Во почетокот на 2010 год. Здружението на клубови на лекувани алкохоличари на Македонија (ЗКЛАМ) ќе наполни 35 години од неговото постоење. Резултатите од активностите на ЗКЛАМ и резултатите кои се постигнати и кои денес несомнено ги постигнува секој Клуб на лекувани алкохоличари (КЛА) поединечно, се за секаква почит и пофалба. Во таа смисла, посебна почит и благодарност треба да им се оддаде на сите оние, кои на кој било начин дале свој придонес за постигнување на овие успеси. Секако, посебна благодарност треба да им оддадеме на некогашните и сегашните терапевти, кои активно работат во КЛА.
Уште на почетокот да напоменам, дека во овој напис, ги застапувам ставовите и забелешките за работата на ЗКЛАМ на Илија Петрески, како апстинент, а не како ставови на КЛА. На состанокот на ЗКЛАМ, што се одржа во центарот за социјални работи “Даре Џамбаз” во Скопје на 14.11.2009 година, се обидов да укажам на некои работи, но мислам дека треба да дадам додатни објаснувања за значењето на забелешките во мојата дискусија.
На работата на ЗКЛАМ сакам да размислувам и да пристапам од практичен аспект. Ќе ве потсетам на една мудрост која вели, дека никогаш не треба целосно да бидеме задоволни од тоа што сме го постигнале, бидејќи секогаш сме можеле да постигнеме повеќе. Да не бидам погрешно разбран – веќе реков дека имам искрена, огромна почит за постигнатите резултати на ЗКЛАМ, но убеден сум дека условите во кои денес работат КЛА налагаат поинакви активности. Кога го велам ова, не мислам на медицинскиот дел од лекувањето на луѓето кои одлучиле да го победат алкохолното зло, туку за создавање на многу подобри услови за работа на КЛА од денешните, за да можат што подобро да ја исполнат својата улога во ресоцијализацијата, во менувањето на личноста на апсинентот, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и кон животот воопшто. Да бидам попрецизен, моите забелешки за работата на ЗКЛАМ не се однесуваат само за доброто на одреден број на луѓе кои ги посетувале или ги посетуваат КЛА, туку за општо добро на сите луѓе, кои од разни причини тргнале или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол.
Присутен сум и со внимание ги следам годишните собранија на ЗКЛАМ во последниве осум години и, морам да кажам дека секогаш за последиците од алкохолизмот, се некако за овој најголем проблем за целото човештво се разговара одоколу, завиткано, односно, речиси никогаш јасно и јавно не се посочуваат вистинските причини за катастрофалната состојба со алкохолизмот во нашата држава. Секако дека има и оправдани причини за тоа, бидејќи никогаш не е присутен ниту еден релевантен претставник на власта, за да се запознае со благодатната улога на КЛА и, што е уште полошо, не се присутни ни медиумите, кои треба да ги пренесат нашите забелешки во јавноста. Можеби затоа и не вредеше многу да се дискутира, бидејќи од тоа нема никаков ефект, односно, се што беше кажано остана затворено во четирите ѕидови. Од друга страна, убеден сум дека има голем ефект ако отворено се разговара за сите слабости кои, ако се надминат, ќе ја подобрат работата на ЗКЛАМ, пред се, ќе ги подобрат условите во кои работат Клубовите на лекувани алкохоличари, а со тоа ќе се создадат услови за постигнување на многу поголеми резултати.
Здружението на Клубови на лекувани алкохоличари на Македонија постои за да ги штити и унапредува интересите на КЛА. За постигнување на што подобри резултати конституирани се и органи, кои треба да донесуваат одлуки. Сето тоа е добро, но за жал, во пракса не функционира така, како што е замислено. Да скратам, во последниве шест години претседателството, како највисок орган на ЗКЛАМ, нема одржано ниту еден состанок, така што одлуките веројатно ги носат само членовите на ЗКЛАМ од Скопје. Со примерот што го наведов во мојата дискусија, сакав да укажам дека тоа не е добро, дури мислам дека е и штетно. Имено, укажав дека членовите на ЗКЛАМ не треба да бидат задоволни од висината на средствата што Владата на Република Македонија ги додели како помош за граѓански здруженија. Честопати си го поставувам прашањето, на кое никако не можам да најдам логичен одговор: кој ја правел и во чие име е правена апликацијата на ЗКЛАМ до Владата и за каква намена се барани средствата? Особено не ми е јасно, бидејќи логично е средствата да се бараат во име и за потребите на КЛА, како може човек од Скопје, да ги знае потребите што ги имаат КЛА од другите градови? На пример, ако тој што ја правел апликацијата се консултирал со член на претседателството на ЗКЛАМ од КЛА во Прилеп (мудрецот рекол дека двајца луѓе знаат и можат многу повеќе од еден човек), ќе се согледале сите потреби што ги има КЛА од Прилеп и можеби помошта ќе била многу поголема. Не велам дека власта одма ќе го одврзеше кесето, но сепак, убеден сум дека, ако се направат вистинските чекори, успехот нема да изостане.
Сметам дека основна задача на ЗКЛАМ е со своите активности да успее, трагичната вистина за последиците од алкохолизмот, посебно благодатната улога што ја има Клубот на лекувани алкохоличари во враќањето на среќата и радоста на алкохоличарите и членовите на нивните семјства и, секако, користа што ја има државата од активностите на КЛА, да излезе на виделина за сите луѓе да ја видат и осознаат. Природата на активностите што ги извршуваат Клубовите на лекувани алкохоличари е крајно хумана и затоа мислам дека КЛА треба да бидат сместени во групата на хуманитарни организации, како што е на пример Црвениот крст, кои се финансирани од Владата. Можеби, бидејќи станува збор за продолжено лекување во КЛА без кое е невозможно да се одржи цврста апстиненција, КЛА треба да бидат под капата на Министерството за здравство или, бидејќи даваат огромна помош во ублажувањето на последиците од семејното насилство, кое речиси 80% е преидизвикано од алкохолот, КЛА да бидат ставени под капата на Министерството за труд и социјала. На тој начин ќе се обезбеди стабилно финансирање на КЛА, особено што досегашниот начин со аплицирање до Владата се покажа крајно нефункционален. Покрај овие предлози, многу важно е да се донесат добри, применливи закони и сите досега донесени одлуки од страна на власта, дали на локално или државно ниво, да почнат целосно да се спроведуваат во дело. На пример, има одлука во секој град да се формира група од стручни лица: психолог, социолог и правник, кои треба да дадат препорака алкохоличарот, кој се однесува насилно, присилно да биде одведен на лекување од алкохолната болест во специјализирана установа. Со други зборови, патот за ублажување на последиците од семејното насилство да се поедностави, бидејќи, како денес стојат работите, не постои начин некој, кој се однесува насилно да се однесе на лекување бидејќи, ниту здравствените установи, уште помалку КЛА, немаат никакви ингеренции. Од приоритетно значење е што побрзо во нашава држава да се отвори алкохолошка школа, за обука на активните терапевти и за продуцирање на нови кадри, кои ќе се вклучат во постоечките и, се разбира, активно ќе работат во КЛА што треба да се отворат во секое поголемо населено место во нашава држава (експертите по алкохологија препорачуваат на секои 25000 жители да се формира еден КЛА). Од извонредно значење е, во склоп на нервните одделенија во поголемите градови, да се формираат одделенија за зависности, кои ќе бидат пополнети со кадар од сите потребни профили.
Значи, убеден сум дека за да се постигнуваат поголеми успеси во борбата со алкохолната болест, потребно е работите непрекинато и упорно да се движат, потребно е да се искористи знаењето и способностите на секој поединац кој може и сака да помогне. Особено е важно и многу потребно да се искористи моќтта на медиумите, вистината за страшните последици од алкохолизмот, посебно вистинската улога на КЛА, да допре до луѓето и во нивните мисли да се роди и да заживее желбата за борба со алкохолното зло.
За крај, сето она – добро или лошо, сеедно – за кое што луѓето треба да вложат напор за да го спроведат во дело, од свое лично искуство знам, дека им е најлесно веднаш да го отфрлат како нешто неважно и бескорисно, често без воопшто да размислат дека токму тоа може да биде најкорисно. Знам дека за многумина овој дел на моите ставови и размислувања, што ги искажав, воопшто не се прифатливи, но барем се надевам дека за нив добро ќе се размисли и сериозно ќе бидат разгледани, пред мирно да бидат отфрлени.
Сосема за крај, простете ми ако не успеав со доволно љубов да го кажам тоа што имав намера да го кажам. Бидете убедени дека моите забелешки се најдобронамерни и дека се мотивирани од желбата да укажам на некои состојби кои, ако се прифатат, ќе помогнат во постигнување на што поголеми успеси во заедничката борба против алкохолното зло. Ве замолувам, ако во вашите мисли се појави забелешката, дека немам доволно знаење и не сум компетентен да предлагам вака големи работи, веднаш да ја отфрлите. Знаете, јас не знам да направам, да речеме торта или некое друго јадење, но кога ќе јадам, знам да кажам дали е добра или не.
Со љубов во Бога