%
На патот на злото требаше да му се застане уште на почетокот, бидејќи лекот тешко и касно се наоѓа кога злото заради одолговлекување ќе зајакне. Татко ми, иако по природа беше многу нервозен и тежок човек и за такви престапи знаеше вистински да казни, тогаш веројатно сметаше дека тоа не е голем престап – дете згрешило. Но, денес знам дека тоа беше само почеток, тренинг за сите други прекршоци, неправди и глупости, за сите порази и несреќи што ги доживеав во животот. Се разбира, тогаш сеуште не бев алкохоличар, но бев на добар пат тоа да станам.
За грешката што ја направив не ме казни татко ми, но ме казни самата грешка. Со секое ново опивање се оддалечував од вистинските богатства – љубовта и радоста. Тоа се случува и со секој алкохоличар. Дали ќе биде казнет од луѓето за пијанството или не, тој сепак сигурно ќе биде казнет, не само со главоболка и мамурлук, туку и со тоа што на неговото тело и душа ќе им биде се полошо и полошо, колку почесто се опива.
Важно, премногу важно за моите родители единствено беше да бидам одличен ученик и, крај. Друго ништо не ги интересираше: ниту моите маки и страдања, ниту моето несреќно детство. А вистински и бев одличен ученик, што и покрај се, не ми претставуваше никаков проблем, бидејќи имав дарба за учење, имав дарба да памтам и брзо да мислам.
Но, како што дождот совладува и урива лошо изградена куќа, така и страстите го совладаа мојот лошо воден ум. Открив дека алкохолот го ублажува песимизмот што беше во мене кога бев трезен, дека ме расположува и ме тера да се смеам на глупостите што ги правеа моите пијани другари, од се срце да им се смеам на работите кои одамна не заслужуваат човек да им се смее. Алкохолот го стимулираше мојот заспан ум, на кој се му беше здодевно. Тој ја оживуваше смеата и песната, предизвикуваше веселост во мојата фантазија, така што можев да се смеам, да пеам и да зборувам глупости и бесмислици со восхит и одушевност. Колку повеќе пиев, обично жестоки пијалаци, толку повеќе бев принуден да испијам, за да го доживеам очекуваното расположение.
Кога имав петнаесетина години, почнав почесто да пијам, почесто да се опивам, па сериозен проблем почнаа да ми претставуваат парите. За да дојдам до пари, за да ги задоволам моите страсти – алкохолот и цигарите, одлучив да играм карти, да научам да играм многу подобро од моите познаници и за чудо, пари имав дури и премногу, доволно за да ги честам и другарите. И, по законот на поврзани садови, прво печалев на карти, а потоа се пијанев, а понекогаш и двете зла во исто време.
%







