Кога би сакал ова дрво да го затресам со своите раце, тоа не би можел. Но ветрот, кој што не го гледаме, го мачи и го витка како што сака. Најлошо не виткаат и не мачат невидливи раце. Ниче
Сонцето не чека да ја распостели својата светлина и топлина. И ти, исто така, прави добри дела кои од тебе зависат, не чекајќи некој од тебе да ги бара. Епиктет
Постојат повеќе различни методи за пристап кон алкохоличарот, кои се применуваат во Клубовите на лекувани алкохоличари, за одржување на трајна апстиненција.
Во многу земји низ целиот свет се организираат Клубови на Анонимни алкохоличари. Нивните активности се поделени на дванаесет чекори, кои апстинентот треба да ги помине за да може да смета на успех во неговото лекување. Крактеристично за апстинентите од Анонимните клубови е што тие не излегуваат во јавност и, освен најблиските на апстинентот кои и самите кријат за неговото посетување на клубот, избегнуваат луѓето од нивната околина да дознаат за тоа. Тоа е во спротивност со едно од најважните правила за успех во лекувањето од алкохолната болест: апстинентот треба да се соочи со својот проблем предизвикан од алкохолот, да ја согледа својата бедна состојба и да побара помош и отворено да зборува за своето лекување, да не се срами од тој благороден чин. Тоа овозможува многу подобро да биде сфатен од најблиската околина.
Поголем број од Клубовите на лекувани алкохоличари ги посетуваат апстиненти кои истовремено се во фаза на медикаментно лекување. Состаноците во овие Клубови поминуваат во разговор на терапевтот со секој апстинент поединечно и евентуално со член од неговото семејство, присутен на состанокот. Практикувањето на овие два методи има свој недостаток, бидејќи во рамките на Клубот нема оформено механизам, за да може секојдневно да се следи напредокот на апстинентите во нивното лекување. Во случај на криза, апстинентите се принудени да се јавуваат само кај терапевтите или директно во Нервното одделение, а поради немање информации за апстинентот, не постои можност навреме да се реагира во случај на рецидив. Во центарот на вниманието во вака организираните Клубови е терапевтот и сите предлози и идеи за работата на Клубот, доаѓаат исклучиво од него. Апстинентите, кои почнуваат да посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари, добиваат впечаток како да се наоѓаат во болница, во буквална смисла на зборот.
Во Клубовите на лекувани алкохоличари во Република Македонија, прифатен е методот со кој, за време на состаноците и другите активности на Клубот, во центарот на вниманието се апстинентите. На состаноците се води дискусија помеѓу апстинентите, често пати предизвикана од наметнатата конфликтна тема од страна на терапевтот, и на тој начин секој апстинент има можност директно да учествува во разработувањето на разни теми и прашања од областа на алкохолизмот, кои, особено на младите апстиненти, не им се доволно јасни. Се разбира, од таквите дискусии, од искуството на постарите членови на Клубот, апстинентите постојано ги збогатуваат своите сознанија, кои подоцна ќе им бидат од извонредно значење во лекувањето, особено во моментите на алкохолна криза. Со текот на времето, кај апстинентот се зголемува неговата волја за цврста апстиненција, се зголемува довербата кон другите членови од Клубот, се зголемува довербата и сигурноста во самиот себе. Често се случува некој апстинент, кој подолго од една година бил пасивен или многу малку учествувал во активностите на Клубот, да почне да ги искажува своите ставови, што е сигурен знак за напредок во неговото лекување. Во Клубовите на лекувани алкохоличари кои го прифатиле овој метод, има многу пријатна атмосфера за време на состаноците. И структурата на апстинентите кои го посетуваат Клубот е сосема поразлична од првите два наведени примери. Клубот го посетуваат и многу луѓе кои имаат по десет, петнаесет, дваесет па и повеќе години апстиненција. Има два мотиви кои ги тераат апстинентите толку долго да останат во Клубот: стравот од рецидив и, што е случај кај повеќето апстиненти, нивната желба да возвратат на благодадта што ја примиле при нивното лекување, со тоа што непрекинато ќе им помагаат на помладите апстиненти.
Иако многу експерти по алкохологија велат дека е доволно апстинентот редовно да посетува Клуб на лекувани алкохоличари од 3-5 години, практиката покажува дека тоа е погрешен пристап, дека многу апстиненти по повеќе од десетгодишна апстиненција, влегуваат во рецидив. За одбрана од рецидивот во Клубот на лекувани алкохоличари има оформено патронажна група, составена од еден терапевт и двајца апстиненти, кои го посетуваат човекот кој направил рецидив, во неговиот дом. Авторитетот на терапевтот и веќе стекнатото пријателство и почитување помеѓу апстинентите, придонесуваат, во најголем број случаи, апстинентот кој направил рецидив, повторно да се врати во Клубот и да продолжи со своето успешно лекување.
Недостаток на овој метод е што некои апстиненти, кои почнуваат со својата апстинанција, многу брзо го напуштаат Клубот и повторно му се враќаат на алкохолот. Најголема причина за тоа е што новиот апстинент, веднаш по излегувањето од болницата, недоволно подготвен, без доволно сознанија за значењето на Клубот во неговото лекување и во животот воопшто, се среќава со информации кои во тој момент тој не може правилно да ги оцени и разбере. Затоа, уште во почетокот кај некои апстиненти се јавува разочараност и нивниот интерес за посета на Клубот опаѓа. Препорака од експертите е да се практикува, барем извесен период, покрај редовните состаноци каде присуствуваат сите апстиненти, да се работи одвоено со апстинентите кои го започнуваат своето лекување, за да се припремат да можат правилно да го разберат значењето и користа од посетата на Клуб на лекувани алкохоличари.
За значењето на Клубот на лекувани алкохоличари, во менувањето на односот на апстинентот кон алкохолот и кон животот воопшто, најдобро ќе дознаете ако ги прочитате моите книги: “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи Кралот Алкохол.”
Со љубов во Бога







