%
А што правиме ние? Не само што не правиме ништо за да се уништат условите во кои се создаваат така несреќни луѓе, како што се алкохоличарите, туку само ги одобруваме оние места во кои тие се создаваат. Тие места се добро познати, тоа се: местата за производство и продажба на алкохол – кафеаните, пивниците, јавните куќи и други. И не само што не ги уништуваме тие места (таквата идеја во овој момент и во вакви услови е чиста утопија), не само што не се донесуваат ригорозни законски мерки за ставање ред во производството, посебно закони за ставање ред во продажбата на алкохолот, закони со кои во голема мера ќе се ублажат штетните последици од постоењето токму на вакви места (идејата би требало да биде реално остварлива), туку, сметајќи дека таквите места се навистина неопходни, институциите ги поттикнуваат и со закон го регулираат нивното постоење. Често се прашувам: што би било кога институциите би вложиле стотти дел од напорите што ги вложуваат за заштита на алкохолот, кога би ги насочиле кон тоа да им помогнат на илјадници несреќни, запоставени луѓе, на кои сите гледаме со одвратност, а честопати и омраза?
Луѓето чувствуваат одвратност кога гледаат пијан човек, сметаат дека самиот е виновен за своите несреќи и страдања, но сепак, неговото одбивање да ја прифати стварноста на овој свет, колку и да изгледа детинесто, треба сите нас да не присили подобро да го погледнеме светот во кој живееме, да ги видиме сите негови добри и лоши страни, а потоа да размислиме за мотивите, заради кои ние сме го прифатиле. Ако може да се признае дека има нешто поважно од чувството на човекољубие, макар и за еден момент и макар во еден единствен случај, тогаш нема злосторство што не би можело да биде направено врз човекот, без да се почувствува вина за тоа.
Го жалиме човекот кога премрзнал, кога е гладен, но уште повеќе треба да го жалиме алкохоличарот! Оној првиот страда со телото, а вториот со тоа што е најскапо од се на светот – страда со душата. Добро, многу добро е да го сожалиме сиромавиот и да му помогнеме, но уште подобро е да не го осудуваме алкохоличарот, туку искрено да го сожалиме и да му помогнеме. Можеби тогаш многу повеќе ќе се приближиме до алкохоличарот, многу полесно ќе го најдеме вистинскиот начин да го мотивираме за борба против алкохолната болест. Треба да ги отвориме нашите срца и на алкохоличарот да му поклониме посебна почит и внимание, да почувствува искрена човекова љубов, бидејќи и учениот и неучениот, и богатиот и сиромавиот, и вештиот и невештиот, и убавиот и грдиот, и здравиот и болниот, и стариот и младиот – сите посакуваат и на сите им е потребна љубов и внимание. Тогаш ќе можеме да се надеваме дека и кај алкохоличарот ќе ја разбудиме неговата совест, дека тој ќе ја почувтвува топлината од дружењето со луѓето, ќе можеме да се надеваме дека ќе посака со иста мера да возврати на вниманието и љубовта што луѓето му ја дарувале.
%







