ДА ГО ПРЕТВОРИМЕ НАШЕТО БЛАТО ВО ЗЛАТО

Почитувани пријатели, со особено внимание да ги следиме примерите и советите од нашите терапевти, но и од сите разумни луѓе кои ни укажуваат на нашите слабости и, да се потрудиме и ние, бидејќи така не учат тие, да го претвориме нашето блато, во злато. По нивниот пример, по нивното несебично укажување, да се откажеме од лажните убавини и лажните задоволства што ѓаволот ни ги нуди, а кои на крајот носат само несреќа и зло. Да се покаеме, да ја признаеме нашата срамота.

Рибите исфрлени на суво загинуваат; слично се случува и со апстинентите кои ќе го напуштат својот клуб – своето свето место, кога ќе се вратат во своето старо јато, на своите валкани страсти, во канџите на својот стар познаник – алкохолот и, на тој начин, ќе се оддалечат од своите добри намери. Да бидеме убедени дека само во Клубот на лекувани алкохоличари ќе научиме, дека само во болката од нашето искрено каење се наоѓа нашиот вистински спас, се наоѓа нашата животна радост.

Ако Семоќниот Бог одредил да живеам доволно долго, да доживеам длабока старост и, со побелена коса и свенато лице да ја дочекам и да слезам во вечната ноќ, или пак ако денешниот ден е мој последен ден од мојот живот – се надевам дека ќе ја имам таа радост, во пеколот што сам си го изградив со својот живот, да го понесам споменот на многубројните незаборавни, пресреќни моменти од мојот живот откако станав апстинент и дека храбро ќе застанам пред ѓаволот и ќе му викнам: сатано, можеш да ми ги искршиш сите коски, можеш да го запалиш моето тело за вмиг да ме снема, можеш да ја исцедиш целата крв од моите жили, но среќата што ми ја подари Клубот на лекувани алкохоличари, среќата што им ја вратив на моите најмили, среќата што ја чувствувам со целата душа и срце во моментите кога успевам и другите да ги наговорам да го следат патот што ги води кон излезот од твојот страшен пекол, тие нешта не можеш да ми ги земеш. Споменот на нашите терапевти, на овие прекрасни луѓе, кои како Ангели Божји секојдневно го враќаат мирот и среќата во илјадници домови на алкохоличарите, спомен што ме издига до небесата – тоа никогаш не ќе можеш да ми го одземеш.

… заради успехот во борбата со алкохолната болест чувствувам голема радост во мојата душа. Со гордост уживам во љубовта и вниманието на моите најмили, во симпатиите и добрината на моите колеги од Клубот на лекувани алкохоличари, во симпатиите на сите Вас кои ги читате моите текстови и, бидејќи чувствувам дека сум многу почитуван и сакан – и самиот себе уште повеќе си се засакав.