мај 2009


%

Кога имав дваесет години ми се случи нешто убаво, што го промени мојот живот кон подобро. Бог се смилува и ми го пушти јажето на спасот, да ме извлече од дното на пеколот во кој бев паднат. Запознав едно прекрасно девојче, покрај мајка ми, најдобрата личност што до тогаш ја знаев и која по една година стана моја сопруга. Искрено и со целата своја душа и срце го засакав тоа мало, наивно детенце, кое со своите седумнаесет години беше спремно да ми ја поклони сета своја љубов.

Настојував да бидам добар со мојата принцеза, но се случуваше понекогаш да и подвикнам посилно кога нешто не ми беше по волја, а таа секогаш, со солзи во очите, почнуваше да се правда и да се извинува, целосно прифајќајќи ја вината што не беше нејзина. Имаше многу такви моменти во кои јас, фасциниран од нејзината добрина, после многу кратко време се чувствував бедно, како идиот кој подмолно ја злоупотребува добрината од единствениот човек кој искрено ме сакаше. И покрај сите мои слабости, единствено таа ме разбираше и несебично ми помагаше со својата смиреност, за што искрено и од се срце сум и благодарен.

Во домот од нејзините родители имаше прекрасно изразување на љубовта меѓу родителите и децата. Тоа откритие беше нешто најубаво што до тогаш го имав доживеано. Поради моето несреќно детство, целиот живот гладував за љубов, мојата природа чезнееше за љубов, љубов што е органска потреба на секое битие. Да бев малку попаметен, овие сознанија можеше да ми послужат како добар пример - како треба да се однесувам кон моите најмили.

Но јас, таков каков што бев - никаков, не бев спремен да го изменам моето однесување и одговорно да ги прифатам сите обврски на бракот. Бог ни подари и две прекрасни дечиња, а со тоа моите должности пораснаа, но јас и тогаш не бев спремен целосно да се откажам од алкохолот. Потребите на телото, само на телото, лесно можат да се задоволат. Но, не постои таа сила со која ќе може да се набави сето тоа, што човекот може да го посака. Впрочем, глупоста е најнеобична од сите болести - болниот не страда од неа, туку сите околу него. Мојата глупост ги водеше моите мисли во погрешен правец и затоа само во ретки моменти бев во состојба правилно да мислам. Куќата на мислите за мене беше целосно затворена, нејзините прозори заковани, а моето тело беше само сениште, оставено како чувар на таа своја куќа.

Продолжив и понатаму често да пијам, додуша настојував потполно да не се опивам, но сепак, беше доволно за да не можам целосно да се посветам на семејството, да посветам поголема грижа и внимание на воспитувањето на децата. Да бидам целосно искрен, воопшто не го забележав и не се порадував со нивното растење. Моите најмили добиваа удари кои исклучиво јас ги имав заслужено, бидејќи бев несреќен, ги унесреќував сите околу мене. Се разбира, и добар дел од парите ги трошев на задоволување на моите страсти. Сепак, најжалосно од се е тоа што воопшто не го изменив карактерот. Речиси никогаш не се однесував насилно, но мојот збор мораше секогаш да биде последен, а моите желби и наредби да се извршуваат без приговор. Едноставно, моето однесување се повеќе наликуваше на однесувањето од татко ми, а самиот факт дека доживеав тешки разочарувања и трауми, кои можеби ќе ме следат додека сум жив, не ми даваше право и не смеев да газам на вредностите и убавините од моите најблиски, што животот им ги пружа.

% 

%

Беше тоа лошо друштво, а лошото друштво ми говореше: прави како што ние правиме, мисли како што ние мислиме, верувај во тоа што ние веруваме, пиј кога ние пиеме, тоа што ние го пиеме, исто како што ние пиеме,опивај се секојдневно како што и ние се опиваме. Ако не се покорев на барањата од лошото друштво, тоа ќе почнеше да ме мачи со својот потсмев, сплетки и интриги. Човек не може да ја сочува здравата памет во таква изопачена атмосфера, тоа го понижува и го влече надолу.

Во почетокот се борев со барањата од лошото друштво, но борбата беше премногу тешка, затоа што сето тоа што јас го сметав за добро, верувајќи во себе си, другарите го сметаа за лошо и, спротивно, сето тоа што јас, верувајќи во себе си го сметав за лошо, моите другари го сметаа за добро. И се се заврши со тоа што јас се предадов, престанав да си верувам себе си и почнав да им верувам на другите. Во почетокот ова откажување од себе си ми беше непријатно, но тоа непријатно чувство траеше сосема кратко и јас почнав целосно да се предавам на барањата од лошото друштво, почнав целосно да се предавам на лажните убавини на алкохолот и престанав да го доживувам тоа непријатно чувство, па може слободно да се каже дека чувствував некакво олеснување. Со целиот жар на својата природа, целосно се предадов на тој живот што го одобруваа луѓето со кои доаѓав во контакт и потполно го задушив гласот на својата совест, што се противеше и бараше нешто друго. Изгледа дека е штетно ако не се покориш, но уште полошо е ако се покориш на барањата од лошото друштво, бидејќи тогаш повеќе не си слободен човек, туку роб.

Секој човек има право да избира: дали ќе живее во состојба на помало или поголемо незнаење. Иако јас и моите другари живеевме во бездната на незнаењето, се сметавме себе си доволно паметни, воопшто не забележувавме каде не води алкохолот, бевме заблудени, заспани будали со отворени очи кои се вртат во волшебен круг, како слепци кои ги води слепец. И секогаш се прашувавме: зошто луѓето сакаат да ни ја скратат саканата и за нас нештетна заблуда, кога ние, живеејќи со неа сме посреќни, отколку со вистината? Мислевме дека луѓето околу нас, кои добронамерно ни укажуваа на нашите грешки, дека тоа го прават од завист, од омраза кон нашата лажна супериорност. Бев заблуден од лажните задоволства што алкохолот ги пружа и затоа воопшто не забележував дека од таквите задоволства се раѓа само големо страдање и разочарување.

Човекот не е ни ангел, ниту животно. Несреќата е во тоа што човекот, посебно алкохоличарот, кога сака да стане ангел, речиси секогаш станува животно. Но, животните живеат по својата природа, по дарот и определбата на Творецот. Не може ни да се зборува за грев кај животните. Но, алкохоличарот прави страшен грев затоа што живее со животински страсти, уште повеќе кога тие страсти ги изобличува во својата убеденост, дека се што прави е мотивирано од возвишеното чувство со свето име - љубов. Ниту човекот може да се спушти на нивото на животните, а притоа да не се спушти многу пониско од животинското ниво.

%

%

Се добива впечаток дека работите ги кажувам едноставно и со преголема леснотија, но пред очите секогаш ми излегуваат слики од безбројните глупости, секогаш ги слушам гласовите од моите пијани другари, постојано се потсетувам на нашата дрскост и простотилок. Ние речиси никогаш не се слушавме еден со друг, зборувавме премногу гласно, да бидам попрецизен, се деревме и надвикувавме еден со друг. И, се разбира, си попуштавме еден со друг, притоа фалејќи се помеѓу себе, за и мене да ми попуштаат и фалат, често лутејќи се и карајќи се помеѓу себе - токму како да сме во лудница. Јас тогаш, во мојата заспана совест, тоа матно го претчувствував и точно како и секој лудак - ги нарекував лудаци сите други, освен себе си.

Желбите на нашиот господар - алкохолот, беа толку силни, така што ние правевме многу лоши работи кои трезни никогаш ни на памет не би ни паднало да ги направиме, беа посилни од моралните правила кои одамна сме ги научиле. Ќе наведам еден пример, од кој мислам дека ќе се види до која граница одеше нашата глупост и лесноумност.

Еден ден бевме собрани десетина другари пред една продавница и пиевме црно вино. Случајно помина еден мој вистински пријател (тогаш за него не мислев така, туку сосема спротивно) кој, со најдобра намера, се обиде да ми го земе шишето со вино од рацете. При таа борба за моето најголемо богатство, се испрскав со вино по целото сако. Среќен што сепак го спасив богатсвото, влегов во една продавница да купам мало шишенце со ракија, за божем да го исчистам сакото, но мали шишенца со ракија немаше и затоа купив едно шишенце од 200 мл. синтетички бензин. Полека одев кон другарите и турав од бензинот насекаде по сакото каде имаше дамки од виното. Кога стигнав до другарите, тие, веројатно на смеа, почнаа да фрлаат запалени чкорчиња кон мене, воопшто не сфаќајќи ги сериозно моите укажувања дека на сакото навистина турав бензин. Едно чкорче беше фрлено директно во мене и наеднаш вивнав во пламен. Ме фати страв и голема паника, но сепак, реагирав брзо и го соблеков сакото. Сепак, добар дел од косата и веѓите беа опалени, а по рацете почнаа да ми излегуваат пликови. Сите другари збунето бираа зборови на извинување, сите почнаа божем да ме тешат - дека тие не ми верувале дека навистина турам бензин, а што се однесува до сакото, за тоа воопшто да не се секирам бидејќи тие ќе ми купеле ново, поубаво сако. И, се разбира, за вистински да ме утешат и расположат, купија ново шише со вино кое ја смири состојбата, така што продолживме да пиеме како ништо да не се случило. Новото сако што ми го ветија не само што не ми го купија, туку никогаш не го ни споменаа, но затоа честопати слатко се смееја и си правеа вицеви со мене, дека сум горел како запалена гламна.

%

%

Да кажам збор два и за моите другари. Во раното детство се дружев со врсниците од нашето маало, а потоа запознав и се дружев со децата од училиште. Мојата скромност, чесност и добрина придонесе во почетокот со другарчињата добро да се согласувам, но откако почнав да се повлекувам во себе, особено откако почнав почесто да се дружам со алкохолот, меѓу нас се создаде бариера и децата почнаа да ме избегнуваат. Мојата арогантност и возгордеаност беше причината, заради која не сакав ни да ги слушнам нивните добронамерни укажувања на моите грешки.

Се вработив кога имав само осумнаесет години и почнав да се дружам со другари кои беа неколку години постари од мене. Уште од првиот ден на моето вработување, ја имав таа несреќна околност да ми биде одговорен еден постар човек од мене, голем љубител на алкохолот. Беше добар, интелегентен човек, но исто така и долгогодишен алкохоличар. И денес се сеќавам на неговите, во тоа време за мене, мудри совети: кога, како и колку да пијам.

- Наутро ќе поткаснеш малку за стомакот да не ти биде празен, а потоа ќе испиеш половина литар вино. На работа секој ден заедно ќе пиеме по четврт ракија, а на одење од работа ќе продолжиме во кафеана уште по неколку ракии. Така цел ден ќе бидеме загреани, а нема да бидеме пијани за да не казнуваат.

Едноставно, ги прифатив неговите совети и тој начин на живот како нешто најнормално, го прифатив начинот на живот од луѓето со кои секојдневно се дружев. Себе си се сметав за доста издржливо момче, во друштво на доста издржливи луѓе, а пиев затоа што и тие луѓе пиеја и затоа што сакав да живеам како нив, затоа што природата ми беше таква што не можев да си дозволам да заостанам зад другите постари мажи, во нивната најубава разонода. Со нив ме врзуваше само алкохолот и глупостите што одат заедно со него.

Без сомнеж, чувствував дека и тие се залажуваат себе си и дека и тие, како и јас, немаат друга смисла за животот освен да живеат додека живеат и да земат се што ќе им дојде до рака. Во почетокот се чувствував инфериорен во нивното друштво и за да ја здобијам нивната наклоност, почнав да се натпреварувам со нив - секогаш пиев повеќе од другите и речиси секогаш јас бев пијан повеќе од другите.

Овде морам да кажам дека од дното на душата чувствував дека сакам да бидам добар, но бев сеуште млад, а бев сам, потполно сам кога го барав доброто. Секогаш кога сакав да го следам доброто, да престанам да се дружам со алкохолот и да бидам добар морално, наидував на презир и потсмев, а кога се оддавав на валканите страсти, другарите ме фалеа и охрабруваа.

Ниту еден од моите другари не ги ценеше парите, сите ги трошевме до последна пара. Честопати, откако ќе ги потрошевме сите пари, секој од нас се колнеше дека во иднина ќе биде многу поразумен, дека нема повеќе да прави глупости и дека нема да се расфрла со парите. “Ова е последен пат, од утре ќе бидеме многу поразумни - подалеку од кафеаните, подалеку од алкохолот, подалеку од злото” - тоа беа нашите пароли во тие моменти, но за кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа, пак по старо.

Посебно се издвојуваше мојот другар Драган, физички доста развиен човек, кој стопостотно му се предаде на алкохолот. Тој беше човек, што пред да почне да се дружи со алкохолот, добро живееше, пред него се отвораа бесконечни можности, но алкохолот целосно го уништи и физички и морално. Поради алкохолот ја загуби работата така што деноноќно беше пијан, трошејќи за алкохол се што ќе му дојдеше во рацете. Неговата сопруга, која секојдневно без никаков повод и причина безмилосно ја малтретираше, вложуваше надчовечки напори да ги прехрани двете прекрасни дечиња, а целосно го издржуваше и својот пропаднат маж. Алкохолот е единствената причина што тој мизерно го заврши својот млад живот.

%

%

За несреќа на сите, по една година од мојата сообраќајка, татко ми одненадеж почина и наеднаш почна се да ни недостасува. Останавме без средства за живот, бидејќи само тој работеше. Потоа земавме семејна пензија, која беше многу мала да прехрани пет души. Бев четврта година во средно економско училиште кога се вработив, а училиштето го завршив вонредно. Откако се вработив пари имав доволно, така што почнав многу често, редовно да пијам.

Животот ми наликуваше на лудница, како да е некоја глупава, пеколна шега, која некој ја направил со мене. Замислував како, таму некаде, тој некој се забавува гледајќи ме како се измачувам во алкохолниот пекол. Не можев да и дадам никаква рационална смисла на ниту една своја постапка, ниту на кој било дел од мојот живот. Целосно се предадов на развратниот живот, а за алкохолот, како и сите други пијаници, и јас дојдов до погрешната теорија дека тајната на алкохолот се состои во постојано, лудачко опивање, до крајна замелушеност и животинска несвесност, дека нема никаква смисла да пијам, а притоа целосно да не се опијанам.

Како што рѓата на крајот го уништува железото, така и безрезервното и прекумерното задоволување на моите страсти и нагони, ме понесоа на патеката на злото и пропаста. Ме совлада најголемото и најнеизлечиво зло, што на човек може да му се случи - кренав раце од самиот себе. Бев поразен, бидејќи ја прифатив мислата за мојот пораз, ме напушти желбата да се борам, немав сила ни да пробам да се изменам. Против песимизмот, предизвикан од алкохолот, не гледав друг лек освен да пијам и натаму, барајќи заборав кој алкохолот секогаш ми го ветуваше, но никогаш не ми го даде. Бев рамнодушен кон се, ми беше сеедно дали ќе бидам пијан или трезен, жив или мртов. Мојата совест немаше ни време, ни желба, ни сила да реагира и да се спротивстави на последиците од безбројните глупости.

Само наутро вистински се каев за направените глупости од претходниот ден, но тоа траеше кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа пак истото. Како што некој слепец, кој одненадеж ослепел, каде и да одел се на патот му сметало и на се се удирал - мислел дека тој не се удира во предметите, туку дека предметите се удираат во него, така живеев и јас, бидејќи бев длабоко навлезен во пеколниот алкохолен лавиринт, бидејќи живеев само за телото и бев слеп без духовен живот. Тогаш ми се чинеше дека се што ми се случува, за инает ми го прават другите и затоа се лутев на луѓето. Не сфаќав, да бидам попрецизен, не сакав да сфатам, дека мојот живот е пекол, дека живеам како во лудница само затоа што живеев за телото, а не за душата - а не затоа што луѓето ми прават лошо.

Колку подолго се дружев со алкохолот, се повеќе ми се помрачуваше умот и моите мисли беа конфузни, станував несигурен и сомничав, не бев во состојба да го видам ниту своето зло, ниту злото кое беше десетпати поголемо, а кое им го нанесував на сите околу себе, особено на моите најблиски. Не бев во состојба да видам дека моите страсти и нагони ме носат во пеколот, не на небото или под земјата, туку во овој живот. Ѓаволот широко ги отвори портите од пеколот и ме фати на својата јадица и јас, (заслепен од лажниот сјај на ѓаволските сласти и убавини кои, мислев дека можам да ги доживеам само ако пијам алкохол), воопшто не забележував дека длабоко сум навлезен во алкохолната болест.

Како што многу луѓе се сметаат за болни, а тоа не се , така и многу луѓе, особено алкохоличарите, се сметаат за здрави, а тоа не се. Речиси секоја болест, особено алкохолната болест, не доаѓа наеднаш, како од ведро небо, туку тоа е последица на долга низа мали, незабележливи грешки против здравјето на човекот, кои се надоградуваат една на друга и растат како грутка снег што се тркала, додека еден ден не падне на главата од алкохоличарот. Алкохолната болест е подмолна, таа не убива со стап, но се провлекува низ мозочните вијуги и крвните садови како отров, полека и претпазливо и затоа прекасно се забележува нејзината разорна моќ, во уништувањето на човекот. Ни човекот, ни предметите не можат да се огледаат на површината од разбранувана вода - во стварност можат, но сликата ќе биде искривена. Исто така, бидејќи духот кај алкохоличарот е вознемирен, впечатоците што ги добива се искривени, деформирани.

% 

%

Својата совест веќе ја привикнав страстите да ги прифати како нужно зло, но со текот на времето страстите станаа моја нужна потреба, а се помалку во нив гледав зло. Открив дека можам многу да пијам, да го поднесувам алкохолот, сознание кое во следните години ќе стане извор на мојата гордост, сознание кое на крајот ќе го сметам за моја најголема несреќа. Среќен е оној човек што не може да поднесе ниту една чашка алкохол, несреќен е оној кој може да испие многу, а на него ништо или многу малку да забележува тој, или надворешната околина. Животинскиот човек што живееше во мене, сега не само што имаше кренато глава, туку со своите нозе го изгази духовниот човек и сега, овој страшен животински човек, сам господареше со мојата душа.

Овде морам да напоменам дека паралелно со моите страсти, ги негував и моите доблести, за кои понекогаш вложував крајни напори, да ги сочувам да останат неизвалкани од многуте слабости. Калта може да го извалка дијамантот, но не може да го претвори во кал. Не се научив да лажам, да крадам, бев искрен љубител на вистината и чесноста. Во мене, како и во секој човек, живееја две личности: една духовна, што бара за себе такво добро, кое мора да е добро и за другите луѓе; и друг, животински човек, кој бара добро само за себе, а за да го добие тоа, спремен е да го жртвува доброто на целиот свет. Во тоа време, кога во мене лудуваше мојот егоизам и мојата глупост, што во мене беа предизвикани од моите страсти и нагони, во мене како алкохоличар господареше животинскиот човек, кој целосно го имаше задушено духовниот. Денес се чудам како во едно исто срце можеле да живеат две потполно спротивни личности. Едната црна, поцрна дури и од вреќата на ќумурѓијата, другата чиста, неизвалкана, чесна.

Се има свои граници, само на човековата пакост и глупост им нема крај. Човек може да ги избегне сите несреќи, но му нема спас од оние несреќи, кои тој сам себе си ги нанесува со развратниот живот. Кога имав седумнаесет години, во поднапиена состојба, доживеав тешка сообраќајна несреќа. Ја скршив бутната коска од ногата и неколку месеци останав вкревет. Ех, да беше така, мојата несреќа да можеше да ми послужи како поука и опомена - сеуште имав можност да ги вратам среќата и радоста во моето срце. Но, веројатно тоа не можеше да биде, мојата чаша не беше полна со глупости до врвот. Иако не можев да станам од креветот подолго време сепак, алкохол и тогаш не ми недостигаше. Некој на татко ми му рекол дека е добро, за апетит пред јадење, да ми даваат по едно чаше мастика, а јас, бидејќи никој не контролираше, си пиев по неколку. За своите несреќи ги обвинував: судбината, боговите и сите други, само не самиот себе.

Ако сакаме да го одредиме степенот на вина, со кој е оптеретен целиот наш живот, да ги погледнеме страдањата и маките кои со него се поврзани. Секоја голема болка, било телесна или душевна, ни говори што заслужуваме: бидејќи таа нам не би можела да ни се случи, ако не сме ја заслужиле.

%   

%

На патот на злото требаше да му се застане уште на почетокот, бидејќи лекот тешко и касно се наоѓа кога злото заради одолговлекување ќе зајакне. Татко ми, иако по природа беше многу нервозен и тежок човек и за такви престапи знаеше вистински да казни, тогаш веројатно сметаше дека тоа не е голем престап - дете згрешило. Но, денес знам дека тоа беше само почеток, тренинг за сите други прекршоци, неправди и глупости, за сите порази и несреќи што ги доживеав во животот. Се разбира, тогаш сеуште не бев алкохоличар, но бев на добар пат тоа да станам.

За грешката што ја направив не ме казни татко ми, но ме казни самата грешка. Со секое ново опивање се оддалечував од вистинските богатства - љубовта и радоста. Тоа се случува и со секој алкохоличар. Дали ќе биде казнет од луѓето за пијанството или не, тој сепак сигурно ќе биде казнет, не само со главоболка и мамурлук, туку и со тоа што на неговото тело и душа ќе им биде се полошо и полошо, колку почесто се опива.

Важно, премногу важно за моите родители единствено беше да бидам одличен ученик и, крај. Друго ништо не ги интересираше: ниту моите маки и страдања, ниту моето несреќно детство. А вистински и бев одличен ученик, што и покрај се, не ми претставуваше никаков проблем, бидејќи имав дарба за учење, имав дарба да памтам и брзо да мислам. 

Но, како што дождот совладува и урива лошо изградена куќа, така и страстите го совладаа мојот лошо воден ум. Открив дека алкохолот го ублажува песимизмот што беше во мене кога бев трезен, дека ме расположува и ме тера да се смеам на глупостите што ги правеа моите пијани другари, од се срце да им се смеам на работите кои одамна не заслужуваат човек да им се смее. Алкохолот го стимулираше мојот заспан ум, на кој се му беше здодевно. Тој ја оживуваше смеата и песната, предизвикуваше веселост во мојата фантазија, така што можев да се смеам, да пеам и да зборувам глупости и бесмислици со восхит и одушевност. Колку повеќе пиев, обично жестоки пијалаци, толку повеќе бев принуден да испијам, за да го доживеам очекуваното расположение.

Кога имав петнаесетина години, почнав почесто да пијам, почесто да се опивам, па сериозен проблем почнаа да ми претставуваат парите. За да дојдам до пари, за да ги задоволам моите страсти - алкохолот и цигарите, одлучив да играм карти, да научам да играм многу подобро од моите познаници и за чудо, пари имав дури и премногу, доволно за да ги честам и другарите. И, по законот на поврзани садови, прво печалев на карти, а потоа се пијанев, а понекогаш и двете зла во исто време.

 

%

Воопшто не се сеќавам кога првпат пробав алкохол. Знам само дека на сите прослави во нашата куќа, ми даваа од се што ќе посакам: машко е, нека проба, да не му се направи некое илие. Тоа ми го кажуваа кога бев дете. Но, има нешто што тогаш заборавија да ми кажат, оставија тоа сам подоцна да го откријам. Заборавија да ми кажат каде ќе ме одведе алкохолот што тие, ете, од добронамерност ми го даваат. Заборавија да ми кажат дека има работи што може, но не мора да се знаат и прават и дека има работи кои, едноставно, мора добро да се знаат и прават.

Моето прво пијанство се случи кога имав десетина години. Никогаш немав вистинско детство и, во овој период на желба за прерано созревање и самодокажување, бев исполнет со големи психолошки тешкотии и погрешни сознанија за вистинските вредности на животот. Се случи спонтано, непромислено, веројатно поттикнато од детската љубопитност и желбата да се биде во центарот на вниманието. Можеби на тој начин сакав да испратам порака до татко ми за моето незадоволство од животот и за моето несреќно детство. Тогаш бев сеуште мал за да можам да сфатам дека особина на разумен човек е слободно да се покорува на својата судбина, а не против неа да води срамна борба, карактеристична за животните.

Во ракијата што ја пиев воопшто не уживав - спротивно, чувствував гадење, како да голтам солна киселина и, бидејќи чувствував силно печење во грлото и градите, голтав со брзање, за што побрзо да заврши тоа мачење. Од неколку чашки се опив толку многу, така што заборавив се, дури и своето име. Се сеќавам само дека во подсвеста ја гледав реакцијата на татко ми и стравот од него, ме одржа да не се онесвестам. Другиот ден другарчињата ми кажаа дека тие ме однеле дома.

А мене ми беше многу мачно и тешко, посебно ми беше тешко во душата. Мојата положба личеше на положбата на човек што се борел со отров, а вистински и бев отруен. Стуткан во еден ќош од креветот, засрамен, со наведната глава и многу исплашен, го набљудував однесувањето на луѓето околу мене и, на мое големо изненадување, колку што можев на прв поглед да забележам, во сето тоа немаше никаква срамота. Возрасните правеа шеги со мене, имитирајќи го моето шантраво одење, при што сите слатко се смееја. Другарите пак, добродушно ме потчукнуваа по грбот фалејќи го мојот подвиг, така што имав впечаток дека сум направил нешто многу смело, за што имам причина вистински да се гордеам. Добив впечаток, дека од морална гледна точка, никој не го осудува пијанството, дека нема никакви морални пречки, бидејќи сите помалку или повеќе пиеја, сите даваа до знаење дека да се пие, тоа е знак на машкост.

Сепак, најчудна од се ми беше смиреноста на татко ми. Не ми рече ништо, а откако му признав за мојот страв, рече само дека не сакал да тепа пијан човек и се остана на тоа. Денес добро знам дека тогаш зачекорив по погречната патека во лавиринтот на животот, а реакцијата на татко ми само ме охрабри и ме втурна во моите идни престапи и грешки. Секоја грешка, секој грев, кога првпат ќе го направиш, те врзува. Но, кога првпат ќе го напаравиш, те врзува како пајажиња. Ако го повториш истиот грев, пајажињата стануваат конец, потоа јаже. Ако постојано го повторуваш истиот грев, тоа те стегнува како ортома, а потоа како синџир.

% 

%

Во основа, се вртев околу едно исто, за мене во тоа време нерешливо прашање, кое се состоеше во тоа да правам нешто, нешто друго, не знаејќи што и зошто. Денес ми е смешно кога ќе се сетам, како моите родители понекогаш се трудеа да ме научат на нешто потребно, иако и самите не знаеја што е потребно.

Кога од денешен аспект размислувам за влијанието на татко ми врз моето воспитување и врз мојот живот воопшто, доаѓам до заклучок дека длабоко во мене се всади неговото чувство на чесност и скромност. Но, иако упорно барам нешто што би ги ублажило моите обвинувања за неговото однесување, за сите негови негативности кои со текот на времето станаа и дел од мојот карактер, и кои подоцна направија пекол од мојот живот, сепак доаѓам само до еден заклучок: единствена олеснителна околност за неговото однесување е тоа што можеше да биде полош, многу полош.

На почетокот напоменав дека бев дете со изразена љубопитност и незадоволство од се околу мене. Секогаш бев принуден да замолчам пред строгиот поглед на татко ми, но никогаш не бев убеден дека е во право. Бидејќи бев скромно дете, сиромаштијата што постојано го притискаше нашето семејство воопшто не ми сметаше, дури не је ни забележував, но секогаш многу, премногу ми сметаше и болеше што со татко ми, поради големиот страв од него, комуницирав некако службено, доаѓав во каков било контакт со него, само ако бев приморан тоа да го направам. Во ликот на татко ми не гледав добар родител кој секогаш со насмевка на лицето ќе го погали, ќе го охрабри своето дете (татко ми тоа никогаш не го направи), туку секогаш во него гледав тиранин, гледав генерал кој во секоја прилика се однесува нареднички, кој во секоја прилика бара беспрекорна, честопати непотребна, претерана дисциплина од своите војници, генерал кој наметнуваше строги правила на однесување кои важеа за сите - само не и за него.

Поради скромното знаење, родителите не беа во можност да одговорат на безбројните прашања, што непрекинато доаѓаа во мојата глава. Можеби поради тоа морав, поттикнат од својата љубопитност, одговорите да ги барам сам, сам да го барам и да се пробивам по трнливиот пат на животот. Вистинскиот пат во животот и не е толку тешко да се најде, но многу е тешко на него да се остане. Младите луѓе, кои почнуваат да живеат, излегуваат на нови, за нив непознати патишта и лево или десно наоѓаат непознати патчиња и, ако на почетокот се покаже дека е весело и лесно да се оди по нив, тогаш тие ќе навлезат толку далеку, да и кога би сакале да се вратат на стариот, главен пат, веќе не знаат како тоа да го направат, туку упорно одат понатаму и завршуваат во пропаст. И, за себе да се залажат и да ја замолчат својата совест во себе, измислуваат разни оправдувања за своето недолично, глупаво и несоодветно однесување. Најчестото оправдување наведува дека јас сум добар, подобар од другите и дека луѓето не можат или не сакаат тоа да го разберат, та ете затоа не можам да се дружам со нив. Големо зло е кога човек не ја познава и признава вистината, но уште поголемо зло е кога човек признава за вистина тоа што не е вистина.

На животот почнав да гледам како на некое големо зло, како на некоја голема измама, како на некоја голема несреќа. Сето тоа не е добро за човек, кој треба да очекува радост и среќа во животот, кој е создаден да живее, да љуби и да биде љубен. Притиснат од несреќното детство, соочен со недовербата кон сите околу мене, во моите мисли навлезе и заживеа страв од иднината и песимизам кој полека се всели во мојот карактер. Ја снема радоста од моето срце, исчезна смеата од детското лице, болка и тага царуваа во детската душа, но тоа никој не го забележуваше.

%

%

Татко ми не ги поднесуваше грешките од своите соседи и пријатели, што беше многу полошо, не ги поднесуваше и простуваше грешките, ни оние најситни, од мајка ми и од децата. За најмала ситница секогаш го подигаше гласот, а знаеше и да казни со понекоја шлаканица. Една вечер, кога си легнавме, слушнав како ја кара мајка ми. Имав само пет-шест години и не можев да разберам во што е кавгата . Другите деца веќе беа заспани, а кога виде дека сум разбуден, татко ми ми рече да му подадам едно дрво, што беше под креветот. Со молба во гласот мајка ми ми рече да не му го давам, но поради стравот од него, го испружив рачето и му го дадов дрвото. Мајка ми тогаш беше бремена и тој силно ја удри по стомакот. Во тој момент, иако сеуште мал, јас го почувствував, не само со разумот, туку со целото свое битие, тој страшен ужас од тоа што се случи таа студена зимска ноќ, која засекогаш се врежа во моето сеќавање. Сите тие распарчени слики, кои често доаѓаат во моето сеќавање, се наеднаш, за мене секогаш добива страшно значење, секогаш чувствувам болка и срам, што во тој настан учествував само како набљудувач. Често се прашувам: дали можев нешто да направам, да и помогнам на мајка ми, да го спречам тоа ужасно дело? Во тој момент јас никако не можев ни да замислам, дека децата можат да се мешаат во такви работи. Но, кога денес размислувам за тоа, секогаш доаѓам до заклучок дека сум можел. И денес, после повеќе од 45 години, кога ќе се потсетам на тој настан, го слушам лелекот на мајка ми. И денес нејзините невини солзи, ја горат мојата душа. Поради тоа отсекогаш чувствував, а и денес чувствувам грижа на совеста, како мојата рака да го направила тоа гнасно, нечовечко дело. И денес, со помислата на тој настан, моето срце трепери, а солзи на вина ги полнат очите.

Мојот татко сигурно беше многу несреќен човек, но тоа не му даваше право да ги прави несреќни и безмилосно да ги казнува своите најблиски. Поради неговото однесување, уште како дете го замразив и секогаш настојував да бидам што подалеку од него. Работеше како стражар и бев среќен кога не беше дома, кога беше на работа, посебно бев среќен кога во лето, ќе ме пратеше да поседам кај чичко ми во Македонски Брод, заради прекрасната хармонија што ја имаше во нивниот дом. Чичко ми Цане, постариот брат на татко ми, работеше како бербер и за да ги прехрани шесте деца, во дуќанот работеше од утро до мрак. Беше симпатичен човек, кој оставаше силен впечаток на луѓето околу него. Од неговата насмевка зрачеше чудна сила, зрачеше позитивна енергија што ги привлекуваше луѓето, така што сите го поздравуваа со посебен респект. Сепак, кога навечер ќе ги миеше нозете со ладна вода, од жилите на нозете, што беа набрекнати како ортоми, можеше да се види дека цел ден е на нога, така што, иако тој никогаш не се жалеше, лесно можеше да се види дека работата му е многу тешка. Тој и стрина ми Летка, мила и многу добра жена, покрај мајка ми, беа едни од ретките, ако не и единствените луѓе на кои им се восхитував и кои вистински ги сакав. Во нивниот дом секогаш беше тивко, иако куќата секогаш беше полна со деца, владееше прекрасна атмосфера на среќа, радост и мир. Затоа, кога после прекрасно поминатите денови се враќав дома, секогаш имав чувство дека го напуштам рајот и се враќам во пеколот.

На сите деца родителите им изгледаат како Богови, тие навистина веруваат дека нивните родители се работат како што треба, дека се безгрешни. Децата не се способни да даваат објективна проценка, за однесувањето на своите родители. Ако лошо постапуваат со детето, во поголем број случаи, тоа ќе заклучи дека тоа е така, затоа што детето не е добро. Ако кон него се однесуваат како да е грдо, глупаво, неспособно - тоа ќе израсне мислејќи дека навистина е такво. Децата воспитани без љубов, со време почнуваат да веруваат дека е невозможно тие да бидат сакани, дека не заслужуваат љубов и внимание. Почитувани родители, еве еден воопштен закон за развојот на детето, на кој треба да обратите внимание: секогаш кога во родителската љубов постои сериозен недостаток, во најголемиот број случаи, детето ќе заклучи дека тоа е виновно за таквата состојба и заради тоа ќе развие нереално негативна слика за себе.

Бев оставен на мојата судбина, бев оставен сам да се снаоѓам во џунглата на животот. Секое дете во својот татко сака да има свој херој, да најде пример за восхит и имитирање и да може толку совршено да го имитира, што никогаш да не се срами, ни детето, ни таткото. За секое дете, таткото требе да биде покорисен од стотина учители. А јас, јас се срамев од постапките на татко ми, а кога најмногу ми требаше, тој не беше покрај мене, веројатно не сакаше или пак не знаеше правилно да ме воспитува и насочува, да укажува на моите грешки, да ми помогне да го правам тоа што можам и што морам да го правам. Јас постапував така, како што е тоа својствено за дете, особено ако се земе предвид средината во која живеев. Соочена со злото и возрасна личност, макар колку и да е суверена, ќе се почувствува збунета. Верувам дека ви е потполно јасно, како јас се чувствував како дете, кога злото секојдневно го среќавав кај човекот, кој требаше најмногу да го сакам и од кој бев целосно зависен. Ако кон тоа додадеме, дека татко ми своите недостатоци и својата злоба, одбивајќи да ги согледа и признае и, се разбира, да ги поправи, всушност сакаше да ги наметне над своите најблиски, ќе ви биде потполно јасно, зошто јас погрешно ја толкував целата таа состојба и, на крајот, се замразив самиот себе.

%