МИРОТ ВО ДУШАТА

%

Денес гледам колку сум ги малтретирал моите најмили со тоа што од нив секогаш сум барал да имаат доблести кои самиот не ги поседував. Иако сум свесен дека не ќе можам да поправам и да надоместам се што сум погрешил, сепак, се надевам дека Бог ќе дозволи да поживеам доволно, да барем нешто надоместам, да се обидам да создадам и оставам нешто трајно, со што ќе посведочам дека воопшто сум живеел.

Човековиот мир, среќа и радост, не зависат од законите и владетелите, туку од неговите тивки, семејни односи, од неговиот разум, од совеста. Во сложно семејство, каде владее хармонија и пријатна атмосфера, среќата сама од себе доаѓа, бидејќи таму каде  што човекот сее љубов, израснува радост и среќа. Семејниот синџир е толку тежок и, за  сите во семејството да бидат вистински среќни, таа тежина мора да ја носат сите членови на семејството. Денес животот ми е прекрасен. Конечно почнав да ја разбирам вистинската смисла на животот. Целиот свет како да е мој и сигурен сум дека никаква причина не може повторно да ме врати кон алкохолот, на поранешниот колосек кој води директно кон пеколот. Но, мојата среќа е невозможна без среќата на моите најблиски, кои ми ја даваат најголемата радост и задоволство во животот, бидејќи чувствувам дека и покрај сите мои грешки сеуште ме сакаат и ценат, дека сеуште сум им потребен и мил.

Во едно сум сосема сигурен, а тоа е дека сум целосно изменет и дека во мене се случи значајна промена за душата, промена што ме спојува со сиот нормален свет. Со помош на другарите од Клубот на лекувани алкохоличари, сфатив дека за борба со алкохолната болест не ми се потребни ни пушки ни пиштоли. За разлика од револуциите, кои се водат исклучиво со оружје и насилство и во кои една класа заменува друга, борбата со алкохолната болест мора за се води елегантно, полека и без брзање, трпеливо, добродушно, воздржано и попустливо, исполнета со искрена љубов и човекољубие, бидејќи тоа е борба во која победникот заменува еден живот со друг, победа во која доброто го заменува злото. Вистинската сила не е во оној кој е способен да ги победи другите, туку во оној кој ќе смогне сили да го победи алото во себе и нема да му дозволи на животното што е во него да владее со неговата душа.

Денес, во овој момент, сметам дека сум потполно нов човек, бидејќи имам свој став за алкохолната болест за кој сум спремен да се борам и да го одбранам, да се борам и да го докажам. Толку длабоко одново го преживувам животот, стравотиите од минатото и радоста од сегашноста длабоко навлегуваат во душата, така што понекогаш ми доаѓа да се онесвестам. На кратко црна завеса ги прекрива и брише сликите од мојот мозок, но секогаш скокам како од длабок сон и решително извикувам: “Ќе те победам ѓаволу, ќе те победам ѕверу над ѕверовите, макар што тоа мора да трае до крајот на мојот живот.”

И, зарем денес со право не можам на оние, кои од злоба и завист го валкаат моето име, кои ме оцрнуваат и кои уживаат кога ги бараат моите грешки и пропусти од минатото да им речам: “Од каде ви е правото да ме оцрнувате и да ми префрлате за грешките и пропустите кои сепак не ме спречија да вредам барем малку повеќе отколку што вредите вие, бидејќи сега јас не живеам само привидно да бидам среќен – ќе трпам и ќе умрам ако треба, но ќе бидам тоа што навистина треба да бидам – човек. А вие, мои божемни пријатели, што ме оцрнувате  – погледнете малку подлабоко во себе и ќе ги најдете истите грешки и пропусти што ги осудувате кај мене, а ако и не пронајдете исти такви грешки, погледнете уште подлабоко, ќе најдете многу поголеми грешки од моите.”

%