Тој совет е поради малодушност, кукавичлук и мрза. Добро средство да се стигне до целта седејќи и никаде да не се оди – велеле едните.
- Та ние сме луѓе и дадена ни е снага за да се бориме и трудиме, да ги совладуваме препреките, а не малодушно да се предаваме – говореле другите.
И, макар колку и да говореле неколкуте луѓе кои не се согласувале со мнозинството, дека движејќи се во погрешен правец, не менувајќи го, во никој случај нема да се приближат, туку дека ќе се оддалечат од својата цел, а исто така дека нема да стигнат до целта ако лутаат, час на една, час на друга страна, дека единствен начин за да се дојде до целта е во тоа да, откако по сонцето и ѕвездите ќе одредат кој правец ќе ги однесе до целта, да го изберат и да тргнат по него, но дека за тоа да го направат, пред се е потребно да застанат – не за да стојат, туку за да го најдат правиот пат и потоа непоколебливо да одат по него, дека затоа е потребно да застанат и трезвено да размислат – но, колку и да говореле, никој не ги слушал.
И првата група од патниците тргнала напред во истиот правец по кој одела, другата група почнала да лута де на една, де на друга страна, но ни едната ни другата група не само што не се приближиле до целта, туку не излегле од жбуновите и трњето и лутаат и ден денес.
Мислам дека е крајно време апстинентите, кои успеале да излезат од алкохолниот пекол, да го корегираат своето однесување, да ги надоградат методите на своите активности кои, не велам дека се погрешни, туку велам дека не ги даваат вистинските резултати. Треба многу посериозно да ги разгледаат моите укажувања на оние општи и вечни правила на вистината, дека секој човек заслужува парче среќа под ова небо. Никој не се труди да докаже дека моите ставови се погрешни, никој не вели: нашите активности се исправни и сосема оправдани, во тоа сме убедени заради тоа и тоа (ако нивното единствено оправдување е тврдењето дека досега се постигнати добри резултати, тогаш нека помислат дали можеби можело да се постигне многу, многу повеќе). Никој не вели и не докажува дека можеби е точно дека се постигнуваат половични резултати, но дека имаат веќе испробан начин да, не корегирајќи се, ја исправат својата грешка. Никој не го вели ни едното ни другото, туку сите се однесуваат како тоа да не се однесува на нив, односно, за нив е поприфатлива состојбата “Status kvo”, каде ништо не треба да се менува, дека треба само да се ужива во самозадоволството од постигнатите резултати, во некои одамна поминати времиња. Дури некои измислуваат разни аргументи, со единствена цел само и само да докажат дека јас грешам, а тие се во право, со тоа што отворено ги негираат моите ставови.
- Алкохолот постоел илјадници години, а сега се најде еден будала, кој ќе го превртува светот наопаку. Ние да си ја работиме досегашната работа и резултатите сами по себе ќе си дојдат!
Очигледно е дека е дојдено време да се корегираат ваквите ставови и размислувања. Пред се, апстинентите од Клубовите на лекувани алкохоличари треба да ја зголемат енергијата, и таа не треба да ја насочуваат во правецот кој ги оддалечува од нивните најдобри намери во борбата со алкохолната болест, туку да ја насочуваат на тоа, да го дадат својот придонес за прекинување со оваа масовна хипноза – наречена алкохолизам, што човештвото го донесе до сеопшто лудило. Очигледно и јасно е дека само ако застанат и подлабоко размислат, ако ги надминат конвенциите што долго време им ги носеле размислувањата и намерите во погрешен правец, ќе можат макар малку да ја сфатат нивната положба и ќе го пронајдат оној правец, по кој треба да се движат нивните активности, за да дојдат до сознанијата за вистинската среќа и благосостојба - не на десетици или стотици луѓе кои успеале да го победат алкохолот, туку на вистинска среќа и општа благосостојба на човештвото, кон која се стремат сите луѓе и секое човечко срце поединечно.
Треба многу да се внимава, бидејќи нема ништо полошо, отколку кога ќе се пресоли или препече тоа што е добро, но кое со вложување на малку труд, може да биде многу, многу подобро.
Со љубов во Бога







