МОЈАТА ТАЈНА Е МОЈ ЗАРОБЕНИК …

%

“Мојата тајна е мој заробеник, ако ми избега, ќе стане мој господар” – беше паролата што моето мислење во почетокот го правеше дијаметрално спротивно, од мислењето на нашиот терапевт, сметав дека секој човек има право да ја чува својата интима. Овде морам да кажам дека веројатно ова беше пресудниот момент за мојата цврста апстиненција. Како што времето одминуваше, оваа мисла се повеќе почна да ме преокупира, беше се поприсутна во мојата глава. Мудроста и советите на нашиот терапевт, др.Методија Николоски – Мец, почнаа да ме топат како восок, почнаа одново да го обликуваат мојот карактер по калапот на неговите упатства. Со голема стрпливост, умешност и знаење, се разбира, со помош на мојата цврста волја и несебичната поддршка што непрекинато ја имав од членовите на моето семејство, тој успеа мојот карактер на алкохоличар, како од порцеланска земја, да го преобрази во карактер на добар апстинент и добар човек.

Добивав чудна, голема сила, добивав недвосмислена убеденост во исправноста на моите постапки. Дојдов до едноставното сознание дека не треба да владееме со светот, туку да го искористиме нашето знаење и времето кое ни е дадено, да помогнеме во борбата за искоренување на алкохолното зло од полињата кои ни се добро познати, за да можат некои идни генерации да наследат чисти полиња за обработување. Чувствував дека мојата душа повторно заживува и добива нова, прекрасна убавина која ме тера да воскликнам: “Еве сум пред вас, погледнете ме, успеав да го победам животното во себе, од денес повторно сум човек.”

Почнав секојдневно да размислувам за својот живот, почнав да ги споредувам страдањата од минатото со убавините од сегашноста, почнав во својата фантазија да ја обликувам мојата иднина. Ме исполни желба да ги прикажам во текст тие визии што непоканети блескаа во огледалото на мојот ум. Ех, кога би можел зборовите да ги обликувам така добро, секој човек да може да ме разбере. Почнав, прво срамежливо, а потоа со се поголем елан да пишувам за својот живот. Во најцрна светлина ги прикажав сите свои глупости и порази од минатото, бидејќи само на тој начин можев од нив побрзо и полесно да се ослободам. Кога целосно завршив со мојата исповед, во која искрено ги признав сите свои грешки, признав дека страдањата на моите најмили се исклучиво моја вина, тогаш вистината, што толку долго ја барав, излезе пред мене. Таа вистина за животот и среќата на алкохоличарот, за негово успешно лекување од алкохолната болест, недвосмислено се состоеше од две работи: редовно посетување и активно вклучување во работата на Клуб на лекувани алкохоличари и, искрено, вистинско каење за своите грешки.

%