МАСОВНО ЛУДИЛО

%

На сите луѓе, кои ја видоа оваа глетка со пијаниот човек, на најперфиден начин им се внесуваше во главата изопачена вистина, дека уништувањето на човекот не само што не е забрането, туку дека тоа е нормално, па дури и корисно. Фестивалот на пивото и сите други места каде се точи алкохол се посебен доказ за тоа уништување на луѓето. Немам никакви дилеми дека светот го зафатило масовно лудило, а овие се намерно измислени места за создавање на таков згуснат порок – алкохолизмот, што не би можел да се направи во толку големи размери во никакви други услови, со тоа што таа изопачена вистина како нешто сосем нормално и многу корисно се раширува во најголеми размери по целиот народ. Како да е поставена некоја норма, некоја задача, како на најдобар и најсигурен начин во алкохолниот пекол да се вовлечат што повеќе луѓе. Стотици, илјадници луѓе секоја година се доведуваат до степен на завлегување во пеколниот алкохолен лавиринт, а последиците од нивната болест, за која се разбира, никој воопшто и не размислува, ги трпат најблиските до алкохоличарот, па и општеството во целина. Заслепени од лажниот сјај на ѓаволските сласти, луѓето ги отфрлаат човековите доблести, ги отфрлаат веќе востановените морални сфаќања и примаат нови, кои главно се состојат во тоа дека секое изложување на потсмев, секое насилство и уништување на човековата личност е многу корисно и со закон дозволено.

Постојано се наоѓам во дилема: како може да се дозволи луѓето намерно, на сите можни начини да се расипуваат од алкохолот, а потоа така расипани да ги измачуваат сите околу себе, особено најблиските, нечовечно понижувајќи ги и ставајќи ги под стресови и страдања? Во текот на последниове осум години, откако сум апстинент, многу пати сум се запрашал: Јас ли сум луд што го гледам тоа што другите не го гледаат, или се луди оние што го прават тоа што го гледам? Дали е потребно човекот да го испие целото море за да заклучи дека водата е солена? Но луѓето (ги има толку многу) и натаму го прават тоа што толку ме зачудува и вџашува со така спокојна сигурност, дека тоа што тие го прават не е само многу потребно, туку дека тоа е многу важна и корисна работа, така што е невозможно сите овие луѓе да бидат прогласени за лудаци, а пак, од руга страна, себе си не можам да се прогласам за лудак, затоа што потполно сум свесен за исправноста на моето мислење, кое се темели на следното: со завлегувањето во алкохолната болест луѓето се препуштени на секакви понижувања, лишени се од грижата за човековото мислење, од срамот, од свеста за човековото достоинство.

Некои луѓе мислат дека има ситуации, (особено во оние ситуации кога човекот е спремен да направи се за да заработи што повеќе пари), во кои може со човекот да се постапува без љубов, а такви ситуации вистински нема, бидејќи дури и опстанокот на човештвото најмногу се темели на љубовта меѓу луѓето. Со предметите може да се постапува без љубов; може без љубов да се крши камен, да се сечат дрва, да се кова железо, да се прават цигли, но со луѓето не смее да се постапува без љубов, исто како што со пчелите не смее да се постапува без внимателност, бидејќи тогаш човекот ќе си направи штета и на себе и на пчелите. Исто е и со луѓето, бидејќи взаемната љубов меѓу луѓето е основниот закон на човековиот живот. Вистина е дека човекот не може да се присили да љуби, да сака, како што не може да се присили да работи, но од тоа не се подразбира дека е дозволено со луѓето да се постапува без љубов, особено ако нешто сакаме да измениме кај нив. Ако човекот не чувствува љубов кон луѓето, нека си седи мирен, нека се занимава со себе си, со предмети, со што сака – само не со луѓе. Како што човек може да јаде без штета и корисно само тогаш кога му се јаде, така корисно може да постапува со луѓето и без никаква штета  само кога ги сака и почитува. Штом ќе си дозволи да постапува со луѓето без љубов, како што многу луѓе постапуваат, наеднаш стануваат неограничени свирепоста и ѕверствата кон другите луѓе, а неограничени стануваат и сопствените маани кои се дознаваат од својот целокупен живот.

Големиот писател Џек Лондон вели: “Кога разумни луѓе ќе ја раководат човековата заедница, прво ќе почнат да спроведуваат, или барем ќе се обидат да спроведат затворање на крчмите. Неразумните низ илјада генерации не би ги затвориле крчмите… И, тоа ќе оди лесно. Единствено ќе бидат погодени тешките и случајни пијаници на една генерација. Јас сум еден од нив и давам свечена изјава врз основа на долгогодишното другарување со алкохолот, дека нема многу силно да ме заболи ако престанам да пијам, кога никој друг нема да пие и кога не ќе може да се купи алкохол. Од друга страна, младите луѓе по својата природа до толкава мера се неалкохоличари, та поради тоа што никогаш не вкусиле алкохол, нема ни да почувствуваат дека го нема. Тие ќе дознаат за крчмите единствено преку историјата, мислејќи за нив како за некој чуден, стар обичај, сличен на борбата со бикови или запалување вештерки”.

Кафеаните добро ги познавам и затоа знам дека сите тие пороци што во нив се равиваат кај луѓето – пијанството, коцкањето, свирепоста и многу други зла, знам дека тоа не се случајности или пак појава на изопаченост – туку дека тоа се неизбежни последици на несфатливата заблуденост во лажните, ѓаволски сласти што алкохолот ги нуди. Така, кога еднаш човек ќе падне во канџите на нечестивиот, ќе биде замајан и ќе нема сили да се извлече од маѓепсаниот пеколен алкохолен лавиринт и, на крајот, ќе потоне во лавиринтот на маките од кои нема излез.

Во борбата со алкохолот треба да се осудуваат две работи: самиот алкохол и заташкувањето на проблемите што алкохолот ги носи. Иако заташкувањето на проблемите од алкохолот изгледа како помало зло од самото зло – и едното и другото се дел од едно исто големо зло. Заташкувањето на проблемите што алкохолот ги носи од страна на власта претставува најголема групна лага. Таквата лага истовремено е еден од симптомите и една од причините за алкохолното зло во толку големи размери, еден од неговите цветови и еден од корените на алкохолното зло.

Сам по себе се наметнува заклучокот дека уништувањето на човекот не започнува во кафеаните, туку во власта и нејзината негрижа за човекот – во кафеаните тоа само се завршува; дека почнувајќи од обичните писари во општините, па се до министрите, ни малку не ги интересира правичноста и среќата на народот за која непрекинато зборуваат, туку дека ги интересираат само парите со кои ќе ја наполнат државната каса, за да го штитат тоа од кое произлегува една од најтешките болести на денешницата, од кое произлегуваат страдањата на луѓето. Можно ли е тоа да се прави само поради нестручност и незнаење? Дали може да се направи така што да им се обезбеди плата на несовесните чиновници, слични на луѓето кои го донесоа фестивалот на пивото во Прилеп – и не само плата, туку и добро да се наградат, само и само да не го прават тоа што го прават, тоа што ни го направија и нам, а кое ќе има големи, долготрајни, катастрофални последици за многу генерации после нас.