Слободата не е никаква привилегија која може само да се ужива. Таа мора секогаш одново да се освојува да би се одржала. Расел
Слободата не е само аспект на човековиот живот, како што е богатството или бедата, мирот или војната, здравјето или болеста. Самата слобода е суштина на животот. Салвадор Мадариага
Секој апстинент треба да ја пронајде вистинската смисла на животот, да научи како да го живее својот живот, како да ја користи снагата на својот разум. Никогаш нема да успееме да го пронајдеме својот мир, своето место под Сонцето кое Бог за нас го определил, ако на другите им дозволиме да управуваат со нашиот живот, особено ако дозволиме алкохолот да не совлада и да почне да влијае на нашите одлуки што секојдневно ги носиме. Најголемата вистина на човештвото гласи: “Бог на секој човек му дал неотуѓиво право само над едно – над сопствените мисли.” Веројатно со тоа сакал да ни укажи дека треба да управуваме со сопствениот живот, да донесуваме сопствени одлуки и да ја преземаме одговорноста за последиците од нив, да имаме сопствени мисли, мисли над кои другите не ќе можат да влијаат. Користејќи ја способноста квалитетно и со полн капацитет да влијаеме врз сопствениот ум и живот, можеме да се воздигнеме до успехот во борбата со алкохолното зло. И, кога ќе се скинат стегите со кои алкохолот го врзал нашиот ум, кога ќе се ослободиме од неговото ропство, кога новите сознанија и искуства стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари ќе ги просветлат нашите мисли, кога ќе се осознаеме себе си и нашите вистински вредности, кога добрината, љубовта и човекољубието ќе ги заменат и исфрлат лошотилокот и омразата од нашите срца и ќе станат дел од нашиот карактер, убеден сум дека темелите од пеколот ќе се нишаат од страв, а рајските ѕвона ќе ечат од радост за да ја навестат победата над ѓаволот.
Бидејќи Создателот ни дал потполна слобода да одлучуваме и да се користиме со нашите мисли, без сомнеж сметал дека тој дар треба да го користиме со лична иницијатива, при донесувањето на секојдневните одлуки и преземање на одговорноста за последиците од нив. Во борбата со алкохолната болест постојат две групи на луѓе кои никогаш не напредуваат и ништо или многу малку постигнуваат. На првата група и припаѓаат оние кои не сакаат да го прифатат она, што буквално на секој состанок во клубот им се кажува, не сакаат да ги прифатат советите од терапевтите и не ги почитуваат правилата за борба со алкохолната болест. Главната особина на таквите луѓе е лажната представа за својата супериорност и непогрешливост. Тоа е причината што тие вистински и не започнуваат со апстиненција, туку поради својата убеденост дека само после неколку посети на клубот се научиле, го напуштаат клубот и по кратко време повторно се враќаат во прегратките на ѓаволот. Има и апстиненти кои припаѓаат на оваа група, кои упорно доаѓаат во клубот, бидејќи сметаат дека не би било во ред да имаат проблеми со најблиските, кога ќе ги прашаат: ”Што имаше денес ново во клубот.” Секој од нив, кратко, како затегната пушка одговара: ”Немаше ништо ново. Еден будала цело време само се расправа и на сите упорно им докажува дека само тој е во право. Главата ми прсна од него. Малку фалеше да си заминам.” Таквите апстиненти се скришни пијаници, но сепак водат сметка како божем тоа другите не го забележуваат. Во втората група се оние кои немаат самоиницијатива, односно не сакаат или не знаат да направат ништо повеќе од она што го научиле на состаноците во клубот. За нив е карактеристична повлеченоста, рамнодушноста кон активностите на другите членови, стравот од неизвесноста на резултатот од новините кои се предлагаат. Не се вклучуваат во дискусиите, а ако нешто сепак се приморани да кажат, одговараат кратко со што даваат дознаење, дека тоа измачување за нив, треба што побрзо да заврши.
Главната заблуда кај алкохоличарите е тоа што на секој од нив му изгледа сосема оправдано да со неговиот живот, наместо здравиот разум, управува тежнеењето кон задоволствата и одвратност кон страдањата. И, алкохоличарот, без да ја користи слободата на своите мисли, се предава на тој водител – тој бара задоволство во пиењето алкохол и упорно ги избегнува страдањата од соочувањето со секојдневните проблеми и што е најпогубно за него, во тоа ја гледа целта и смислата на животот. Но, човекот не може да живее само во задоволства, ниту може да ги избегне страдањата. Јасно е дека целта на човековиот живот мора да не е во тоа. А и кога би била – каква глупост: целта се задоволствата, а нив ги нема и не може да ги има. Дури и кога би постоеле – зарем крајот на животот и смртта не се секогаш поврзани со страдањата. Целта на животот е надвор од задоволување на страстите кои, наместо убавина, секогаш на крајот носат само страдање.







