%
Својата совест веќе ја привикнав страстите да ги прифати како нужно зло, но со текот на времето страстите станаа моја нужна потреба, а се помалку во нив гледав зло. Открив дека можам многу да пијам, да го поднесувам алкохолот, сознание кое во следните години ќе стане извор на мојата гордост, сознание кое на крајот ќе го сметам за моја најголема несреќа. Среќен е оној човек што не може да поднесе ниту една чашка алкохол, несреќен е оној кој може да испие многу, а на него ништо или многу малку да забележува тој, или надворешната околина. Животинскиот човек што живееше во мене, сега не само што имаше кренато глава, туку со своите нозе го изгази духовниот човек и сега, овој страшен животински човек, сам господареше со мојата душа.
Овде морам да напоменам дека паралелно со моите страсти, ги негував и моите доблести, за кои понекогаш вложував крајни напори, да ги сочувам да останат неизвалкани од многуте слабости. Калта може да го извалка дијамантот, но не може да го претвори во кал. Не се научив да лажам, да крадам, бев искрен љубител на вистината и чесноста. Во мене, како и во секој човек, живееја две личности: една духовна, што бара за себе такво добро, кое мора да е добро и за другите луѓе; и друг, животински човек, кој бара добро само за себе, а за да го добие тоа, спремен е да го жртвува доброто на целиот свет. Во тоа време, кога во мене лудуваше мојот егоизам и мојата глупост, што во мене беа предизвикани од моите страсти и нагони, во мене како алкохоличар господареше животинскиот човек, кој целосно го имаше задушено духовниот. Денес се чудам како во едно исто срце можеле да живеат две потполно спротивни личности. Едната црна, поцрна дури и од вреќата на ќумурѓијата, другата чиста, неизвалкана, чесна.
Се има свои граници, само на човековата пакост и глупост им нема крај. Човек може да ги избегне сите несреќи, но му нема спас од оние несреќи, кои тој сам себе си ги нанесува со развратниот живот. Кога имав седумнаесет години, во поднапиена состојба, доживеав тешка сообраќајна несреќа. Ја скршив бутната коска од ногата и неколку месеци останав вкревет. Ех, да беше така, мојата несреќа да можеше да ми послужи како поука и опомена – сеуште имав можност да ги вратам среќата и радоста во моето срце. Но, веројатно тоа не можеше да биде, мојата чаша не беше полна со глупости до врвот. Иако не можев да станам од креветот подолго време сепак, алкохол и тогаш не ми недостигаше. Некој на татко ми му рекол дека е добро, за апетит пред јадење, да ми даваат по едно чаше мастика, а јас, бидејќи никој не контролираше, си пиев по неколку. За своите несреќи ги обвинував: судбината, боговите и сите други, само не самиот себе.
Ако сакаме да го одредиме степенот на вина, со кој е оптеретен целиот наш живот, да ги погледнеме страдањата и маките кои со него се поврзани. Секоја голема болка, било телесна или душевна, ни говори што заслужуваме: бидејќи таа нам не би можела да ни се случи, ако не сме ја заслужиле.
%







