чет 18 јун 2009
%
Само во Клубот на лекувани алкохоличари и на ниту едно друго место, луѓето ме примија и прифатија таков каков што бев, што е најважно, како рамен на нив. Слични на мене се околу мене, и јас сум сличен на нив. Идентификувајќи се, дружејќи се со тие луѓе, си помагам себе си, им помагам на другите, не правам зло ниту сум причина за какво било друго зло. Можеби е чудно, но дури откако почнав да го посетувам клубот сфатив колку сум бил лош и колку се грозам од самиот себе. Од тогаш, ја снема одбивноста што ја имав кон другите луѓе - спротивно, кон нив чувствувам нежност и почит. Денес сум многу среќен, мојот живот е пријатен, има некаква смисла. Се чувствувам како принц кој се вратил од прогонство, како човек кој оживеал од мртвите. Повторувам, многу сум среќен и додавам дека во целиот мој живот, ова е мојот најсреќен период.
Во сфаќањето на алкохолната болест има три видови на луѓе. Некој е: или човек, или получовек, или не е никаков човек. Моето лично искуство е дека јас ги поминав сите три фази. Не бев никаков човек бидејќи за алкохолната болест, што долго ја имав, немав свој став, ниту барав совет од другите луѓе. Вистините што најмалку сакав да ги слушнам беа токму тие кои најмногу ќе ми користеа ако ги знаев, многу порано ќе излезев лавиринтот на пеколниот живот, во кој поради алкохолот се загубив.
Бев получовек, бидејќи во еден период имав свој став за алкохолот, но не сакав да ги прифатам советите од луѓето со кои контактирав. Секој човек може да биде огледало во кое ги гледаме своите порази, маани и недостатоци и сето тоа зло што е во нас. Но, повеќето од нас притоа постапуваме како кучето кое лае во огледалото, бидејќи мисли дека во огледалото не се гледа себе си, туку некое друго куче. Имав свој став кој го осудуваше алкохолизмот, но тоа траеше многу кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа се одново, затоа што алкохолот на телото му нудеше лажна сила, го издигнуваше духот на лажни височини, ми ги прикажуваше работите онакви какви што не се, или пак многу поубави отколку што се. Иако долго време ја имав алкохолната болест, не одев на лекар да побарам помош, а не барав ни учители и советници да ми помогнат да ја надминам својата глупост, да ја скротам својата волја која беше само желба и нејзино задоволување, да биде желба и воздржување, желба и одрекување. Значи, немав ниту сопствена, а не знаев и веројатно не сакав да ја користам туѓата памет и искуство.
Станав човек, барем се надевам дека е така, кога почнав да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” во Прилеп, кога зазедов правилен став кон алкохолната болест и кога почнав да се советувам со луѓето кои го посетуваат клубот. Многу луѓе велат дека не вреди да се прават напори - колку и да вложува напор, човекот не може да го достигне совршенството. Реално, тие имаат право, но забораваат дека нашата цел и не е да го достигнеме совршенството, туку што повеќе да се приближиме кон него. Човек никогаш не треба да одлучи да не направи ништо во животот само затоа што ќе може да направи малку - треба да направио онолку, колку што може.
Во почетокот од моето лекување, моите мисли беа слични на копање бунар - водата прво е матна, а потоа полека се разбиструва. И сето тоа што во почетокот ме одбиваше од клубот, ми изгледаше матно и во што се сомневав, сега јасно излезе пред мене. Поголемиот дел од алкохоличарите не веруваат во успешното лекување на алкохолната болест, најмногу поради тоа што дури и оние, кои буквално се платени безрезервно да ја проповедаат вистината за алкохолот и последиците од алкопхолната болест, а тоа се лекарите - и тие кога говорат за алкохолната болест на вистината и придодаваат лага, со што се добива искривена слика за вистината. Ќе наведам пример со апстинент, член на клубот, на кого после прегледот, веројатно со намера да го охрабри, докторот-интернист му вели дека е здрав како дрен и дека слободно може да пие по едно чаше ракија за циркулација на крфта. Амаааан бе докторе, после не ќе можам со едно! Лекарите се должни на секој човек, на секој пациент да му ја кажат вистината, да му кажат дека медицината непобитно докажала дека не постои лек што може да се зема во исто време со алкохол.
%