%
Многу алкохоличари мислат дека не им е местото во Клуб на лекувани алкохоличари, дека не можат да говорат на начинот на кој говорат луѓето кои подолго време, со години, го посетуваат клубот, дека не можат проблемите предизвикани од алкохолот да ги чувствуваат како нив. Убедени се дека не можат да се залажуваат и дека од таквото залажување ќе претрпат неуспех, дека тоа не е во нивниот карактер. Тоа од нив никој и не го бара. Нека се јават на телефонскиот број на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп (99389) 048 - 550716 и ќе ги добијат сите потребни информации. Потоа, нека дојдат во клубот и нека се прикажат такви какви што вистински се. Убеден сум дека со текот на времето, со помош на нивната цврста желба за успех, ќе научат како да го победат злото што е во нив. Знам дека тешко е да се поднесе неуспехот, но уште подобро знам дека е многу потешко, никогаш да не се проба да се успее.
Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, знаеме дека никого не можеме да го направиме подобар, освен со помош на останатото добро што е во него, никого не можеме да го направиме поразумен, освен со помош на остатоците од неговиот разум што се во него. Човекот самиот греши, самиот го смислува злото, самиот бега од гревот, самиот ја чисти својата мисла, самиот за себе е лош или добар: никој друг не може да го спаси. Ние само можеме да му помогнеме полесно да ја извојува својата победа над злото што живее во неговата душа. Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, посакуваме да успееме да им помогнеме на сите луѓе, особено да им помогнеме на младите луѓе за да можат да напредуваат во животот како здрави личности, да ги спасиме од проклетството на нивното лошо друштво, да ги спасиме од нив самите, да ги извлечеме од алкохолниот пекол. За да ја постигнеме таа хумана цел, потребна е само нивната добра волја и ништо друго. Убедени сме дека од редовното посетување на Клуб на лекувани алкохоличари, ќе почувствуваат дека се наоѓаат во целосно духовно задоволство во себе си, кое многу одамна го немаат доживеано, ќе почувствуваат дека дури сега осознаваат колку добри личности можеле и можат да бидат.
Не е страшно ако човек тоа што треба да го направи денес, го остави за утре - страшно е ако тоа и утре не го направи. Оние, кои залутале по патеката на злото и пропаста, нека не го чекаат “Утре”, туку што побрзо нека побараат помош во Клуб на лекувани алкохоличари и таму ќе го најдат јажето на спасот, кое ќе ги извлече од пеколниот алкохолен лавиринт. И, воопшто нека не се плашат, бидејќи не е страшно ако човек знае малку или воопшто ништо не знае за начинот и методите за борба со последиците од алкохолот - страшно е ако човек не сака да научи како најлесно да го победи злото. А ние, постарите членови на клубот, со своето долгогодишно искуство, ќе им помогнеме да ја зацврстат волјата сите оние, кои ќе изразат желба да ни се придружат. Спремни сме да им покажеме дека и тие можат да победат како и ние. Со текот на времето и самите ќе се уверат дека на таквиот победник не му судат, туку го наградуваат.

%