%
Во размислувањето на “господата безгрешни” постои тенденција, луѓето кои посетуваат психијатар или Клуб на лекувани алкохоличари, да ги сметаат за фалични, за ненормални, мислат дека тие луѓе се многу поинакви од обичните луѓе. Но, тоа не е точно. Дали тоа некому му се допаѓа или не, но вистината е дека психијатарот гледа исто толку психопатија на разни собири или разни коктел конференции во големите компании, колку што гледа во својата ординација. Не треба да се мисли дека апсолутно нема никаква разлика помеѓу луѓето, кои бараат помош во психијатриските одделенија во болниците или во Клубовите на лекувани алкохоличари, и оние кои не го прават тоа, туку дека разликите меѓу нив се многу суптилни и многу често на штета на оние “нормалните”. Честопати животот покажува дека тие, таканаречени “трезни луѓе‘ не се ништо подобри од другите, само се попретпазливи или, ако сакате, се поголеми лицемери.
Животот е тежок и комплексен и во најповолни околности. Сите луѓе што живеат под ова небо, на ова Божјо дело, наречен свет, имаат некакви проблеми. Интересно е секој што ќе го прочита овој текст да се замисли и да најде одговор на прашањето: дали луѓето бараат помош од Клуб на лекувани алкохоличари, само заради тоа што нивните проблеми со алкохолната болест се поголеми од вообичаените, или затоа што имаат повеќе храброст и мудрост со нив да се соочат? И дали, сосема оправдано, борците против алкохолната болест може да се сметаат за една од најголемите сили, кои се борат за доброто на сите луѓе?
Не постојат педесет начини за борба со алкохолната болест, постои само еден – да се биде победник. Лекувањето од алкохолната болест не нуди лесен излез од пеколниот алкохолен лавиринт. Тоа лекување не соочува со стварноста, макар колку и да е болна таа стварност. Тоа не дозволува бегање од проблемите, тоа е вистинско решение, не лесно – туку вистинско решение. Ако човекот е спремен да се соочи со болната вистина за својот живот, тогаш може да се помогне. Поголемиот дел од луѓето не успеваат во уметноста на животот, не затоа што се родени како неспособни или лоши, или пак затоа што немаат доволно волја за да водат подобар живот; причината за нивниот неуспех е во тоа што не се разбудуваат кога животот ќе им постави прашање и кога сеуште можат да дадат алтернативен одговор. После тоа, со секој нов чекор на погрешниот пат, им станува се потешко да признаат дека треба да се вратат таму, каде скршнале во погрешна насока во џунглата на животот и дека во меѓувреме, бескорисно само губеле време и енергија.
%







