СЕКОЈ ЧОВЕК ИМА ЛЕГИТИМНО ПРАВО ДА ЈА ПОСАКУВА И БАРА СРЕЌАТА

Во една прилика, др.Ферид Мухиќ, докажан хуманист и пријател на Клубот на лекувани алкохоличари, говореше дека човекот е создаден за задоволство и среќа, дека секој човек има легитимно право да ја посакува, бара и да копнее по среќата, непрекинато да трага по неа. Бидејќи не постои јасно одредена дефиниција, по која сите луѓе би ја барале среќата која ќе биде добра за нив (тоа што еден човек го прави среќен не значи дека со тоа ќе бидат среќни и другите), секој човек поединечно сам ја гради и секогаш самиот е ковач на својата среќа. На пример, мене најголема среќа во животот ми донесе сознанието дека, и покрај сите мои грешки, глупости и пропусти во животот, моите најмили ме сакаат и ценат, дека сеуште сум им потребен и мил.

          Би било интересно секој од вас да се замисли׃ поради што сте почувствувале најголема среќа?

          Ќе се обидам да одговорам на прашањето: дали човекот непрекинато може да биде среќен? Ако ја набљудуваме реалноста во која секојдневно живееме, недвосмислено се наметнува одговорот дека не може! Сепак, теоретски гледано, човекот може да биде непрекинато среќен, а за да достигне таква среќа, потребно е да се исполнат повеќе услови.

          – Основно е секој човек да ја пронајде вистинската смисла на својот живот, која мора да ја бара и да ја пронајде исклучиво во доброто и вистината. За жал, поголемиот број од луѓето вложуваат огромен труд само за да ја подобрат својата среќа, а малкумина од нив се трудат да се подобрат самите себе. Основната животна цел на секој поединец секогаш треба да биде иста: да напредува во доброто, да биде навистина добар, а не само така да изгледа. Со тоа што добрината ја шириме околу нас, истовремено ја зацврстуваме и во самите себе. Најсреќен е оној човек кој помогнал многу други да станат среќни. Човекот никогаш не треба да биде задоволен со нивото на добрината што ја поседува, туку непрекинато треба да се труди да биде што е можно подобар, бидејќи најголема неправда е човекот да изгледа добар и праведен, а тоа да не е.

          Запрашајте се: дали некогаш сте се потрудиле навистина да бидете добри, отколку само да изгледате добри? Дали некогаш сте помислиле дека со вашите активности можете да помогнете да се унапреди светот и да го направите подобар?

          – Среќата се наоѓа таму, каде човекот ја бара и чудно е колку малку е потребно за да бидеме среќни, но уште почудно е како, речиси секогаш, тоа малку ни недостасува. Единствен начин да не бидеме несреќни е да прифатиме дека од животот не треба да бараме повеќе, од што тој може да ни даде. Секогаш треба да бидеме среќни со тоа што го имаме, а не со тоа што посакуваме да го имаме.

          Секој од нас треба да се запраша: дали треба да бидеме среќни заради нашето богатство, или заради доблестите и мирот во домот кои ги имаме, односно, кои треба да ги имаме?