пет 12 јун 2009
%
За моја голема среќа, неодговорноста на докторот од нервното одделение, неговата нестручност и ноншалантност, ја поправи мојот матичен лекар Др.Добрица Тинтоска Димеска која, кога ги пишуваше рецептите, забележа дека сум крајно вознемирен. Ми предложи да ми даде десет дена боледување, но со услов да почнам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари во Тутунскиот комбинат во Прилеп. Боледувањето навистина ми беше потребно, но нејзиниот предлог влијаеше чудно на мене. Истото да ми го предложеше само еден ден порано, ќе се чувствував многу навреден, бурно ќе реагирав и на сите можни начини ќе се трудев да докажам дека не сум алкохоличар. Вистината е дека себе си не се сметав за пијаница, туку дека сум само голем љубител на алкохолот и дека со пиењето можам да престанам кога што ќе посакам. Како што и денес повеќето луѓе имаат, и јас тогаш имав оформено погрешно мислење дека Клуб на лекувани алкохоличари треба да посетуваат тотални пијаници, односно, изгубени случаи.
Но, Др.Добрица е одличен лекар и пред се, прекрасен човек. Трпеливо и внимателно сочека да види како ќе реагирам на нејзиниот предлог, каков став ќе заземам и, кога виде дека се колебам, тивко ми рече: “Илија, твојата и судбините на твоите најмили се во твои раце. Животот е пред тебе, тој е твој и само твој, со него можеш да правиш што сакаш. Јас само сакам да ти помогнам да не погрешиш, да го избереш најдоброто. Во овој момент имаш вистинска можност и шанса да го промениш својот живот на подобро. Со тоа што одлучи да побараш стручен совет од лекар, го направи првиот вистински чекор за излез од алкохолниот пекол. Но, од моето долгогодишно искуство знам дека сам не ќе можеш да успееш да совладаш така силен противник како што е алкохолот и затоа, сметам дека за тебе најдобро е да почнеш да посетуваш Клуб на лекувани алкохоличари. Знам дека си доволно интелигентен за и самиот да можеш да видиш дека во тоа нема ништо лошо и срамно. Сигурна сум дека само после неколку посети, откако ќе ги осознаеш активностите на членовите кои го посетуваат клубот, ќе ги промениш твоите ставови, ќе ти се допадне и ќе ја прифатиш новата средина.”
Убеден сум дека овој, на прв поглед, обичен разговор, целосно го измени мојот живот. За првпат во мојот живот некој ме потсети дека имам избор, дека треба да се обидам да го изберам и прифатам најдоброто, бидејќи судбините на моите најмили се во мои, само во мои раце, за првпат некој ме потсети, без притоа да ми држи лекции како на мало дете, да ме омаловажува и навредува, дека сум одговорен за среќата и радоста, одговорен за иднината на моите прекрасни дечиња.
Дали можеби не е најдостојно дело, па дури и цел на човековиот живот - совладување, прочистување и воздигнување на сопствениот карактер? Таквите активности мора да започнат од денот кога стануваме свесни за самите себе и од тогаш тоа да трае до смртта. Ако чувствуваш болка во телото, знаеш дека нешто не е во ред: или го правиш тоа што не би требало да го правиш, или не го правиш тоа што би требало да го правиш. Ако чувствуваш немир, растроеност, изгубеност во времето и просторот, знај дека нешто не е како што треба - или го сакаш тоа што не треба да го сакаш, или не го сакаш тоа што треба да го го сакаш.
Нашата судбина не ја обликува тоа што го доживуваме, туку како го чувствуваме тоа што го доживуваме. А јас, можеби потсвесно, чувствував дека тоа ми е последна шанса и, иако изгледаше како некоја уцена, мене ми беше сеедно и јас, иако немав никаква представа какво влијание ќе има Клубот на лекувани алкохоличари во моето лекување од алкохолната болест и во мојот живот воопшто, едноставно прифатив, но со голема резерва и затоа лесно можеше да се забележи дека ќе појдам во клубот како теле во кланица.
%