октомври 2009
Monthly Archive
саб 31 окт 2009
%
“Господа безгрешни”, имате право кога верувате дека на светот вие сте најсовршени и највредни, дека ниту еден човек не е посовршен и поголем од вас, но знајте дека многу се лажете кога мислите дека на светот има, макар и еден човек, кој е поневреден и понизок од вас. Како што ја носите тежината на своето тело, а да не ја чувствувате како терет кој сакате да го поткренете, така, воопшто не вложувате напор и затоа не ги забележувате сопствените грешки и пороци, туку ги гледате само туѓите, а ги наоѓате и таму каде ги нема. Веќе сте станале неосетиливи кон вашите страдања, и затоа станувате неосетливи и кон страдањата на другите луѓе, особено сте крајно неосетливи за страдањата на алкохоличарите. Убеден сум дека повеќето од вас често би се срамеле и од вашите најдобри постапки, кога луѓето би можеле да ги ѕирнат вистинските мотиви, заради кои ги правите. Ако заради тоа што сте опкружени со ѓубре, вашето чувство кон нечистото почнува да бледнее и на крајот целосно ќе се изгуби, тоа значи дека постои голема веројатност и вие самите, да почнете да фрлате ѓубре, на сите страни. Често не ги разбирате луѓето кои се различни од вас и, наместо да ги прифатите такви какви што се, со сите свои добри или лоши страни, вие едноставно ги отфрлате, како што го фрлате ѓубрето во контењер.
Многу е лесно да се мразат и отфрлаат болните алкохоличари. Советот на светците е да се мрази гревот, а грешникот да се сака. Помогнете им на болните алкохоличари во лекувањето, за полесно да го исчистат алкохолното зло од нивната куќа, бидејќи лекувањето од алкохолната болест секогаш започнува од нив самите. Самоочистувањето е најјако оружје во борбата со оваа опака болест. Ако сте во состојба алкохоличарите да ги набљудувате како заболени луѓе од жална, но многу опака болест, треба да се обидете својата одвратност што ја чувствувате кон нив, да ја претворите во грижлива сомилост, за да можете искрено да им помогнете во нивното лекување.
%
вто 27 окт 2009
Дали е можно човек да се чувствува добро, да му се радува на животот, кога секојдневно, од сите страни, наидува само на лошо? Од свое лично искуство целосно сум убеден дека, нормален човек може да биде среќен и задоволен од животот, само ако се наоѓа опкружен со среќни луѓе. И, сосема логично, тоа подразбира желба да им помогне на другите да бидат среќни. Одговорот на прашањето: како да се достигне среќата, како да се пронајде својот душевен мир е едноставен: треба сите ние непрекинато да вложуваме труд, за да го направиме светот околу нас посреќен и, се разбира, сето тоа да го доживуваме како сопствена радост. Тоа е единствениот рецепт за исцелителната напивка, со која на несреќните луѓе околу нас ќе им помогнеме да го победат алкохолното зло, да го победат ѓаволот во себе, тоа е рецептот со кој можеме да им помогнеме на луѓето да се излечат и извлечат од ова масовно лудило. Напивката е вкусна и многу корисна, а Клубот на лекувани алкохоличари има задача да ги охрабри луѓето, за да го надминат срамот и стравот и, пред се незнаењето, за да ја испијат оваа благодатна напивка - за свое добро, уште повеќе, за доброто на своите најмили.
Во нашиот живот се зависи од нас самите. Се додека не го земеме сопствениот живот во свои раце, нема да имаме моќ да влијаеме на него. Животот претставува наша креација и никого не треба да обвинуваме за нашите пропусти, за кои самите сме одговорни. Тие активности бараат многу напор и воопшто не е лесно кој било човек, да се занимава со самиот себе, да го менува и гради својот живот. Човекот што се измачува поради нешто, посакува да има некој кој ќе му помогне, да се грижи за него и потсвесно се надева дека тоа ќе се случи. Тоа е нормално и сите луѓе го очекуваат тоа. Нагласувам - сите луѓе тоа го посакуваат, иако реалноста покажува дека никој не мисли и не се грижи за никого. Никој ништо не сака да преземе и поради тоа сите луѓе страдаат.
Резултатите што веќе се постигнати од активностите на Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, покажуваат дека исклучоци од ова правило, сепак има. Сопругите од алкохоличарите, после долгогодишно измачување ја имаат загубено самодовербата, ја имаат загубено и довербата во најблиските роднини и пријатели кои пасивно, од страна, набљудуваат како се измачуваат во алкохолниот пекол и сметаат дека тоа е само нивна несреќа, која нив не ги засега. Што е најстрашно, ја имаат изгубено и надежта, последната Божица на која човекот може да и се обрати за помош. Со други зборови, остануваат препуштени сами на себе и на несреќната судбина. Само со една посета на КЛА “Викторија”, тие наоѓаат потпора во клубот, кој е единствената светла точка која им го покажува патот за излез од пеколот во кој толку долго живееле, им го покажува патот каде на крајот ги чека одамна изгубената среќа. Немам зборови со кои ќе ја опишам храброста со која овие жени, овие херои, се пробиваат низ темнината, а единствена утеха наоѓаат во надежта дека нема, по којзнае којпат, пак да доживеат разочарување. На тој пат наидуваат на безброј тешкотии, но со несебичната и непрекинатата помош од својот терапевт и своите нови пријателки од Клубот, полека, но сигурно, формираат своја стратегија за својата подобра и посреќна иднина. Почитувани членови на Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, во тој, за Вас најтежок поход, витешки ги освојувате високите тврдини на добрината, љубовта и човекољубието. Радосно се вселувате во нив - на Ваше задоволство и на радост и среќа на Вашите најмили.
Посебна улога за одличните резултати што ги постигнува Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, има терапевтот, социолог Милка Темелкоска, на чија иницијатива и на иницијатива на сопругите од апстинентите кои од самиот почеток редовно го посетуваат, се формира женскиот дел на Клубот, за поддршка на апстинентите. Вистинска љубов и човекољубие, кои се дадени од Бога, е да се чувствуваш среќен заради туѓата среќа. Терапевтските маневри што ги спроведува социологот Милка Темелкоска вродуваат со плод, бидејќи таа наоѓа сила и здрава смисла во практикувањето на фактот, дека нејзините стручни укажувања за надминување на проблемите, со кои секојдневно се соочуваат сопругите од алкохоличарите се однесуваат исклучиво за нив, дека нивната среќа е најважна и им е потребна само за нив, а тоа лично за неа е најголемата среќа, бидејќи со тоа ја постигнува својата зацртана цел - да даде се од себе за да го пренесе своето долгогодишно искуство и знаење на овие напатени жени, со што барем малку ќе помогне за да им се олесни животот.
Заедничката радост е темел на успесите што ги постигнува КЛА “Викторија”, и убеден сум дека многумина можат да завидат на тоа. Нашите односи се зацврстуваат кога си помагаме и се радуваме на успехот што го постигнува оној, на кој му помагаме, а се расипуваат кога не покажуваме такви чувства. Тогаш доаѓа до конфликти кои се повеќе се зголемуваат. Со други зборови, расте спротивставеноста и нетрпеливоста помеѓу членовите и на секоја следна кривина се смалува количината на радост, која ја упатуваме еден на друг. Со тоа причините кои ги поврзуваат членовите на клубот се се помалку и односите во клубот стануваат се полоши.
Најважното нешто што се учи во КЛА “Викторија” е - на кој начин треба сопругите да се однесуваат кон апстинентите, кој е патот за да му помогнат на заболениот алкохоличар. Почитувани членови кои го посетувате овој клуб, сите вие кои собравте храброст да го надминете незнаењето и сите предрасуди со кои луѓето се оптеретени - во КЛА “Викторија” го пронајдовте вистинското место, каде ќе научите како да ги надминете вашите проблеми, кои се предизвикани од алкохолот. Вашиот терапевт веќе Ве има научено како апсинентот да постигне успех, по советите што му ги давате, дека е потребно пред се, да предизвикате позитивни емоции кај него, дека тогаш самиот ќе посака да го измени начинот на своето однесување и, во иднина, ќе нема потреба да го терате со сила тоа да го прави.
Во чест на овој голем ден за градот Прилеп, но и за Република Макеоднија, со моите скромни можности, прилагодив една песна, со која сакам да го дадам мојот скромен придонес во одбележувањето на овој свечен празник.
НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ
ВООПШТО НЕ Е ЛЕСНО ДА БИДЕШ ЖЕНА,
ДА БИДЕШ ЖЕНА НА АЛКОХОЛИЧАР,
КАДЕ БИЛО, ВО ОВОЈ ДВОЛИЧЕН СВЕТ.
НЕ ВРЕДИ ДА СИ: НИ ПАМЕТНА,
НИ УБАВА, НИТУ АМБИЦИОЗНА.
НИКОГАШ НЕ ЗНАЕШ,
ДАЛИ ДА ЗБОРУВАШ ИЛИ ДА МОЛЧИШ,
ЗА БОЛНИОТ АЛКОХОЛИЧАР,
ПОСЕКАКО НЕ ЌЕ ЧИНИШ.
КОГА БЕЗ СВОЈА ВИНА ЌЕ СЕ НАЈДЕШ,
ЗАРОБЕНА ОД АЛКОХОЛНОТО ЗЛО,
КОГА БЕЗ СВОЈА ВИНА СУДБИНАТА,
ЌЕ ТЕ ПОНЕСЕ КОН АЛКОХОЛНОТО ДНО,
КОГА СОПРУГОТ ЌЕ ГИ ИСПИЕ СИТЕ ПАРИ,
А ДОЛГОТ ВЕЌЕ Е МНОГУ ВИСОК,
САКАШ СО НАСМЕВКА ДА ГО ОХРАБРИШ,
НО, ВО СРЦЕТО СЕ СЛУША ПИСОК.
ТОГАШ ВО ГЛАВАТА ТИ ДОАЃА МИСЛА -
ГО ИЗГУБИВ ЧОВЕКОТ - ОВА Е КРАЈ.
ПОЧИТУВАНА, ПОСЛУШАЈ ГО ОВОЈ СОВЕТ:
ИЗДРЖИ НАМАЧЕНА ДУШО, ТРАЈ,
ОДМОРИ СЕ МАЛКУ И РАЗМИСЛИ ДОБРО,
НО, ПО НИКОЈА ЦЕНА, НИКОГАШ,
НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.
ЗНАМ ДЕКА НЕ Е ЛЕСНО,
НО БИДИ УПОРНА И ЌЕ ДОЈДЕ ДЕНОТ,
КОГА НЕУСПЕХОТ ЌЕ СВРТИ ДРУГА СТРАНА,
ПОБЕДАТА Е БЛИСКУ, ЌЕ ЗАЛЕЧИ РАНА.
МОЖЕБИ МАЛКУ ВРЕМЕ ИМА,
СРЕЌАТА ДОАЃА ПО СЕКОЈА ТЕШКА ЗИМА,
НЕ ПЛАШИ СЕ, НАСЕКАДЕ ПОМОШ БАРАЈ,
НО НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.
УСПЕХОТ Е НЕУСПЕХ,
САМО НАОПАКУ СВРТЕН,
ВО ОБЛАКОТ НА СТРАВ И СОМНЕЖ, ОД ЛОШО СЕМЕ ЗА’РТЕН.
КОЛКУ СИ БИЛА БЛИЗУ ДО УСПЕХОТ,
НИКОГАШ НЕ ЌЕ ЗНАЕШ -
ЗАТОА ЗАПОМНИ, НАЈВАЖНО Е:
ЗА ВЛОЖЕНИОТ ТРУД ДА НЕ СЕ КАЕШ.
БОРИ СЕ СО ТЕШКОТИИТЕ,
ХРАБРО, СО ПОСЛЕДНА СНАГА
И, БИДИ СИГУРНА - ПОРАЗОТ ЌЕ ГО СНЕМА,
ЌЕ ИСЧЕЗНЕ БЕЗ ТРАГА.
ВО КЛА “ВИКТОРИЈА” НАПРАВИВТЕ БУКЕТ,
ОД ВАШИТЕ ЗДРУЖЕНИ РАЦЕ,
И ТИЕ СЛОЖНО, СО ЗАЕДНИЧКИ СИЛИ,
ЌЕ ГИ РАСТЕРААТ ОБЛАЦИТЕ ТЕМНИ.
А, ПОЗАДИ ТЕМНИНАТА
И ЗА ВАС СОНЦЕ ЗЛАТНО ГРЕЕ -
СРЕЌАТА Е ТАМУ, ВИ НАМИГА, СЕ СМЕЕ.
БИДЕТЕ УПОРНИ, ИЗДРЖЕТЕ ДО КРАЈ,
И, КОНЕЧНО, ВАШИОТ СИН,
ЌЕРКА, БРАТ ИЛИ СОПРУГ,
ЌЕ ПОЧНЕ УСПЕСИ ДА ЖНЕЕ.
ЗА КРАЈ, ПОВТОРУВАМ УШТЕ ЕДНАШ,
ЗА НИКОГАШ ДА НЕ ЗАБОРАВИШ,
ДЕКА НАЈВАЖНОТО НЕШТО
ЗА РАДОСЕН И СРЕЌЕН ЖИВОТ Е:
ЗА ТВОЈАТА БОЛКА, ЗА ТВОЈОТ ЛЕЛЕК,
ВО КЛА “ВИКТОРИЈА” ИМА СИГУРЕН ЛЕК.
ЗАТОА, НАПАТЕНА ЖЕНО,
КОЈА И ДА СИ, ЗАПАМЕТИ И ЗНАЈ,
НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.
Со почит и љубов во Бога
пет 23 окт 2009
%
За да има успех во лекувањето на алкохолната болест, човекот мора тоа да го сака, да го прифати лекувањето, барем на некое ниво. А за да сака да се лекува, тој мора претходно да признае дека тоа му е потребно. Со други зборови, човекот мора, барем на некое ниво, да признае дека има маани и слабости, дека не е совршен.
На светот постои огромен број на луѓе кои имаат сериозни проблеми со алкохолот, кои треба и мора што побрзо да побараат помош од стручни лица и да започнат со лекување, но за жал, заболените алкохоличари тоа не сакаат да го прифатат. И така, поголемиот број на луѓе никогаш не доаѓаат во ситуација да го прифатат лекувањето од алкохолната болест, дури и тогаш, кога помошта им ја нуди најдобриот Клуб на лекувани алкохоличари во нашата држава, дури и тогаш, кога помошта им ја нудат најдобрите терапевти на овие простори - буквално како на сребрен тањир.
Во таа категорија на оние, кои со најголема жестина одбиваат да го прифатат лекувањето од алкохолната болест, се наоѓаат токму оние, на кои лекувањето им е најпотребно и неопходно. На забелешките дека прават сериозна грешка, одбивајќи го лекувањето, реагираат жестоко и наместо да ги признаат своите недостатоци, одбиваат каква било критика, со што отворено даваат до знаење дека тие нивното го завршиле.
Обично најголем и најкорисен чекор кон излекувањето од алкохолната болест, претставува сопствената одлука, одлуката на алкохоличарот да побара помош, бидејќи самиот дошол до сознанието дека му е потребно лекување. Во таквите случаи болните алкохоличари себе си се идентификуваат како болни луѓе, одлучиле да се борат со алкохолното зло и за да успеат во тоа, бараат професионална помош од стручно лице. Треба посебно да се нагласи, дека треба да бидат спремни да прифатат да посетуваат и Клуб на лекувани алкохоличари. Во таквите случаи успехот е загарантиран.
%
нед 18 окт 2009
%
Во мојата фантазија, една по една, се јавуваат сликите на моето бедно минато. Јасно се потсетувам каков бев тогаш. Во тие моменти ме плиснува полнотата на животот и ме исполнува тага до болка. Разликата меѓу мене, каков што бев некогаш и каков што сум сега, е огромна. Некогаш од сите страни бев обвиен со пајажиња на глупавиот, пуст, бесцелен, ништожен живот, од кој не гледав излез, па дури, може слободно да се каже, во голема мера тогаш и не сакав да излезам од таа бедна состојба. Денес сум радосен, бодар, слободен човек полн со енергија и пред мене се отвораат бесконечни можности. Дури сега сфаќам дека одвратноста што порано ја чувствував према луѓето, всушност беше прикриена одвратност кон самиот себе. Чудно е и тоа што во ова чувство на отворено признавање на своите глупости има нешто што боли, а од друга страна, во исто време, предизвикува најголема радост и смирување на духот.
При разговорот со несреќната госпоѓа, кога и кажав дека сакам да пишувам за последиците од алкохолната болест, таа го даде овој коментар: “Се радувам што пијаниците ги сметате за болни луѓе, што алкохолизмот го нарекувате болест. Од свое лично искуство ќе ви кажам дека алкохолизмот не е обична болест, тоа е болест над сите болести, болест што нанесува многу поголема болка и од самата смрт. Се надевам дека ќе имате успех во вашите намери да им помагате на луѓето да го победат ова најстрашно зло за целото човештво. Немојте да се разочарувате ако секогаш не успеете. Во Светото Писмо пишува дека да спасите само една душа е исто како да сте го спасиле целиот свет. Во борбата помеѓу доброто и злото лежи смислата на животот и во надежта дека доброто, на крајот, сепак ќе победи. Злото може да се победи само со добрина, или народски кажано, ќе го сфатиме тоа што можеби отсекогаш сме го знаеле: злото може да се победи само со искрена љубов. Нас не не казнува Бог, ние самите се казнуваме. Бидејќи се откажал од употребата на сила против луѓето, во случаите кога ние ја одбиваме Неговата помош, Бог не може ништо друго, туку тажно да набљудува како самите себе се казнуваме. Исус е најголемиот дар од небото за човекот, Он несебично ќе ни се понуди себе си и сета своја мудрост, но ќе биде наш најголем дар само ако го прифатиме. Сепак, во борбата со злото христијанската доктрина нуди решение: Бог во својата слабост ќе го победи злото. Оние кои се во пеколот, таму се по сопствен избор. Навистина, тие од него би можеле едноставно да излезат кога што ќе посакаат, но поради алкохолната болест нивните мерила на вредностите се такви, да патот за излез од пеколот им изгледа страшно опасен, застрашувачки болно делува на нив и затоа го сметаат за незамисливо тежок. И, затоа остануваат во пеколот, бидејќи им се чини дека таму е полесно и побезбедно, на карјот на краиштата, заблудени од алкохолот, сметаат дека таму повеќе им се допаѓа.”
%
вто 13 окт 2009
%
Затоа, “Господа безгрешни”, сите вие што иронично се потсмевате и се однесувате како божем сте зачудени што сум стигнал до тоа дереџе; и сите вие кои отворено ме советувате да престанам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари, за божем да го зачувам, по вашето длабоко убедување, сопствениот, уште повеќе да го зачувам авторитетот на моите деца; и сите вие кои во мене гледате идиот, кој за алкохолната болест и последиците од неа изјавува толку очигледни работи кога зборувам за алкохолот - на сите вам ќе ви речам: “Вие, што ми велите дека не треба да ја барам вистината за животот, бидејќи никогаш и никаде нема да ја пронајдам, бидејќи за вас целосна вистина не постои, вие сте непријатели не само на вистината, туку и мои. Вие тоа го говорите само затоа што и самите не живеете по вистината и за тоа сте потполно свесни, па затоа сакате и другите луѓе да живеат така. Што се однесува до мојот авторитет, убеден сум дека е премногу скромно дури и да претпоставам дека, ако јас не мислам и не зборувам, ако заборавам на моите глупости, дека и другите луѓе ќе заборават и повеќе нема да мислат на тоа. Секој човек треба да се радува кога ќе успее неговото тело да го ослободи од ропство или затвор, а како човек да не се радува кога ќе се ослободи од гревот, од желбите и посакувањата со кои е заробена неговата душа.
На луѓето треба да им помагате со личен пример. Настојувајте во мрачните агли на вашата совест да не ги криете срамните спомени на вашите гревови, туку спротивно, гледајте секогаш да ги држите во умот и секогаш сеќавајте се на нив, кога судите за гревовите на вашите блиски роднини и пријатели. Воопшто не ми е непријатно што сте упатени во тајните на некои најлоши постапки од мојот живот, бидејќи нема поголема несреќа отколу кога човек се плаши вистината да не му покаже, колку бил расипан и лош. Од моите некогашни постапки имам причина да се срамам, заради тие бесрамни постапки се кајам многу повеќе отколку што тоа вие воопшто можете да го замислите. Додека бев алкохоличар, за многу мои постапки, единствена утеха ми беше мислата дека за моето зло знаат само Бог и мојата совест. Но денес, денес сум среќен што и без вашата иронија можам да го видам сето мое зло, реално да ги согледам своите глупости, пропусти и неправди во животот, среќен заради цврстата одлука да го победам алкохолното зло, да ја победам алкохолната болест и никогаш повеќе да не ги повторам моите слабости, денес сум пресреќен од погледот на среќата на моите најмили. Јас живеам, живеам и денес, а утре можеби веќе ќе ме нема, можеби засекогаш ќе заминам таму, од каде и дојдов. Додека живеам јас знам дека ќе ми биде добро ако сум во љубов со луѓето, сакам да бидам среќен и радосен и затоа, додека живеам, јас сакам да сакам и да бидам сакан.”
%
чет 8 окт 2009
%
На прв поглед изгледа дека е во право, но заборава дека, прво, животот не е блок за цртање и дека грешките и гревовите не се нацртани со молив, за кои може да се употреби гума за бришење за да ги снема, како воопшто никогаш да не постоеле, дека тие секогаш ќе живеат во срцето на секој искрен покајник и како болни рани ќе печат и до крајот на животот ќе го потсетуваат на минатото; второ, дека успехот во лекувањето на алкохолната болест, односно, менувањето на карактерот на апстинентот и неговите погледи за алкохолот и за животот воопшто, најмногу зависат од постојаните жртви и напори, дека тој успех, иднината и целиот живот на апстинентот и судбината на неговите најмили секогаш се ставени како на кантар кој се колеба и кој, со најмала грешка, може да претегне на оваа или на онаа страна; трето, да им помогнеш, да ги наговориш другите луѓе да прават добро е поголемо добро, отколку самиот да си го направил и; четврто, денес не можам, а да не се потсетам на деновите и ноќите кои трчајќи ме водеа во пропаст. Се потсетувам на тоа само затоа што тоа за мене е единствена вистина - се друго е лага. Значи, само го застапувам правото на сопствено мислење. Јас сум јас и нема да го подредам своето мислење по вкусот на мнозинството. Не гледам никаква причина да глумам дека прифаќам нечие мислење, само затоа што мнозинството го прифаќа или само се преправа дека го прифаќа.
Убеден сум дека малку луѓе знаат што е тоа Клуб на лекувани алкохоличари, какви активности има во клубот при лекувањето од алкохолната болест, како изгледа еден лекуван алкохоличар, после редовно посетување на КЛА. Заради скромните сознанија, луѓето веројатно очекуваат во лекуваниот алкохоличар да видат промашено, неспособно, исплашено, уништено човеково битие кое не заслужува никаква почит и внимание, не заслужува ни малку сомилост и сожалување. Во очите од моите роднини, посебно во очите од моите божемни пријатели, изгледа дека за мене имаат оформено таква слика, така што се друго за нив е неприфатливо, невозможно, најмалку очекуваат во мене да видат среќен, нормален човек (под нормалност подразбирам чувство за праведност, за хуманост и разбирање, со капацитет за љубов кон другите луѓе).
Се е минливо и нам вистински ништо не ни припаѓа: ни семејството, ни нашето тело, ниту нашето богатство. Ни припаѓаат само нашите добри или лоши дела. Сликите од моето минато, од моите лоши дела, во последниве осум години безбројпати поминуваат низ мојата глава и воопшто не ми е тешко да сфатам колку злобно суштество сум бил, слики од кои безбројпати се згрозувам, кога ќе се потсетам колку подло сум ја злоупотребувал љубовта и добрината од моите најмили и, можам чесно да речам, дека при помислата на мојата злоба, секогаш се мразам самиот себе. Моите најмили, во буквална смисла на зборот, беа мои робови. Темата на ропството често се појавува во бајките, митовите и приказните, каде принцот, принцезата или некои други суштества се заробени од злобни сили на некој демон или вештица. Но, за разлика од јунаците во тие митови, кои вложуваат крајни напори и секогаш успеваат да ги ослободат принцот или принцезата и приказната среќно завршува, јас, моите најмили, иако можев, иако во моите раце целосно беше нивната судбина и нивната среќна иднина, сепак навреме не ги спасив од ропството на алкохолниот пекол. Спротивно, бев толку заблуден, така што на крајот се убедив себе си, дека тие по своја волја го прифаќаат тоа ропство.
%
пет 2 окт 2009
%
Во реалноста, досегашните анализи на алкохолната болест откриваат разни причини од кои се гледа, дека е исклучително тешко да се пристапи, да се дојде во контакт со голем број алкохоличари, да не зборуваме за почеток на нивно лекување. И дали воопшто лекувањето на алкохолната болест кај овие луѓе, кои се возгордеани и лоши и без алкохол - дали лекувањето е возможно кај нив. Или, дали не е подобро, пред тешкотиите кои ги очекуваат, терапевтите и апстинентите од КЛА едноставно да ги дигнат рацете, да се оправдаат дека работата е надвор од нивната моќ.
Ако човекот го заболат очите и ослепи, сигурно нема да кажеме дека таквиот човек треба да биде казнет, дека не треба да го сакаме. Па зошто да не го сакаме и да го казниме човекот, кој е лишен од тоа што е помило од очите, лишен од најголемото богатство - способноста разумно да живее? Не треба да се лутиме на такви луѓе, треба само да ги жалиме тие несреќници и да се погрижиме нивните заблуди да не не лутат. Да се сетиме како и самите сме биле во заблуди и дека сме грешеле и затоа, подобро е да се лутиме на себе си, затоа што во нашата душа има лошотилок и омраза. Слободно може да се каже дека на човекот разумот му е даден за да може да ги спознае своите грешки. Откако со својот разум ќе ги спознае своите, човекот треба да престане да се лути на друг човек заради неговите грешки, туку стрпливо треба да се труди, со добро и разумно однесување, без гнев, нетрпеливост и надуеност, во него да ја пробуди неговата совест.
Откако дадов добри аргументи, од кои недвомислено се гледа дека алкохолизмот е болест, да се вратам на почетниот мотив за овој текст - огромната одбивност и негативното мислење кон апстинентите, што посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари. Луѓето мораат да излезат од состојбата на тотално незнаење и безпомошност во кое моментално се наоѓаат, без двоумење да тргнат во правец за прифаќање на веќе докажаните методи, за успешно лекување на алкохолната болест.
Многу луѓе чуствуваат страв од самокритиката. Самокритиката е покана за менување на личноста. Штом себе си ќе си признаам дека некој дел од мојата личност е за критика, одговорен сум тоа и да го променам. Но, процесот на менување на личноста е болен, тоа е како смрт. Старата шема на личноста мора да се менува, за да се замени со нова. Болните алкохоличари патолошки се врзани за status qvo на својата жалосна положба, која ја сметаат за совршена и незаменлива.
Некои од моите пријатели ми замераат што воопшто пишувам за глупостите поврзани со алкохолот, посебно што за нив пишувам во толку негативна конотација. Еве што на таа тема ми вели еден мој добар пријател: “Живееме во многу диманично време, луѓето живеат од денес за утре, имаат толку многу проблеми, така што можеш да бидеш сигурен дека никој ниту чита, ниту го интересира тоа што ти го пишуваш. Единствено што можеш да успееш е мајка ми Верка, што има повеќе од 80 години, да ја убедиш да не стане пијаница. Зошто се отперетуваш со нешто што поминало, зошто грешките од минатото не ги замислиш како некоја валканица, која веќе си ја избришал и крај - немаш потреба да се потсетуваш на нешто срамно, што одамна завршило, што луѓето веќе го заборавиле.”
%