%
Да кажам збор два и за моите другари. Во раното детство се дружев со врсниците од нашето маало, а потоа запознав и се дружев со децата од училиште. Мојата скромност, чесност и добрина придонесе во почетокот со другарчињата добро да се согласувам, но откако почнав да се повлекувам во себе, особено откако почнав почесто да се дружам со алкохолот, меѓу нас се создаде бариера и децата почнаа да ме избегнуваат. Мојата арогантност и возгордеаност беше причината, заради која не сакав ни да ги слушнам нивните добронамерни укажувања на моите грешки.
Се вработив кога имав само осумнаесет години и почнав да се дружам со другари кои беа неколку години постари од мене. Уште од првиот ден на моето вработување, ја имав таа несреќна околност да ми биде одговорен еден постар човек од мене, голем љубител на алкохолот. Беше добар, интелегентен човек, но исто така и долгогодишен алкохоличар. И денес се сеќавам на неговите, во тоа време за мене, мудри совети: кога, како и колку да пијам.
- Наутро ќе поткаснеш малку за стомакот да не ти биде празен, а потоа ќе испиеш половина литар вино. На работа секој ден заедно ќе пиеме по четврт ракија, а на одење од работа ќе продолжиме во кафеана уште по неколку ракии. Така цел ден ќе бидеме загреани, а нема да бидеме пијани за да не казнуваат.
Едноставно, ги прифатив неговите совети и тој начин на живот како нешто најнормално, го прифатив начинот на живот од луѓето со кои секојдневно се дружев. Себе си се сметав за доста издржливо момче, во друштво на доста издржливи луѓе, а пиев затоа што и тие луѓе пиеја и затоа што сакав да живеам како нив, затоа што природата ми беше таква што не можев да си дозволам да заостанам зад другите постари мажи, во нивната најубава разонода. Со нив ме врзуваше само алкохолот и глупостите што одат заедно со него.
Без сомнеж, чувствував дека и тие се залажуваат себе си и дека и тие, како и јас, немаат друга смисла за животот освен да живеат додека живеат и да земат се што ќе им дојде до рака. Во почетокот се чувствував инфериорен во нивното друштво и за да ја здобијам нивната наклоност, почнав да се натпреварувам со нив – секогаш пиев повеќе од другите и речиси секогаш јас бев пијан повеќе од другите.
Овде морам да кажам дека од дното на душата чувствував дека сакам да бидам добар, но бев сеуште млад, а бев сам, потполно сам кога го барав доброто. Секогаш кога сакав да го следам доброто, да престанам да се дружам со алкохолот и да бидам добар морално, наидував на презир и потсмев, а кога се оддавав на валканите страсти, другарите ме фалеа и охрабруваа.
Ниту еден од моите другари не ги ценеше парите, сите ги трошевме до последна пара. Честопати, откако ќе ги потрошевме сите пари, секој од нас се колнеше дека во иднина ќе биде многу поразумен, дека нема повеќе да прави глупости и дека нема да се расфрла со парите. “Ова е последен пат, од утре ќе бидеме многу поразумни – подалеку од кафеаните, подалеку од алкохолот, подалеку од злото” – тоа беа нашите пароли во тие моменти, но за кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа, пак по старо.
Посебно се издвојуваше мојот другар Драган, физички доста развиен човек, кој стопостотно му се предаде на алкохолот. Тој беше човек, што пред да почне да се дружи со алкохолот, добро живееше, пред него се отвораа бесконечни можности, но алкохолот целосно го уништи и физички и морално. Поради алкохолот ја загуби работата така што деноноќно беше пијан, трошејќи за алкохол се што ќе му дојдеше во рацете. Неговата сопруга, која секојдневно без никаков повод и причина безмилосно ја малтретираше, вложуваше надчовечки напори да ги прехрани двете прекрасни дечиња, а целосно го издржуваше и својот пропаднат маж. Алкохолот е единствената причина што тој мизерно го заврши својот млад живот.
%







