%
Сосема за крај, да кажам дека се обидов и, мислам дека успеав, последниве осум години добро да ги искористам. Покрај тоа што го научив за алкохолот и уништувачките последици од него, многу подобро се запознав себе си, така што очигледна е големата разлика помеѓу стариот и новиот начин на моето размислување за алкохолот и за животот воопшто.
Се разбира, вложив и сеуште вложувам напори, преку моите книги и текстовите што ги објавувам на оваа страна, моите сознанија да ги пренесам на другите луѓе, за да помогнам што полесно да се извлечат од канџите на најстрашниот непријател за целото човештво – алкохолот. Алкохолизмот е вистинска тема за која треба да се пишува, особено кога на оваа тема пишува лекуван алкохоличар, кој на своја кожа ги почувствувал стравотиите од алкохолната болест. Но, единствен проблем е што многу тешко може да се пронајдат вистинските мисли и зборови, за да се достигне посакуваната цел.
За постигнување на моите успеси, најголем придонес има др.Методија Николоски, кој како терапевт во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, во мене ги разбуди доблестите на кои одамна имав подзаборавено, ја разбуди мојата заспана совест, така што честопати ме облеваат солзи и ме фаќа срам заради тоа што го правев во минатото. Но, сепак, истовремено чувствувам голема радост што пронајдов утеха и конечно, станав вистински покајник. Не сум способен да ги повторувам сите негови совети, сите прекрасни зборови на извонреден човек како др.Николоски, но од сето срце се трудам, со своето скромно знаење, да возвратам на неговата добрина, со тоа што се обидувам кај што поголем број луѓе да го разгласам неговото човекољубие.
Посебно ќе бидам среќен, ако на стадото на кое тој беше предводник, а кое сега го водат терапевтите Снежана Ѓорѓијоска - психијатар, Јове Велески – психолог, и Милка Темелкоска – социолог, ако со моите активности во борбата со алкохолизмот им дарувам што повеќе овци, кои се заблудени од алкохолот и залутани во џунглата на животот. Благодарејќи на огромното искуство и знаење на др.Николоски, во иднина ќе живеам со отворени очи и ќе се борам уште повеќе, ќе се трудам да научам се за алкохолот, додека очите целосно не ми прогледаат и мислите и јазикот целосно не се одврзат, за да можам преку нив да ја ширам вистината за визионерското богатство на нашите извонредни терапевти.







