ВИСТИНАТА НА ВИДЕЛИНА

За да се дојде до вистината, таа не треба да се дели, а за да не се дели треба вистински да се сака, човек да се помирува и да го сака и тоа, со што во тој момент не е согласен. Сето тоа во што навистина веруваат вистинските апстиненти, едноставно мора да е вистина; таа може секој член на Клубот на лекувани алкохоличари различно да ја чувствува и изразува, но таа не може да биде лага; дури и ако таа вистина на некого му наликува на лага, тоа само значи дека тој добро не ја разбрал. За борба со алкохолната болест потребна е железна дисциплина, за која практичен пример можат да дадат добро извежбаните членови на Клубот на лекувани алкохоличари. Спознавајќи ја целината – клубот, колку што е тоа можно и, спознавајќи ја работата и задачата на клубот, го спознаваме и своето место во таа целина – клубот, се спознаваме себе си.

Благодарејќи на некоја возвишена љубов кон сите луѓе што се разбуди во мене, посебно кон моите браќа по алкохол, чудна сила што ја добив во Клубот на лекувани алкохоличари, ме тера да ги разберам овие луѓе и да видам дека тие личности, кои од разни причини тргнале или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол, кога не се дружат со алкохолот не се така лоши и глупави, како што многу луѓе мислат. Одлучив да живеам со тие и за тие луѓе, бидејќи ги сметам за поблиски и подобри од илјадници други, кои себе си се сметаат за многу – многу подобри. Убеден сум дека кога се дружам со колегите од клубот, како да се наоѓам во некој друг свет, каде сите маки и страдања се слатки како мед.

Чисто облечен човек внимателно ги заобиколува барите, но кога еднаш ќе се слизне и ќе ги извалка чевлите, тој веќе помалку се чува; а кога ќе види дека чевлите му се сосема извалкани со кал, тогаш веќе смело чекори по калта и се валка се повеќе и повеќе. Исто така, кога човек е млад, додека сеуште е чист од лошите и развратни дела, се чува и бега од се што е лошо; но штом еднаш, два пати ќе згреши, тој мисли: се чувал не се чувал сеедно е, па се впушта во сите пороци. Кој ќе згреши првпат, тој секогаш чувствува дека е виновен; кој многупати го повторува истиот грев, особено кога луѓето околу него се наоѓаат во истиот грев, тој запаѓа во соблазност и повеќе не го чувствува својот грев.

Луѓето не престануваат да се лажат и мачат себе си и другите. Луѓето не мислат дека е важна Божјата убавина, која е благодет на се живо, туку сметаат дека е важно и свето само тоа што го измислиле тие самите, за да можат непрекинато да се лажат и мачат меѓу себе. Дали животот од човекот ќе биде добар или лош, зависи исклучиво од неговите мисли. А со мислите може да се управува. Како што од лошо семе изникнува лош плод, така и од лошите мисли се раѓаат лоши дела. Како што земјоделецот го одбира вистинското семе, потоа го чисти од каколот, а најдоброто семе го чува и прочистува, така и разумниот човек постапува со своите мисли: ги отфрла од себе непотребните, лоши мисли, а ги задржува најдобрите, ги чува и прочистува. Значи, за човекот добро да живее, треба да работи на своите добри мисли и да не се покорува на лошите. Како што човек може да се воздржи од делата за кои мисли дека се лоши, така може да се воздржи и од мислите кои го привлекуваат, ако ги смета за лоши. Во тоа воздржување е вистинската снага на човекот, бидејќи сите дела се раѓаат во неговите мисли.

%