јули 2009
Monthly Archive
вто 28 јул 2009
%
Не може човек само со телесен напор да се спаси од гревот, страстите, посакувањата. Може да се спаси само со напорот на своите мисли. Само со правилно насочување на нашите мисли, можеме себе си да се навикнеме на самооткажувањата, понизноста и вистината. Кога со стрплив напор, како еден вид тренинг, ќе ги навикнеме своите мисли на тоа, ќе можеме успешно да се бориме со гревот и страстите. Во тоа најмногу може да ни помогнат случувањата околу нас. На пример, ние не можеме да им забраниме на птиците да летаат над нашата глава, но можеме да ги спречиме на неа да прават свои гнезда. Исто така, не можеме да им забраниме на лошите мисли да ни проаѓаат низ главата, но можеме да ги спречиме таму да се вгнездат.
Нека алкохоличарот лесноумно не мисли за своето зло и нека не говори во себе: “Јас сум далеку од алкохолната болест, моето зло е мало и нема да ме извалка.” Како што капка по капка и садот ќе се наполни до врвот, така и безумниот алкохоличар малку по малку и ќе го совлада алкохолната болест, малку по малку и ќе биде целосно уништен од злото. Нека човекот кој пие алкохол лесноумно не мисли за своето зло и нека не говори: “Јас немам сили да го променам начинот на живот и да го примам доброто.” Како што капка по капка и садот ќе се наполни, така и човекот кој прави добро, малку по малку и ќе се исполни со добро, ако тежнее кон доброто.
Оној кој ќе признае дека неговиот живот е лош и кој сака да живее подобар живот, нека не мисли дека може да живее подобро само тогаш, кога ќе ги промени условите за живот. Животот може и мора да се промени на подобро - не со надворешни промени, туку со промени во себе, во својата душа, во својата свест. За тоа е потребен голем и стрплив напор и само тогаш, кога човековата душа ќе се промени, човекот повеќе да не може да живее како порано, само тогаш нека почне да го менува надворешниот живот. Само во напорот за издигнување на својата душа и совест, човекот нема никакви препреки и само во таа активност, човекот може да чувствува вистинска радост. И самата помисла на успех во борбата со алкохолната болест ве облагородува и прочистува, ве прави подобри и ви ја зголемува желбата да бидете уште подобри.
И кога нема лошо дело, го има тоа што е многу полошо од лошото дело - тука се мислите од кои произлегуваат сите лоши дела. Лошото дело може никогаш да не се повтори, поради него можеме да се покаеме, но од лошите мисли непрекинато се раѓаат само нови лоши дела. Лошото дело само им прави пат на новите лоши дела, а пак лошите мисли незадржливо го влечат човекот по тој пат.
Кога човек ќе направи грев и кога ќе осознае дека погрешил, тој има две можности: една е да го признае гревот и да внимава во иднина никогаш да не го повтори, другата е да не и поверува на својата совест и да почне да испитува - како луѓето гледаат на тој грев што тој го направил, па ако тоа луѓето не го осудуваат, да продолжи и натаму да греши, вистински не осознавајќи ги своите грешки. “Сите луѓе така прават, па зошто да не правам и јас.” Штом човекот ќе тргне по таа стрмна патека, нема ни да забележи колку далеку ќе замине од добриот живот.
%
чет 23 јул 2009
За да се дојде до вистината, таа не треба да се дели, а за да не се дели треба вистински да се сака, човек да се помирува и да го сака и тоа, со што во тој момент не е согласен. Сето тоа во што навистина веруваат вистинските апстиненти, едноставно мора да е вистина; таа може секој член на Клубот на лекувани алкохоличари различно да ја чувствува и изразува, но таа не може да биде лага; дури и ако таа вистина на некого му наликува на лага, тоа само значи дека тој добро не ја разбрал. За борба со алкохолната болест потребна е железна дисциплина, за која практичен пример можат да дадат добро извежбаните членови на Клубот на лекувани алкохоличари. Спознавајќи ја целината - клубот, колку што е тоа можно и, спознавајќи ја работата и задачата на клубот, го спознаваме и своето место во таа целина - клубот, се спознаваме себе си.
Благодарејќи на некоја возвишена љубов кон сите луѓе што се разбуди во мене, посебно кон моите браќа по алкохол, чудна сила што ја добив во Клубот на лекувани алкохоличари, ме тера да ги разберам овие луѓе и да видам дека тие личности, кои од разни причини тргнале или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол, кога не се дружат со алкохолот не се така лоши и глупави, како што многу луѓе мислат. Одлучив да живеам со тие и за тие луѓе, бидејќи ги сметам за поблиски и подобри од илјадници други, кои себе си се сметаат за многу - многу подобри. Убеден сум дека кога се дружам со колегите од клубот, како да се наоѓам во некој друг свет, каде сите маки и страдања се слатки како мед.
Чисто облечен човек внимателно ги заобиколува барите, но кога еднаш ќе се слизне и ќе ги извалка чевлите, тој веќе помалку се чува; а кога ќе види дека чевлите му се сосема извалкани со кал, тогаш веќе смело чекори по калта и се валка се повеќе и повеќе. Исто така, кога човек е млад, додека сеуште е чист од лошите и развратни дела, се чува и бега од се што е лошо; но штом еднаш, два пати ќе згреши, тој мисли: се чувал не се чувал сеедно е, па се впушта во сите пороци. Кој ќе згреши првпат, тој секогаш чувствува дека е виновен; кој многупати го повторува истиот грев, особено кога луѓето околу него се наоѓаат во истиот грев, тој запаѓа во соблазност и повеќе не го чувствува својот грев.
Луѓето не престануваат да се лажат и мачат себе си и другите. Луѓето не мислат дека е важна Божјата убавина, која е благодет на се живо, туку сметаат дека е важно и свето само тоа што го измислиле тие самите, за да можат непрекинато да се лажат и мачат меѓу себе. Дали животот од човекот ќе биде добар или лош, зависи исклучиво од неговите мисли. А со мислите може да се управува. Како што од лошо семе изникнува лош плод, така и од лошите мисли се раѓаат лоши дела. Како што земјоделецот го одбира вистинското семе, потоа го чисти од каколот, а најдоброто семе го чува и прочистува, така и разумниот човек постапува со своите мисли: ги отфрла од себе непотребните, лоши мисли, а ги задржува најдобрите, ги чува и прочистува. Значи, за човекот добро да живее, треба да работи на своите добри мисли и да не се покорува на лошите. Како што човек може да се воздржи од делата за кои мисли дека се лоши, така може да се воздржи и од мислите кои го привлекуваат, ако ги смета за лоши. Во тоа воздржување е вистинската снага на човекот, бидејќи сите дела се раѓаат во неговите мисли.
%
саб 18 јул 2009
%
Нема точно одреден пат што води до успехот или неуспехот, бидејќи тој е многу сложен. Воопшто говорејќи, ако сакаме да знаеме - зошто некои луѓе успеваат да ја победат алкохолната болест, а некои целосно пропаѓаат, единствен одговор на тоа е: ќе успеат да се оттргнат од канџите на алкохолот оние, кои се постојани и кои без оглед на напорите и жртвите ќе истраат, а нема да успеат оние, кои тоа не се.
Кога ќе се угаси светлината на човековиот разумен живот, темна сенка од неговите телесни желби ќе падне на неговиот пат. Секој човек треба да се чува од таа страшна сенка. Светлината на неговиот разум не може да ја уништи таа темнина, се додека од неговата душа не ги истера желбите на телото. Само така човекот може да се извлече од алкохолниот пекол, само така ќе се прочисти во блескавата светлина на животот, само така човекот ќе научи да го прави тоа што целиот нормален свет го прави, само така ќе го пушти мајмунот и тигарот да умрат во него.
Кога се качуваме на планината на вистината, никогаш не се качуваме залудно: ако денес не сме достигнале повисока точка, ние сепак сме ја тренирале својата снага, така што утре ќе можеме да се искачиме повисоко. Колку пати човек и да падне и да не ја оствари победата над своите страсти - нека не очајува и нека не се предава. И после слабата жетва треба да се сее. Не е добро после првиот неуспех душата да потклекне. Кочијашот не ги фрла уздите ако веднаш не може да ги запре коњите, туку и натаму стрливо продолжува да ги затегнува, додека коњите не застанат. Така и ние треба да правиме со нашите страсти: ако во првиот обид не сме успеале да се воздржиме, треба да ја продолжиме борбата и на крајот победници ќе бидеме ние, а не нашите страсти. Секој, макар и најмал напор ја смалува снагата на страстите и ја олеснува победата над нив. Кај внатрешната борба која човекот ја води сам со себе и со непознатите сили во себе, непрекинато треба да се применува правилото: никогаш не се предавај. Ништо толку не ја ослабува човековата снага, како надежта дека во нешто друго, а не во сопствените напори, ќе го пронајде доброто и своето спасение. За да ги победи своите лоши навики, човекот треба непрекинато да се обновува и усовршува целосно - тоа треба да го прави повторно, пак повторно и секогаш одново, бидејќи најсовршен не е оној човек кој има најмногу доблести, туку оној кој има најмалку пороци.
Алкохолот и сите други страсти го опкружуваат човекот од сите страни. Да се поминува животот покрај тие опасности исто е како да се оди по кал - постојано да се заглавува и постојано да се излегува од калта. Сепак, разумниот човек знае дека не е страшно ако падне во калта - страшно е ако остане во калта. Лекуваните алкохоличари беа во калта, но со стрплив напор се извлекоа од неа и сега чувствуваат должност, со стекнатото искуство и знаење за алкохолната болест, да помогнат многу луѓе да не се извалкаат. Добар апстинент си помага себе си, но членовите на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп се совршени апстиненти, бидејќи си помагаат себе си, но спремни се во секое време да им помогнат и на другите, на сите оние кои ќе изразат желба да се лекуваат, полесно да излезат од пеколниот алкохолен лавиринт.
%
вто 14 јул 2009
%
На крајот, им испраќам порака на оние кои почетниот неуспех можеби ги поколебал, на сите оние кои, како и јас на почетокот, се сомневаат во значењето од посетувањето на Клуб на лекувани алкохоличари, на оние кои не ја осознале вистинската улога на клубот во нивното лекување од алкохолната болест и во правилното обликување на животот во иднина - трезвено, без алкохол. Особено им испраќам порака на оние кои немаат храброст да го напуштат минатото и храбро да се соочат со неизвесноста на иднината, бидејќи на оној, на кого му е жал да се раздели од минатото, не вреди ни да се обиде да гледа во подобра и посветла иднина.
Во време кога се изместени сите човекови вредности, во време кога речиси сите луѓе се борат за власт и доминација, во време кога егоизмот ги надминува сите граници, во време кога сите човекови доблести се на најниско можно ниво, во време кога ѓаволот го распослал целото свое зло на сите страни од светот и кој, на многу лукав начин, прикажувајќи го со сите лажни убавини, на човекот му го нуди алкохолот како примамлив и единствен излез и спас од реалноста, за бегство од бедата и неправедноста во светот, во кој човекот е приморан да живее - во сите овие околности, слабите духови се фаќаат на ѓаволската јадица прифајќајќи го алкохолот како единствен лек за надминување на своите комплекси, своите грешки и пропусти.
Непобитна вистина е дека никогаш никој не се опива за да направи добро дело, туку спротивно, повеќето лоши дела луѓето ги прават во пијана состојба. Пијанството само по себе не е прекршок, туку е припрема за сите други видови на прекршоци. Алкохолот е најголем непријател на животот, тој е крвав убиец, господар и сојузник на смртта, тој ја уништува и убива младоста. Тој уништува многу млади, добри момчиња затоа што стои на сите патишта и на секој агол од секоја улица. Кога не би бил алкохолот, овие млади луѓе би живееле среќен и плоден живот, би создавале големи дела, би биле корисни за себе и за целото човештво. Наместо тоа, поради алкохолот пропаѓаат, а со тоа пропаѓаат и сите нивни можности.
Алкохоличар е човек на кого организмот му бара алкохол и го тера кон земање алкохол. Поголем број од луѓето стануваат алкохоличари од навика, а се навикнуваат затоа што алкохолот е лесно достапен и насекаде присутен, затоа што сите патишта водат кон алкохолот - кон кафеаните, места каде луѓето се запознаваат и состануваат, места каде ги слават своите среќни денови, места каде плачат над своите несреќи и каде со алкохол ја лечат својата тага.
Алкохолизмот не е вродена маана кај човекот и затоа има различни мотиви - зашто некој човек станал алкохоличар, но како и да е, по испивањето на првата и втората чаша, на човекот му се отвора апетитот, се јавува жед и тогаш испива чаша по чаша. Првата испиена чаша на човекот му доаѓа како некоја мала матура, после која човекот кој пие алкохол преоѓа во повисоките класови, каде се учи виша математика на алкохолизмот, со сите познати и непознати. Колку подолго се дружи со алкохолот, во човекот се повеќе се губи чувството за неговото најголемо богатство, а тоа е да биде слободен, да живее по своја волја, а не по волјата на алкохолот. Природно е секој човек најмногу од се во животот да ги посакува слободата, среќата и радоста. Но, штом секој човек најмногу ги посакува овие највисоки човекови добра, зарем секој не може да види дека тие благодети не се надвор од него? Нека секој човек цврсто одлучи да ги има и ќе ги има, нека само се однесува како да се негови и, ќе бидат негови. Најдобар учител за слободата е природата, бидејќи се е слободно што во неа дише и се движи, освен човекот, особено човекот кој постојано се дружи со алкохолот. Впрочем, среќните робови се најлути непријатели на слободата, како што болниот алкохоличар е непријател на слободата од своите најблиски, правејќи ги несреќни со своите грешки, што непрекинато ги прави. И, наместо да се труди да ги поправи своите грешки, човекот, заслепен од алкохолот, прави нови грешки, сметајќи дека ако неговите грешки никој не ги осудува, дека тие и не постојат. Но, грешките се како ѓубрето што се наоѓа околу нас - можеме да го покриваме и со златен килим, но тоа и натаму ќе остане само ѓубре и ништо друго.
%
чет 9 јул 2009
%
Денес гледам колку сум ги малтретирал моите најмили со тоа што од нив секогаш сум барал да имаат доблести кои самиот не ги поседував. Иако сум свесен дека не ќе можам да поправам и да надоместам се што сум погрешил, сепак, се надевам дека Бог ќе дозволи да поживеам доволно, да барем нешто надоместам, да се обидам да создадам и оставам нешто трајно, со што ќе посведочам дека воопшто сум живеел.
Човековиот мир, среќа и радост, не зависат од законите и владетелите, туку од неговите тивки, семејни односи, од неговиот разум, од совеста. Во сложно семејство, каде владее хармонија и пријатна атмосфера, среќата сама од себе доаѓа, бидејќи таму каде што човекот сее љубов, израснува радост и среќа. Семејниот синџир е толку тежок и, за сите во семејството да бидат вистински среќни, таа тежина мора да ја носат сите членови на семејството. Денес животот ми е прекрасен. Конечно почнав да ја разбирам вистинската смисла на животот. Целиот свет како да е мој и сигурен сум дека никаква причина не може повторно да ме врати кон алкохолот, на поранешниот колосек кој води директно кон пеколот. Но, мојата среќа е невозможна без среќата на моите најблиски, кои ми ја даваат најголемата радост и задоволство во животот, бидејќи чувствувам дека и покрај сите мои грешки сеуште ме сакаат и ценат, дека сеуште сум им потребен и мил.
Во едно сум сосема сигурен, а тоа е дека сум целосно изменет и дека во мене се случи значајна промена за душата, промена што ме спојува со сиот нормален свет. Со помош на другарите од Клубот на лекувани алкохоличари, сфатив дека за борба со алкохолната болест не ми се потребни ни пушки ни пиштоли. За разлика од револуциите, кои се водат исклучиво со оружје и насилство и во кои една класа заменува друга, борбата со алкохолната болест мора за се води елегантно, полека и без брзање, трпеливо, добродушно, воздржано и попустливо, исполнета со искрена љубов и човекољубие, бидејќи тоа е борба во која победникот заменува еден живот со друг, победа во која доброто го заменува злото. Вистинската сила не е во оној кој е способен да ги победи другите, туку во оној кој ќе смогне сили да го победи алото во себе и нема да му дозволи на животното што е во него да владее со неговата душа.
Денес, во овој момент, сметам дека сум потполно нов човек, бидејќи имам свој став за алкохолната болест за кој сум спремен да се борам и да го одбранам, да се борам и да го докажам. Толку длабоко одново го преживувам животот, стравотиите од минатото и радоста од сегашноста длабоко навлегуваат во душата, така што понекогаш ми доаѓа да се онесвестам. На кратко црна завеса ги прекрива и брише сликите од мојот мозок, но секогаш скокам како од длабок сон и решително извикувам: “Ќе те победам ѓаволу, ќе те победам ѕверу над ѕверовите, макар што тоа мора да трае до крајот на мојот живот.”
И, зарем денес со право не можам на оние, кои од злоба и завист го валкаат моето име, кои ме оцрнуваат и кои уживаат кога ги бараат моите грешки и пропусти од минатото да им речам: “Од каде ви е правото да ме оцрнувате и да ми префрлате за грешките и пропустите кои сепак не ме спречија да вредам барем малку повеќе отколку што вредите вие, бидејќи сега јас не живеам само привидно да бидам среќен - ќе трпам и ќе умрам ако треба, но ќе бидам тоа што навистина треба да бидам - човек. А вие, мои божемни пријатели, што ме оцрнувате - погледнете малку подлабоко во себе и ќе ги најдете истите грешки и пропусти што ги осудувате кај мене, а ако и не пронајдете исти такви грешки, погледнете уште подлабоко, ќе најдете многу поголеми грешки од моите.”
%
саб 4 јул 2009
%
Во почетокот воопшто не бев свесен за големата преобразба на мерилата, за вредностите на животот, што се случуваше во мојата напатена душа, ниту пак имав објаснување за новата светлина што го осветлуваше мојот живот. Со помош на колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, научив дека во животот на секој човек има нешто, што е многу повредно од секојдневно опивање и бесцелно скитање. Кога денес размислувам за сето тоа, едноставно се изненадувам пред сите тие благодети што ги открив. Се чудам како тоа до сега не сум можел да го забележам, како тоа можат да го забележат сите други, само не и јас. Советите и мудроста на нашиот терапевт, заедно со мојата волја и упорност помогнаа да се извлечам од дното на пеколот, реално да ги согледам сите мои грешки и слабости и да отворам беспоштедна борба со нив, до конечна победа над алкохолното зло, да сфатам дека јадењето, пиењето и облекувањето навистина се животни потреби, но дека во нив не се наоѓа смислата на животот, дека желбата не престанува со исполнување на желбата, туку секое ново исполнување ја поттикнува жедта за нови исполнувања, како што бензинот го разгорува огнот, да сфатам и прифатам дека крстот што го носам не е терет, туку моја животна должност.
Радоста живее длабоко во душата и нема значење дали се наоѓаме во бедна колиба или раскошна палата. За вистинска радост и среќа потребни се само неколку добри луѓе, кои секогаш прават топол дом - и без печка, кров и прозорци. И не недостатокот на љубов, туку недостатокот на добрина, толеранција и пријателство, неспособноста за градење на вистинско заедништво, ги создава несреќните бракови. А алкохоличарот не е ни добар, ни толерантен, ниту пријател, не поседува чувство на сомилост, уште помалку поседува чувство за заедништво - едноставно, додека се дружи со алкохолот, тој е изгубена личност во времето и просторот.
Со помош на Др.Методија Николоски - Мец, нашиот терапевт и членовите на клубот, сметам дека денес сум сосема нов човек, многу поразличен од оној, кој за жал, многу луѓе го знаат. Во текот на мојот триесетгодишен стаж како алкохоличар, доживеав неуспех во секој поглед, нанесов многу неправди, пред се на моите најблиски на кои им ја украдов среќата и радоста, им ја украдов слободата. Најжалосно е што во тој најнесреќен период од мојот живот го изгубив најдобриот дел од мојата личност, стигнав до дното, дното на пеколот. Никој во живото ми нема нанесено поголемо зло од алкохолот и затоа денес алкохолот го сметам за најголем непријател на сите луѓе, најголемо зло од кое се раѓаат речиси сите други зла, зло кое на човештвото му има нанесено многу поголема штета од војните, гладот и сите други болести заедно, зло против кое човештвото мора да се бори со сите сили.
Денес гледам колку сум бил себичен и неправеден кон нешто што отсекогаш ми било најмило, најскапо и најсвето во животот - кон мојата сопруга и моите деца. За вистински да им помогнам на моите најмили, требаше многу порано да дојдам до тој едноставен, природен заклучок дека, ако навистина им го мислам најдоброто, како кога го жалам заморениот коњ, тогаш прво што треба да направам, ако навистина го жалам е да слезам од коњот и да одам на своите нозе. Овој природен заклучок, кој целосно ги задоволува чувствата на моралот и човекољубието, недвосмислено им паѓа во очи на сите нормални луѓе, само не и на алкохоличарите, кои не го гледааат или не се трудат да го видат.
%
сре 1 јул 2009
%
Др.Методија Николоски - Мец е единствен учител, достоен на тоа име, бидејќи во сите нас непрекинато го разбудува духот на слободното мислење и кај апстинентите развива чувство на лична одговорност. Не учи како да ја стекнеме способноста за сигурност во секојдневните активности, а за да се чувствуваме посигурни, помирни и похрабри во животот, дека треба да посакуваме малку, а да се надеваме на уште помалку; не учи дека не мораме да се трудиме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобри во границата на нашите можности. Тој знае да ја препознае и уништи демонската сила на незнаењето, особено да ја уништи демонската сила на погрешното знаење за смислата на човековиот живот, што е карактеристично за речиси секој алкохоличар, а со тоа да ја уништи и таа лоша причина за многу семејни трагедии.
Човек мора многу да знае за да може другите да ги поучува - со малку знаење да бидат мудри, за да можат да ги избегнат опасностите што животот ги носи. На сите апстиненти Др.Николоски ни пружа посебна помош и внимание во нашето искачување кон врвот на вистината, кон здогледување и откривање на нови, поголеми и поубави предели од животот, кои треба да ги истражуваме.
Дојдов до сознание дека објаснувањата на нашиот терапевт за проблемите со алкохолната болест се крајно уверливи и, да не се прифатат тие објаснувања и да не се применат во пракса би било исто, како морнарот да го фрли во морето единствениот компас што го има. Тој е љубезен човек кој секогаш со насмевка на лицето слуша како за нешто што тој многу добро го знае, говори некој кој за тоа ништо, или многу малку знае. Др.Николоски е премногу свесен за недостатоците на врстата на која и самиот припаѓа, да би се лутел на кој било нејзин член. Неговата парола, што непрекинато во пракса ја применува е: да започнеме битка со алкохолното зло секаде и секогаш кога го гледаме, притоа не повредувајќи го чинителот на злото, исто како што ни самите не би сакале да бидеме повредени, заради грешките што непрекинато ги правиме.
Во извршувањето на својата животна задача, тој е витален човек, кој го носи во својата душа, во своето срце, во својата крв животот на сите апстиненти - боледува од нашите болести, страда заради нашите неволји, цвета со нашето здравје, ужива во нашата среќа - независно од сопствените проблеми и преокупираност. Кој дава само совети, макар и најдобри, е поток кој пријатно жубори. Но, Др.Николоски тие прекрасни совети за доброто на заедницата во целина ги спроведува во дело и затоа е поток со млинови, кои работат подеднакво за сите. Тој е совршен пример дека човековиот дух со ништо повеќе не може да се приближи кон Бога, кон совршенството, отколку со несебично спасување на луѓето.
Еволуцијата на напредокот на цивилизацијата е разработена во целост, но од луѓето е сфатена премногу технички. Ако ја исклучиме Дарвиновата теорија за еволуцијата на човекот од мајмун, речиси во се друго човекот е изоставен од неа. Во градот Прилеп има многу експерти во стопанството за унапредување на науката и техниката, но во Прилеп единствен е Др.Методија Николоски, кој правилно го разбрал и во пракса го применува напредокот на цивилизацијата на која, на крајот на краиштата, не би требало примарна цел да и биде напредокот на науката и машините, туку напредокот и издигнувањето на човекот. Староста нема поубава утеха од сознанието дека целата своја младост е вградена во дела кои не стареат. Само малите духови разликуваат свое и туѓо. Др.Николоски е човек со голем дух и целиот свет го гледа како свое семејство.
Градот Прилеп треба многу повеќе внимание и помош да му посвети на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” и неговите сегашни и идни членови. За Др.Методија Николоски - Мец Прилеп не треба да се грижи и да троши пари за подигнување на негов споменик. Негов вечен, најголем и најубав споменик е неговото дело - тоа се илјадници лекувани и излечени алкохоличари, илјадници семејства во чии домови Др.Мец им ја врати среќата и радоста. Нивната искрена благодарност е најголема награда за докторот над докторите, за докторот кој ги оживува - ги воскреснува мртвите души на алкохоличарите, за Примариус Др.Методија Николоски - Мец, великанот пред чии дела се восхитуваат пријателите, великанот пред чии дела се поклонуваат и непријателите.
%