пон 31 авг 2009
Од пред неколку години градот Прилеп веќе не е обичен, провинциски град, туку модерен, европски град, бидејќи има локална управа со европски манири. Сакајќи да им помогнат, да ги направат посреќни своите сограѓани, притоа вложувајќи огромен труд, градските татковци, по примерот на многу модерни европски градови, на Прилеп му донесоа фестивал. И тоа не каков било, обичен фестивал, туку фестивал на пивото, со природна можност во иднина истиот да прерасне во центар за обука, центар каде младите луѓе ќе ги започнат првите чекори по патот на алкохолизмот, или на обичен македонски јазик кажано, во Прилеп отворија фабрика за производство на пијаници. Речиси цела една седмица центарот на градот беше блокиран од сите страни со илјадници маси и столици, на кои седеа некои од потенцијалните производи на новоотворената фабрика. Да бидеме искрени, такви производи секојдневно се раѓаа и безброј веќе беа родени на други места, така што и тие беа присутни како урнек за новите производи на фестивалот - за новите алкохоличари.
За да не ги разочараат своите добротвори, кои со отворањето на фестивалот го решија и последниот проблем на граѓаните, тие, граѓаните, масовно и радосно излегуваа да го видат тоа чудо од фестивал и, да не останам покусо, излегов и јас. И, навистина чудо имаше и тоа не само едно. Сите маси беа зафатени, така што одвај најдов слободни две столици - за мене и мојата сопруга. На масата седеше млад брачен пар со своите две дечиња. Келнерот уште го немаше донесено кафето што го порачавме, кога одненадеж настана голема мешаница и се слушна голема викотница. Непосредно во паркот лежеше млад човек, целиот облеан во крв така што не можеше да му се забележат цртите на лицето, а неколку млади луѓе немилосрдно го маваа. Лицето од пијаниот младич се грчеше од болката што му ја нанесуваа, но по тоа лице се гледаше колкави духовни можности беа уништени во тој млад човек, се гледаше колку силно човечко животно беше, дека како своевидно животно сепак беше многу посовршено од кученцето што го шетав и на кое му посветував посебна љубов, грижа и внимание. И ете, млад, здрав, силен човек беше доведен до таква состојба да никој не го жалеше како човек, никој не го жалеше како залудно уништено работно, корисно животно.
Навистина, пијанството е неприродна човекова состојба, во која никогаш не може со сигурност да се предвиди што човек може да направи кога ќе се соочи со нешто ненадејно и неочекувано. Сосема е сигурно дека тие што со голем труд го донесоа фестивалот, од голема презафатеност, заборавиле дека кога се пие алкохол ќе има и пијани луѓе. А можеби и не заборавиле, бидејќи е сосема нормално пијаните да прават такви работи: да викаат, да навредуваат, да кршат, да се тепаат и… Ако некој не сака да гледа, или не дај Боже да му се случат такви работи, нека не доаѓа на Пивофест, туку нека си избери некој друг фестивал, како Макфест или Златно славејче.
Моето внимание најмногу го привлече реакцијата на двете дечиња што седеа на масата. Ни мајката ниту таткото на децата не им го објаснија тоа што го видоа, така што децата мораа сами да го одгатнуваат значењето на оваа глетка. Помалото дете, судејќи според изразот на лицата од своите родители, значењето на оваа необична случка ја протолкува вака: дека тоа се сосем поинакви луѓе од неговите родители и нивните познаници, дека тоа се лоши луѓе и дека затоа со нив треба да се постапува токму така како што се постапуваше со овој човек. Детето беше многу исплашено, но се израдува кога веќе не можеше да го гледа пијаниот човек. Другото дете, и не мрдајќи го погледот од пијаниот, прашањата за значењето на овој настан ги реши поинаку. По изразот на лицето се гледаше дека е цврсто убедено дека тој несреќен човек е ист како и тој самиот, како што се и сите други луѓе и дека на тој човек пред малку, некои други - лоши луѓе, му направија нешто што е многу лошо и кое во никој случај не требаше да му го направат. Солзите што му се појавија на лицето говореа дека му е жал за пијаниот, иако се плашеше и од такви луѓе со уништен живот и од оние што им го уништуваат животот.
%