%
Вакви примери, каде апстинентите се жртви на некоја чудна, нагласена одбивност кон Клубот на лекувани алкохоличари има многу. Многу ми смета тоа што луѓето кон клубот се однесуваат како кон место кое е заразено од најстрашна болест, така што честопати само спомнувањето на клубот, предизвикува презир и одбивност кај луѓето. За тоа што човек добива од посетата на Клуб на лекувани алкохоличари и за веќе споменатиот пример со несреќната госпоѓа, ќе продолжам откако ќе се обидам да објаснам: зошто луѓето кон алкохолизмот треба да пристапуваат како кон болест, бидејќи сметам дека тоа е покорисно.
Дали алкохолизмот може да се третира како болест? Многу луѓе ќе речат дека не. Постојат многу причини поради кои луѓето се во дилема: дали алкохолната зависност да ја стават во категоријата на болест? Некои од тие причини се од емотивна природа. На пример, ние, луѓето, навикнати сме кон болните луѓе да чувствуваме сожалување и разбирање за нивната несреќна состојба, но емоциите кои во нас ги буди погледот на пијан човек се лутина и одвратност, а честопати и омраза. Тоа што луѓето, кога имаат каков било контакт со пијан човек не чувствуваат ни малку сомилост и разбирање, зборува само за нивната емотивна реакција, но не дава одговор на прашањето: дали алкохолизмот е болест или не? Ако ги оставиме на страна нашите емотивни реакции кон алкохолизмот, ќе дојдеме до неколку рационални причини кои не спречуваат алкохолизмот да го сметаме за болест.
- Прво: болни луѓе ги сметаме само оние кои страдаат од некој вид неспособност или болка – не постои болест без страдање, а и самиот збор болест значи страдање. Како што е познато, ние себе си се дефинираме за болни кога сме во состојба на страдање кое не е неопходно и кое не го сакаме. А сите алкохоличари, кои ги знам, во никој случај себе си не се сметаат за болни и не би можело да се каже, барем не за сите, дека страдаат. Тие себе си сигурно нема да се идентификуваат како болни, како идни пациенти. Или попрецизно, за алкохоличарите карактеристично е тоа дека, во својата заблуденост, веруваат дека ништо не им фали и дека се пример за човековата совршеност. Значи, ако нескриеното страдање и личната свест за своето заболување се тоа, по што одредуваме дали некој е болен или не, тогаш алкохоличарите се последните кои треба да ги сметаме за болни.
Но, во овие аргументи постојат огромни пропусти. Постои цела низа на заболувања кои во почетниот стадиум се асимптоматични. При редовниот преглед некој човек открил дека неговиот крвен притисок е 200/120, а се чувствувал потполно здрав. Дали на тој човек, лекарот, како на секој болен, треба да му препише лекови за снижување на притисокот, или да чека човекот да доживее фатален срцев удар, па дури тогаш неговиот крвен притисок да се смета за болест? Со помош на современата медицина, во некои случаи, ракот може да се открие уште во почетниот стадиум, кога сеуште постои можност да се лекува, а тоа може да биде неколку години, пред човекот да почувствува какви било тегоби. Дали треба да се одложува хируршката интервенција се додека човекот не почне навистина да се чувствува лошо? Ако навистина тврдиме дека болеста ја дефинираат тековните страдања и тегоби кои ги предизвикува, тогаш можеме да кажеме дека и високиот крвен притисок или ракот, во наведените примери, не се болест. Тоа изгледа дека е апсурд. Ако лекарот ни рече дека сме сериозно болни, ние му веруваме на зборот и почнуваме да се сметаме за болни, без оглед на тоа дали нешто не боли или не. Ние ја прифаќаме неговата дефиниција дека сме болни и затоа самите себе се дефинираме како болни, иако можеби воопшто така не се чувствуваме.
Или, да го земеме за пример случајот со алкохоличарот во DELIRIUM TREMENS, кој три дена не спиел, се тресе како прат, има температура од 40С, има 145 отчукувања на пулсот и тешко дехидрирал. Тој е убеден дека болницата во неговата стварност е германски концентрационен логор на смртта и дека по секоја цена мора од таму да се спаси, инаку ќе биде убиен. Дали треба да биде оставен да побегне од болницата и избезумено да трчка лево или десно по улиците, криејќи се зад стеблата од дрвјата покрај патот или паркираните автомобили, се додека не падне мртов од премореност, конвулзија или дехидрираност? Или пак, спротивно на неговата волја, сепак да биде совладан, да му се даде јака доза на седативи за на крај да заспие, за потоа да може да почне да заздравува.
Во сите овие случаи ќе се применат различни алтернативи, но знаеме дека тие луѓе се сериозно болни, иако тие самите не мислат така, ниту ја прифаќаат ваквата дефиниција. Јасно е дека нивната неспособност самите себе да се дефинираат како болни, без оглед на фактите кои очигледно водат во прилог на тоа, дека нивната неспособност да согледаат дека се болни е дел од нивната болест. Интересно е прашањето: дали личноста треба да ја сметаме за здрава само на основа на тоа што самата личност не страда од никакви тегоби, без оглед на тоа колку страдања и тегоби им создава на луѓето околу себе? Затоа, која било од овие болести се објективна реалност и не може да се дефинираат на субјективно признавање или непризнавање.
%







