август 2009


Од пред неколку години градот Прилеп веќе не е обичен, провинциски град, туку модерен, европски град, бидејќи има локална управа со европски манири. Сакајќи да им помогнат, да ги направат посреќни своите сограѓани, притоа вложувајќи огромен труд, градските татковци, по примерот на многу модерни европски градови, на Прилеп му донесоа фестивал. И тоа не каков било, обичен фестивал, туку фестивал на пивото, со природна можност во иднина истиот да прерасне во центар за обука, центар каде младите луѓе ќе ги започнат првите чекори по патот на алкохолизмот, или на обичен македонски јазик кажано, во Прилеп отворија фабрика за производство на пијаници. Речиси цела една седмица центарот на градот беше блокиран од сите страни со илјадници маси и столици, на кои седеа некои од потенцијалните производи на новоотворената фабрика. Да бидеме искрени, такви производи секојдневно се раѓаа и безброј веќе беа родени на други места, така што и тие беа присутни како урнек за новите производи на фестивалот - за новите алкохоличари.

За да не ги разочараат своите добротвори, кои со отворањето на фестивалот го решија и последниот проблем на граѓаните, тие, граѓаните, масовно и радосно излегуваа да го видат тоа чудо од фестивал и, да не останам покусо, излегов и јас. И, навистина чудо имаше и тоа не само едно. Сите маси беа зафатени, така што одвај најдов слободни две столици - за мене и мојата сопруга. На масата седеше млад брачен пар со своите две дечиња. Келнерот уште го немаше донесено кафето што го порачавме, кога одненадеж настана голема мешаница и се слушна голема викотница. Непосредно во паркот лежеше млад човек, целиот облеан во крв така што не можеше да му се забележат цртите на лицето, а неколку млади луѓе немилосрдно го маваа. Лицето од пијаниот младич се грчеше од болката што му ја нанесуваа, но по тоа лице се гледаше колкави духовни можности беа уништени во тој млад човек, се гледаше колку силно човечко животно беше, дека како своевидно животно сепак беше многу посовршено од кученцето што го шетав и на кое му посветував посебна љубов, грижа и внимание. И ете, млад, здрав, силен човек беше доведен до таква состојба да никој не го жалеше како човек, никој не го жалеше како залудно уништено работно, корисно животно.

Навистина, пијанството е неприродна човекова состојба, во која никогаш не може со сигурност да се предвиди што човек може да направи кога ќе се соочи со нешто ненадејно и неочекувано. Сосема е сигурно дека тие што со голем труд го донесоа фестивалот, од голема презафатеност, заборавиле дека кога се пие алкохол ќе има и пијани луѓе. А можеби и не заборавиле, бидејќи е сосема нормално пијаните да прават такви работи: да викаат, да навредуваат, да кршат, да се тепаат и… Ако некој не сака да гледа, или не дај Боже да му се случат такви работи, нека не доаѓа на Пивофест, туку нека си избери некој друг фестивал, како Макфест или Златно славејче.

Моето внимание најмногу го привлече реакцијата на двете дечиња што седеа на масата. Ни мајката ниту таткото на децата не им го објаснија тоа што го видоа, така што децата мораа сами да го одгатнуваат значењето на оваа глетка. Помалото дете, судејќи според изразот на лицата од своите родители, значењето на оваа необична случка ја протолкува вака: дека тоа се сосем поинакви луѓе од неговите родители и нивните познаници, дека тоа се лоши луѓе и дека затоа со нив треба да се постапува токму така како што се постапуваше со овој човек. Детето беше многу исплашено, но се израдува кога веќе не можеше да го гледа пијаниот човек. Другото дете, и не мрдајќи го погледот од пијаниот, прашањата за значењето на овој настан ги реши поинаку. По изразот на лицето се гледаше дека е цврсто убедено дека тој несреќен човек е ист како и тој самиот, како што се и сите други луѓе и дека на тој човек пред малку, некои други - лоши луѓе, му направија нешто што е многу лошо и кое во никој случај не требаше да му го направат. Солзите што му се појавија на лицето говореа дека му е жал за пијаниот, иако се плашеше и од такви луѓе со уништен живот и од оние што им го уништуваат животот.

%

- Таму, каде човекот е број еден - парите се број два. Таму, каде парите се број еден - човекот е број НУЛА.        Ферид Мухиќ

- Може ли кој било да се сети кога времињата не биле тешки и кога парите не биле малку.

- Господа, со што сте заслужиле толкаво богатство, освен што сте се потрудиле да се родите.        Бомарше

- Поголема чест е кога имаш дукат во џебот, отколку десет ако си ги потрошил.                                                                                                                    Гвиѓардини

- Парите се како жената: да би ги сочувале треба да се занимавате со нив, инаку ќе усреќат друг.       Сафир

- Има такви кои знаат да заработат пари и такви кои знаат да живеат, но многу се ретки тие што го знаат и едното и другото.        Моравија

- Парите се како еж: многу е полесно да го фатите, отколку да го држите.       Моржек

- Парите се одличен слуга … но во некои случаи, кога ќе почнеш да им служиш, парите се претвораат во суров господар.        Френсис Бекон

- Доброто мислење на луѓето за нас е посигурно од парите.        Публиј Сир

- Желбата за парите расти онолку, колку мшто пораснале парите.        Јувенал

- Ни родот, ни доблестите ништо не вредат ако нема пари.        Хорацие

- Кога палатите се премногу раскошни, полињата се празни.        Лао Це

- Парите се клуч што ги отвора сите врати.        Молиер

- Ако сакаш да знаеш што се пари, побарај ги од некого.        Англиска пог.

- Љубовта кон парите е корен на сите зла.        Б.Шо

- Кога ќе се одлучиш да позајмуваш пари, облечи се како да ги имаш неограничено многу.       ***

- Иако сме браќа, ќесињата не ни се сестри.        Народна пог.

- Сакај го својот сосед, но не уривај ја оградата.        Швајцарска пог.

- Кога некој сака да ти плати сега или подоцна, одбери го првото.        ***

- Човек без пари е слика на смртта.        Латинска пог.

- Заштедените (собраните) пари на секого или му заповедаат, или му служат.      Хорацие

- Парите малку ѕвечат, но далеку се слуша.        Латинска пог.

- Најголем крал на земјата во ова време се парите.        Латинска пог.

- Лакомиот човек парите го привлекуваат, но не го заситуваат.        Сенека

- Иако се гордееш со парите, ист си - богатството не го менува твоето потекло. Латинска

- Двапати размисли пред да се одлучиш некому бесплатно да му завршиш некоја работа. Луѓето често не умеат да го ценат тоа, за кое не морале да платат.        ***

- Човек треба да има толку, колку што му е потребно за живот. Кој ќе стекне повеќе од што му е потребно - тој е арамија.        Шримад Бхагавата

- Кога на некого му позајмуваш пари, внимавај неговиот карактер да ја надминува сумата што си му ја позајмил.        ***

- Кој околу вратот полно ќесе има, не може да се најде на бесилка.        Руска пог.

- Кој има пари и врски, не мора да се грижи за правдата.        Италијанска пог.

- Во животот треба да одбереш: парите или ќе ги заработиш, или ќе ги трошиш.   Бурде

- Парите ја покажуваат својата вредност во моментот кога од нив се откажуваме.   Џонсон

- Во парите лежи голема заштита.        Латинска пог.

- Сеуште никој од парите не се обогатил; спротивно, нема човек во кој тие не пробудиле уште поголема желба за нив.        Сенека

- Ништо не е така добро утврдено што со пари не би можело да се освои.        Цицерон

- Парите управуваат со сите работи на човекот.        Публиј Сир

- Парите се слуга ако знаеш да ги користиш; господар ако не знаеш.        Сенека

- Да се откажеш од парите во вистинско време понекогаш е најголема добивка.   Лат. пог.

- Ништо не е така досадно, така одвратно, како изобилието.        Монтењ

- Немаш ли грош, секогаш си лош.        Бугарска пог.

- Парите понекогаш ги решаваат проблемите, но и ги создаваат.        Корејска пог.

- Кога некој ќе ти здосади, позајми му пари.        Украинска пог.

%

Кога ќе видиме човек што греши, да се сетиме дека и ние сме грешни, кога ќе видиме страст во некого, да се сетиме дека и ние сме биле такви. На тој начин ќе чувствуваме блискост и сродност со секого на овој свет, ќе чувствуваме дека ќе бидеме многу посреќни ако помогнеме да бидат среќни и оние најпонижените, а тоа се алкохоличарите. Да се потрудиме и другите да ги научиме да владеат со своите страсти и нагони, кои, ако не се научат да слушаат - заповедуваат. Бидејќи, само оној кој некогаш бил паднат, може на друг да му пружи практичен пример - како повторно да стане. Потребно е оној кој еднаш се изгорел, да ги предупредува другите на опасноста од огнот.

Во мојата борба со алкохолната болест, посебно сум и благодарен на мојата сопруга за нејзината несебична, безрезервна поддршка, благодарност затоа што имаше сила да ги издржи сите удари, сите мои грешки, глупости и пропусти во животот, затоа што успеа да го одржи семејството. Со паметен маж може среќно да живее и да управува и глупава жена. Но, да управува и да живее со будала каков што бев јас, може само многу паметна жена. Денес таа не е само жена со која ја делам брачната постела, туку мој најголем пријател и мој животен сопатник, човек чиј живот вреди неспоредливо многу повеќе од мојот живот. Мојата благодарност за се што до сега направи за мене и за целото семејство, ја зацврси мојата љубов, ја зацврсти мислата во мене дека ќе ја сакам и кога ќе остари, а и тогаш кога ќе биде старица, бидејќи докажа дека ќе биде способна на нашите деца да им пружи и таткова љубов и внимание, ако случајно умрам.

Сосема за крај на мојата искрена исповед, изразувам голема благодарност кон мојот матичен лекар Др.Добрица Тинтоска - Димеска, која ми го покажа патот кон подобра и посветла иднина.

Изразувам и посебна благодарност и кон Др.Борче Паноски, кој го трасираше тој пат.

Упатувам благодарност и до сите членови на Клубот на лекувани алкохоличари ”Здрав живот” од Прилеп, за нивната поддршка и помош во моите напори да излезам од кризата.

Но, посебна и искрена благодарност од мене и од моето семејство упатувам кон Др.Методија Николоски - Мец, кој успешно не водеше по патот на победата, патот кон среќата и радоста, патот кон посветла иднина. Големо фала и нека ти е вечна слава Голем човеку. Твојот насмеан лик засекогаш ќе остане во нашите срца. И благодариме на Божјата Промисла што ни дарува толку скап дар, да познаваме и да живееме со толку способен човек, токму таков гение да биде нашиот учител. Ние го продолжуваме Твоето дело, а мудроста и знаењето што го пренесе на нас, ќе им помогнат на многу генерации и ќе останат вечен спомен на нашиот сакан и ценет терапевт Др.Методија Николоски - Мец.

Кога луѓето подобро би знаеле какви опасности, каква разурнувачка моќ, колкаво зло се крие во употребата на алкохолот, какви тешки последици остава за секој човек и за човештвото во целина, шишињата во излозите би требало да имаат нацртано мртовечка глава, со натпис:

“ВНИМАВАЈ - ОПАСНО ПО ЖИВОТ” 

%
Многу алкохоличари мислат дека не им е местото во Клуб на лекувани алкохоличари, дека не можат да говорат на начинот на кој говорат луѓето кои подолго време, со години, го посетуваат клубот, дека не можат проблемите предизвикани од алкохолот да ги чувствуваат како нив. Убедени се дека не можат да се залажуваат и дека од таквото залажување ќе претрпат неуспех, дека тоа не е во нивниот карактер. Тоа од нив никој и не го бара. Нека се јават на телефонскиот број на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп (99389) 048 - 550716 и ќе ги добијат сите потребни информации. Потоа, нека дојдат во клубот и нека се прикажат такви какви што вистински се. Убеден сум дека со текот на времето, со помош на нивната цврста желба за успех, ќе научат како да го победат злото што е во нив. Знам дека тешко е да се поднесе неуспехот, но уште подобро знам дека е многу потешко, никогаш да не се проба да се успее.
Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, знаеме дека никого не можеме да го направиме подобар, освен со помош на останатото добро што е во него, никого не можеме да го направиме поразумен, освен со помош на остатоците од неговиот разум што се во него. Човекот самиот греши, самиот го смислува злото, самиот бега од гревот, самиот ја чисти својата мисла, самиот за себе е лош или добар: никој друг не може да го спаси. Ние само можеме да му помогнеме полесно да ја извојува својата победа над злото што живее во неговата душа. Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, посакуваме да успееме да им помогнеме на сите луѓе, особено да им помогнеме на младите луѓе за да можат да напредуваат во животот како здрави личности, да ги спасиме од проклетството на нивното лошо друштво, да ги спасиме од нив самите, да ги извлечеме од алкохолниот пекол. За да ја постигнеме таа хумана цел, потребна е само нивната добра волја и ништо друго. Убедени сме дека од редовното посетување на Клуб на лекувани алкохоличари, ќе почувствуваат дека се наоѓаат во целосно духовно задоволство во себе си, кое многу одамна го немаат доживеано, ќе почувствуваат дека дури сега осознаваат колку добри личности можеле и можат да бидат.
Не е страшно ако човек тоа што треба да го направи денес, го остави за утре - страшно е ако тоа и утре не го направи. Оние, кои залутале по патеката на злото и пропаста, нека не го чекаат “Утре”, туку што побрзо нека побараат помош во Клуб на лекувани алкохоличари и таму ќе го најдат јажето на спасот, кое ќе ги извлече од пеколниот алкохолен лавиринт. И, воопшто нека не се плашат, бидејќи не е страшно ако човек знае малку или воопшто ништо не знае за начинот и методите за борба со последиците од алкохолот - страшно е ако човек не сака да научи како најлесно да го победи злото. А ние, постарите членови на клубот, со своето долгогодишно искуство, ќе им помогнеме да ја зацврстат волјата сите оние, кои ќе изразат желба да ни се придружат. Спремни сме да им покажеме дека и тие можат да победат како и ние. Со текот на времето и самите ќе се уверат дека на таквиот победник не му судат, туку го наградуваат.

%

%

А што правиме ние? Не само што не правиме ништо за да се уништат условите во кои се создаваат така несреќни луѓе, како што се алкохоличарите, туку само ги одобруваме оние места во кои тие се создаваат. Тие места се добро познати, тоа се: местата за производство и продажба на алкохол - кафеаните, пивниците, јавните куќи и други. И не само што не ги уништуваме тие места (таквата идеја во овој момент и во вакви услови е чиста утопија), не само што не се донесуваат ригорозни законски мерки за ставање ред во производството, посебно закони за ставање ред во продажбата на алкохолот, закони со кои во голема мера ќе се ублажат штетните последици од постоењето токму на вакви места (идејата би требало да биде реално остварлива), туку, сметајќи дека таквите места се навистина неопходни, институциите ги поттикнуваат и со закон го регулираат нивното постоење. Често се прашувам: што би било кога институциите би вложиле стотти дел од напорите што ги вложуваат за заштита на алкохолот, кога би ги насочиле кон тоа да им помогнат на илјадници несреќни, запоставени луѓе, на кои сите гледаме со одвратност, а честопати и омраза?

Луѓето чувствуваат одвратност кога гледаат пијан човек, сметаат дека самиот е виновен за своите несреќи и страдања, но сепак, неговото одбивање да ја прифати стварноста на овој свет, колку и да изгледа детинесто, треба сите нас да не присили подобро да го погледнеме светот во кој живееме, да ги видиме сите негови добри и лоши страни, а потоа да размислиме за мотивите, заради кои ние сме го прифатиле. Ако може да се признае дека има нешто поважно од чувството на човекољубие, макар и за еден момент и макар во еден единствен случај, тогаш нема злосторство што не би можело да биде направено врз човекот, без да се почувствува вина за тоа.

Го жалиме човекот кога премрзнал, кога е гладен, но уште повеќе треба да го жалиме алкохоличарот! Оној првиот страда со телото, а вториот со тоа што е најскапо од се на светот - страда со душата. Добро, многу добро е да го сожалиме сиромавиот и да му помогнеме, но уште подобро е да не го осудуваме алкохоличарот, туку искрено да го сожалиме и да му помогнеме. Можеби тогаш многу повеќе ќе се приближиме до алкохоличарот, многу полесно ќе го најдеме вистинскиот начин да го мотивираме за борба против алкохолната болест. Треба да ги отвориме нашите срца и на алкохоличарот да му поклониме посебна почит и внимание, да почувствува искрена човекова љубов, бидејќи и учениот и неучениот, и богатиот и сиромавиот, и вештиот и невештиот, и убавиот и грдиот, и здравиот и болниот, и стариот и младиот - сите посакуваат и на сите им е потребна љубов и внимание. Тогаш ќе можеме да се надеваме дека и кај алкохоличарот ќе ја разбудиме неговата совест, дека тој ќе ја почувтвува топлината од дружењето со луѓето, ќе можеме да се надеваме дека ќе посака со иста мера да возврати на вниманието и љубовта што луѓето му ја дарувале.

% 

%

Алкохоличарот гледа дека во неговиот живот ништо не е добро, дека многу работи треба да ги промени. А да го измени човек може само тоа што е исклучиво во негова власт, да се измени себе си. Но, за да може да се измени, алкохоличарот пред се треба да признае дека самиот тој не е добар, дека страдањата на неговите најмили се исклучиво негова вина. За жал, тоа речиси никој алкохоличар искрено не сака да го направи, уште помалку сака да го прифати како нешто што е лошо и што треба што побрзо да го промени. Алкохоличарот целото свое внимание му го посветува не на тоа што е во негова власт, туку на надворешните влијанија, кои не се во негова власт и чија измена воопшто или многу малку можат да ја поправат неговата бедна положба, како што претурањето од еден сад во друг, не може да ги поправи особините на расипано млеко. И, тогаш почнува, во почетокот наивно, а потоа со сосема груба активност - изменување на карактерите на своите блиски по сопствена волја.

Бог, кој со својата мудрост го создал целиот свет, на секој од нас ни доделил посебна улога. Ако Бог одредил некој човек да биде просјак, принц или работник, нека секој човек што подобро ја одигра улогата што му е доделена на оваа Божја сцена - наречена свет. Алкохоличарот секогаш смета дека целиот свет е против него. Никогаш или многу ретко може да го забележи злото кое го нанесува над себе си, уште повеќе, да го согледа злото што го нанесува над своите најблиски, никогаш или многу ретко посакува да го остави алкохолот, својата и среќата на своите блиски да ја гради трезвено, со бистар ум, никогаш или многу ретко одлучува да побара помош за да ја надмини алкохолната болест. Тој не ја гледа неморалноста на своите постапки и на својот живот во целина. Понекогаш забележува дека луѓето го презираат, го одбегнуваат, но никако не може да сфати заради што го презираат, за што треба да се покае и во што треба да се поправи.

Искуствата на членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари говорат дека е многу тешко да се биде добар со лош човек, со лажго, со алкохоличар, особено ако е возгордеан, арогантен, па уште и ако не навредува. Но, со таков, токму со таков човек треба да бидеме добри - и заради него, и заради себе. Добар човек е оној кој ги сака сите и им прави добро на сите луѓе, не прашувајќи дали се добри или зли. Никако не смееме да претпоставиме дека и најнеморалниот човек не би можел да биде морално, слободно човеково битие, дека таквите луѓе не ги заслужуваат нашата љубов и добрина, не го заслужуваат нашето внимание.

Во реалноста се случува нешто сосем спротивно. Кога човекот, болен од пијанството, затапен и зашеметен после бурно поминатите ноќи, ќе направи некоја глупост, институциите, кои се платени да се грижат за доброто на сите луѓе, не само што нема да навлезат подлабоко за да барем го разгледаат неговиот вистински проблем, не само што нема да се погрижат да ги уништат причините што го довеле човекот до неговата несреќна состојба, туку целата работа ја поправаат само со тоа што го казнуваат човекот. Со казната или заканата никогаш не се постигнуваат вистински резултати. Со нив можеме само да го заплашиме човекот, на час да го држиме подалеку од можноста да направи зло, но на тој начин никогаш човекот не може да се поправи. Осудувањето на другиот секогаш е неправедно, затоа што никој никогаш не може да знае што се случувало и што се случува во душата на оној кој го осудуваме. Човекот станал тоа што е - алкохоличар, само затоа што се наоѓа во такви услови, што создаваат такви луѓе. И затоа, сосема е јасно дека, за да нема такви луѓе, треба да се погрижиме и да ги уништиме оние услови, во кои се создаваат такви несреќни луѓе.

%