%
Сосема е јасно дека, кога веќе завлегов во пеколниот алкохолен лавиринт, стравот од каква било казна на мене немаше никакво влијание, ниту туѓиот пример можеше да ме поучи. Моето погрешно однесување продолжи и понатаму и така со години.
Многу тешко се искоренуваат лошите маани и навики кои растеле заедно со човекот. Главна карактеристика речиси за сите алкохоличари е дека за себе имаат оформено најубаво мислење и себе си се сведуваат над секаква критика, дека често се спремни да ги жртвуваат сите други, само да го сочуваат верувањето во својата совршеност. И, бидејќи алкохоличарите во основа сметаат дека се без маана, тие неизбежно во секоја конфликтна ситуација со надворешниот свет, доаѓаат до заклучок дека вината не е нивна, туку од сите други. Бидејќи мораат да го одрекуваат злото што им го нанесуваат на сите околу себе, тие мораат злобата да ја гледаат во другите, а сопственото зло да го проектираат на сите околу себе. Ако човек не е во состојба да си дозволи себе си да признае дека има маани и слабости, не му преостанува ништо друго, туку на секој чекор да ги уништува доказите за нивното постоење.
Чудни мисли ме обземаа кога гледав како многу луѓе, слични на мене, во најтешките околности, кои исто како и јас беа повеќе од уништени и несреќата на нашите најмили беше резултат на нашата глупост, на нашиот егоизам и возгордеаност, сепак, до последна пара, па и тогаш кога немавме пари, настојувавме да ја уништиме својата глупост во алкохолот; и така, со тоа на себе навлекувавме уште поголеми гревови – се трудевме да го заборавиме минатото, да побегнеме од проблемите во сегашноста, работи на кои точно тогаш ќе беше добро да се сетиме. Така, создававме нови поводи за каење и грешевме и понатаму, секогаш се надевавме дека во алкохолот ќе го пронајдеме спасот за направените гревови.
Имаше нешто ужасно и бесмислено во начинот на нашето неприродно однесување. Ние не делувавме само против својата совест, туку и против природните закони и ништо не беше полесно, отколку да се забележи како длабоките воздишки ги прекинуваат нашите песни, а бледилото и болката ни лежеа на челото и лицето, и покрај вештачката насмевка. Честопати тивок шепот ќе ни се откинеше од нашите усни, кога се разделувавме од своите пари и тогаш длабоко воздивнувавме и извикувавме: “Ќе се напијам уште една чаша за здравје и среќа на оние кои најмногу ги сакам,” мислејќи притоа на чесната домаќинка, која можеби нема ни скршена пара за себе и своите несреќни дечиња.
Следното утро, по претурањето по празните џебови, повторнио на ред беше каење, а можеби и сиротата жена ќе ни кажеше дека нема од каде веќе да позајмува бидејќи не сме ги вратиле до тогаш позајмените пари, дека во продавниците не даваат повеќе вересија, или некоја друга вест што не и одговараше на нашата суета – и тоа на кратко ни ги зголемуваше нашите самообвинувања. Но, кога ќе размислувавме за тоа и ќе мислевме, така да се каже до лудило, а бидејќи немавме поткрепа во никакви правила, ништо во нас или околу нас да би нашле утеха, насекаде околу нас гледавме само мрак и тогаш прибегнувавме кон истото олеснување, односно кон алкохолот, дружејќи се со исти луѓе какви што бевме и ние самите и повторувајќи ги истите злодела. И, така секојдневно се повеќе се приближувавме кон ширум отворената врата од алкохолниот пекол, врата низ која многумина влегле, но малкумина успеале да излезат од тој страшен пекол.
%







