ИГРА НА ПРИРОДАТА

%

Атомите што се соединиле да ме обликуваат како алкохоличар, пружаат за душата непријатно соединување. Но, тоа е само невина игра на природата, бидејќи ни самите атоми не знаат точно што прават. Секако дека еден ден тие исто така рамнодушно ќе се разединат како што се соединиле, ќе се претворат во земја и прашина, но ќе останат како спомен само моите добри или лоши дела, како доказ за моето постоење.

Сепак, во овие нови околности, овој нов – втор живот што Господ Бог ми го подари да го живеам, ме потсетува за се и од мене бара искрено да ја признаам нискоста и свирепоста, што ми дадоа сила и можност мирно да живеам триесетина години, со такви гревови на душата.

После долго размислување, одлучив својата исповед да им ја прочитам на моите најмили, за тие да ми бидат првите критичари. Да бидам искрен, не очекував дека вистината може толку многу да боли, дека срцето може толку многу да крвари. После секоја реченица тивко воздивнував, а солзи на вина непрекинато течеа по моето лице. Очекував мојата исповед да ја примат со ужас, со одвратност, токму така како што заслужуваше, бидејќи мислев дека не ќе можат да сфатат: како може човек да признае толку големи гревови и – да остане жив?

Бев целосно изгубен, во потсвеста го молев Господ Бог да ја отвори земјата за да ме проголта, за што побрзо и полесно да се спасам од преголемиот срам и грижата на совеста. Но, земјата остана тврда, а јас со наведната глава, со солзи во очите, по којзнае којпат ги гледав сликите од мојата уништена младост.

Чувствував дека главата ми гори, а рацете ми беа толку малаксани, така што сигурно во тие мигови не ќе имав сила ни среќата да ја допрам, ако некој тогаш ми ја пружеше да ја дофатам. Голема болка ги притискаше моите гради, а срцето неконтролирано силно биеше како да секој момент ќе препукне.

Но, неочекувано почувствував големо олеснување, голема радост, радост каква што дотогаш немав доживеано, кога моите најмили со солзи радосници почнаа да ми искажуваат благодарност, затоа што собрав сили толку искрено и токму на овој начин да го искажам своето каење.

%