вто 9 јун 2009
%
Пропаѓањето на човекот, без оглед дали тоа е набрзина или полека, со години, тоа е цената што ја бара алкохолот. И, ниту еден негов пријател не може да побегне од плаќањето на тој свој долг.
Во тие моменти низ главата постојано се навраќав на стиховите од Волтер:
“Кад пропало све је,
и изгубљена свака нада,
живот постаје срамота,
и смрт је дужност тада.”
Последните стихови на Есењин, со кои тој се збогува со земниот живот, го параа моето срце:
“Збогум пријателе, збогум,
еве ти ја мојата рака,
на светот да живееш не е ништо ново,
но и да умреш исто така.”
Во тие моменти бев крајно вознемирен, така што слободно можам да кажам дека газев по танката линија на животот и смртта. Ако ѓаволот во тие моменти беше блиску до мене и да почнеше да ме охрабрува, веројатно мојата одлука да го изберам најкраткиот, истовремено и најглупавиот пат за спас од проблемите ќе се оствареше. Но, тогаш бев трезен, бев целосно разбуден од длабокиот сон. Колку повеќе размислував, се повеќе сфаќав дека немам желба да умрам, открив безброј причини поради кои треба да живеам. И колку повеќе причини пронаоѓав, толку повеќе верував дека животот и покрај се е убав и дека треба да се живее. Надвладеа разумот и отидов на лекар во нервното одделение.
Копга сум кај лекарите, да кажам дека и пред тоа посетив повеќемина, но ниту еден од нив не ги исполни моите очекувања и од ниту еден не бев задоволен. Сите работеа рутински, како по некоја матрица и ниту еден од нив не се обиде и не се потруди да влезе во длабината на мојата душа. Веројатно сите тие знаеја само да препорачуваат разноразни медикаменти, но никој од нив не го знаеше и затоа не се ни обиде да го примени чудотворното средство во лекувањето на алкохолната болест - убавиот збор. По краток разговор ми препишуваа некои лекови за смирување кои ниту ги барав, кои немаа никакво корисно дејство за поправање на мојата несреќна состојба, а убеден сум дека не ми беа ни потребни.
Пред дваесет и пет години, за време на отслужувањето на воениот рок, дваесетина дена бев на лекување во нерното одделение во воената болница во Скопје. При еден разговор со мене, лекарот, наместо да ми помогне со своите совети, остро, без никаква грижа на совеста, ми рече: “Наша должност е да те вратиме дома жив, а после тоа можеш да продолжиш да пиеш, а ако ти е по волја, можеш во секое време да си го одземеш животот.” Обратете внимание, овој совет не ми го дава кој било, туку невропсихијатар, човек во кој јас гледав единствен спас, човек во кој имав целосна доверба и во кој ја гледав единствената надеж за својата иднина.
Се надевав дека овојпат нема да доживеам ново разочарување, но се излагав. Докторот во нерното одделение, кој, иако без многу стручност оддалеку можеше да види во каква состојба се наоѓам, едноставно, во неколку минути ми препиша неколку инекции за освежување на организмот и како да брзаше што побрзо да се куртули од мене. Останаа залудни моите молби да ме задржи на лекување во болницата барем неколку денови, додека не си дојдам на себе. Рече дека има многу поважни случаи на кои треба да работи, а не да го губи времето со пијаница. Сигурно ќе му беше многу полесно да се качи на Месечината, отколку да проба да допре до длабината на моето срце, да се обиде да навлезе во проблемите кои толку долго ме измачуваа.
%