2009
Yearly Archive
вто 24 ное 2009
Во почетокот на 2010 год. Здружението на клубови на лекувани алкохоличари на Македонија (ЗКЛАМ) ќе наполни 35 години од неговото постоење. Резултатите од активностите на ЗКЛАМ и резултатите кои се постигнати и кои денес несомнено ги постигнува секој Клуб на лекувани алкохоличари (КЛА) поединечно, се за секаква почит и пофалба. Во таа смисла, посебна почит и благодарност треба да им се оддаде на сите оние, кои на кој било начин дале свој придонес за постигнување на овие успеси. Секако, посебна благодарност треба да им оддадеме на некогашните и сегашните терапевти, кои активно работат во КЛА.
Уште на почетокот да напоменам, дека во овој напис, ги застапувам ставовите и забелешките за работата на ЗКЛАМ на Илија Петрески, како апстинент, а не како ставови на КЛА. На состанокот на ЗКЛАМ, што се одржа во центарот за социјални работи “Даре Џамбаз” во Скопје на 14.11.2009 година, се обидов да укажам на некои работи, но мислам дека треба да дадам додатни објаснувања за значењето на забелешките во мојата дискусија.
На работата на ЗКЛАМ сакам да размислувам и да пристапам од практичен аспект. Ќе ве потсетам на една мудрост која вели, дека никогаш не треба целосно да бидеме задоволни од тоа што сме го постигнале, бидејќи секогаш сме можеле да постигнеме повеќе. Да не бидам погрешно разбран – веќе реков дека имам искрена, огромна почит за постигнатите резултати на ЗКЛАМ, но убеден сум дека условите во кои денес работат КЛА налагаат поинакви активности. Кога го велам ова, не мислам на медицинскиот дел од лекувањето на луѓето кои одлучиле да го победат алкохолното зло, туку за создавање на многу подобри услови за работа на КЛА од денешните, за да можат што подобро да ја исполнат својата улога во ресоцијализацијата, во менувањето на личноста на апсинентот, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и кон животот воопшто. Да бидам попрецизен, моите забелешки за работата на ЗКЛАМ не се однесуваат само за доброто на одреден број на луѓе кои ги посетувале или ги посетуваат КЛА, туку за општо добро на сите луѓе, кои од разни причини тргнале или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол.
Присутен сум и со внимание ги следам годишните собранија на ЗКЛАМ во последниве осум години и, морам да кажам дека секогаш за последиците од алкохолизмот, се некако за овој најголем проблем за целото човештво се разговара одоколу, завиткано, односно, речиси никогаш јасно и јавно не се посочуваат вистинските причини за катастрофалната состојба со алкохолизмот во нашата држава. Секако дека има и оправдани причини за тоа, бидејќи никогаш не е присутен ниту еден релевантен претставник на власта, за да се запознае со благодатната улога на КЛА и, што е уште полошо, не се присутни ни медиумите, кои треба да ги пренесат нашите забелешки во јавноста. Можеби затоа и не вредеше многу да се дискутира, бидејќи од тоа нема никаков ефект, односно, се што беше кажано остана затворено во четирите ѕидови. Од друга страна, убеден сум дека има голем ефект ако отворено се разговара за сите слабости кои, ако се надминат, ќе ја подобрат работата на ЗКЛАМ, пред се, ќе ги подобрат условите во кои работат Клубовите на лекувани алкохоличари, а со тоа ќе се создадат услови за постигнување на многу поголеми резултати.
Здружението на Клубови на лекувани алкохоличари на Македонија постои за да ги штити и унапредува интересите на КЛА. За постигнување на што подобри резултати конституирани се и органи, кои треба да донесуваат одлуки. Сето тоа е добро, но за жал, во пракса не функционира така, како што е замислено. Да скратам, во последниве шест години претседателството, како највисок орган на ЗКЛАМ, нема одржано ниту еден состанок, така што одлуките веројатно ги носат само членовите на ЗКЛАМ од Скопје. Со примерот што го наведов во мојата дискусија, сакав да укажам дека тоа не е добро, дури мислам дека е и штетно. Имено, укажав дека членовите на ЗКЛАМ не треба да бидат задоволни од висината на средствата што Владата на Република Македонија ги додели како помош за граѓански здруженија. Честопати си го поставувам прашањето, на кое никако не можам да најдам логичен одговор: кој ја правел и во чие име е правена апликацијата на ЗКЛАМ до Владата и за каква намена се барани средствата? Особено не ми е јасно, бидејќи логично е средствата да се бараат во име и за потребите на КЛА, како може човек од Скопје, да ги знае потребите што ги имаат КЛА од другите градови? На пример, ако тој што ја правел апликацијата се консултирал со член на претседателството на ЗКЛАМ од КЛА во Прилеп (мудрецот рекол дека двајца луѓе знаат и можат многу повеќе од еден човек), ќе се согледале сите потреби што ги има КЛА од Прилеп и можеби помошта ќе била многу поголема. Не велам дека власта одма ќе го одврзеше кесето, но сепак, убеден сум дека, ако се направат вистинските чекори, успехот нема да изостане.
Сметам дека основна задача на ЗКЛАМ е со своите активности да успее, трагичната вистина за последиците од алкохолизмот, посебно благодатната улога што ја има Клубот на лекувани алкохоличари во враќањето на среќата и радоста на алкохоличарите и членовите на нивните семјства и, секако, користа што ја има државата од активностите на КЛА, да излезе на виделина за сите луѓе да ја видат и осознаат. Природата на активностите што ги извршуваат Клубовите на лекувани алкохоличари е крајно хумана и затоа мислам дека КЛА треба да бидат сместени во групата на хуманитарни организации, како што е на пример Црвениот крст, кои се финансирани од Владата. Можеби, бидејќи станува збор за продолжено лекување во КЛА без кое е невозможно да се одржи цврста апстиненција, КЛА треба да бидат под капата на Министерството за здравство или, бидејќи даваат огромна помош во ублажувањето на последиците од семејното насилство, кое речиси 80% е преидизвикано од алкохолот, КЛА да бидат ставени под капата на Министерството за труд и социјала. На тој начин ќе се обезбеди стабилно финансирање на КЛА, особено што досегашниот начин со аплицирање до Владата се покажа крајно нефункционален. Покрај овие предлози, многу важно е да се донесат добри, применливи закони и сите досега донесени одлуки од страна на власта, дали на локално или државно ниво, да почнат целосно да се спроведуваат во дело. На пример, има одлука во секој град да се формира група од стручни лица: психолог, социолог и правник, кои треба да дадат препорака алкохоличарот, кој се однесува насилно, присилно да биде одведен на лекување од алкохолната болест во специјализирана установа. Со други зборови, патот за ублажување на последиците од семејното насилство да се поедностави, бидејќи, како денес стојат работите, не постои начин некој, кој се однесува насилно да се однесе на лекување бидејќи, ниту здравствените установи, уште помалку КЛА, немаат никакви ингеренции. Од приоритетно значење е што побрзо во нашава држава да се отвори алкохолошка школа, за обука на активните терапевти и за продуцирање на нови кадри, кои ќе се вклучат во постоечките и, се разбира, активно ќе работат во КЛА што треба да се отворат во секое поголемо населено место во нашава држава (експертите по алкохологија препорачуваат на секои 25000 жители да се формира еден КЛА). Од извонредно значење е, во склоп на нервните одделенија во поголемите градови, да се формираат одделенија за зависности, кои ќе бидат пополнети со кадар од сите потребни профили.
Значи, убеден сум дека за да се постигнуваат поголеми успеси во борбата со алкохолната болест, потребно е работите непрекинато и упорно да се движат, потребно е да се искористи знаењето и способностите на секој поединац кој може и сака да помогне. Особено е важно и многу потребно да се искористи моќтта на медиумите, вистината за страшните последици од алкохолизмот, посебно вистинската улога на КЛА, да допре до луѓето и во нивните мисли да се роди и да заживее желбата за борба со алкохолното зло.
За крај, сето она – добро или лошо, сеедно – за кое што луѓето треба да вложат напор за да го спроведат во дело, од свое лично искуство знам, дека им е најлесно веднаш да го отфрлат како нешто неважно и бескорисно, често без воопшто да размислат дека токму тоа може да биде најкорисно. Знам дека за многумина овој дел на моите ставови и размислувања, што ги искажав, воопшто не се прифатливи, но барем се надевам дека за нив добро ќе се размисли и сериозно ќе бидат разгледани, пред мирно да бидат отфрлени.
Сосема за крај, простете ми ако не успеав со доволно љубов да го кажам тоа што имав намера да го кажам. Бидете убедени дека моите забелешки се најдобронамерни и дека се мотивирани од желбата да укажам на некои состојби кои, ако се прифатат, ќе помогнат во постигнување на што поголеми успеси во заедничката борба против алкохолното зло. Ве замолувам, ако во вашите мисли се појави забелешката, дека немам доволно знаење и не сум компетентен да предлагам вака големи работи, веднаш да ја отфрлите. Знаете, јас не знам да направам, да речеме торта или некое друго јадење, но кога ќе јадам, знам да кажам дали е добра или не.
Со љубов во Бога
пет 20 ное 2009
%
Сосема за крај, да кажам дека се обидов и, мислам дека успеав, последниве осум години добро да ги искористам. Покрај тоа што го научив за алкохолот и уништувачките последици од него, многу подобро се запознав себе си, така што очигледна е големата разлика помеѓу стариот и новиот начин на моето размислување за алкохолот и за животот воопшто.
Се разбира, вложив и сеуште вложувам напори, преку моите книги и текстовите што ги објавувам на оваа страна, моите сознанија да ги пренесам на другите луѓе, за да помогнам што полесно да се извлечат од канџите на најстрашниот непријател за целото човештво - алкохолот. Алкохолизмот е вистинска тема за која треба да се пишува, особено кога на оваа тема пишува лекуван алкохоличар, кој на своја кожа ги почувствувал стравотиите од алкохолната болест. Но, единствен проблем е што многу тешко може да се пронајдат вистинските мисли и зборови, за да се достигне посакуваната цел.
За постигнување на моите успеси, најголем придонес има др.Методија Николоски, кој како терапевт во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, во мене ги разбуди доблестите на кои одамна имав подзаборавено, ја разбуди мојата заспана совест, така што честопати ме облеваат солзи и ме фаќа срам заради тоа што го правев во минатото. Но, сепак, истовремено чувствувам голема радост што пронајдов утеха и конечно, станав вистински покајник. Не сум способен да ги повторувам сите негови совети, сите прекрасни зборови на извонреден човек како др.Николоски, но од сето срце се трудам, со своето скромно знаење, да возвратам на неговата добрина, со тоа што се обидувам кај што поголем број луѓе да го разгласам неговото човекољубие.
Посебно ќе бидам среќен, ако на стадото на кое тој беше предводник, а кое сега го водат терапевтите Снежана Ѓорѓијоска - психијатар, Јове Велески - психолог, и Милка Темелкоска - социолог, ако со моите активности во борбата со алкохолизмот им дарувам што повеќе овци, кои се заблудени од алкохолот и залутани во џунглата на животот. Благодарејќи на огромното искуство и знаење на др.Николоски, во иднина ќе живеам со отворени очи и ќе се борам уште повеќе, ќе се трудам да научам се за алкохолот, додека очите целосно не ми прогледаат и мислите и јазикот целосно не се одврзат, за да можам преку нив да ја ширам вистината за визионерското богатство на нашите извонредни терапевти.
нед 15 ное 2009
%
За крај, уште еднаш им напоменувам на читателите или слушателите на моите текстови, дека треба да бидат крајно внимателни во задоволувањето на нивните страсти, кои водат кон расипничка и разуздана слобода, а со тоа најлесно одат кон алкохолната болест, за да не се случи оклопот што ги заштитува нивните доблести да попушти тогаш, кога неговата заштита ќе им биде најпотребна. Страстите секогаш донеуваат страдање, најмногу тогаш, кога целосно се задоволени.
Тебе ти е лош твојот живот, целиот си растргнат во гревови - само што ќе излезеш од еден, за кратко време, повторно паѓаш во друг. Како барем малку да си го поправиш својот живот? Има само еден корисен и успешен начин: да го прифатиш својот живот во душата, а не во телото, да ги избегнуваш и по никоја цена да не учествуваш во лошите постапки на телесниот живот, кои се поврзани со алкохолот. Ако тоа го посакаш со целата душа, ќе забележиш како веднаш, сам од себе, твојот живот ќе се поправи. Твојот живот е лош само затоа што, со твојот духовен живот, си му служел на телесниот живот. Залудно човек се труди да се спаси од гревот, ако не се откаже од барањата на своето тело, ако барањата на телото ги смета за поважни од барањата на душата.
Гледајќи реално, никогаш нема да се ослободите од грижата на сопствената совест заради животот што го живеете, дури ни тогаш кога лажните задоволства, што алкохолот од сите страни ги нуди, ќе мислите дека ве издигнале на врвот од најголемите задоволства што кога било сте ги запознале. Човекот ќе може да дознае што треба да прави дури тогаш, кога ќе му биде јасно што не треба да прави. А, кога нема да го прави тоа што не мора да го прави, тој неизбежно ќе го прави тоа што треба да го прави, макар што можеби нема да знае зошто го прави, тоа што го прави.
%
вто 10 ное 2009
%
За луѓето најдобро да ги осознаат сите активности што ги има во Клубот на лекувани алкохоличари, во борбата на секој апстинент со алкохолната болест, за презентирање на правата вистина за клубот, за афирмирање на Клубот на лекувани алкохоличари како единствено место за успешно лечење и одржување на трајна апстиненција од оваа опака болест, најголем придонес можат да имаат медиумите. Но, средствата за јавно информирање, од замене необјасниви причини, посветуваат многу малку внимание на темата алкохолизам, последиците од алкохолната болест и борбата против неа. Додуша, одвреме навреме се реализираат некои емисии на оваа тема, но се останува на тоа. На пример, со намера на луѓето да им покажеме дека Новата година може убаво да се дочека и без алкохол, ние, членовите на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот’ од Прилеп, секоја година организираме дочек во просториите на клубот. Не можам со зборови да ја пренесам атмосферата, едноставно, прекрасно е - играме, пееме, се веселиме и смееме до бескрај. Голема штета е што на луѓето, особено на алкохоличарите, не им се овозможува да го видат тоа. Ефектот од нашите дружења ќе ја достигне вистинската цел ако која било од телевизиите, кои редовно ги покануваме, покаже интерес и да испрати своја екипа, во пет минутна репортажа да ја сними и пренесе прекрасната атмосфера во јавноста.
Господа, испраќам порака до сите вас, кои со надоверба гледате на работата и користа за апстинентите, од посетувањето на Клуб на лекувани алкохоличари. Се надевам дека барем малку успеав да ви предочам - која е вашата должност како добронамерни, цивилизирани луѓе, во односот кон болните алкохоличари. Пред се, треба со голем респект да гледате на апстинентите кои го посетуваат клубот, да ја почитувате и цените нивната храброст и мудрост, во намерата да си помогнат себе си и да им помогнат на другите. Наместо да ги критикувате и омаловажувате, треба да ги охрабрувате вашите родители, вашите брачни другари, вашите браќа, вашите деца, покажете вистинско човекољубие со тоа што ќе им укажувате и на вашите соседи, кои од разни причини завлегле или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол, кои се на пат целосно да бидат совладани од алкохолната болест да што поитно, за свое добро, уште повеќе, за доброто на своите најблиски, да дојдат и да побараат помош во Клуб на лекувани алкохоличари.
%
чет 5 ное 2009
%
Во размислувањето на “господата безгрешни” постои тенденција, луѓето кои посетуваат психијатар или Клуб на лекувани алкохоличари, да ги сметаат за фалични, за ненормални, мислат дека тие луѓе се многу поинакви од обичните луѓе. Но, тоа не е точно. Дали тоа некому му се допаѓа или не, но вистината е дека психијатарот гледа исто толку психопатија на разни собири или разни коктел конференции во големите компании, колку што гледа во својата ординација. Не треба да се мисли дека апсолутно нема никаква разлика помеѓу луѓето, кои бараат помош во психијатриските одделенија во болниците или во Клубовите на лекувани алкохоличари, и оние кои не го прават тоа, туку дека разликите меѓу нив се многу суптилни и многу често на штета на оние “нормалните”. Честопати животот покажува дека тие, таканаречени “трезни луѓе‘ не се ништо подобри од другите, само се попретпазливи или, ако сакате, се поголеми лицемери.
Животот е тежок и комплексен и во најповолни околности. Сите луѓе што живеат под ова небо, на ова Божјо дело, наречен свет, имаат некакви проблеми. Интересно е секој што ќе го прочита овој текст да се замисли и да најде одговор на прашањето: дали луѓето бараат помош од Клуб на лекувани алкохоличари, само заради тоа што нивните проблеми со алкохолната болест се поголеми од вообичаените, или затоа што имаат повеќе храброст и мудрост со нив да се соочат? И дали, сосема оправдано, борците против алкохолната болест може да се сметаат за една од најголемите сили, кои се борат за доброто на сите луѓе?
Не постојат педесет начини за борба со алкохолната болест, постои само еден - да се биде победник. Лекувањето од алкохолната болест не нуди лесен излез од пеколниот алкохолен лавиринт. Тоа лекување не соочува со стварноста, макар колку и да е болна таа стварност. Тоа не дозволува бегање од проблемите, тоа е вистинско решение, не лесно - туку вистинско решение. Ако човекот е спремен да се соочи со болната вистина за својот живот, тогаш може да се помогне. Поголемиот дел од луѓето не успеваат во уметноста на животот, не затоа што се родени како неспособни или лоши, или пак затоа што немаат доволно волја за да водат подобар живот; причината за нивниот неуспех е во тоа што не се разбудуваат кога животот ќе им постави прашање и кога сеуште можат да дадат алтернативен одговор. После тоа, со секој нов чекор на погрешниот пат, им станува се потешко да признаат дека треба да се вратат таму, каде скршнале во погрешна насока во џунглата на животот и дека во меѓувреме, бескорисно само губеле време и енергија.
%
саб 31 окт 2009
%
“Господа безгрешни”, имате право кога верувате дека на светот вие сте најсовршени и највредни, дека ниту еден човек не е посовршен и поголем од вас, но знајте дека многу се лажете кога мислите дека на светот има, макар и еден човек, кој е поневреден и понизок од вас. Како што ја носите тежината на своето тело, а да не ја чувствувате како терет кој сакате да го поткренете, така, воопшто не вложувате напор и затоа не ги забележувате сопствените грешки и пороци, туку ги гледате само туѓите, а ги наоѓате и таму каде ги нема. Веќе сте станале неосетиливи кон вашите страдања, и затоа станувате неосетливи и кон страдањата на другите луѓе, особено сте крајно неосетливи за страдањата на алкохоличарите. Убеден сум дека повеќето од вас често би се срамеле и од вашите најдобри постапки, кога луѓето би можеле да ги ѕирнат вистинските мотиви, заради кои ги правите. Ако заради тоа што сте опкружени со ѓубре, вашето чувство кон нечистото почнува да бледнее и на крајот целосно ќе се изгуби, тоа значи дека постои голема веројатност и вие самите, да почнете да фрлате ѓубре, на сите страни. Често не ги разбирате луѓето кои се различни од вас и, наместо да ги прифатите такви какви што се, со сите свои добри или лоши страни, вие едноставно ги отфрлате, како што го фрлате ѓубрето во контењер.
Многу е лесно да се мразат и отфрлаат болните алкохоличари. Советот на светците е да се мрази гревот, а грешникот да се сака. Помогнете им на болните алкохоличари во лекувањето, за полесно да го исчистат алкохолното зло од нивната куќа, бидејќи лекувањето од алкохолната болест секогаш започнува од нив самите. Самоочистувањето е најјако оружје во борбата со оваа опака болест. Ако сте во состојба алкохоличарите да ги набљудувате како заболени луѓе од жална, но многу опака болест, треба да се обидете својата одвратност што ја чувствувате кон нив, да ја претворите во грижлива сомилост, за да можете искрено да им помогнете во нивното лекување.
%
вто 27 окт 2009
Дали е можно човек да се чувствува добро, да му се радува на животот, кога секојдневно, од сите страни, наидува само на лошо? Од свое лично искуство целосно сум убеден дека, нормален човек може да биде среќен и задоволен од животот, само ако се наоѓа опкружен со среќни луѓе. И, сосема логично, тоа подразбира желба да им помогне на другите да бидат среќни. Одговорот на прашањето: како да се достигне среќата, како да се пронајде својот душевен мир е едноставен: треба сите ние непрекинато да вложуваме труд, за да го направиме светот околу нас посреќен и, се разбира, сето тоа да го доживуваме како сопствена радост. Тоа е единствениот рецепт за исцелителната напивка, со која на несреќните луѓе околу нас ќе им помогнеме да го победат алкохолното зло, да го победат ѓаволот во себе, тоа е рецептот со кој можеме да им помогнеме на луѓето да се излечат и извлечат од ова масовно лудило. Напивката е вкусна и многу корисна, а Клубот на лекувани алкохоличари има задача да ги охрабри луѓето, за да го надминат срамот и стравот и, пред се незнаењето, за да ја испијат оваа благодатна напивка - за свое добро, уште повеќе, за доброто на своите најмили.
Во нашиот живот се зависи од нас самите. Се додека не го земеме сопствениот живот во свои раце, нема да имаме моќ да влијаеме на него. Животот претставува наша креација и никого не треба да обвинуваме за нашите пропусти, за кои самите сме одговорни. Тие активности бараат многу напор и воопшто не е лесно кој било човек, да се занимава со самиот себе, да го менува и гради својот живот. Човекот што се измачува поради нешто, посакува да има некој кој ќе му помогне, да се грижи за него и потсвесно се надева дека тоа ќе се случи. Тоа е нормално и сите луѓе го очекуваат тоа. Нагласувам - сите луѓе тоа го посакуваат, иако реалноста покажува дека никој не мисли и не се грижи за никого. Никој ништо не сака да преземе и поради тоа сите луѓе страдаат.
Резултатите што веќе се постигнати од активностите на Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, покажуваат дека исклучоци од ова правило, сепак има. Сопругите од алкохоличарите, после долгогодишно измачување ја имаат загубено самодовербата, ја имаат загубено и довербата во најблиските роднини и пријатели кои пасивно, од страна, набљудуваат како се измачуваат во алкохолниот пекол и сметаат дека тоа е само нивна несреќа, која нив не ги засега. Што е најстрашно, ја имаат изгубено и надежта, последната Божица на која човекот може да и се обрати за помош. Со други зборови, остануваат препуштени сами на себе и на несреќната судбина. Само со една посета на КЛА “Викторија”, тие наоѓаат потпора во клубот, кој е единствената светла точка која им го покажува патот за излез од пеколот во кој толку долго живееле, им го покажува патот каде на крајот ги чека одамна изгубената среќа. Немам зборови со кои ќе ја опишам храброста со која овие жени, овие херои, се пробиваат низ темнината, а единствена утеха наоѓаат во надежта дека нема, по којзнае којпат, пак да доживеат разочарување. На тој пат наидуваат на безброј тешкотии, но со несебичната и непрекинатата помош од својот терапевт и своите нови пријателки од Клубот, полека, но сигурно, формираат своја стратегија за својата подобра и посреќна иднина. Почитувани членови на Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, во тој, за Вас најтежок поход, витешки ги освојувате високите тврдини на добрината, љубовта и човекољубието. Радосно се вселувате во нив - на Ваше задоволство и на радост и среќа на Вашите најмили.
Посебна улога за одличните резултати што ги постигнува Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, има терапевтот, социолог Милка Темелкоска, на чија иницијатива и на иницијатива на сопругите од апстинентите кои од самиот почеток редовно го посетуваат, се формира женскиот дел на Клубот, за поддршка на апстинентите. Вистинска љубов и човекољубие, кои се дадени од Бога, е да се чувствуваш среќен заради туѓата среќа. Терапевтските маневри што ги спроведува социологот Милка Темелкоска вродуваат со плод, бидејќи таа наоѓа сила и здрава смисла во практикувањето на фактот, дека нејзините стручни укажувања за надминување на проблемите, со кои секојдневно се соочуваат сопругите од алкохоличарите се однесуваат исклучиво за нив, дека нивната среќа е најважна и им е потребна само за нив, а тоа лично за неа е најголемата среќа, бидејќи со тоа ја постигнува својата зацртана цел - да даде се од себе за да го пренесе своето долгогодишно искуство и знаење на овие напатени жени, со што барем малку ќе помогне за да им се олесни животот.
Заедничката радост е темел на успесите што ги постигнува КЛА “Викторија”, и убеден сум дека многумина можат да завидат на тоа. Нашите односи се зацврстуваат кога си помагаме и се радуваме на успехот што го постигнува оној, на кој му помагаме, а се расипуваат кога не покажуваме такви чувства. Тогаш доаѓа до конфликти кои се повеќе се зголемуваат. Со други зборови, расте спротивставеноста и нетрпеливоста помеѓу членовите и на секоја следна кривина се смалува количината на радост, која ја упатуваме еден на друг. Со тоа причините кои ги поврзуваат членовите на клубот се се помалку и односите во клубот стануваат се полоши.
Најважното нешто што се учи во КЛА “Викторија” е - на кој начин треба сопругите да се однесуваат кон апстинентите, кој е патот за да му помогнат на заболениот алкохоличар. Почитувани членови кои го посетувате овој клуб, сите вие кои собравте храброст да го надминете незнаењето и сите предрасуди со кои луѓето се оптеретени - во КЛА “Викторија” го пронајдовте вистинското место, каде ќе научите како да ги надминете вашите проблеми, кои се предизвикани од алкохолот. Вашиот терапевт веќе Ве има научено како апсинентот да постигне успех, по советите што му ги давате, дека е потребно пред се, да предизвикате позитивни емоции кај него, дека тогаш самиот ќе посака да го измени начинот на своето однесување и, во иднина, ќе нема потреба да го терате со сила тоа да го прави.
Во чест на овој голем ден за градот Прилеп, но и за Република Макеоднија, со моите скромни можности, прилагодив една песна, со која сакам да го дадам мојот скромен придонес во одбележувањето на овој свечен празник.
НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ
ВООПШТО НЕ Е ЛЕСНО ДА БИДЕШ ЖЕНА,
ДА БИДЕШ ЖЕНА НА АЛКОХОЛИЧАР,
КАДЕ БИЛО, ВО ОВОЈ ДВОЛИЧЕН СВЕТ.
НЕ ВРЕДИ ДА СИ: НИ ПАМЕТНА,
НИ УБАВА, НИТУ АМБИЦИОЗНА.
НИКОГАШ НЕ ЗНАЕШ,
ДАЛИ ДА ЗБОРУВАШ ИЛИ ДА МОЛЧИШ,
ЗА БОЛНИОТ АЛКОХОЛИЧАР,
ПОСЕКАКО НЕ ЌЕ ЧИНИШ.
КОГА БЕЗ СВОЈА ВИНА ЌЕ СЕ НАЈДЕШ,
ЗАРОБЕНА ОД АЛКОХОЛНОТО ЗЛО,
КОГА БЕЗ СВОЈА ВИНА СУДБИНАТА,
ЌЕ ТЕ ПОНЕСЕ КОН АЛКОХОЛНОТО ДНО,
КОГА СОПРУГОТ ЌЕ ГИ ИСПИЕ СИТЕ ПАРИ,
А ДОЛГОТ ВЕЌЕ Е МНОГУ ВИСОК,
САКАШ СО НАСМЕВКА ДА ГО ОХРАБРИШ,
НО, ВО СРЦЕТО СЕ СЛУША ПИСОК.
ТОГАШ ВО ГЛАВАТА ТИ ДОАЃА МИСЛА -
ГО ИЗГУБИВ ЧОВЕКОТ - ОВА Е КРАЈ.
ПОЧИТУВАНА, ПОСЛУШАЈ ГО ОВОЈ СОВЕТ:
ИЗДРЖИ НАМАЧЕНА ДУШО, ТРАЈ,
ОДМОРИ СЕ МАЛКУ И РАЗМИСЛИ ДОБРО,
НО, ПО НИКОЈА ЦЕНА, НИКОГАШ,
НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.
ЗНАМ ДЕКА НЕ Е ЛЕСНО,
НО БИДИ УПОРНА И ЌЕ ДОЈДЕ ДЕНОТ,
КОГА НЕУСПЕХОТ ЌЕ СВРТИ ДРУГА СТРАНА,
ПОБЕДАТА Е БЛИСКУ, ЌЕ ЗАЛЕЧИ РАНА.
МОЖЕБИ МАЛКУ ВРЕМЕ ИМА,
СРЕЌАТА ДОАЃА ПО СЕКОЈА ТЕШКА ЗИМА,
НЕ ПЛАШИ СЕ, НАСЕКАДЕ ПОМОШ БАРАЈ,
НО НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.
УСПЕХОТ Е НЕУСПЕХ,
САМО НАОПАКУ СВРТЕН,
ВО ОБЛАКОТ НА СТРАВ И СОМНЕЖ, ОД ЛОШО СЕМЕ ЗА’РТЕН.
КОЛКУ СИ БИЛА БЛИЗУ ДО УСПЕХОТ,
НИКОГАШ НЕ ЌЕ ЗНАЕШ -
ЗАТОА ЗАПОМНИ, НАЈВАЖНО Е:
ЗА ВЛОЖЕНИОТ ТРУД ДА НЕ СЕ КАЕШ.
БОРИ СЕ СО ТЕШКОТИИТЕ,
ХРАБРО, СО ПОСЛЕДНА СНАГА
И, БИДИ СИГУРНА - ПОРАЗОТ ЌЕ ГО СНЕМА,
ЌЕ ИСЧЕЗНЕ БЕЗ ТРАГА.
ВО КЛА “ВИКТОРИЈА” НАПРАВИВТЕ БУКЕТ,
ОД ВАШИТЕ ЗДРУЖЕНИ РАЦЕ,
И ТИЕ СЛОЖНО, СО ЗАЕДНИЧКИ СИЛИ,
ЌЕ ГИ РАСТЕРААТ ОБЛАЦИТЕ ТЕМНИ.
А, ПОЗАДИ ТЕМНИНАТА
И ЗА ВАС СОНЦЕ ЗЛАТНО ГРЕЕ -
СРЕЌАТА Е ТАМУ, ВИ НАМИГА, СЕ СМЕЕ.
БИДЕТЕ УПОРНИ, ИЗДРЖЕТЕ ДО КРАЈ,
И, КОНЕЧНО, ВАШИОТ СИН,
ЌЕРКА, БРАТ ИЛИ СОПРУГ,
ЌЕ ПОЧНЕ УСПЕСИ ДА ЖНЕЕ.
ЗА КРАЈ, ПОВТОРУВАМ УШТЕ ЕДНАШ,
ЗА НИКОГАШ ДА НЕ ЗАБОРАВИШ,
ДЕКА НАЈВАЖНОТО НЕШТО
ЗА РАДОСЕН И СРЕЌЕН ЖИВОТ Е:
ЗА ТВОЈАТА БОЛКА, ЗА ТВОЈОТ ЛЕЛЕК,
ВО КЛА “ВИКТОРИЈА” ИМА СИГУРЕН ЛЕК.
ЗАТОА, НАПАТЕНА ЖЕНО,
КОЈА И ДА СИ, ЗАПАМЕТИ И ЗНАЈ,
НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.
Со почит и љубов во Бога
пет 23 окт 2009
%
За да има успех во лекувањето на алкохолната болест, човекот мора тоа да го сака, да го прифати лекувањето, барем на некое ниво. А за да сака да се лекува, тој мора претходно да признае дека тоа му е потребно. Со други зборови, човекот мора, барем на некое ниво, да признае дека има маани и слабости, дека не е совршен.
На светот постои огромен број на луѓе кои имаат сериозни проблеми со алкохолот, кои треба и мора што побрзо да побараат помош од стручни лица и да започнат со лекување, но за жал, заболените алкохоличари тоа не сакаат да го прифатат. И така, поголемиот број на луѓе никогаш не доаѓаат во ситуација да го прифатат лекувањето од алкохолната болест, дури и тогаш, кога помошта им ја нуди најдобриот Клуб на лекувани алкохоличари во нашата држава, дури и тогаш, кога помошта им ја нудат најдобрите терапевти на овие простори - буквално како на сребрен тањир.
Во таа категорија на оние, кои со најголема жестина одбиваат да го прифатат лекувањето од алкохолната болест, се наоѓаат токму оние, на кои лекувањето им е најпотребно и неопходно. На забелешките дека прават сериозна грешка, одбивајќи го лекувањето, реагираат жестоко и наместо да ги признаат своите недостатоци, одбиваат каква било критика, со што отворено даваат до знаење дека тие нивното го завршиле.
Обично најголем и најкорисен чекор кон излекувањето од алкохолната болест, претставува сопствената одлука, одлуката на алкохоличарот да побара помош, бидејќи самиот дошол до сознанието дека му е потребно лекување. Во таквите случаи болните алкохоличари себе си се идентификуваат како болни луѓе, одлучиле да се борат со алкохолното зло и за да успеат во тоа, бараат професионална помош од стручно лице. Треба посебно да се нагласи, дека треба да бидат спремни да прифатат да посетуваат и Клуб на лекувани алкохоличари. Во таквите случаи успехот е загарантиран.
%
нед 18 окт 2009
%
Во мојата фантазија, една по една, се јавуваат сликите на моето бедно минато. Јасно се потсетувам каков бев тогаш. Во тие моменти ме плиснува полнотата на животот и ме исполнува тага до болка. Разликата меѓу мене, каков што бев некогаш и каков што сум сега, е огромна. Некогаш од сите страни бев обвиен со пајажиња на глупавиот, пуст, бесцелен, ништожен живот, од кој не гледав излез, па дури, може слободно да се каже, во голема мера тогаш и не сакав да излезам од таа бедна состојба. Денес сум радосен, бодар, слободен човек полн со енергија и пред мене се отвораат бесконечни можности. Дури сега сфаќам дека одвратноста што порано ја чувствував према луѓето, всушност беше прикриена одвратност кон самиот себе. Чудно е и тоа што во ова чувство на отворено признавање на своите глупости има нешто што боли, а од друга страна, во исто време, предизвикува најголема радост и смирување на духот.
При разговорот со несреќната госпоѓа, кога и кажав дека сакам да пишувам за последиците од алкохолната болест, таа го даде овој коментар: “Се радувам што пијаниците ги сметате за болни луѓе, што алкохолизмот го нарекувате болест. Од свое лично искуство ќе ви кажам дека алкохолизмот не е обична болест, тоа е болест над сите болести, болест што нанесува многу поголема болка и од самата смрт. Се надевам дека ќе имате успех во вашите намери да им помагате на луѓето да го победат ова најстрашно зло за целото човештво. Немојте да се разочарувате ако секогаш не успеете. Во Светото Писмо пишува дека да спасите само една душа е исто како да сте го спасиле целиот свет. Во борбата помеѓу доброто и злото лежи смислата на животот и во надежта дека доброто, на крајот, сепак ќе победи. Злото може да се победи само со добрина, или народски кажано, ќе го сфатиме тоа што можеби отсекогаш сме го знаеле: злото може да се победи само со искрена љубов. Нас не не казнува Бог, ние самите се казнуваме. Бидејќи се откажал од употребата на сила против луѓето, во случаите кога ние ја одбиваме Неговата помош, Бог не може ништо друго, туку тажно да набљудува како самите себе се казнуваме. Исус е најголемиот дар од небото за човекот, Он несебично ќе ни се понуди себе си и сета своја мудрост, но ќе биде наш најголем дар само ако го прифатиме. Сепак, во борбата со злото христијанската доктрина нуди решение: Бог во својата слабост ќе го победи злото. Оние кои се во пеколот, таму се по сопствен избор. Навистина, тие од него би можеле едноставно да излезат кога што ќе посакаат, но поради алкохолната болест нивните мерила на вредностите се такви, да патот за излез од пеколот им изгледа страшно опасен, застрашувачки болно делува на нив и затоа го сметаат за незамисливо тежок. И, затоа остануваат во пеколот, бидејќи им се чини дека таму е полесно и побезбедно, на карјот на краиштата, заблудени од алкохолот, сметаат дека таму повеќе им се допаѓа.”
%
вто 13 окт 2009
%
Затоа, “Господа безгрешни”, сите вие што иронично се потсмевате и се однесувате како божем сте зачудени што сум стигнал до тоа дереџе; и сите вие кои отворено ме советувате да престанам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари, за божем да го зачувам, по вашето длабоко убедување, сопствениот, уште повеќе да го зачувам авторитетот на моите деца; и сите вие кои во мене гледате идиот, кој за алкохолната болест и последиците од неа изјавува толку очигледни работи кога зборувам за алкохолот - на сите вам ќе ви речам: “Вие, што ми велите дека не треба да ја барам вистината за животот, бидејќи никогаш и никаде нема да ја пронајдам, бидејќи за вас целосна вистина не постои, вие сте непријатели не само на вистината, туку и мои. Вие тоа го говорите само затоа што и самите не живеете по вистината и за тоа сте потполно свесни, па затоа сакате и другите луѓе да живеат така. Што се однесува до мојот авторитет, убеден сум дека е премногу скромно дури и да претпоставам дека, ако јас не мислам и не зборувам, ако заборавам на моите глупости, дека и другите луѓе ќе заборават и повеќе нема да мислат на тоа. Секој човек треба да се радува кога ќе успее неговото тело да го ослободи од ропство или затвор, а како човек да не се радува кога ќе се ослободи од гревот, од желбите и посакувањата со кои е заробена неговата душа.
На луѓето треба да им помагате со личен пример. Настојувајте во мрачните агли на вашата совест да не ги криете срамните спомени на вашите гревови, туку спротивно, гледајте секогаш да ги држите во умот и секогаш сеќавајте се на нив, кога судите за гревовите на вашите блиски роднини и пријатели. Воопшто не ми е непријатно што сте упатени во тајните на некои најлоши постапки од мојот живот, бидејќи нема поголема несреќа отколу кога човек се плаши вистината да не му покаже, колку бил расипан и лош. Од моите некогашни постапки имам причина да се срамам, заради тие бесрамни постапки се кајам многу повеќе отколку што тоа вие воопшто можете да го замислите. Додека бев алкохоличар, за многу мои постапки, единствена утеха ми беше мислата дека за моето зло знаат само Бог и мојата совест. Но денес, денес сум среќен што и без вашата иронија можам да го видам сето мое зло, реално да ги согледам своите глупости, пропусти и неправди во животот, среќен заради цврстата одлука да го победам алкохолното зло, да ја победам алкохолната болест и никогаш повеќе да не ги повторам моите слабости, денес сум пресреќен од погледот на среќата на моите најмили. Јас живеам, живеам и денес, а утре можеби веќе ќе ме нема, можеби засекогаш ќе заминам таму, од каде и дојдов. Додека живеам јас знам дека ќе ми биде добро ако сум во љубов со луѓето, сакам да бидам среќен и радосен и затоа, додека живеам, јас сакам да сакам и да бидам сакан.”
%
« Previous Page — Next Page »