%
Се добива впечаток дека работите ги кажувам едноставно и со преголема леснотија, но пред очите секогаш ми излегуваат слики од безбројните глупости, секогаш ги слушам гласовите од моите пијани другари, постојано се потсетувам на нашата дрскост и простотилок. Ние речиси никогаш не се слушавме еден со друг, зборувавме премногу гласно, да бидам попрецизен, се деревме и надвикувавме еден со друг. И, се разбира, си попуштавме еден со друг, притоа фалејќи се помеѓу себе, за и мене да ми попуштаат и фалат, често лутејќи се и карајќи се помеѓу себе – токму како да сме во лудница. Јас тогаш, во мојата заспана совест, тоа матно го претчувствував и точно како и секој лудак – ги нарекував лудаци сите други, освен себе си.
Желбите на нашиот господар – алкохолот, беа толку силни, така што ние правевме многу лоши работи кои трезни никогаш ни на памет не би ни паднало да ги направиме, беа посилни од моралните правила кои одамна сме ги научиле. Ќе наведам еден пример, од кој мислам дека ќе се види до која граница одеше нашата глупост и лесноумност.
Еден ден бевме собрани десетина другари пред една продавница и пиевме црно вино. Случајно помина еден мој вистински пријател (тогаш за него не мислев така, туку сосема спротивно) кој, со најдобра намера, се обиде да ми го земе шишето со вино од рацете. При таа борба за моето најголемо богатство, се испрскав со вино по целото сако. Среќен што сепак го спасив богатсвото, влегов во една продавница да купам мало шишенце со ракија, за божем да го исчистам сакото, но мали шишенца со ракија немаше и затоа купив едно шишенце од 200 мл. синтетички бензин. Полека одев кон другарите и турав од бензинот насекаде по сакото каде имаше дамки од виното. Кога стигнав до другарите, тие, веројатно на смеа, почнаа да фрлаат запалени чкорчиња кон мене, воопшто не сфаќајќи ги сериозно моите укажувања дека на сакото навистина турав бензин. Едно чкорче беше фрлено директно во мене и наеднаш вивнав во пламен. Ме фати страв и голема паника, но сепак, реагирав брзо и го соблеков сакото. Сепак, добар дел од косата и веѓите беа опалени, а по рацете почнаа да ми излегуваат пликови. Сите другари збунето бираа зборови на извинување, сите почнаа божем да ме тешат – дека тие не ми верувале дека навистина турам бензин, а што се однесува до сакото, за тоа воопшто да не се секирам бидејќи тие ќе ми купеле ново, поубаво сако. И, се разбира, за вистински да ме утешат и расположат, купија ново шише со вино кое ја смири состојбата, така што продолживме да пиеме како ништо да не се случило. Новото сако што ми го ветија не само што не ми го купија, туку никогаш не го ни споменаа, но затоа честопати слатко се смееја и си правеа вицеви со мене, дека сум горел како запалена гламна.
%







