Posledni Napisi

СПАСОТ Е НА ДОФАТ НА РАКАТА % Но, тогаш Бог одлучи да смеша прсти во нашиот живот. Еден тмурен, пролетен ден, јас заминав во полето да работам,...

Read more

АЛКОХОЛОТ - НЕВИДЛИВ, НО СТРАШЕН... % Во почетокот немаше ништо необично, не гледав ништо лошо во тоа и воопшто не ми сметаше. Но, како времето поминуваше,...

Read more

ИСКУШЕНИЈАТА ДЕМНАТ ОД СИТЕ... Во Клубот на лекувани алкохоличари владееше необична атмосфера. Ништо не укажуваше дека на состанокот ќе се случи...

Read more

ОДНЕСУВАЊЕТО НА АЛКОХОЛИЧАРОТ... Закрепнатите луѓе од проблемите со пиењето, зависноста  од алкохол ја дефинираат како мултидимензионална и комплексна...

Read more

AKTIVNOSTI VO KLUBOT Вие, кој што сега посетувате Клуб на лекувани алкохоличари, вероватно сте разбрале дека сте влегле во големото...

Read more

ПИЕЊЕТО АЛКОХОЛ - ПРОБЛЕМ ВО... Вистината за проблемите, предизвикани од пиењето алкохол е многу полесно да се скрие на работното место, отколку...

Read more

КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ Клубот на лекувани алкохоличари Ви е како да сте во еден рудник, и во него талкате, симни се најдолу, па кaчувај...

Read more

МУДРОСТИ - ЖЕНИ, ЖЕНИ - Постојат два вида жени׃ расеани – ќе ги изгубат двете ракавици; сталожени – ќе изгубат само една. Бернар - Пристојна...

Read more

МУДРОСТИ - ЖЕНСКИ КАРАКТЕР - Некои жени се како запалена цигара; ако не ја фатиш од вистинската страна, ќе се изгориш. Тухолски - Обично се...

Read more

ДА ПОГЛЕДНЕМЕ ВО ОГЛЕДАЛОТО... Кога ќе се угасни светлоста на твојот духовен живот, темна сенка на твоите телесни желби ќе падне на твојот пат....

Read more

  • Prev
  • Next

Twitter Updates...

  •  
fukosantin epimedium african mango afrika mangosu epilamor ozoderm uzamax altin cilek lavixir ayak kokusu biber hapi super x power penis halkasi maurers

НАМ НИШТО НЕ НИ ПРИПАЃА

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

На прв поглед изгледа дека е во право, но заборава дека, прво, животот не е блок за цртање и дека грешките и гревовите не се нацртани со молив, за кои може да се употреби гума за бришење за да ги снема, како воопшто никогаш да не постоеле, дека тие секогаш ќе живеат во срцето на секој искрен покајник и како болни рани ќе печат и до крајот на животот ќе го потсетуваат на минатото; второ, дека успехот во лекувањето на алкохолната болест, односно, менувањето на карактерот на апстинентот и неговите погледи за алкохолот и за животот воопшто, најмногу зависат од постојаните жртви и напори, дека тој успех, иднината и целиот живот на апстинентот и судбината на неговите најмили секогаш се ставени како на кантар кој се колеба и кој, со најмала грешка, може да претегне на оваа или на онаа страна; трето, да им помогнеш, да ги наговориш другите луѓе да прават добро е поголемо добро, отколку самиот да си го направил и; четврто, денес не можам, а да не се потсетам на деновите и ноќите кои трчајќи ме водеа во пропаст. Се потсетувам на тоа само затоа што тоа за мене е единствена вистина – се друго е лага. Значи, само го застапувам правото на сопствено мислење. Јас сум јас и нема да го подредам своето мислење по вкусот на мнозинството. Не гледам никаква причина да глумам дека прифаќам нечие мислење, само затоа што мнозинството го прифаќа или само се преправа дека го прифаќа. 

Убеден сум дека малку луѓе знаат што е тоа Клуб на лекувани алкохоличари, какви активности има во клубот при лекувањето од алкохолната болест, како изгледа еден лекуван алкохоличар, после редовно посетување на КЛА. Заради скромните сознанија, луѓето веројатно очекуваат во лекуваниот алкохоличар да видат промашено, неспособно, исплашено, уништено човеково битие кое не заслужува никаква почит и внимание, не заслужува ни малку сомилост и сожалување. Во очите од моите роднини, посебно во очите од моите божемни пријатели, изгледа дека за мене имаат оформено таква слика, така што се друго за нив е неприфатливо, невозможно, најмалку очекуваат во мене да видат среќен, нормален човек (под нормалност подразбирам чувство за праведност, за хуманост и разбирање, со капацитет за љубов кон другите луѓе).

Се е минливо и нам вистински ништо не ни припаѓа: ни семејството, ни нашето тело, ниту нашето богатство. Ни припаѓаат само нашите добри или лоши дела. Сликите од моето минато, од моите лоши дела, во последниве осум години безбројпати поминуваат низ мојата глава и воопшто не ми е тешко да сфатам колку злобно суштество сум бил, слики од кои безбројпати се згрозувам, кога ќе се потсетам колку подло сум ја злоупотребувал љубовта и добрината од моите најмили и, можам чесно да речам, дека при помислата на мојата злоба, секогаш се мразам самиот себе. Моите најмили, во буквална смисла на зборот, беа мои робови. Темата на ропството често се појавува во бајките, митовите и приказните, каде принцот, принцезата или некои други суштества се заробени од злобни сили на некој демон или вештица. Но, за разлика од јунаците во тие митови, кои вложуваат крајни напори и секогаш успеваат да ги ослободат принцот или принцезата и приказната среќно завршува, јас, моите најмили, иако можев, иако во моите раце целосно беше нивната судбина и нивната среќна иднина, сепак навреме не ги спасив од ропството на алкохолниот пекол. Спротивно, бев толку заблуден, така што на крајот се убедив себе си, дека тие по своја волја го прифаќаат тоа ропство.

%

СТРАВ ОД САМОКРИТИКА

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Во реалноста, досегашните анализи на алкохолната болест откриваат разни причини од кои се гледа, дека е исклучително тешко да се пристапи, да се дојде во контакт со голем број алкохоличари, да не зборуваме за почеток на нивно лекување. И дали воопшто лекувањето на алкохолната болест кај овие луѓе, кои се возгордеани и лоши и без алкохол – дали лекувањето е возможно кај нив. Или, дали не е подобро, пред тешкотиите кои ги очекуваат, терапевтите и апстинентите од КЛА едноставно да ги дигнат рацете, да се оправдаат дека работата е надвор од нивната моќ.

Ако човекот го заболат очите и ослепи, сигурно нема да кажеме дека таквиот човек треба да биде казнет, дека не треба да го сакаме. Па зошто да не го сакаме и да го казниме човекот, кој е лишен од тоа што е помило од очите, лишен од најголемото богатство – способноста разумно да живее? Не треба да се лутиме на такви луѓе, треба само да ги жалиме тие несреќници и да се погрижиме нивните заблуди да не не лутат. Да се сетиме како и самите сме биле во заблуди и дека сме грешеле и затоа, подобро е да се лутиме на себе си, затоа што во нашата душа има лошотилок и омраза. Слободно може да се каже дека на човекот разумот му е даден за да може да ги спознае своите грешки. Откако со својот разум ќе ги спознае своите, човекот треба да престане да се лути на друг човек заради неговите грешки, туку стрпливо треба да се труди, со добро и разумно однесување, без гнев, нетрпеливост и надуеност, во него да ја пробуди неговата совест.

Откако дадов добри аргументи, од кои недвомислено се гледа дека алкохолизмот е болест, да се вратам на почетниот мотив за овој текст – огромната одбивност и негативното мислење кон апстинентите, што посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари. Луѓето мораат да излезат од состојбата на тотално незнаење и безпомошност во кое моментално се наоѓаат, без двоумење да тргнат во правец за прифаќање на веќе докажаните методи, за успешно лекување на алкохолната болест.

Многу луѓе чуствуваат страв од самокритиката. Самокритиката е покана за менување на личноста. Штом себе си ќе си признаам дека некој дел од мојата личност е за критика, одговорен сум тоа и да го променам. Но, процесот на менување на личноста е болен, тоа е како смрт. Старата шема на личноста мора да се менува, за да се замени со нова. Болните алкохоличари патолошки се врзани за status qvo на својата жалосна положба, која ја сметаат за совршена и незаменлива.

Некои од моите пријатели ми замераат што воопшто пишувам за глупостите поврзани со алкохолот, посебно што за нив пишувам во толку негативна конотација. Еве што на таа тема ми вели еден мој добар пријател: “Живееме во многу диманично време, луѓето живеат од денес за утре, имаат толку многу проблеми, така што можеш да бидеш сигурен дека никој ниту чита, ниту го интересира тоа што ти го пишуваш. Единствено што можеш да успееш е мајка ми Верка, што има повеќе од 80 години, да ја убедиш да не стане пијаница. Зошто се отперетуваш со нешто што поминало, зошто грешките од минатото не ги замислиш како некоја валканица, која веќе си ја избришал и крај – немаш потреба да се потсетуваш на нешто срамно, што одамна завршило, што луѓето веќе го заборавиле.”

%

“СЕКОЈ ШТО Е БОЛЕН, СО САМОТО ТОА Е И ЖРТВА?”

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

- Втора причина зошто некои луѓе сметаат дека алкохолизмот не е болест е тезата дека, секој што е болен, со самото тоа е и жртва. Луѓето имаат тенденција на болеста да гледаат како нешто што ги снашло, како на состојба над која тие немаат никаква контрола,  како  несреќен случај кој им го наметнала несреќната судбина, како проклетство во чие создавање тие не учествувале. Многу болести и навистина така изгледаат. Но, се чини за многу или дури за повеќето, тоа воопшто не важи. Дали детето кое ќе истрча на улица, иако многупати му е кажано тоа да не го прави, е жртва ако го удри кола? Или, човек кој ќе доживее сообраќајна несреќа, а возел далеку над дозволената брзина за да не закасни на состанок? Или, да го погледнеме огромниот список на психосоматски заболувања и болести предизвикани од стрес. Дали луѓето кои страдаат од главоболка, заради тоа што не ја сакаат нивната работа, се жртви? Жртви на што. На овој или на оној начин, сите овие луѓе и многу други се сопствени жртви. Нивните мотиви, промашувања и определувања во животот, длабоко и интимно се поврзани со создавањето на нивните повреди и заболувања. И, иако донекаде самите се одговорни за својата состојба, ние сепак ги сметаме за болни.

Уште еднаш, мислам дека науката стои на сигурно и цврсто тло, ако во напорите при дефинирањето на болната состојба го занемари поимот жртва и одговорност и, наместо тоа, цврсто да се држи до дефиницијата, по која болест е секој дефект во структурата на телото или личноста, која го спречува човекот да го исполни својот човечки потенцијал.

- Последен аргумент, против дефинирањето на алкохолизмот као болест е верувањето, што многу луѓе го имаат, дека алкохолната болест не може успешно да се лечи. Повод за ваквите тврдења веројатно гледаат во фактот што голем број од лекуваните алкохоличари, после долга апстиненција, повторно му се враќаат на алкохолот. Долгогодишната пракса во лекувањето на алкохолната болест покажа дека овие тврдења се потполно погрешни, бидејќи постојат многу лекови кои се покажале многу успешни. Точно е дека не постои лек од кој, само со негова примена, алкохоличарот ќе чуствува доживотна одбивност кон алкохолот.

Но, постои цела низа на пореметувања, од склероза мултиплес до малоумноста, за кои не постои ни лек, ниту начин на лечење, па сепак без размислување науката ги означува како болест. Можеби така се нарекуваат бидејќи луѓето се надеваат дека ќе се најде начин, дека ќе биде откриен лек со кој ќе бидат совладани. Но, зарем тоа не е случај и со алкохолната болест? Точно е дека луѓето моментално не располагаат со такви лекови кои ќе ги излечат сите алкохоличари на едноставен начин, точно е дека лекувањето на алкохолната болест е комплексно, во кое се вклучени пред се: алкохоличарот со неговата цврста волја за успех, семејсвтото на алкохоличарот со безрезервната поддршка, терапевтите и здравствените установи, и како најважен во лекувањето на алкохоличарот, мора да биде вклучен и Клуб на лекувани алкохоличари.

Треба да се нагласи дека авторитетот над алкохоличарите тешко се постигнува и до него се доаѓа со огромни напори, со големо знаење и искуство. Тие напори се можни само таму каде има љубов. Проблемите со алкохолната болест тешко се решаваат, пред се заради одбивањето на алкохоличарот да ги признае своите грешки, своите слабости. Погрешните ставови со алкохолната болест можат да се изменат само со доста голем труд и самооткажувања. Овој процес на менување на погрешните ставови мора да почне, или низ напорите на напрекинато самопроверување и самокритика, или  низ болното признавање дека, нешто што сме го сметале за исправно, целото тоа време, можеби било потполно погрешно. Во тој случај се раѓа состојба на конфузија. Таа состојба е доста незгодна – како алкохоличари повеќе не знаеме што е исправно, а што не е, или пак по кој пат треба  да одиме. Но исто така, тоа е состојба на отвореност и од самото тоа, состојба во која учиме и растеме. Иако против погрешните ставови доказите се очигледни и неоспорни, алкохоличарите секогаш успеваат да ги игнорираат. Ако не постапуваат така, ќе мораат да се стават во болна и тешка позиција на преиспитување на нивните ставови. Затоа, на алкохоличарите им е полесно да продолжат во ист правец, како ништо да не се случува, како се да е најнормално во нивниот живот.

%

АЛКОХОЛИЗМОТ – БОЛЕСТ ИЛИ СТИЛ НА ЖИВЕЕЊЕ?

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Вакви примери, каде апстинентите се жртви на некоја чудна, нагласена одбивност кон Клубот на лекувани алкохоличари има многу. Многу ми смета тоа што луѓето кон клубот се однесуваат како кон место кое е заразено од најстрашна болест, така што честопати само спомнувањето на клубот, предизвикува презир и одбивност кај луѓето. За тоа што човек добива од посетата на Клуб на лекувани алкохоличари и за веќе споменатиот пример со несреќната госпоѓа, ќе продолжам откако ќе се обидам да објаснам: зошто луѓето кон алкохолизмот треба да пристапуваат како кон болест, бидејќи сметам дека тоа е покорисно.

Дали алкохолизмот може да се третира како болест? Многу луѓе ќе речат дека не. Постојат многу причини поради кои луѓето се во дилема: дали алкохолната зависност да ја стават во категоријата на болест? Некои од тие причини се од емотивна природа. На пример, ние, луѓето, навикнати сме кон болните луѓе да чувствуваме сожалување и разбирање за нивната несреќна состојба, но емоциите кои во нас ги буди погледот на пијан човек се лутина и одвратност, а честопати и омраза. Тоа што луѓето, кога имаат каков било контакт со пијан човек не чувствуваат ни малку сомилост и разбирање, зборува само за нивната емотивна реакција, но не дава одговор на прашањето: дали алкохолизмот е болест или не? Ако ги оставиме на страна нашите емотивни реакции кон алкохолизмот, ќе дојдеме до неколку рационални причини кои не спречуваат алкохолизмот да го сметаме за болест.

- Прво: болни луѓе ги сметаме само оние кои страдаат од некој вид неспособност или болка – не постои болест без страдање, а и самиот збор болест значи страдање. Како што е познато, ние себе си се дефинираме за болни кога сме во состојба на страдање кое не е неопходно и кое не го сакаме. А сите алкохоличари, кои ги знам, во никој случај себе си не се сметаат за болни и не би можело да се каже, барем не за сите, дека страдаат. Тие себе си сигурно нема да се идентификуваат како болни, како идни пациенти. Или попрецизно, за алкохоличарите карактеристично е тоа дека, во својата заблуденост, веруваат дека ништо не им фали и дека се пример за човековата совршеност. Значи, ако нескриеното страдање и личната свест за своето заболување се тоа, по што одредуваме дали некој е болен или не, тогаш алкохоличарите се последните кои треба да ги сметаме за болни.

Но, во овие аргументи постојат огромни пропусти. Постои цела низа на заболувања кои во почетниот стадиум се асимптоматични. При редовниот преглед некој човек открил дека неговиот крвен притисок е 200/120, а се чувствувал потполно здрав. Дали на тој човек, лекарот, како на секој болен, треба да му препише лекови за снижување на притисокот, или да чека човекот да доживее фатален срцев удар, па дури тогаш неговиот крвен притисок да се смета за болест? Со помош на современата медицина, во некои случаи, ракот може да се открие уште во почетниот стадиум, кога сеуште постои можност да се лекува, а тоа може да биде неколку години, пред човекот да почувствува какви било тегоби. Дали треба да се одложува хируршката интервенција се додека човекот не почне навистина да се чувствува лошо? Ако навистина тврдиме дека болеста ја дефинираат тековните страдања и тегоби кои ги предизвикува, тогаш можеме да кажеме дека и високиот крвен притисок или ракот, во наведените примери, не се болест. Тоа изгледа дека е апсурд. Ако лекарот ни рече дека сме сериозно болни, ние му веруваме на зборот и почнуваме да се сметаме за болни, без оглед на тоа дали нешто не боли или не. Ние ја прифаќаме неговата дефиниција дека сме болни и затоа самите себе се дефинираме како болни, иако можеби воопшто така не се чувствуваме.

Или, да го земеме за пример случајот со алкохоличарот во DELIRIUM TREMENS, кој три дена не спиел, се тресе како прат, има температура од 40С, има 145 отчукувања на пулсот и тешко дехидрирал. Тој е убеден дека болницата во неговата стварност е германски концентрационен логор на смртта и дека по секоја цена мора од таму да се спаси, инаку ќе биде убиен. Дали треба да биде оставен да побегне од болницата и избезумено да трчка лево или десно по улиците, криејќи се зад стеблата од дрвјата покрај патот или паркираните автомобили, се додека не падне мртов од премореност, конвулзија или дехидрираност? Или пак, спротивно на неговата волја, сепак да биде совладан, да му се даде јака доза на седативи за на крај да заспие, за потоа да може да почне да заздравува.

Во сите овие случаи ќе се применат различни алтернативи, но знаеме дека тие луѓе се сериозно болни, иако тие самите не мислат така, ниту ја прифаќаат ваквата дефиниција. Јасно е дека нивната неспособност самите себе да се дефинираат како болни, без оглед на фактите кои очигледно водат во прилог на тоа, дека нивната неспособност да согледаат дека се болни е дел од нивната болест. Интересно е прашањето: дали личноста треба да ја сметаме за здрава само на основа на тоа што самата личност не страда од никакви тегоби, без оглед на тоа колку страдања и тегоби им создава на луѓето околу себе? Затоа, која било од овие болести се објективна реалност и не може да се дефинираат на субјективно признавање или непризнавање.

% 

КЛА ВО ОЧИТЕ ОД НАШИТЕ “ПРИЈАТЕЛИ”

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Откако моите роднини и пријатели дознаа дека го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари, се убедив дека повеќето од нив на клубот гледаат со други очи, сосема поразлични од моите, дека да се дознае тоа изгледа е многу срамно и штетно, дека е исто како да се дознало нeшто најлошо за мене – иако мислам дека откако почнав да се лекувам и да го посетувам клубот доволно сум совесен, паметен, добар, чесен - домаќин човек што се вели… воопшто не е важно дали со право или не себе си си ги припишувам тие особини, но велам, сите тие доблести заедно, изгледа дека не се доволни за поинаков статус во очите од луѓето. Дури и некои од луѓето, кои ги сметав за мои најдобри пријатели, често и денес ми говорат: “До пред неколку години, додека не почна да го посетуваш Клубот на лекувани алкохоличари, ти не покажуваше, ни за највнимателниот набљудувач, никакви пореметувања – ни умствени, ни телесни, беше човек со добри особини. Но, откако почна да го посетуваш клубот, се однесуваш занесено, како да си дрогиран, како некој да ти направил некоја магија, мислиш дека правиш којзнае колку паметна и корисна работа. Сето тоа што ти го правиш, луѓето го гледаат и тумачат на најнезгоден начин и воопшто не е пријатно да се искажат озборувањата што за тебе кружат по градот. Треба да знаеш дека ние не сакаме да ги прифатиме за точни ваквите непријатни озборувања, но исто така, слободно можеме да процениме дека самиот си виновен за тоа, дека не можеме, а да не ти укажеме дека ти, со твоето однесување, придонесуваш ваквите непријатни клевети, да изгледаат како вистина.”  Накратко, почна да се зборува дека Иле почнал да посетува клуб каде се собираат пијаници. Со помош на мојата цврста волја, со помош на несебичната поддршка на колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, со помош на огромното искуство и знаење на нашиот терапевт, се разбира, најмногу со помош на безрезервната поддршка што непрекинато ја имам од членовите на моето семејство, успевам да одолеам на злобните озборувања од моите божемни пријатели.

Но, сите апстиненти не успеваат секогаш да се одбранат од ова зло. Еве што за сето тоа вели сопругата од еден алкохоличар: “Мојот сопруг е алкохоличар повеќе од четириесет години. Има златен занает, а живееме во мизерија, бидејќи не е способен да работи поради алкохолот. Пред десетина години прифати да се лекува од алкохолната болест и неколку месеци го посетуваше КЛА. И, само што малку се стабилизира, само што тргна по правиот пат за излез од алкохолниот пекол, кога еден ден ми дојдоа на кавга брат му и сестра му. Почнаа да ми викаат и навредуваат, а него го бранеа, божем многу го сакаат – дека сум им ја срамела целата фамилија, дека тие немале брат за фрлање, дека нему ништо не му фали, што директно значеше дека мене нешто ми фали, дека не бил само тој што пиел алкохол, дека тој бил здрав и нормален, а јас, ако сакам, како што рекоа, брат ми да го однесам кај тие ненормалните, каде што сум го однела нивниот брат. Накратко, тие отворено се ставија како негови заштитници и луѓе кои му мислат арно, а јас сум била таа што му мисли лошо. Ова навистина им беше добро смислено. Со неколку реченици, поткрепено со силното викање, успеаја да ја превртат целата ситуација, така што излезе дека за се виновна сум јас. Аир да не видат. Мојот сопруг како само тоа да го чекаше. Престана да го посетува клубот и од тогаш нема престанато со пиење, дури повеќепати во текот на годината го носиме на детоксикација. А да истраеше во апстиненцијата, денас ќе имавме со што да се пофалиме, но како што народот вели – не треба да си играме со оган – во тоа мојот сопруг многу брзо се увери. Како да пружаше отпор и како да му беше малку тешко и непријатно со првата чашка, а потоа секаков отпор беше беспредметен, а за волја на вистината, ни самиот повеќе не покажуваше знаци дека сака да пружа отпор. Така, повторното владеење на неговите доблести беше урнато и тој го замени местото на апстинент, за она одвратно име – пијаница. Изутрината повторно беше обземен со чувство на каење, на моменти солзи на вина му ги полнеа очите, но немаше никаква корист од тоа, бидејќи патот кон алкохолната болест беше исчистен од моралните препреки, што со помош на клубот почнаа да се градат во неговата совест, така што не му беше потребен голем напор за да започне повторно и редовно да се дружи со својот стар другар – алкохолот.

Погледнете до која мера некои луѓе се спремни да ги жртвуваат своите најблиски, кои длабоко завлегле во алкохолната болест, за да не бидат загрозени и за да можат целосно да ја сочуваат лажната претстава за нивната непогрешливост и супериорност. За таа цел за себе не си поставуваат никакви граници. Од денот кога ја направија кавгата, воопшто немаат стапнато во нашиот дом. Тие денес воопшто не се стеснуваат јавно, без никаков срам, за мојот сопруг да говорат како за сакат човек, како за изгубен случај, за нешто што, по нивното тврдење, така морало да биде, полека го доведоа до заклучокот дека боледува од неизлечива болест и дека за него не постои никаква надеж и можност за помош, дека е целосно деформисан, а во одбрана на својата совест од вината што и самите ја носат, способни се да направат се за да ја отфрлат од себе и најчесто за се, ме обвинуваат мене.”

%

КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ – ШТО Е ТОА?

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Луѓето многу малку или воопшто не ги знаат состојбите со алкохолизмот и затоа, во последно време, се почесто и почесто се извртуваат тезите, така што се погласни се оние, јас би рекол некомпетентни луѓе, кои тврдат дека алкохолизмот е само стил на живеење, а не болест. Својата теза веројатно ја градат на фактот што во Клубот на лекувани алкохоличари не се користат лекови, тврдат дека секој болен треба да се лекува, а за тоа да се постигне, обавезно се потребни медикаменти. Забораваат дека најкорисен, најдобар, најделотворен и незаменлив лек, со чудесно дејство е - убавиот збор. Веројатно поради тоа и Светската здравствена организација го признава алкохолизмот како болест, и не само тоа, туку го рангира на високото трето место по смртност, веднаш по срцевите и малигните заболувања. За да им биде појасно на сите кои се во дилема, во наредните неколку написи ќе се обидам да дадам одговор на прашањето: како јас ја разбирам работата на Клуб на лекувани алкохоличари и дали алкохолизмот е болест или стил на живеење?

Многу пати кога правиме грешки, иако разочарани и депримирани, одненадеж забележуваме дека нашите искрени роднини и пријатели сеуште не сакаат и ценат, дека сакаат да ни помогнат, дека и покрај се, сеуште ја немаат загубено довербата во нас. Во моментите на нескриена желба за помош, со својата искреност, тие не доведуваат до величенствено, духовно расположение во кое целосно се убедуваме во својата грешност, во кое добиваме многу голема сила и енергија за што поуспешна апстиненција – со тоа по којзнае којпат ни даваат уште една прилика повторно да се исправиме и храбро да зачекориме напред.

Со помош на моите најблиски пред осум години ја започнав мојата борба со мојот најголем непријател, со најголемиот непријател на целото човештво – алкохолот. Вложив и сеуште вложувам големи напори во борбата со оваа опака болест, борба што ќе трае до крајот на мојот живот. Откако почнав да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари, мислам дека успеав да го средам мојот живот, но има нешто што непрекинато им се случува на апстинентите од клубовите, нешто што многу ми смета и кое е директен повод за овој текст.

Јас уште на почетокот бев, а денес уште повеќе сум убеден во исправноста од моето лекување на алкохолната болест, посебно сум убеден во исправноста од моето посетување и активностите во Клубот на лекувани алкохоличари. Во посетувањето на клубот гледам како на нешто многу вредно, на нешто многу паметно и исправно, како на нешто многу корисно од што немам никаква причина да се срамам, уште повеќе што тоа го сметам за голем подвиг, кој заслужува сите мои вистински пријатели да го прифатат како нешто најнормално и да го поздрават без двоумење.

Луѓето мислат дека самооткажувањата ја одземаат слободата. Тие веројатно не знаат или не сакаат да знаат дека единствено самооткажувањата даваат вистинска слобода, бидејќи тие не ослободуваат од ропството на нашата расипаност, не ослободуваат од оковите на нашите страсти и нагони кои се наши најголеми тирани и, штом од нив ќе се откажеме, вистински ќе ја почувствуваме слободата. Моето откажување од лажните задоволства што мислев дека ми ги пружа алкохолот, поради издигнување на моралните, духовни вредности, е последица на промените во мојата свест. Откако дојде до промена во мојата свест, се што порано го сфаќав како скратување, болка, денес го сметам како разумен избор на подоброто – подобро за мене, уште повеќе за моите најмили. И затоа, кога денес со луѓето разговарам за мојата апстиненција, искрено се фалам и гордеам со тоа, како да правам нешто посебно, што треба да го знаат и прават сите луѓе.

Но, набрзо се уверив дека алкохоличарите речиси никогаш или многу ретко бараат совет за надминување на алкохолната болест, бидејќи никогаш или многу ретко вистински се загрижени за својата бедна состојба и за своето здравје, ниту пак советот од лекарот вистински ги интересира. Навистина е чудно што алкохоличарите се деструктивни заради тоа што се обидуваат да го уништат злото. Проблемот е во тоа што тие не можат реално да ги согледаат последиците од алкохолната болест што ја имаат, и најчесто проблемите ги лоцираат на погрешно место. Наместо што ги уништуваат другите, би требало барем да се обидат да ја уништата болеста во себе. Всушност, нивната вина можеби и не е толку во тоа што ги мразат и воопшто не уживаат во убавините на животот, колку во тоа што не го мразат грешниот дел во себе. Одговорот на прашањето зошто е така е едноставен: тоа е дел од нивниот карактер исполнет од нивните лаги и заблуди, тоа е дел од нивната болест.

Некои алкохоличари сакаат да изгледа дека навистина се обидуваат да си помогнат себе си, бидејќи нивните најблиски секојдневно им советуваат и додеваат да побараат помош за да ги надминат проблемите предизвикани од алкохолот. Не би било во ред да не се обратат кај лекар во случај некој да ги праша: “Ти секако веќе си бил кај лекар, зарем не?” – Секој од нив би сакал да биде спремен и да звучи уверливо кога вели: “О, да, веќе неколкупати, но изгледа дека ништо не помага.”

%

МАСОВНО ЛУДИЛО

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

На сите луѓе, кои ја видоа оваа глетка со пијаниот човек, на најперфиден начин им се внесуваше во главата изопачена вистина, дека уништувањето на човекот не само што не е забрането, туку дека тоа е нормално, па дури и корисно. Фестивалот на пивото и сите други места каде се точи алкохол се посебен доказ за тоа уништување на луѓето. Немам никакви дилеми дека светот го зафатило масовно лудило, а овие се намерно измислени места за создавање на таков згуснат порок – алкохолизмот, што не би можел да се направи во толку големи размери во никакви други услови, со тоа што таа изопачена вистина како нешто сосем нормално и многу корисно се раширува во најголеми размери по целиот народ. Како да е поставена некоја норма, некоја задача, како на најдобар и најсигурен начин во алкохолниот пекол да се вовлечат што повеќе луѓе. Стотици, илјадници луѓе секоја година се доведуваат до степен на завлегување во пеколниот алкохолен лавиринт, а последиците од нивната болест, за која се разбира, никој воопшто и не размислува, ги трпат најблиските до алкохоличарот, па и општеството во целина. Заслепени од лажниот сјај на ѓаволските сласти, луѓето ги отфрлаат човековите доблести, ги отфрлаат веќе востановените морални сфаќања и примаат нови, кои главно се состојат во тоа дека секое изложување на потсмев, секое насилство и уништување на човековата личност е многу корисно и со закон дозволено.

Постојано се наоѓам во дилема: како може да се дозволи луѓето намерно, на сите можни начини да се расипуваат од алкохолот, а потоа така расипани да ги измачуваат сите околу себе, особено најблиските, нечовечно понижувајќи ги и ставајќи ги под стресови и страдања? Во текот на последниове осум години, откако сум апстинент, многу пати сум се запрашал: Јас ли сум луд што го гледам тоа што другите не го гледаат, или се луди оние што го прават тоа што го гледам? Дали е потребно човекот да го испие целото море за да заклучи дека водата е солена? Но луѓето (ги има толку многу) и натаму го прават тоа што толку ме зачудува и вџашува со така спокојна сигурност, дека тоа што тие го прават не е само многу потребно, туку дека тоа е многу важна и корисна работа, така што е невозможно сите овие луѓе да бидат прогласени за лудаци, а пак, од руга страна, себе си не можам да се прогласам за лудак, затоа што потполно сум свесен за исправноста на моето мислење, кое се темели на следното: со завлегувањето во алкохолната болест луѓето се препуштени на секакви понижувања, лишени се од грижата за човековото мислење, од срамот, од свеста за човековото достоинство.

Некои луѓе мислат дека има ситуации, (особено во оние ситуации кога човекот е спремен да направи се за да заработи што повеќе пари), во кои може со човекот да се постапува без љубов, а такви ситуации вистински нема, бидејќи дури и опстанокот на човештвото најмногу се темели на љубовта меѓу луѓето. Со предметите може да се постапува без љубов; може без љубов да се крши камен, да се сечат дрва, да се кова железо, да се прават цигли, но со луѓето не смее да се постапува без љубов, исто како што со пчелите не смее да се постапува без внимателност, бидејќи тогаш човекот ќе си направи штета и на себе и на пчелите. Исто е и со луѓето, бидејќи взаемната љубов меѓу луѓето е основниот закон на човековиот живот. Вистина е дека човекот не може да се присили да љуби, да сака, како што не може да се присили да работи, но од тоа не се подразбира дека е дозволено со луѓето да се постапува без љубов, особено ако нешто сакаме да измениме кај нив. Ако човекот не чувствува љубов кон луѓето, нека си седи мирен, нека се занимава со себе си, со предмети, со што сака – само не со луѓе. Како што човек може да јаде без штета и корисно само тогаш кога му се јаде, така корисно може да постапува со луѓето и без никаква штета  само кога ги сака и почитува. Штом ќе си дозволи да постапува со луѓето без љубов, како што многу луѓе постапуваат, наеднаш стануваат неограничени свирепоста и ѕверствата кон другите луѓе, а неограничени стануваат и сопствените маани кои се дознаваат од својот целокупен живот.

Големиот писател Џек Лондон вели: “Кога разумни луѓе ќе ја раководат човековата заедница, прво ќе почнат да спроведуваат, или барем ќе се обидат да спроведат затворање на крчмите. Неразумните низ илјада генерации не би ги затвориле крчмите… И, тоа ќе оди лесно. Единствено ќе бидат погодени тешките и случајни пијаници на една генерација. Јас сум еден од нив и давам свечена изјава врз основа на долгогодишното другарување со алкохолот, дека нема многу силно да ме заболи ако престанам да пијам, кога никој друг нема да пие и кога не ќе може да се купи алкохол. Од друга страна, младите луѓе по својата природа до толкава мера се неалкохоличари, та поради тоа што никогаш не вкусиле алкохол, нема ни да почувствуваат дека го нема. Тие ќе дознаат за крчмите единствено преку историјата, мислејќи за нив како за некој чуден, стар обичај, сличен на борбата со бикови или запалување вештерки”.

Кафеаните добро ги познавам и затоа знам дека сите тие пороци што во нив се равиваат кај луѓето – пијанството, коцкањето, свирепоста и многу други зла, знам дека тоа не се случајности или пак појава на изопаченост – туку дека тоа се неизбежни последици на несфатливата заблуденост во лажните, ѓаволски сласти што алкохолот ги нуди. Така, кога еднаш човек ќе падне во канџите на нечестивиот, ќе биде замајан и ќе нема сили да се извлече од маѓепсаниот пеколен алкохолен лавиринт и, на крајот, ќе потоне во лавиринтот на маките од кои нема излез.

Во борбата со алкохолот треба да се осудуваат две работи: самиот алкохол и заташкувањето на проблемите што алкохолот ги носи. Иако заташкувањето на проблемите од алкохолот изгледа како помало зло од самото зло – и едното и другото се дел од едно исто големо зло. Заташкувањето на проблемите што алкохолот ги носи од страна на власта претставува најголема групна лага. Таквата лага истовремено е еден од симптомите и една од причините за алкохолното зло во толку големи размери, еден од неговите цветови и еден од корените на алкохолното зло.

Сам по себе се наметнува заклучокот дека уништувањето на човекот не започнува во кафеаните, туку во власта и нејзината негрижа за човекот – во кафеаните тоа само се завршува; дека почнувајќи од обичните писари во општините, па се до министрите, ни малку не ги интересира правичноста и среќата на народот за која непрекинато зборуваат, туку дека ги интересираат само парите со кои ќе ја наполнат државната каса, за да го штитат тоа од кое произлегува една од најтешките болести на денешницата, од кое произлегуваат страдањата на луѓето. Можно ли е тоа да се прави само поради нестручност и незнаење? Дали може да се направи така што да им се обезбеди плата на несовесните чиновници, слични на луѓето кои го донесоа фестивалот на пивото во Прилеп – и не само плата, туку и добро да се наградат, само и само да не го прават тоа што го прават, тоа што ни го направија и нам, а кое ќе има големи, долготрајни, катастрофални последици за многу генерации после нас. 

ФЕСТИВАЛ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Од пред неколку години градот Прилеп веќе не е обичен, провинциски град, туку модерен, европски град, бидејќи има локална управа со европски манири. Сакајќи да им помогнат, да ги направат посреќни своите сограѓани, притоа вложувајќи огромен труд, градските татковци, по примерот на многу модерни европски градови, на Прилеп му донесоа фестивал. И тоа не каков било, обичен фестивал, туку фестивал на пивото, со природна можност во иднина истиот да прерасне во центар за обука, центар каде младите луѓе ќе ги започнат првите чекори по патот на алкохолизмот, или на обичен македонски јазик кажано, во Прилеп отворија фабрика за производство на пијаници. Речиси цела една седмица центарот на градот беше блокиран од сите страни со илјадници маси и столици, на кои седеа некои од потенцијалните производи на новоотворената фабрика. Да бидеме искрени, такви производи секојдневно се раѓаа и безброј веќе беа родени на други места, така што и тие беа присутни како урнек за новите производи на фестивалот – за новите алкохоличари.

За да не ги разочараат своите добротвори, кои со отворањето на фестивалот го решија и последниот проблем на граѓаните, тие, граѓаните, масовно и радосно излегуваа да го видат тоа чудо од фестивал и, да не останам покусо, излегов и јас. И, навистина чудо имаше и тоа не само едно. Сите маси беа зафатени, така што одвај најдов слободни две столици – за мене и мојата сопруга. На масата седеше млад брачен пар со своите две дечиња. Келнерот уште го немаше донесено кафето што го порачавме, кога одненадеж настана голема мешаница и се слушна голема викотница. Непосредно во паркот лежеше млад човек, целиот облеан во крв така што не можеше да му се забележат цртите на лицето, а неколку млади луѓе немилосрдно го маваа. Лицето од пијаниот младич се грчеше од болката што му ја нанесуваа, но по тоа лице се гледаше колкави духовни можности беа уништени во тој млад човек, се гледаше колку силно човечко животно беше, дека како своевидно животно сепак беше многу посовршено од кученцето што го шетав и на кое му посветував посебна љубов, грижа и внимание. И ете, млад, здрав, силен човек беше доведен до таква состојба да никој не го жалеше како човек, никој не го жалеше како залудно уништено работно, корисно животно.

Навистина, пијанството е неприродна човекова состојба, во која никогаш не може со сигурност да се предвиди што човек може да направи кога ќе се соочи со нешто ненадејно и неочекувано. Сосема е сигурно дека тие што со голем труд го донесоа фестивалот, од голема презафатеност, заборавиле дека кога се пие алкохол ќе има и пијани луѓе. А можеби и не заборавиле, бидејќи е сосема нормално пијаните да прават такви работи: да викаат, да навредуваат, да кршат, да се тепаат и… Ако некој не сака да гледа, или не дај Боже да му се случат такви работи, нека не доаѓа на Пивофест, туку нека си избери некој друг фестивал, како Макфест или Златно славејче.

Моето внимание најмногу го привлече реакцијата на двете дечиња што седеа на масата. Ни мајката ниту таткото на децата не им го објаснија тоа што го видоа, така што децата мораа сами да го одгатнуваат значењето на оваа глетка. Помалото дете, судејќи според изразот на лицата од своите родители, значењето на оваа необична случка ја протолкува вака: дека тоа се сосем поинакви луѓе од неговите родители и нивните познаници, дека тоа се лоши луѓе и дека затоа со нив треба да се постапува токму така како што се постапуваше со овој човек. Детето беше многу исплашено, но се израдува кога веќе не можеше да го гледа пијаниот човек. Другото дете, и не мрдајќи го погледот од пијаниот, прашањата за значењето на овој настан ги реши поинаку. По изразот на лицето се гледаше дека е цврсто убедено дека тој несреќен човек е ист како и тој самиот, како што се и сите други луѓе и дека на тој човек пред малку, некои други – лоши луѓе, му направија нешто што е многу лошо и кое во никој случај не требаше да му го направат. Солзите што му се појавија на лицето говореа дека му е жал за пијаниот, иако се плашеше и од такви луѓе со уништен живот и од оние што им го уништуваат животот.

%

МУДРОСТИ – ПАРИ

Category : МУДРОСТИ 075 985772

0

- Таму, каде човекот е број еден – парите се број два. Таму, каде парите се број еден – човекот е број НУЛА.        Ферид Мухиќ

- Може ли кој било да се сети кога времињата не биле тешки и кога парите не биле малку.

- Господа, со што сте заслужиле толкаво богатство, освен што сте се потрудиле да се родите.        Бомарше

- Поголема чест е кога имаш дукат во џебот, отколку десет ако си ги потрошил.                                                                                                                    Гвиѓардини

- Парите се како жената: да би ги сочувале треба да се занимавате со нив, инаку ќе усреќат друг.       Сафир

- Има такви кои знаат да заработат пари и такви кои знаат да живеат, но многу се ретки тие што го знаат и едното и другото.        Моравија

- Парите се како еж: многу е полесно да го фатите, отколку да го држите.       Моржек

- Парите се одличен слуга … но во некои случаи, кога ќе почнеш да им служиш, парите се претвораат во суров господар.        Френсис Бекон

- Доброто мислење на луѓето за нас е посигурно од парите.        Публиј Сир

- Желбата за парите расти онолку, колку мшто пораснале парите.        Јувенал

- Ни родот, ни доблестите ништо не вредат ако нема пари.        Хорацие

- Кога палатите се премногу раскошни, полињата се празни.        Лао Це

- Парите се клуч што ги отвора сите врати.        Молиер

- Ако сакаш да знаеш што се пари, побарај ги од некого.        Англиска пог.

- Љубовта кон парите е корен на сите зла.        Б.Шо

- Кога ќе се одлучиш да позајмуваш пари, облечи се како да ги имаш неограничено многу.       ***

- Иако сме браќа, ќесињата не ни се сестри.        Народна пог.

- Сакај го својот сосед, но не уривај ја оградата.        Швајцарска пог.

- Кога некој сака да ти плати сега или подоцна, одбери го првото.        ***

- Човек без пари е слика на смртта.        Латинска пог.

- Заштедените (собраните) пари на секого или му заповедаат, или му служат.      Хорацие

- Парите малку ѕвечат, но далеку се слуша.        Латинска пог.

- Најголем крал на земјата во ова време се парите.        Латинска пог.

- Лакомиот човек парите го привлекуваат, но не го заситуваат.        Сенека

- Иако се гордееш со парите, ист си – богатството не го менува твоето потекло. Латинска

- Двапати размисли пред да се одлучиш некому бесплатно да му завршиш некоја работа. Луѓето често не умеат да го ценат тоа, за кое не морале да платат.        ***

- Човек треба да има толку, колку што му е потребно за живот. Кој ќе стекне повеќе од што му е потребно – тој е арамија.        Шримад Бхагавата

- Кога на некого му позајмуваш пари, внимавај неговиот карактер да ја надминува сумата што си му ја позајмил.        ***

- Кој околу вратот полно ќесе има, не може да се најде на бесилка.        Руска пог.

- Кој има пари и врски, не мора да се грижи за правдата.        Италијанска пог.

- Во животот треба да одбереш: парите или ќе ги заработиш, или ќе ги трошиш.   Бурде

- Парите ја покажуваат својата вредност во моментот кога од нив се откажуваме.   Џонсон

- Во парите лежи голема заштита.        Латинска пог.

- Сеуште никој од парите не се обогатил; спротивно, нема човек во кој тие не пробудиле уште поголема желба за нив.        Сенека

- Ништо не е така добро утврдено што со пари не би можело да се освои.        Цицерон

- Парите управуваат со сите работи на човекот.        Публиј Сир

- Парите се слуга ако знаеш да ги користиш; господар ако не знаеш.        Сенека

- Да се откажеш од парите во вистинско време понекогаш е најголема добивка.   Лат. пог.

- Ништо не е така досадно, така одвратно, како изобилието.        Монтењ

- Немаш ли грош, секогаш си лош.        Бугарска пог.

- Парите понекогаш ги решаваат проблемите, но и ги создаваат.        Корејска пог.

- Кога некој ќе ти здосади, позајми му пари.        Украинска пог.

БЛАГОДАРНОСТ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Кога ќе видиме човек што греши, да се сетиме дека и ние сме грешни, кога ќе видиме страст во некого, да се сетиме дека и ние сме биле такви. На тој начин ќе чувствуваме блискост и сродност со секого на овој свет, ќе чувствуваме дека ќе бидеме многу посреќни ако помогнеме да бидат среќни и оние најпонижените, а тоа се алкохоличарите. Да се потрудиме и другите да ги научиме да владеат со своите страсти и нагони, кои, ако не се научат да слушаат – заповедуваат. Бидејќи, само оној кој некогаш бил паднат, може на друг да му пружи практичен пример – како повторно да стане. Потребно е оној кој еднаш се изгорел, да ги предупредува другите на опасноста од огнот.

Во мојата борба со алкохолната болест, посебно сум и благодарен на мојата сопруга за нејзината несебична, безрезервна поддршка, благодарност затоа што имаше сила да ги издржи сите удари, сите мои грешки, глупости и пропусти во животот, затоа што успеа да го одржи семејството. Со паметен маж може среќно да живее и да управува и глупава жена. Но, да управува и да живее со будала каков што бев јас, може само многу паметна жена. Денес таа не е само жена со која ја делам брачната постела, туку мој најголем пријател и мој животен сопатник, човек чиј живот вреди неспоредливо многу повеќе од мојот живот. Мојата благодарност за се што до сега направи за мене и за целото семејство, ја зацврси мојата љубов, ја зацврсти мислата во мене дека ќе ја сакам и кога ќе остари, а и тогаш кога ќе биде старица, бидејќи докажа дека ќе биде способна на нашите деца да им пружи и таткова љубов и внимание, ако случајно умрам.

Сосема за крај на мојата искрена исповед, изразувам голема благодарност кон мојот матичен лекар Др.Добрица Тинтоска – Димеска, која ми го покажа патот кон подобра и посветла иднина.

Изразувам и посебна благодарност и кон Др.Борче Паноски, кој го трасираше тој пат.

Упатувам благодарност и до сите членови на Клубот на лекувани алкохоличари ”Здрав живот” од Прилеп, за нивната поддршка и помош во моите напори да излезам од кризата.

Но, посебна и искрена благодарност од мене и од моето семејство упатувам кон Др.Методија Николоски – Мец, кој успешно не водеше по патот на победата, патот кон среќата и радоста, патот кон посветла иднина. Големо фала и нека ти е вечна слава Голем човеку. Твојот насмеан лик засекогаш ќе остане во нашите срца. И благодариме на Божјата Промисла што ни дарува толку скап дар, да познаваме и да живееме со толку способен човек, токму таков гение да биде нашиот учител. Ние го продолжуваме Твоето дело, а мудроста и знаењето што го пренесе на нас, ќе им помогнат на многу генерации и ќе останат вечен спомен на нашиот сакан и ценет терапевт Др.Методија Николоски – Мец.

Кога луѓето подобро би знаеле какви опасности, каква разурнувачка моќ, колкаво зло се крие во употребата на алкохолот, какви тешки последици остава за секој човек и за човештвото во целина, шишињата во излозите би требало да имаат нацртано мртовечка глава, со натпис:

“ВНИМАВАЈ – ОПАСНО ПО ЖИВОТ” 

fukosantin epimedium african mango afrika mangosu epilamor ozoderm uzamax altin cilek lavixir ayak kokusu biber hapi super x power penis halkasi maurers