ПОРАКА

%

На крајот, им испраќам порака на оние кои почетниот неуспех можеби ги поколебал, на сите оние кои, како и јас на почетокот, се сомневаат во значењето од посетувањето на Клуб на лекувани алкохоличари, на оние кои не ја осознале вистинската улога на клубот во нивното лекување од алкохолната болест и во правилното обликување на животот во иднина – трезвено, без алкохол. Особено им испраќам порака на оние кои немаат храброст да го напуштат минатото и храбро да се соочат со неизвесноста на иднината, бидејќи на оној, на кого му е жал да се раздели од минатото, не вреди ни да се обиде да гледа во подобра и посветла иднина.

Во време кога се изместени сите човекови вредности, во време кога речиси сите луѓе се борат за власт и доминација, во време кога егоизмот ги надминува сите граници, во време кога сите човекови доблести се на најниско можно ниво, во време кога ѓаволот го распослал целото свое зло на сите страни од светот и кој, на многу лукав начин, прикажувајќи го со сите лажни убавини, на човекот му го нуди алкохолот како примамлив и единствен излез и спас од реалноста, за бегство од бедата и неправедноста во светот, во кој човекот е приморан да живее – во сите овие околности, слабите духови се фаќаат на ѓаволската јадица прифајќајќи го алкохолот како единствен лек за надминување на своите комплекси, своите грешки и пропусти.

Непобитна вистина е дека никогаш никој не се опива за да направи добро дело, туку спротивно, повеќето лоши дела луѓето ги прават во пијана состојба. Пијанството само по себе не е прекршок, туку е припрема за сите други видови на прекршоци. Алкохолот е најголем непријател на животот, тој е крвав убиец, господар и сојузник на смртта, тој ја уништува и убива младоста. Тој уништува многу млади, добри момчиња затоа што стои на сите патишта и на секој агол од секоја улица. Кога не би бил алкохолот, овие млади луѓе би живееле среќен и плоден живот, би создавале големи дела, би биле корисни за себе и за целото човештво. Наместо тоа, поради алкохолот пропаѓаат, а со тоа пропаѓаат и сите нивни можности.

Алкохоличар е човек на кого организмот му бара алкохол и го тера кон земање алкохол. Поголем број од луѓето стануваат алкохоличари од навика, а се навикнуваат затоа што алкохолот е лесно достапен и насекаде присутен, затоа што сите патишта водат кон алкохолот – кон кафеаните, места каде луѓето се запознаваат и состануваат, места каде ги слават своите среќни денови, места каде плачат над своите несреќи и каде со алкохол ја лечат својата тага.

Алкохолизмот не е вродена маана кај човекот и затоа има различни мотиви – зашто некој човек станал алкохоличар, но како и да е, по испивањето на првата и втората чаша, на човекот му се отвора апетитот, се јавува жед и тогаш испива чаша по чаша. Првата испиена чаша на човекот му доаѓа како некоја мала матура, после која човекот кој пие алкохол преоѓа во повисоките класови, каде се учи виша математика на алкохолизмот, со сите познати и непознати. Колку подолго се дружи со алкохолот, во човекот се повеќе се губи чувството за неговото најголемо богатство, а тоа е да биде слободен, да живее по своја волја, а не по волјата на алкохолот. Природно е секој човек најмногу од се во животот да ги посакува слободата, среќата и радоста. Но, штом секој човек најмногу ги посакува овие највисоки човекови добра, зарем секој не може да види дека тие благодети не се надвор од него? Нека секој човек цврсто одлучи да ги има и ќе ги има, нека само се однесува како да се негови и, ќе бидат негови. Најдобар учител за слободата е природата, бидејќи се е слободно што во неа дише и се движи, освен човекот, особено човекот кој постојано се дружи со алкохолот. Впрочем, среќните робови се најлути непријатели на слободата, како што болниот алкохоличар е непријател на слободата од своите најблиски, правејќи ги несреќни со своите грешки, што непрекинато ги прави. И, наместо да се труди да ги поправи своите грешки, човекот, заслепен од алкохолот, прави нови грешки, сметајќи дека ако неговите грешки никој не ги осудува, дека тие и не постојат. Но, грешките се како ѓубрето што се наоѓа околу нас – можеме да го покриваме и со златен килим, но тоа и натаму ќе остане само ѓубре и ништо друго.