ДА НЕ ГО ПОВТОРУВАМЕ ГРЕВОТ

%

Во мојата душа однекаде се појави и заживеа мислата дека, на овој свет, човекот може да биде среќен само по цена на болката од неговото каење и радоста од спремноста за простување на грешките. И, колку таа болка е поголема, колку каењето кај алкохоличарот, сега апстинент, е поискрено и доаѓа од длабината на срцето, толку ќе биде поголема радоста од новиот живот, ослободен од најголемото зло за сите луѓе – алкохолот.

Болката има своја снага која ни помага да се поправиме, да се подобриме, да бидеме помилосрдни, таа не осветува и не уверува дека нашиот живот е должност, а не забава. Затоа, сосема е беспредметно прашањето: дали човековиот живот има смисла или не? Тој има онаква смисла, каква што ние му ја даваме.

Мене ми се случи тоа што им се случува на луѓето што сакаат да живеат за душата, а не за телото. Ми се случи неочекувано, така што мислата, која во прво време ми изгледаше како парадокс, дури и како шега, сега почна се почесто и почесто да наоѓа потврда во секојдневниот живот и наеднаш се појави пред мене како наједноставна вистина. Сега ми стана јасна пораката што ја сретнав во Библијата, дека единствен начин за спасување од ужасното зло од кое страдаат луѓето е само тоа, луѓето секогаш да признаваат дека се виновни, искрено да признаваат и да бидат спремни никогаш повеќе да не ги направат истите грешки, да не го повторат гревот.

Одговорот што толку долго го барав и што никако не можев да го најдам беше толку едноставен, а се состоеше во тоа дека треба да се простува секогаш и на секого, бесконечно многупати да се простува, бидејќи не постои таков човек што не носи вина во душата.

Бев активен и гледач и учесник во злото, но многуте месеци поминати во Клубот на лекувани алкохоличари и новите сознанија за алкохолната болест и нејзината уништувачка моќ над човекот, ми даваат се поголема сила за цврста апстиненција, секогаш ме тераат да се згрозам од сеќавањата на глупостите, што ги правев под дејство на алкохолот.

%