%

Татко ми не ги поднесуваше грешките од своите соседи и пријатели, што беше многу полошо, не ги поднесуваше и простуваше грешките, ни оние најситни, од мајка ми и од децата. За најмала ситница секогаш го подигаше гласот, а знаеше и да казни со понекоја шлаканица. Една вечер, кога си легнавме, слушнав како ја кара мајка ми. Имав само пет-шест години и не можев да разберам во што е кавгата . Другите деца веќе беа заспани, а кога виде дека сум разбуден, татко ми ми рече да му подадам едно дрво, што беше под креветот. Со молба во гласот мајка ми ми рече да не му го давам, но поради стравот од него, го испружив рачето и му го дадов дрвото. Мајка ми тогаш беше бремена и тој силно ја удри по стомакот. Во тој момент, иако сеуште мал, јас го почувствував, не само со разумот, туку со целото свое битие, тој страшен ужас од тоа што се случи таа студена зимска ноќ, која засекогаш се врежа во моето сеќавање. Сите тие распарчени слики, кои често доаѓаат во моето сеќавање, се наеднаш, за мене секогаш добива страшно значење, секогаш чувствувам болка и срам, што во тој настан учествував само како набљудувач. Често се прашувам: дали можев нешто да направам, да и помогнам на мајка ми, да го спречам тоа ужасно дело? Во тој момент јас никако не можев ни да замислам, дека децата можат да се мешаат во такви работи. Но, кога денес размислувам за тоа, секогаш доаѓам до заклучок дека сум можел. И денес, после повеќе од 45 години, кога ќе се потсетам на тој настан, го слушам лелекот на мајка ми. И денес нејзините невини солзи, ја горат мојата душа. Поради тоа отсекогаш чувствував, а и денес чувствувам грижа на совеста, како мојата рака да го направила тоа гнасно, нечовечко дело. И денес, со помислата на тој настан, моето срце трепери, а солзи на вина ги полнат очите.

Мојот татко сигурно беше многу несреќен човек, но тоа не му даваше право да ги прави несреќни и безмилосно да ги казнува своите најблиски. Поради неговото однесување, уште како дете го замразив и секогаш настојував да бидам што подалеку од него. Работеше како стражар и бев среќен кога не беше дома, кога беше на работа, посебно бев среќен кога во лето, ќе ме пратеше да поседам кај чичко ми во Македонски Брод, заради прекрасната хармонија што ја имаше во нивниот дом. Чичко ми Цане, постариот брат на татко ми, работеше како бербер и за да ги прехрани шесте деца, во дуќанот работеше од утро до мрак. Беше симпатичен човек, кој оставаше силен впечаток на луѓето околу него. Од неговата насмевка зрачеше чудна сила, зрачеше позитивна енергија што ги привлекуваше луѓето, така што сите го поздравуваа со посебен респект. Сепак, кога навечер ќе ги миеше нозете со ладна вода, од жилите на нозете, што беа набрекнати како ортоми, можеше да се види дека цел ден е на нога, така што, иако тој никогаш не се жалеше, лесно можеше да се види дека работата му е многу тешка. Тој и стрина ми Летка, мила и многу добра жена, покрај мајка ми, беа едни од ретките, ако не и единствените луѓе на кои им се восхитував и кои вистински ги сакав. Во нивниот дом секогаш беше тивко, иако куќата секогаш беше полна со деца, владееше прекрасна атмосфера на среќа, радост и мир. Затоа, кога после прекрасно поминатите денови се враќав дома, секогаш имав чувство дека го напуштам рајот и се враќам во пеколот.

На сите деца родителите им изгледаат како Богови, тие навистина веруваат дека нивните родители се работат како што треба, дека се безгрешни. Децата не се способни да даваат објективна проценка, за однесувањето на своите родители. Ако лошо постапуваат со детето, во поголем број случаи, тоа ќе заклучи дека тоа е така, затоа што детето не е добро. Ако кон него се однесуваат како да е грдо, глупаво, неспособно - тоа ќе израсне мислејќи дека навистина е такво. Децата воспитани без љубов, со време почнуваат да веруваат дека е невозможно тие да бидат сакани, дека не заслужуваат љубов и внимание. Почитувани родители, еве еден воопштен закон за развојот на детето, на кој треба да обратите внимание: секогаш кога во родителската љубов постои сериозен недостаток, во најголемиот број случаи, детето ќе заклучи дека тоа е виновно за таквата состојба и заради тоа ќе развие нереално негативна слика за себе.

Бев оставен на мојата судбина, бев оставен сам да се снаоѓам во џунглата на животот. Секое дете во својот татко сака да има свој херој, да најде пример за восхит и имитирање и да може толку совршено да го имитира, што никогаш да не се срами, ни детето, ни таткото. За секое дете, таткото требе да биде покорисен од стотина учители. А јас, јас се срамев од постапките на татко ми, а кога најмногу ми требаше, тој не беше покрај мене, веројатно не сакаше или пак не знаеше правилно да ме воспитува и насочува, да укажува на моите грешки, да ми помогне да го правам тоа што можам и што морам да го правам. Јас постапував така, како што е тоа својствено за дете, особено ако се земе предвид средината во која живеев. Соочена со злото и возрасна личност, макар колку и да е суверена, ќе се почувствува збунета. Верувам дека ви е потполно јасно, како јас се чувствував како дете, кога злото секојдневно го среќавав кај човекот, кој требаше најмногу да го сакам и од кој бев целосно зависен. Ако кон тоа додадеме, дека татко ми своите недостатоци и својата злоба, одбивајќи да ги согледа и признае и, се разбира, да ги поправи, всушност сакаше да ги наметне над своите најблиски, ќе ви биде потполно јасно, зошто јас погрешно ја толкував целата таа состојба и, на крајот, се замразив самиот себе.

%