%
Воопшто не се сеќавам кога првпат пробав алкохол. Знам само дека на сите прослави во нашата куќа, ми даваа од се што ќе посакам: машко е, нека проба, да не му се направи некое илие. Тоа ми го кажуваа кога бев дете. Но, има нешто што тогаш заборавија да ми кажат, оставија тоа сам подоцна да го откријам. Заборавија да ми кажат каде ќе ме одведе алкохолот што тие, ете, од добронамерност ми го даваат. Заборавија да ми кажат дека има работи што може, но не мора да се знаат и прават и дека има работи кои, едноставно, мора добро да се знаат и прават.
Моето прво пијанство се случи кога имав десетина години. Никогаш немав вистинско детство и, во овој период на желба за прерано созревање и самодокажување, бев исполнет со големи психолошки тешкотии и погрешни сознанија за вистинските вредности на животот. Се случи спонтано, непромислено, веројатно поттикнато од детската љубопитност и желбата да се биде во центарот на вниманието. Можеби на тој начин сакав да испратам порака до татко ми за моето незадоволство од животот и за моето несреќно детство. Тогаш бев сеуште мал за да можам да сфатам дека особина на разумен човек е слободно да се покорува на својата судбина, а не против неа да води срамна борба, карактеристична за животните.
Во ракијата што ја пиев воопшто не уживав – спротивно, чувствував гадење, како да голтам солна киселина и, бидејќи чувствував силно печење во грлото и градите, голтав со брзање, за што побрзо да заврши тоа мачење. Од неколку чашки се опив толку многу, така што заборавив се, дури и своето име. Се сеќавам само дека во подсвеста ја гледав реакцијата на татко ми и стравот од него, ме одржа да не се онесвестам. Другиот ден другарчињата ми кажаа дека тие ме однеле дома.
А мене ми беше многу мачно и тешко, посебно ми беше тешко во душата. Мојата положба личеше на положбата на човек што се борел со отров, а вистински и бев отруен. Стуткан во еден ќош од креветот, засрамен, со наведната глава и многу исплашен, го набљудував однесувањето на луѓето околу мене и, на мое големо изненадување, колку што можев на прв поглед да забележам, во сето тоа немаше никаква срамота. Возрасните правеа шеги со мене, имитирајќи го моето шантраво одење, при што сите слатко се смееја. Другарите пак, добродушно ме потчукнуваа по грбот фалејќи го мојот подвиг, така што имав впечаток дека сум направил нешто многу смело, за што имам причина вистински да се гордеам. Добив впечаток, дека од морална гледна точка, никој не го осудува пијанството, дека нема никакви морални пречки, бидејќи сите помалку или повеќе пиеја, сите даваа до знаење дека да се пие, тоа е знак на машкост.
Сепак, најчудна од се ми беше смиреноста на татко ми. Не ми рече ништо, а откако му признав за мојот страв, рече само дека не сакал да тепа пијан човек и се остана на тоа. Денес добро знам дека тогаш зачекорив по погречната патека во лавиринтот на животот, а реакцијата на татко ми само ме охрабри и ме втурна во моите идни престапи и грешки. Секоја грешка, секој грев, кога првпат ќе го направиш, те врзува. Но, кога првпат ќе го напаравиш, те врзува како пајажиња. Ако го повториш истиот грев, пајажињата стануваат конец, потоа јаже. Ако постојано го повторуваш истиот грев, тоа те стегнува како ортома, а потоа како синџир.
%







