јуни 2009


%

Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп наликува на каменит свод чии камења се меѓусебно поврзани. Но, тој ќе се сруши ако над него деноноќно не бдее нашиот вистински пријател, нашиот спасител, нашиот духовен водач, нашиот ангел чувар Др.Методија Николоски - Мец.

Кога зборував за докторите, реков дека целосно сум незадоволен од нив и дека целосно ме разочараа и како лекари, но и како луѓе. Тие го знаеја само тоа што е општо познато, општо прифатено и тие самите беа дел од тоа што е општо признато и прифатено. Нивната малодушност дозволуваше општо признатото да им се врежи во нивната памет, и да се однесуваат по тие општи, непишани правила исто толку лесно, како што етикетата со бомбастичното име на некој алкохолен пијалак, се лепи на специјално направено шише токму за тој алкохолен пијалак, за подобро да се продава. Многу лекари, да можат да се издигнат над самите себе, би се зачудиле што некој им дозволил да бидат лекари.

Во овие тешки времиња, преполни со безбројни искушенија, пред иднината на луѓето во која се мешаат најубави желби и надежи, но и страшни закани, би требало да се создадат експерти кои ќе бидат јаки во карактерот и знаењето, кои ќе поседуваат голем капацитет на љубов и човекољубие, луѓе кои ѓе имаат сили вистински да го носат товарот на најголемите должности кои се предизвик на дваесеттиот век - да бидат авангарда во борбата со најголемото зло на нашата, а веројатно и на идните генерации - алкохолот. Без никакво двоумење сметам дека Др.Мец, со своите дела, докажа дека може да биде најдобар пример за сите нив. Толку се разликува од своите колеги, како целиот свој работен век да го поминал во некоја светски позната клиника за алкохологија, а не во општата болница во Прилеп.

Самото сознание, после толку разочарувања од лекарите, дека сепак постои лекар, кој во борбата со алкохолната болест може да направи чуда, од самиот почеток на моето посетување на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот”, ми даваше голема надеж и ме правеше необично среќен. Мојот ограничен ум, преполн со погрешни сознанија за штетните последици од алкохолот, но и за животот воопшто, во почетокот не можеше правилно да ја разбере неговата едноставност, особено не можеше да ја разбере непрекинатата активност на овој необичен човек, преокупиран со желбата да помогне на секој алкохоличар, во секое време. Сепак, во потсвеста чувствував дека овој човек поседува необична моќ, на секој апстинент да му пренесе посебна сила, сила од која апстинентот станува како џин кој успешно се напрега да ги раскине синџирите, со кои алкохолот го врзал. На секој состанок во клубот, од Др.Методија Николоски - Мец слушав зборови, какви што среќавав само во книгите напишани од големите писатели и филозофи и за чие говорење ниту еден човек, што до тогаш го познавав, не беше од толку голем калибар. Се наоѓав како во ретка, величенствена состојба, во која човек гледа како соништата од скриените агли на својата фантазија, стануваат стварност. Во такво духовно расположение апстинентите доаѓаа до состојба на покајување, целосно се убедуваа во својата грешност.

% 

%

Денес не се срамам поради тоа што не знаев ништо за работата на Клубот на лекувани алкохоличари и неговата улога во мојата борба со алкохолната болест, но ќе беше голема срамота и голема загуба за мене, ако ништо не сакав и не се потрудев да научам. Со посетата на клубот го направив првиот правилен чекор, добивав непозната сила од која чувствував како во своите раце да ја држам целата вселена. Патувам низ прашумата на животот, но сега не како уплашен патник кој низ густите дрвја трага по непозната цел, туку како патописец кој во својата свест го бележи сето тоа што треба да се знае во борбата со најголемиот непријател на целото човештво - алкохолот. И, колку повеќе ја осознавам проблематиката на алкохолизмот, се пострастно им се восхитувам на убавините на новиот живот.

Кога денес го анализирам моето однесување додека бев пијаница, доаѓам само до еден заклучок: можеби не беше толку одвратно што постојано ги повторував истите грешки, колку што беше одвратен начинот на кој до тогаш тие грешки самиот си ги простував или, да кажам поедноставно, за многу кратко време целосно заборавав на нив, како никогаш и да не постоеле. Новите грешки што секојдневно ги правев помагаа да ги заборавам старите, а за кратко време и тие стануваа стари кои ги потиснуваа нови грешки и така во бесконечен круг.

Со помош на колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, посебно со помош на нашиот терапевт Др.Мец, дојдов до тоа тажно сознание: дека никогаш ништо не сум знаел за животот и дека никогаш ништо не ќе знаев ако и понатаму останев алкохоличар, дека таков каков што некогаш бев - никаков, кога немав ни памет, ни духовност, ни милосрдие, ни добри навики, ќе бев само терет на Мајката Земја, ќе продолжев да одам како ѕвер во човечки облик и само ќе газев по земјата без никаква цел. И, не само затоа што ги прифатив укажувањата на нашиот терапевт и колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, не само затоа што во себе донесов цврста одлука да го променам мојот, дотогаш промашен живот, туку единствено затоа што тие укажувања беа како удар со прст на ѕидот кој беше готов да падне под сопствената тежина. Нивните укажувања беа само опомена, дека таму каде што мислев дека ми е најубаво, дека таму одамна се е пусто, дека таму не се наоѓа рајот, туку пеколот.

Откако ја осознав бесмисленоста на мојот живот, веќе не можев да продолжам и понатаму така да живеам. Кога денес, од височините до кои дојдов гледам на минатото, на стариот свет што го познавав - светот на алкохолизмот, развратот  и глупоста, тој свет ми изгледа многу мал. Целото мое детство и младоста беа оптоварени со некој непознат, неодреден немир - никогаш не знаев што точно сакам во животот. Веројатно сакав нешто по што залудно трагав, додека судбината не ме донесе во Клубот на лекувани алкохоличари, каде од првиот момент почувствував дека се наоѓам во сосема нов, друг свет, дека од сите страни сум опкружен со соема нови луѓе, од нивните сериозни интереси, радости и страдања на вистинскиот, корисен човечки живот, опкружен со луѓе кои имаат слична судбина со мојата, слична животна приказна. Во клубот најдов одговор на сите прашања, најдов луѓе кои ми служат за пример, најдов мир, конечно сум спремен да се жртвувам за копнечната цел - победа над алкохолното зло. Полека, но сигурно, клубот ми помогна да ја зацврстам волјата и храбро да зачекорам на патот кон победата, да ги победам своите страсти и навики денес, а не утре, да ја извојувам најголемата победа, победата над самиот себе, да се воспитам со работа и со совладување на многубројните слабости. Добив волја за живот, добив мотив за победа над злото што премногу долго живееше во мене, во моето срце и од каде треба и мора да се искорне.

%

%

Со помош на колегите од клубот, со помош на бистриот ум и интелектот, со помош на новите сознанија за алкохолната болест и нејзината уништувачка моќ врз човековиот организам, што ги добив во клубот, успеав да ги спречам сетилата да се врзуваат за предмети на уживање. Веќе не ми е потребен алкохол за да се воодушевам, за да се расположам, за да запеам. Најважно е тоа што сфатив дека веќе не ми се потребни пријатели кои во се се согласуваат со мене, кои ги разгоруваат моите страсти и кои ме поддржуваат во мојата пропаст, кои на се климаат со главата во знак на одобрување, бидејќи тоа истото мојата сенка го прави многу подобро од нив.

Пред да почнам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, ми изгледаше дека пиењето им доликува на луѓето и затоа посебно се гордеев со способноста да пијам и да се опивам. Но, откако почнав да се лекувам од алкохолната болест, кога ги среќавам поранешните другари по алкохол пак ќе се почестам со нив како и порано, но за себе порачувам исклучиво сок или кисела вода. Со некои од нив, во зависност од околностите, седнувам во истите кафеани како и порано, но во очите од кафеанџиите забележувам дека сум им еден од најевтините муштерии и поради тоа, помалку добродојден. Секогаш во такви моменти се обидувам да ги советувам моите другари најдобро што умеам, да го остават алкохолот и да почнат да живеат поразумен живот, а тие, за возврат, ме канат и јас да правам како нив и повторно да заслужам иста судбина и да тргнам по нивниот пат што води кон пеколот.

Алкохолот луѓето ги привлекува не затоа што им е вкусен, туку најмногу ги мами затоа што им овозможува да ги заборават своите неволји што секојдневно ги доживуваат и им дава сили да бидат убедени во своите вредности, кои без алкохолот ги немаат. Без алкохолот се им изгледа мрачно и срамно. А кога алкохолот ќе им удри во главата, гледам како во нив се буди ѕверот и лесно ги совладува. Во тие моменти упатувам голема благодарност кон Бога што ми помогна да не бидам како нив. Во пијанството во нивните матни умови тие стануваат како богови и секој од нив владее со своето небо, преполно со пијани желби.

Вистински пријатели најдов во апстинентите од Клубот на лекувани алкохоличари, луѓе кои ми помогнаа во мојата борба со алкохолната болест, кои ми помогнаа полесно да ги поднесам жртвите и самооткажувањата кои морав да ги поднесам. На состаноците секогаш слушам со посебно внимание. Многу сум задоволен од новите сознанија за алкохолната болест, задоволен од начинот за нејзино лекување, задоволен од новите погледи за животот воопшто, толку многу задоволен што никако не можам да ја разберам причината, заради која некои луѓе не успеваат во својата борба со оваа страшна болест. Конечно сфатив дека животот вреди да се живее, дека има многу работи заради кои човек вреди да се труди и да ги достигне, дека има многу работи заради кои човек вреди да се бори, па ако е потребно за таа борба и да умре.

Алкохолната болест е слична на сипаници - колку болниот подолго боледува, толку подолго се лекува, колку алкохоличарот подолго се дружи со алкохолот, толку потешко е од него да се откаже. Алкохолната болест е како жива песок - колку човекот поупорно чекори по неа, толку побрзо ќе пропадне. Сепак, и покрај сите тешкотии, откажувања и жртви, подобро е човек кој завлегол во алкохолниот пекол да се бори и дури битката и да ја изгуби, отколку никогаш да не се бори. А битката ќе ја добие оној кој цврсто одлучил да ја добие. Јас одлучил против алкохолната болест, за свое добро и за доброто на целото семејство да се борам како војник. Но, кој војник сам може да ја добие војната? Секогаш ми помагаа моите другари од Клубот на лекувани алкохоличари - заедно е полесно да се живее - ако едниот падне, другиот ќе го подигне. Та една рака ни во морето не може сама да се измие.

%

%

Само во Клубот на лекувани алкохоличари и на ниту едно друго место, луѓето ме примија и прифатија таков каков што бев, што е најважно, како рамен на нив. Слични на мене се околу мене, и јас сум сличен на нив. Идентификувајќи се, дружејќи се со тие луѓе, си помагам себе си, им помагам на другите, не правам зло ниту сум причина за какво било друго зло. Можеби е чудно, но дури откако почнав да го посетувам клубот сфатив колку сум бил лош и колку се грозам од самиот себе. Од тогаш, ја снема одбивноста што ја имав кон другите луѓе - спротивно, кон нив чувствувам нежност и почит. Денес сум многу среќен, мојот живот е пријатен, има некаква смисла. Се чувствувам како принц кој се вратил од прогонство, како човек кој оживеал од мртвите. Повторувам, многу сум среќен и додавам дека во целиот мој живот, ова е мојот најсреќен период.

Во сфаќањето на алкохолната болест има три видови на луѓе. Некој е: или човек, или получовек, или не е никаков човек. Моето лично искуство е дека јас ги поминав сите три фази. Не бев никаков човек бидејќи за алкохолната болест, што долго ја имав, немав свој став, ниту барав совет од другите луѓе. Вистините што најмалку сакав да ги слушнам беа токму тие кои најмногу ќе ми користеа ако ги знаев, многу порано ќе излезев лавиринтот на пеколниот живот, во кој поради алкохолот се загубив.

Бев получовек, бидејќи во еден период имав свој став за алкохолот, но не сакав да ги прифатам советите од луѓето со кои контактирав. Секој човек може да биде огледало во кое ги гледаме своите порази, маани и недостатоци и сето тоа зло што е во нас. Но, повеќето од нас притоа постапуваме како кучето кое лае во огледалото, бидејќи мисли дека во огледалото не се гледа себе си, туку некое друго куче. Имав свој став кој го осудуваше алкохолизмот, но тоа траеше многу кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа се одново, затоа што алкохолот на телото му нудеше лажна сила, го издигнуваше духот на лажни височини, ми ги прикажуваше работите онакви какви што не се, или пак многу поубави отколку што се. Иако долго време ја имав алкохолната болест, не одев на лекар да побарам помош, а не барав ни учители и советници да ми помогнат да ја надминам својата глупост, да ја скротам својата волја која беше само желба и нејзино задоволување, да биде желба и воздржување, желба и одрекување. Значи, немав ниту сопствена, а не знаев и веројатно не сакав да ја користам туѓата памет и искуство.

Станав човек, барем се надевам дека е така, кога почнав да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” во Прилеп, кога зазедов правилен став кон алкохолната болест и кога почнав да се советувам со луѓето кои го посетуваат клубот. Многу луѓе велат дека не вреди да се прават напори - колку и да вложува напор, човекот не може да го достигне совршенството. Реално, тие имаат право, но забораваат дека нашата цел и не е да го достигнеме совршенството, туку што повеќе да се приближиме кон него. Човек никогаш не треба да одлучи да не направи ништо во животот само затоа што ќе може да направи малку - треба да направио онолку, колку што може.

Во почетокот од моето лекување, моите мисли беа слични на копање бунар - водата прво е матна, а потоа полека се разбиструва. И сето тоа што во почетокот ме одбиваше од клубот, ми изгледаше матно и во што се сомневав, сега јасно излезе пред мене. Поголемиот дел од алкохоличарите не веруваат во успешното лекување на алкохолната болест, најмногу поради тоа што дури и оние, кои буквално се платени безрезервно да ја проповедаат вистината за алкохолот и последиците од алкопхолната болест, а тоа се лекарите - и тие кога говорат за алкохолната болест на вистината и придодаваат лага, со што се добива искривена слика за вистината. Ќе наведам пример со апстинент, член на клубот, на кого после прегледот, веројатно со намера да го охрабри, докторот-интернист му вели дека е здрав како дрен и дека слободно може да пие по едно чаше ракија за циркулација на крфта. Амаааан бе докторе, после не ќе можам со едно! Лекарите се должни на секој човек, на секој пациент да му ја кажат вистината, да му кажат дека медицината непобитно докажала дека не постои лек што може да се зема во исто време со алкохол.

%

%

Веднаш да кажам дека моите први впечатоци од посетата на Клубот на лекувани алкохоличари при Тутунскиот комбинат, беа поразителни. Клубот го посетуваа само неколкумина, доста постари луѓе од мене, за кои, веројатно поради мојата возгордеаност, веднаш помислив дека посетата на клубот за нив е разонода - немаат друга работа, па ете, да го отепаат времето. Во длабочината на душата, а сепак, секогаш на површината од моите мисли, за мене беше голем проблем: како да се однесувам во новата средина, каков став да заземам? Непрекинато, со грижа на совеста се борев со тие проблеми. Ми доаѓаа кукавички мисли да глумам дека се е во ред, но нешто ме опоменуваше дека ќе претрпам неуспех со таквото лицемерно однесување, дека мојата природа не е способна за такво нешто и дека на крајот со тоа само ќе направам будала од себе. Сепак, во тој момент чувствував дека со мојата душа се случува нешто најважно, дека мојот внатрешен живот се наоѓа како на кантар што се колеба и кој, со најмал напор, може да претегне на страната од добрата или од лошата страна. Др.Борче Паноски, нашиот терапевт, стручно и сериозно ги водеше состаноците и, како кон нов член на клубот, ми посветуваше посебно внимание.

Но, мене ми се чинеше дека моето место не е таму, дека ништо ново не ќе можам да научам од овие луѓе, дека доволно и самиопт знам за моите проблеми. Од друга страна, ме привлекуваше самиот факт што овие и многу други луѓе го посетувале и сеуште го посетуваат клубот со години и дека во тоа мора да се крие некоја тајна, која ќе морам сам, со мојата трпеливост да ја откријам.

Бидејќи на состаноците во Клубот на лекувани алкохоличари при Тутунскиот комбинат присуствувавме само неколкумина, понесен и од желбата да видам како работи градскиот клуб, одлучив да појдам и таму, иако ми беше многу непријатно, бидејќи не ги познавав луѓето кои го посетуваат клубот. Во вторник, точно во 5 часот, дојдов пред зградата за Социјални работи, каде се наоѓа Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп и десетина минути седев на клупата, во малиот парк пред зградата, колебајќи се дали да влезам или не. Преовладуваше мислата да дојдам некој друг вторник, кога ќе бидам подобро припремен. За моја голема среќа, тогаш наиде Божо Донески - Грчето, најстариот апстинент во нашиот град, еден од основачите на клубот пред триесетина години. Тој ме охрабри, ми рече дека нема да има подобар вторник од денешниот и слободно можам да кажам, ме внесе во просторијата каде состанокот веќе беше почнат.

Во клубот наидов на одличен прием, но моите првични впечатоци останаа исти. Сепак бев упорен и редовно го посетував клубот. Иако моите сознанија за алкохолната болест беа премногу скромни, со големо внимание го слушав нашиот терапевт Др.Методија Николоски - Мец. Ниеден човек до тогаш на мене не оставил посилен впечаток. Се чувствував засрамен заради своето незнаење, се чувствував како морепловец без мапа и компас на непознато море, но чувствував дека од посетата на Клубот на лекувани алкохоличари ми доаѓа голема сила, која ме тера да научам како да се снајдам.

И, од состанок до состанок улогата на клубот ми стануваше се појасна. Набљудувајте дрво во шумата, ќе видите како неговите листови, неговите гранки и неговите корени работат хармонично, за да го развијат неговиот живот. Ниту еден од неговите листови не се труди да ги засени другите, бидејќи тие знаат дека се убави само во единство со своите другари. И, ако ги откинеме од гранките, тие ќе овенат и ќе умрат. Набљудувајте ги деловите на своето тело: прстите работат со прстите, едната рака ја помага другата, горните заби соработуваат со долните. Секој дел работи за доброто на целото тело.

Врз база на таа длабока солидарност која ги соединува сите суштества, врз база на таа хармонија, работи и Клубот на лекувани алкохоличари. Животот не соединил да се дружиме и лекуваме во овој клуб. Во клубот секој апстинент може да најде заборав за своите грешки, може да најде мотив за живот, може да осознае дека ѕверот во секој човек е многу силен и опасен за самиот човек, уште повеќе за неговата околина, кога се храни со алкохол. Во клубот секој апстинент се мотивира за големи подвизи, нешто на што мора да се работи со сите сили, пред се за да се врати довербата кај луѓето. Значи, треба и мора да се победи, мора да се достигне победата.

%  

%

За моја голема среќа, неодговорноста на докторот од нервното одделение, неговата нестручност и ноншалантност, ја поправи мојот матичен лекар Др.Добрица Тинтоска Димеска која, кога ги пишуваше рецептите, забележа дека сум крајно вознемирен. Ми предложи да ми даде десет дена боледување, но со услов да почнам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари во Тутунскиот комбинат во Прилеп. Боледувањето навистина ми беше потребно, но нејзиниот предлог влијаеше чудно на мене. Истото да ми го предложеше само еден ден порано, ќе се чувствував многу навреден, бурно ќе реагирав и на сите можни начини ќе се трудев да докажам дека не сум алкохоличар. Вистината е дека себе си не се сметав за пијаница, туку дека сум само голем љубител на алкохолот и дека со пиењето можам да престанам кога што ќе посакам. Како што и денес повеќето луѓе имаат, и јас тогаш имав оформено погрешно мислење дека Клуб на лекувани алкохоличари треба да посетуваат тотални пијаници, односно, изгубени случаи.

Но, Др.Добрица е одличен лекар и пред се, прекрасен човек. Трпеливо и внимателно сочека да види како ќе реагирам на нејзиниот предлог, каков став ќе заземам и, кога виде дека се колебам, тивко ми рече: “Илија, твојата и судбините на твоите најмили се во твои раце. Животот е пред тебе, тој е твој и само твој, со него можеш да правиш што сакаш. Јас само сакам да ти помогнам да не погрешиш, да го избереш најдоброто. Во овој момент имаш вистинска можност и шанса да го промениш својот живот на подобро. Со тоа што одлучи да побараш стручен совет од лекар, го направи првиот вистински чекор за излез од алкохолниот пекол. Но, од моето долгогодишно искуство знам дека сам не ќе можеш да успееш да совладаш така силен противник како што е алкохолот и затоа, сметам дека за тебе најдобро е да почнеш да посетуваш Клуб на лекувани алкохоличари. Знам дека си доволно интелигентен за и самиот да можеш да видиш дека во тоа нема ништо лошо и срамно. Сигурна сум дека само после неколку посети, откако ќе ги осознаеш активностите на членовите кои го посетуваат клубот, ќе ги промениш твоите ставови, ќе ти се допадне и ќе ја прифатиш новата средина.”

Убеден сум дека овој, на прв поглед, обичен разговор, целосно го измени мојот живот. За првпат во мојот живот некој ме потсети дека имам избор, дека треба да се обидам да го изберам и прифатам најдоброто, бидејќи судбините на моите најмили се во мои, само во мои раце, за првпат некој ме потсети, без притоа да ми држи лекции како на мало дете, да ме омаловажува и навредува, дека сум одговорен за среќата и радоста, одговорен за иднината на моите прекрасни дечиња.

Дали можеби не е најдостојно дело, па дури и цел на човековиот живот - совладување, прочистување и воздигнување на сопствениот карактер? Таквите активности мора да започнат од денот кога стануваме свесни за самите себе и од тогаш тоа да трае до смртта. Ако чувствуваш болка во телото, знаеш дека нешто не е во ред: или го правиш тоа што не би требало да го правиш, или не го правиш тоа што би требало да го правиш. Ако чувствуваш немир, растроеност, изгубеност во времето и просторот, знај дека нешто не е како што треба - или го сакаш тоа што не треба да го сакаш, или не го сакаш тоа што треба да го го сакаш.

Нашата судбина не ја обликува тоа што го доживуваме, туку како го чувствуваме тоа што го доживуваме. А јас, можеби потсвесно, чувствував дека тоа ми е последна шанса и, иако изгледаше како некоја уцена, мене ми беше сеедно и јас, иако немав никаква представа какво влијание ќе има Клубот на лекувани алкохоличари во моето лекување од алкохолната болест и во мојот живот воопшто, едноставно прифатив, но со голема резерва и затоа лесно можеше да се забележи дека ќе појдам во клубот како теле во кланица.

%

%

Пропаѓањето на човекот, без оглед дали тоа е набрзина или полека, со години, тоа е цената што ја бара алкохолот. И, ниту еден негов пријател не може да побегне од плаќањето на тој свој долг.

Во тие моменти низ главата постојано се навраќав на стиховите од Волтер:

“Кад пропало све је,

и изгубљена свака нада,

живот постаје срамота,

и смрт је дужност тада.”

Последните стихови на Есењин, со кои тој се збогува со земниот живот, го параа моето срце:

“Збогум пријателе, збогум,

еве ти ја мојата рака,

на светот да живееш не е ништо ново,

но и да умреш исто така.”

Во тие моменти бев крајно вознемирен, така што слободно можам да кажам дека газев по танката линија на животот и смртта. Ако ѓаволот во тие моменти беше блиску до мене и да почнеше да ме охрабрува, веројатно мојата одлука да го изберам најкраткиот, истовремено и најглупавиот пат за спас од проблемите ќе се оствареше. Но, тогаш бев трезен, бев целосно разбуден од длабокиот сон. Колку повеќе размислував, се повеќе сфаќав дека немам желба да умрам, открив безброј причини поради кои треба да живеам. И колку повеќе причини пронаоѓав, толку повеќе верував дека животот и покрај се е убав и дека треба да се живее. Надвладеа разумот и отидов на лекар во нервното одделение.

Копга сум кај лекарите, да кажам дека и пред тоа посетив повеќемина, но ниту еден од нив не ги исполни моите очекувања и од ниту еден не бев задоволен. Сите работеа рутински, како по некоја матрица и ниту еден од нив не се обиде и не се потруди да влезе во длабината на мојата душа. Веројатно сите тие знаеја само да препорачуваат разноразни медикаменти, но никој од нив не го знаеше и затоа не се ни обиде да го примени чудотворното средство во лекувањето на алкохолната болест - убавиот збор. По краток разговор ми препишуваа некои лекови за смирување кои ниту ги барав, кои немаа никакво корисно дејство за поправање на мојата несреќна состојба, а убеден сум дека не ми беа ни потребни.

Пред дваесет и пет години, за време на отслужувањето на воениот рок, дваесетина дена бев на лекување во нерното одделение во воената болница во Скопје. При еден разговор со мене, лекарот, наместо да ми помогне со своите совети, остро, без никаква грижа на совеста, ми рече: “Наша должност е да те вратиме дома жив, а после тоа можеш да продолжиш да пиеш, а ако ти е по волја, можеш во секое време да си го одземеш животот.” Обратете внимание, овој совет не ми го дава кој било, туку невропсихијатар, човек во кој јас гледав единствен спас, човек во кој имав целосна доверба и во кој ја гледав единствената надеж за својата иднина.

Се надевав дека овојпат нема да доживеам ново разочарување, но се излагав. Докторот во нерното одделение, кој, иако без многу стручност оддалеку можеше да види во каква состојба се наоѓам, едноставно, во неколку минути ми препиша неколку инекции за освежување на организмот и како да брзаше што побрзо да се куртули од мене. Останаа залудни моите молби да ме задржи на лекување во болницата барем неколку денови, додека не си дојдам на себе. Рече дека има многу поважни случаи на кои треба да работи, а не да го губи времето со пијаница. Сигурно ќе му беше многу полесно да се качи на Месечината, отколку да проба да допре до длабината на моето срце, да се обиде да навлезе во проблемите кои толку долго ме измачуваа.

%

%

За моја голема среќа, мојата заспана совест едно саботно утро се разбуди сама, без ѓаволот што постојано беше во мене, кој веројатно во тој момент беше успан. Застанав пред огледалото и внимателно се загледав во човекот кој стоеше наспроти мене и тажно гледаше во мене. Тоа беше прв пат вистински да се видам себе си. Очите од секогаш можеле да забележат, но до тој момент беа прекриени со пеколна, темна завеса која ја покриваше вистината за моите страдања од алкохолот. Се чувствував како сениште, опкружено од сите страни со шишиња. Некој рекол дека сеништето е дух на умрен човек кој немал доволно памет да знае дека е мртов. Повнимателно погледнав кон огледалото за да се уверам дали можеби и јас сум мртов, а тоа да не го знам.

Алкохолот е отров што незабележително труе се каде што ќе стигне. За луѓето како мене, тој беше како загадена, нечиста вода што им се нуди на оние чија жедност е посилна од одвратноста. Одвратна бесрамност на ѕверот во човекот. Затоа, размислувајќи за мојата бедна состојба, не беше тешко да согледам дека се наоѓам на погрешен пат. Недвосмислено тој пат ме водеше во целосна пропаст, а можеби и во смрт, многу побрзо отколку што и одговараше на мојата младост и на мојата желба за живот.

А имаше само една единствена можност, еден единствен пат за да излезам од пеколниот алкохолен лавиринт и да се спасам од стравотиите што секојдневно ги доживував - да престанам да се дружам со алкохолот. Сфатив дека најголема лудост од сите лудости е да се жртвува здравјето за што било, најмалку за попатните сласти и задоволства што ги пружа алкохолот, а кои на крајот носат само несреќа и зло, дека на здравјето треба да му се подреди се. Ваквите размислувања се темелеа на горчливите искуства од минатото и немаше никакво сомневање што треба да изберам, кога веќе одлучив да избирам - помеѓу пеколниот живот и заспан ум или среќен живот и бистар ум.

Но, со мојата болест некако се беше комплицирано. Алкохолната болест не е обична болест, да застанам мирно и да ја прашам што сака од мене. Едноставно, сфатив дека сам не ќе можам да излезам од мрежата на алкохолот што ѓаволот ја сплети околу мене, дека сам не ќе можам да ги раскинам синџирите со кои ме оковаа моите страсти, дека можноста да паднам на првото искушение е многу поголема, отколку да истраам во моите добри намери. Затоа, одлучив да побарам помош. Одлучив и првпат во животот бев спремен одлуката да ја спроведам во дело.

Ми беше некако се измешано, како да се разбудив од длабок зимски сон. Настана хаос во моите мисли, со други зборови, ѕверот и човекот се бореа во мене. Визиите за глупостите, за сите неправди што им ги нанесов на моите најмили, што непрекинато доаѓаа во моите мисли, ми го нагризуваа мозокот како киселина и се повеќе ме влечеа кон дното. На моменти грижата на совеста, заради направените грешки ги влечеше моите мисли да се убијам, да се фрлам под воз, едноставно да ме снема, а со тоа најлесно да се раскинат оковите што ги измачуваа моите најмили, во сите изминати години.

%   

%

Не може да се живее без разум - сопствен или позајмен. Во сите години, додека бев алкохоличар, за мене беше најголема несреќа што никој од моите блиски роднини и пријатели никогаш сериозно, со најдобра намера, не ми пријде и не ме праша: зошто тоа го правам, да ми укаже на моите грешки, да ми помогне полесно да ја согледам вистинската смисла на човековиот живот. Додуша, се случуваше некогаш некој познаник да ме потсети дека тоа што го правам не е добро, но сето тоа сите го правеа кампањски, односно, ми укажуваа на штетните последици од моето пијанство на премногу едноставен начин, така што често се лутев на нив, бидејќи се чувствував како да сум идиот во нивните очи, кој не знае толку едноставни работи.

Колку ќе беше поинаков мојот живот да се најдеше некој човек, кој внимателно ќе ме ислушаше, ќе ги согледаше моите грешки и пропусти, а потоа да ме упатеше по вистинскиот пат во животот, да се најдеше човек во кој ќе видев вистински пријател. Убеден сум дека ќе ги послушав неговите аргументирани совети, ако ми речеше: “За да ја надминеш твојата несреќна состојба, пред се треба да престанеш да се дружиш со другарите кои те влечет по кафеаните, тоа не чини, не е добро. Искористи ја својата дарба за учење и докажи им на луѓето, а пред се докажи пред себе си, дека можеш да живееш многу подобар, поуспешен и поразумен живот.”  Можеби ќе го послушав, можеби немаше да направам толку гревови од кои и денес, кога ќе се потсетам, ме облева срам и се грозам од самиот себе. Но, не се најде таков човек во сето време, додека како ѕвер ги минував своите години. Не дека сум немал добри роднини и пријатели, туку спротивно, веројатно јас не сум знаел да бидам и во нивните очи не сум бил добар роднина и пријател. Одговорот, зошто било така е едноставен: никој паметен не сака да биде во друштво со алкохоличар, со пијаница, со други зборови кажано, во друштво со будала, бидејќи, да се биде во друштво со будала е исто толку болно како да си во друштво со непријател.

Тешко е да се влее памет на тој што нема волја, уште потешко е да се влее волја на оној што нема памет. А во тој најнесреќен период од мојот живот, јас го немав ни едното, ни другото - немав ни волја, ни памет. Бев човек со страшно, промашено минато, сегашноста ми беше пекол, а иднината веќе беше отворен гроб.

Понекогаш се обидував да определам некои правила, за кои мислев да се придржувам, со надеж дека ќе успеам да го оставам алкохолот, дека ќе успеам да го променам животот кон подобро. Но секогаш, после кратко време, ѓаволските искушенија ќе ме уловеа и, самиот не забележувајќи го тоа, повторно паѓав, често и многу пониско отколку што бев порано, со уште поголема расипаност, со уште поголеми грешки од кои паѓав во очај, дали воопшто ќе можам да ги надминам . ” Повеќе пати се обидував да се подобрам, да го оставам алкохолот, но ништо не излезе од тоа” - ми велеше гласот на совеста - “зошто да се обидувам повторно. Не сум само јас таков, сите се такви, таков е животот.” Но, она слободното, духовното битие кое е единствено вистинито, единствено силно и вечно, почна се почесто да се буди во мене и не можев да не почнам да верувам, потсвесно да се надевам во чудо. Колку и да беше големо растојанието помеѓу она што бев и она што сакав да бидам - за духовното битие што почна да се буди во мене, се беше можно.

%

%

Сосема е јасно дека, кога веќе завлегов во пеколниот алкохолен лавиринт, стравот од каква било казна на мене немаше никакво влијание, ниту туѓиот пример можеше да ме поучи. Моето погрешно однесување продолжи и понатаму и така со години.

Многу тешко се искоренуваат лошите маани и навики кои растеле заедно со човекот. Главна карактеристика речиси за сите алкохоличари е дека за себе имаат оформено најубаво мислење и себе си се сведуваат над секаква критика, дека често се спремни да ги жртвуваат сите други, само да го сочуваат верувањето во својата совршеност. И, бидејќи алкохоличарите во основа сметаат дека се без маана, тие неизбежно во секоја конфликтна ситуација со надворешниот свет, доаѓаат до заклучок дека вината не е нивна, туку од сите други. Бидејќи мораат да го одрекуваат злото што им го нанесуваат на сите околу себе, тие мораат злобата да ја гледаат во другите, а сопственото зло да го проектираат на сите околу себе. Ако човек не е во состојба да си дозволи себе си да признае дека има маани и слабости, не му преостанува ништо друго, туку на секој чекор да ги уништува доказите за нивното постоење.

Чудни мисли ме обземаа кога гледав како многу луѓе, слични на мене, во најтешките околности, кои исто како и јас беа повеќе од уништени и несреќата на нашите најмили беше резултат на нашата глупост, на нашиот егоизам и возгордеаност, сепак, до последна пара, па и тогаш кога немавме пари, настојувавме да ја уништиме својата глупост во алкохолот; и така, со тоа на себе навлекувавме уште поголеми гревови - се трудевме да го заборавиме минатото, да побегнеме од проблемите во сегашноста, работи на кои точно тогаш ќе беше добро да се сетиме. Така, создававме нови поводи за каење и грешевме и понатаму, секогаш се надевавме дека во алкохолот ќе го пронајдеме спасот за направените гревови.

Имаше нешто ужасно и бесмислено во начинот на нашето неприродно однесување. Ние не делувавме само против својата совест, туку и против природните закони и ништо не беше полесно, отколку да се забележи како длабоките воздишки ги прекинуваат нашите песни, а бледилото и болката ни лежеа на челото и лицето, и покрај вештачката насмевка. Честопати тивок шепот ќе ни се откинеше од нашите усни, кога се разделувавме од своите пари и тогаш длабоко воздивнувавме и извикувавме: “Ќе се напијам уште една чаша за здравје и среќа на оние кои најмногу ги сакам,” мислејќи притоа на чесната домаќинка, која можеби нема ни скршена пара за себе и своите несреќни дечиња.

Следното утро, по претурањето по празните џебови, повторнио на ред беше каење, а можеби и сиротата жена ќе ни кажеше дека нема од каде веќе да позајмува бидејќи не сме ги вратиле до тогаш позајмените пари, дека во продавниците не даваат повеќе вересија, или некоја друга вест што не и одговараше на нашата суета - и тоа на кратко ни ги зголемуваше нашите самообвинувања. Но, кога ќе размислувавме за тоа и ќе мислевме, така да се каже до лудило, а бидејќи немавме поткрепа во никакви правила, ништо во нас или околу нас да би нашле утеха, насекаде околу нас гледавме само мрак и тогаш прибегнувавме кон истото олеснување, односно кон алкохолот, дружејќи се со исти луѓе какви што бевме и ние самите и повторувајќи ги истите злодела. И, така секојдневно се повеќе се приближувавме кон ширум отворената врата од алкохолниот пекол, врата низ која многумина влегле, но малкумина успеале да излезат од тој страшен пекол.

%