Posledni Napisi

МУДРОСТИ - ЖЕНИ... МАЖИ - Пријателството на две жени е само завера против трета. Кар - Жената што не е убава, никогаш не била млада. Свечин -...

Read more

ЗАВИСНОСТА ОД АЛКОХОЛОТ Е СЕМЕЕН... Ставовите кон пиењето алкохолни пијалаци се формираат уште во детството и раната младост и тоа по образецот на...

Read more

МУДРОСТИ - ОД СЕ ПО НЕШТО ЗА ЖЕНИТЕ - Секогаш е исто׃ прво некоја жена ја имаш во срцето, потоа во раката, па на колената и на крајот, на вратот. Буш -...

Read more

ВО СЕКОЈ ЧОВЕК СЕ КРИЕ ПОБЕДНИК Од нашиот прекрасен живот во Америка, ќе кажам дека со помош на нашиот роднина, кој ни најде работа, добро се снајдовме...

Read more

АЛКОХОЛОТ Е НЕВИДЛИВ...НО СТРАШЕН... Најмила моја, тоа што намерно си ми давала ракија за да не те малтретирам, воопшто нека не те измачува, бидејќи...

Read more

КАДЕ ШТО ИМА ИСКРЕНОСТ, ИМА И... Во тие моменти почна да ме измачува тоа, што Ристе почна многу брзо да постигнува добри резултати во борбата со...

Read more

НАДЕЖ ЗА СПАС ОД АЛКОХОЛОТ! % - Незнам како излегов од ординацијата. Сознанието дека сум уништувала болен човек, целосно ме порази. Толку бедно...

Read more

СПАСОТ Е НА ДОФАТ НА РАКАТА % Но, тогаш Бог одлучи да смеша прсти во нашиот живот. Еден тмурен, пролетен ден, јас заминав во полето да работам,...

Read more

АЛКОХОЛОТ - НЕВИДЛИВ, НО СТРАШЕН... % Во почетокот немаше ништо необично, не гледав ништо лошо во тоа и воопшто не ми сметаше. Но, како времето поминуваше,...

Read more

ИСКУШЕНИЈАТА ДЕМНАТ ОД СИТЕ... Во Клубот на лекувани алкохоличари владееше необична атмосфера. Ништо не укажуваше дека на состанокот ќе се случи...

Read more

  • Prev
  • Next

Twitter Updates...

  •  
african mango ozoderm

НЕ Е СТРАШНО АКО ЧОВЕК НЕ ЗНАЕ – СТРАШНО Е АКО НЕ САКА ДА ЗНАЕ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0
%
Многу алкохоличари мислат дека не им е местото во Клуб на лекувани алкохоличари, дека не можат да говорат на начинот на кој говорат луѓето кои подолго време, со години, го посетуваат клубот, дека не можат проблемите предизвикани од алкохолот да ги чувствуваат како нив. Убедени се дека не можат да се залажуваат и дека од таквото залажување ќе претрпат неуспех, дека тоа не е во нивниот карактер. Тоа од нив никој и не го бара. Нека се јават на телефонскиот број на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп (99389) 048 – 550716 и ќе ги добијат сите потребни информации. Потоа, нека дојдат во клубот и нека се прикажат такви какви што вистински се. Убеден сум дека со текот на времето, со помош на нивната цврста желба за успех, ќе научат како да го победат злото што е во нив. Знам дека тешко е да се поднесе неуспехот, но уште подобро знам дека е многу потешко, никогаш да не се проба да се успее.
Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, знаеме дека никого не можеме да го направиме подобар, освен со помош на останатото добро што е во него, никого не можеме да го направиме поразумен, освен со помош на остатоците од неговиот разум што се во него. Човекот самиот греши, самиот го смислува злото, самиот бега од гревот, самиот ја чисти својата мисла, самиот за себе е лош или добар: никој друг не може да го спаси. Ние само можеме да му помогнеме полесно да ја извојува својата победа над злото што живее во неговата душа. Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, посакуваме да успееме да им помогнеме на сите луѓе, особено да им помогнеме на младите луѓе за да можат да напредуваат во животот како здрави личности, да ги спасиме од проклетството на нивното лошо друштво, да ги спасиме од нив самите, да ги извлечеме од алкохолниот пекол. За да ја постигнеме таа хумана цел, потребна е само нивната добра волја и ништо друго. Убедени сме дека од редовното посетување на Клуб на лекувани алкохоличари, ќе почувствуваат дека се наоѓаат во целосно духовно задоволство во себе си, кое многу одамна го немаат доживеано, ќе почувствуваат дека дури сега осознаваат колку добри личности можеле и можат да бидат.
Не е страшно ако човек тоа што треба да го направи денес, го остави за утре – страшно е ако тоа и утре не го направи. Оние, кои залутале по патеката на злото и пропаста, нека не го чекаат “Утре”, туку што побрзо нека побараат помош во Клуб на лекувани алкохоличари и таму ќе го најдат јажето на спасот, кое ќе ги извлече од пеколниот алкохолен лавиринт. И, воопшто нека не се плашат, бидејќи не е страшно ако човек знае малку или воопшто ништо не знае за начинот и методите за борба со последиците од алкохолот – страшно е ако човек не сака да научи како најлесно да го победи злото. А ние, постарите членови на клубот, со своето долгогодишно искуство, ќе им помогнеме да ја зацврстат волјата сите оние, кои ќе изразат желба да ни се придружат. Спремни сме да им покажеме дека и тие можат да победат како и ние. Со текот на времето и самите ќе се уверат дека на таквиот победник не му судат, туку го наградуваат.

%

А ШТО ПРАВИМЕ НИЕ?

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

А што правиме ние? Не само што не правиме ништо за да се уништат условите во кои се создаваат така несреќни луѓе, како што се алкохоличарите, туку само ги одобруваме оние места во кои тие се создаваат. Тие места се добро познати, тоа се: местата за производство и продажба на алкохол – кафеаните, пивниците, јавните куќи и други. И не само што не ги уништуваме тие места (таквата идеја во овој момент и во вакви услови е чиста утопија), не само што не се донесуваат ригорозни законски мерки за ставање ред во производството, посебно закони за ставање ред во продажбата на алкохолот, закони со кои во голема мера ќе се ублажат штетните последици од постоењето токму на вакви места (идејата би требало да биде реално остварлива), туку, сметајќи дека таквите места се навистина неопходни, институциите ги поттикнуваат и со закон го регулираат нивното постоење. Често се прашувам: што би било кога институциите би вложиле стотти дел од напорите што ги вложуваат за заштита на алкохолот, кога би ги насочиле кон тоа да им помогнат на илјадници несреќни, запоставени луѓе, на кои сите гледаме со одвратност, а честопати и омраза?

Луѓето чувствуваат одвратност кога гледаат пијан човек, сметаат дека самиот е виновен за своите несреќи и страдања, но сепак, неговото одбивање да ја прифати стварноста на овој свет, колку и да изгледа детинесто, треба сите нас да не присили подобро да го погледнеме светот во кој живееме, да ги видиме сите негови добри и лоши страни, а потоа да размислиме за мотивите, заради кои ние сме го прифатиле. Ако може да се признае дека има нешто поважно од чувството на човекољубие, макар и за еден момент и макар во еден единствен случај, тогаш нема злосторство што не би можело да биде направено врз човекот, без да се почувствува вина за тоа.

Го жалиме човекот кога премрзнал, кога е гладен, но уште повеќе треба да го жалиме алкохоличарот! Оној првиот страда со телото, а вториот со тоа што е најскапо од се на светот – страда со душата. Добро, многу добро е да го сожалиме сиромавиот и да му помогнеме, но уште подобро е да не го осудуваме алкохоличарот, туку искрено да го сожалиме и да му помогнеме. Можеби тогаш многу повеќе ќе се приближиме до алкохоличарот, многу полесно ќе го најдеме вистинскиот начин да го мотивираме за борба против алкохолната болест. Треба да ги отвориме нашите срца и на алкохоличарот да му поклониме посебна почит и внимание, да почувствува искрена човекова љубов, бидејќи и учениот и неучениот, и богатиот и сиромавиот, и вештиот и невештиот, и убавиот и грдиот, и здравиот и болниот, и стариот и младиот – сите посакуваат и на сите им е потребна љубов и внимание. Тогаш ќе можеме да се надеваме дека и кај алкохоличарот ќе ја разбудиме неговата совест, дека тој ќе ја почувтвува топлината од дружењето со луѓето, ќе можеме да се надеваме дека ќе посака со иста мера да возврати на вниманието и љубовта што луѓето му ја дарувале.

% 

ЗАБЛУДИ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Алкохоличарот гледа дека во неговиот живот ништо не е добро, дека многу работи треба да ги промени. А да го измени човек може само тоа што е исклучиво во негова власт, да се измени себе си. Но, за да може да се измени, алкохоличарот пред се треба да признае дека самиот тој не е добар, дека страдањата на неговите најмили се исклучиво негова вина. За жал, тоа речиси никој алкохоличар искрено не сака да го направи, уште помалку сака да го прифати како нешто што е лошо и што треба што побрзо да го промени. Алкохоличарот целото свое внимание му го посветува не на тоа што е во негова власт, туку на надворешните влијанија, кои не се во негова власт и чија измена воопшто или многу малку можат да ја поправат неговата бедна положба, како што претурањето од еден сад во друг, не може да ги поправи особините на расипано млеко. И, тогаш почнува, во почетокот наивно, а потоа со сосема груба активност – изменување на карактерите на своите блиски по сопствена волја.

Бог, кој со својата мудрост го создал целиот свет, на секој од нас ни доделил посебна улога. Ако Бог одредил некој човек да биде просјак, принц или работник, нека секој човек што подобро ја одигра улогата што му е доделена на оваа Божја сцена – наречена свет. Алкохоличарот секогаш смета дека целиот свет е против него. Никогаш или многу ретко може да го забележи злото кое го нанесува над себе си, уште повеќе, да го согледа злото што го нанесува над своите најблиски, никогаш или многу ретко посакува да го остави алкохолот, својата и среќата на своите блиски да ја гради трезвено, со бистар ум, никогаш или многу ретко одлучува да побара помош за да ја надмини алкохолната болест. Тој не ја гледа неморалноста на своите постапки и на својот живот во целина. Понекогаш забележува дека луѓето го презираат, го одбегнуваат, но никако не може да сфати заради што го презираат, за што треба да се покае и во што треба да се поправи.

Искуствата на членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари говорат дека е многу тешко да се биде добар со лош човек, со лажго, со алкохоличар, особено ако е возгордеан, арогантен, па уште и ако не навредува. Но, со таков, токму со таков човек треба да бидеме добри – и заради него, и заради себе. Добар човек е оној кој ги сака сите и им прави добро на сите луѓе, не прашувајќи дали се добри или зли. Никако не смееме да претпоставиме дека и најнеморалниот човек не би можел да биде морално, слободно човеково битие, дека таквите луѓе не ги заслужуваат нашата љубов и добрина, не го заслужуваат нашето внимание.

Во реалноста се случува нешто сосем спротивно. Кога човекот, болен од пијанството, затапен и зашеметен после бурно поминатите ноќи, ќе направи некоја глупост, институциите, кои се платени да се грижат за доброто на сите луѓе, не само што нема да навлезат подлабоко за да барем го разгледаат неговиот вистински проблем, не само што нема да се погрижат да ги уништат причините што го довеле човекот до неговата несреќна состојба, туку целата работа ја поправаат само со тоа што го казнуваат човекот. Со казната или заканата никогаш не се постигнуваат вистински резултати. Со нив можеме само да го заплашиме човекот, на час да го држиме подалеку од можноста да направи зло, но на тој начин никогаш човекот не може да се поправи. Осудувањето на другиот секогаш е неправедно, затоа што никој никогаш не може да знае што се случувало и што се случува во душата на оној кој го осудуваме. Човекот станал тоа што е – алкохоличар, само затоа што се наоѓа во такви услови, што создаваат такви луѓе. И затоа, сосема е јасно дека, за да нема такви луѓе, треба да се погрижиме и да ги уништиме оние услови, во кои се создаваат такви несреќни луѓе.

%  

ЛОШИТЕ ДЕЛА – ПРОИЗВОД НА ЛОШИТЕ МИСЛИ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Не може човек само со телесен напор да се спаси од гревот, страстите, посакувањата. Може да се спаси само со напорот на своите мисли. Само со правилно насочување на нашите мисли, можеме себе си да се навикнеме на самооткажувањата, понизноста и вистината. Кога со стрплив напор, како еден вид тренинг, ќе ги навикнеме своите мисли на тоа, ќе можеме успешно да се бориме со гревот и страстите. Во тоа најмногу може да ни помогнат случувањата околу нас. На пример, ние не можеме да им забраниме на птиците да летаат над нашата глава, но можеме да ги спречиме на неа да прават свои гнезда. Исто така, не можеме да им забраниме на лошите мисли да ни проаѓаат низ главата, но можеме да ги спречиме таму да се вгнездат.

Нека алкохоличарот лесноумно не мисли за своето зло и нека не говори во себе: “Јас сум далеку од алкохолната болест, моето зло е мало и нема да ме извалка.” Како што капка по капка и садот ќе се наполни до врвот, така и безумниот алкохоличар малку по малку и ќе го совлада алкохолната болест, малку по малку и ќе биде целосно уништен од злото. Нека човекот кој пие алкохол лесноумно не мисли за своето зло и нека не говори: “Јас немам сили да го променам начинот на живот и да го примам доброто.” Како што капка по капка и садот ќе се наполни, така и човекот кој прави добро, малку по малку и ќе се исполни со добро, ако тежнее кон доброто.

Оној кој ќе признае дека неговиот живот е лош и кој сака да живее подобар живот, нека не мисли дека може да живее подобро само тогаш, кога ќе ги промени условите за живот. Животот може и мора да се промени на подобро - не со надворешни промени, туку со промени во себе, во својата душа, во својата свест. За тоа е потребен голем и стрплив напор и само тогаш, кога човековата душа ќе се промени, човекот повеќе да не може да живее како порано, само тогаш нека почне да го менува надворешниот живот. Само во напорот за издигнување на својата душа и совест, човекот нема никакви препреки и само во таа активност, човекот може да чувствува вистинска радост. И самата помисла на успех во борбата со алкохолната болест ве облагородува и прочистува, ве прави подобри и ви ја зголемува желбата да бидете уште подобри.

И кога нема лошо дело, го има тоа што е многу полошо од лошото дело  – тука се мислите од кои произлегуваат сите лоши дела. Лошото дело може никогаш да не се повтори, поради него можеме да се покаеме, но од лошите мисли непрекинато се раѓаат само нови лоши дела. Лошото дело само им прави пат на новите лоши дела, а пак лошите мисли незадржливо го влечат човекот по тој пат.

Кога човек ќе направи грев и кога ќе осознае дека погрешил, тој има две можности: една е да го признае гревот и да внимава во иднина никогаш да не го повтори, другата е да не и поверува на својата совест и да почне да испитува - како луѓето гледаат на тој грев што тој го направил, па ако тоа луѓето не го осудуваат, да продолжи и натаму да греши, вистински не осознавајќи ги своите грешки. “Сите луѓе така прават, па зошто да не правам и јас.”  Штом човекот ќе тргне по таа стрмна патека, нема ни да забележи колку далеку ќе замине од добриот живот.

% 

ВИСТИНАТА НА ВИДЕЛИНА

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

1

За да се дојде до вистината, таа не треба да се дели, а за да не се дели треба вистински да се сака, човек да се помирува и да го сака и тоа, со што во тој момент не е согласен. Сето тоа во што навистина веруваат вистинските апстиненти, едноставно мора да е вистина; таа може секој член на Клубот на лекувани алкохоличари различно да ја чувствува и изразува, но таа не може да биде лага; дури и ако таа вистина на некого му наликува на лага, тоа само значи дека тој добро не ја разбрал. За борба со алкохолната болест потребна е железна дисциплина, за која практичен пример можат да дадат добро извежбаните членови на Клубот на лекувани алкохоличари. Спознавајќи ја целината – клубот, колку што е тоа можно и, спознавајќи ја работата и задачата на клубот, го спознаваме и своето место во таа целина – клубот, се спознаваме себе си.

Благодарејќи на некоја возвишена љубов кон сите луѓе што се разбуди во мене, посебно кон моите браќа по алкохол, чудна сила што ја добив во Клубот на лекувани алкохоличари, ме тера да ги разберам овие луѓе и да видам дека тие личности, кои од разни причини тргнале или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол, кога не се дружат со алкохолот не се така лоши и глупави, како што многу луѓе мислат. Одлучив да живеам со тие и за тие луѓе, бидејќи ги сметам за поблиски и подобри од илјадници други, кои себе си се сметаат за многу – многу подобри. Убеден сум дека кога се дружам со колегите од клубот, како да се наоѓам во некој друг свет, каде сите маки и страдања се слатки како мед.

Чисто облечен човек внимателно ги заобиколува барите, но кога еднаш ќе се слизне и ќе ги извалка чевлите, тој веќе помалку се чува; а кога ќе види дека чевлите му се сосема извалкани со кал, тогаш веќе смело чекори по калта и се валка се повеќе и повеќе. Исто така, кога човек е млад, додека сеуште е чист од лошите и развратни дела, се чува и бега од се што е лошо; но штом еднаш, два пати ќе згреши, тој мисли: се чувал не се чувал сеедно е, па се впушта во сите пороци. Кој ќе згреши првпат, тој секогаш чувствува дека е виновен; кој многупати го повторува истиот грев, особено кога луѓето околу него се наоѓаат во истиот грев, тој запаѓа во соблазност и повеќе не го чувствува својот грев.

Луѓето не престануваат да се лажат и мачат себе си и другите. Луѓето не мислат дека е важна Божјата убавина, која е благодет на се живо, туку сметаат дека е важно и свето само тоа што го измислиле тие самите, за да можат непрекинато да се лажат и мачат меѓу себе. Дали животот од човекот ќе биде добар или лош, зависи исклучиво од неговите мисли. А со мислите може да се управува. Како што од лошо семе изникнува лош плод, така и од лошите мисли се раѓаат лоши дела. Како што земјоделецот го одбира вистинското семе, потоа го чисти од каколот, а најдоброто семе го чува и прочистува, така и разумниот човек постапува со своите мисли: ги отфрла од себе непотребните, лоши мисли, а ги задржува најдобрите, ги чува и прочистува. Значи, за човекот добро да живее, треба да работи на своите добри мисли и да не се покорува на лошите. Како што човек може да се воздржи од делата за кои мисли дека се лоши, така може да се воздржи и од мислите кои го привлекуваат, ако ги смета за лоши. Во тоа воздржување е вистинската снага на човекот, бидејќи сите дела се раѓаат во неговите мисли.

%

ПАТОТ ДО УСПЕХОТ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Нема точно одреден пат што води до успехот или неуспехот, бидејќи тој е многу сложен. Воопшто говорејќи, ако сакаме да знаеме - зошто некои луѓе успеваат да ја победат алкохолната болест, а некои целосно пропаѓаат, единствен одговор на тоа е: ќе успеат да се оттргнат од канџите на алкохолот оние, кои се постојани и кои без оглед на напорите и жртвите ќе истраат, а нема да успеат оние, кои тоа не се.

Кога ќе се угаси светлината на човековиот разумен живот, темна сенка од неговите телесни желби ќе падне на неговиот пат. Секој човек треба да се чува од таа страшна сенка. Светлината на неговиот разум не може да ја уништи таа темнина, се додека од неговата душа не ги истера желбите на телото. Само така човекот може да се извлече од алкохолниот пекол, само така ќе се прочисти во блескавата светлина на животот, само така човекот ќе научи да го прави тоа што целиот нормален свет го прави, само така ќе го пушти мајмунот и тигарот да умрат во него.

Кога се качуваме на планината на вистината, никогаш не се качуваме залудно: ако денес не сме достигнале повисока точка, ние сепак сме ја тренирале својата снага, така што утре ќе можеме да се искачиме повисоко. Колку пати човек и да падне и да не ја оствари победата над своите страсти – нека не очајува и нека не се предава. И после слабата жетва треба да се сее. Не е добро после првиот неуспех душата да потклекне. Кочијашот не ги фрла уздите ако веднаш не може да ги запре коњите, туку и натаму стрливо продолжува да ги затегнува, додека коњите не застанат. Така и ние треба да правиме со нашите страсти: ако во првиот обид не сме успеале да се воздржиме, треба да ја продолжиме борбата и на крајот победници ќе бидеме ние, а не нашите страсти. Секој, макар и најмал напор ја смалува снагата на страстите и ја олеснува победата над нив. Кај внатрешната борба која човекот ја води сам со себе и со непознатите сили во себе, непрекинато треба да се применува правилото: никогаш не се предавај. Ништо толку не ја ослабува човековата снага, како надежта дека во нешто друго, а не во сопствените напори, ќе го пронајде доброто и своето спасение. За да ги победи своите лоши навики, човекот треба непрекинато да се обновува и усовршува целосно – тоа треба да го прави повторно, пак повторно и секогаш одново, бидејќи најсовршен не е оној човек кој има најмногу доблести, туку оној кој има најмалку пороци.

Алкохолот и сите други страсти го опкружуваат човекот од сите страни. Да се поминува животот покрај тие опасности исто е како да се оди по кал – постојано да се заглавува и постојано да се излегува од калта. Сепак, разумниот човек знае дека не е страшно ако падне во калта – страшно е ако остане во калта. Лекуваните алкохоличари беа во калта, но со стрплив напор се извлекоа од неа и сега чувствуваат должност, со стекнатото искуство и знаење за алкохолната болест, да помогнат многу луѓе да не се извалкаат. Добар апстинент си помага себе си, но членовите на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп се совршени апстиненти, бидејќи си помагаат себе си, но спремни се во секое време да им помогнат и на другите, на сите оние кои ќе изразат желба да се лекуваат, полесно да излезат од пеколниот алкохолен лавиринт.

%

ПОРАКА

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

На крајот, им испраќам порака на оние кои почетниот неуспех можеби ги поколебал, на сите оние кои, како и јас на почетокот, се сомневаат во значењето од посетувањето на Клуб на лекувани алкохоличари, на оние кои не ја осознале вистинската улога на клубот во нивното лекување од алкохолната болест и во правилното обликување на животот во иднина – трезвено, без алкохол. Особено им испраќам порака на оние кои немаат храброст да го напуштат минатото и храбро да се соочат со неизвесноста на иднината, бидејќи на оној, на кого му е жал да се раздели од минатото, не вреди ни да се обиде да гледа во подобра и посветла иднина.

Во време кога се изместени сите човекови вредности, во време кога речиси сите луѓе се борат за власт и доминација, во време кога егоизмот ги надминува сите граници, во време кога сите човекови доблести се на најниско можно ниво, во време кога ѓаволот го распослал целото свое зло на сите страни од светот и кој, на многу лукав начин, прикажувајќи го со сите лажни убавини, на човекот му го нуди алкохолот како примамлив и единствен излез и спас од реалноста, за бегство од бедата и неправедноста во светот, во кој човекот е приморан да живее – во сите овие околности, слабите духови се фаќаат на ѓаволската јадица прифајќајќи го алкохолот како единствен лек за надминување на своите комплекси, своите грешки и пропусти.

Непобитна вистина е дека никогаш никој не се опива за да направи добро дело, туку спротивно, повеќето лоши дела луѓето ги прават во пијана состојба. Пијанството само по себе не е прекршок, туку е припрема за сите други видови на прекршоци. Алкохолот е најголем непријател на животот, тој е крвав убиец, господар и сојузник на смртта, тој ја уништува и убива младоста. Тој уништува многу млади, добри момчиња затоа што стои на сите патишта и на секој агол од секоја улица. Кога не би бил алкохолот, овие млади луѓе би живееле среќен и плоден живот, би создавале големи дела, би биле корисни за себе и за целото човештво. Наместо тоа, поради алкохолот пропаѓаат, а со тоа пропаѓаат и сите нивни можности.

Алкохоличар е човек на кого организмот му бара алкохол и го тера кон земање алкохол. Поголем број од луѓето стануваат алкохоличари од навика, а се навикнуваат затоа што алкохолот е лесно достапен и насекаде присутен, затоа што сите патишта водат кон алкохолот – кон кафеаните, места каде луѓето се запознаваат и состануваат, места каде ги слават своите среќни денови, места каде плачат над своите несреќи и каде со алкохол ја лечат својата тага.

Алкохолизмот не е вродена маана кај човекот и затоа има различни мотиви – зашто некој човек станал алкохоличар, но како и да е, по испивањето на првата и втората чаша, на човекот му се отвора апетитот, се јавува жед и тогаш испива чаша по чаша. Првата испиена чаша на човекот му доаѓа како некоја мала матура, после која човекот кој пие алкохол преоѓа во повисоките класови, каде се учи виша математика на алкохолизмот, со сите познати и непознати. Колку подолго се дружи со алкохолот, во човекот се повеќе се губи чувството за неговото најголемо богатство, а тоа е да биде слободен, да живее по своја волја, а не по волјата на алкохолот. Природно е секој човек најмногу од се во животот да ги посакува слободата, среќата и радоста. Но, штом секој човек најмногу ги посакува овие највисоки човекови добра, зарем секој не може да види дека тие благодети не се надвор од него? Нека секој човек цврсто одлучи да ги има и ќе ги има, нека само се однесува како да се негови и, ќе бидат негови. Најдобар учител за слободата е природата, бидејќи се е слободно што во неа дише и се движи, освен човекот, особено човекот кој постојано се дружи со алкохолот. Впрочем, среќните робови се најлути непријатели на слободата, како што болниот алкохоличар е непријател на слободата од своите најблиски, правејќи ги несреќни со своите грешки, што непрекинато ги прави. И, наместо да се труди да ги поправи своите грешки, човекот, заслепен од алкохолот, прави нови грешки, сметајќи дека ако неговите грешки никој не ги осудува, дека тие и не постојат. Но, грешките се како ѓубрето што се наоѓа околу нас – можеме да го покриваме и со златен килим, но тоа и натаму ќе остане само ѓубре и ништо друго.

МИРОТ ВО ДУШАТА

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Денес гледам колку сум ги малтретирал моите најмили со тоа што од нив секогаш сум барал да имаат доблести кои самиот не ги поседував. Иако сум свесен дека не ќе можам да поправам и да надоместам се што сум погрешил, сепак, се надевам дека Бог ќе дозволи да поживеам доволно, да барем нешто надоместам, да се обидам да создадам и оставам нешто трајно, со што ќе посведочам дека воопшто сум живеел.

Човековиот мир, среќа и радост, не зависат од законите и владетелите, туку од неговите тивки, семејни односи, од неговиот разум, од совеста. Во сложно семејство, каде владее хармонија и пријатна атмосфера, среќата сама од себе доаѓа, бидејќи таму каде  што човекот сее љубов, израснува радост и среќа. Семејниот синџир е толку тежок и, за  сите во семејството да бидат вистински среќни, таа тежина мора да ја носат сите членови на семејството. Денес животот ми е прекрасен. Конечно почнав да ја разбирам вистинската смисла на животот. Целиот свет како да е мој и сигурен сум дека никаква причина не може повторно да ме врати кон алкохолот, на поранешниот колосек кој води директно кон пеколот. Но, мојата среќа е невозможна без среќата на моите најблиски, кои ми ја даваат најголемата радост и задоволство во животот, бидејќи чувствувам дека и покрај сите мои грешки сеуште ме сакаат и ценат, дека сеуште сум им потребен и мил.

Во едно сум сосема сигурен, а тоа е дека сум целосно изменет и дека во мене се случи значајна промена за душата, промена што ме спојува со сиот нормален свет. Со помош на другарите од Клубот на лекувани алкохоличари, сфатив дека за борба со алкохолната болест не ми се потребни ни пушки ни пиштоли. За разлика од револуциите, кои се водат исклучиво со оружје и насилство и во кои една класа заменува друга, борбата со алкохолната болест мора за се води елегантно, полека и без брзање, трпеливо, добродушно, воздржано и попустливо, исполнета со искрена љубов и човекољубие, бидејќи тоа е борба во која победникот заменува еден живот со друг, победа во која доброто го заменува злото. Вистинската сила не е во оној кој е способен да ги победи другите, туку во оној кој ќе смогне сили да го победи алото во себе и нема да му дозволи на животното што е во него да владее со неговата душа.

Денес, во овој момент, сметам дека сум потполно нов човек, бидејќи имам свој став за алкохолната болест за кој сум спремен да се борам и да го одбранам, да се борам и да го докажам. Толку длабоко одново го преживувам животот, стравотиите од минатото и радоста од сегашноста длабоко навлегуваат во душата, така што понекогаш ми доаѓа да се онесвестам. На кратко црна завеса ги прекрива и брише сликите од мојот мозок, но секогаш скокам како од длабок сон и решително извикувам: “Ќе те победам ѓаволу, ќе те победам ѕверу над ѕверовите, макар што тоа мора да трае до крајот на мојот живот.”

И, зарем денес со право не можам на оние, кои од злоба и завист го валкаат моето име, кои ме оцрнуваат и кои уживаат кога ги бараат моите грешки и пропусти од минатото да им речам: “Од каде ви е правото да ме оцрнувате и да ми префрлате за грешките и пропустите кои сепак не ме спречија да вредам барем малку повеќе отколку што вредите вие, бидејќи сега јас не живеам само привидно да бидам среќен – ќе трпам и ќе умрам ако треба, но ќе бидам тоа што навистина треба да бидам – човек. А вие, мои божемни пријатели, што ме оцрнувате  – погледнете малку подлабоко во себе и ќе ги најдете истите грешки и пропусти што ги осудувате кај мене, а ако и не пронајдете исти такви грешки, погледнете уште подлабоко, ќе најдете многу поголеми грешки од моите.”

%

НОВ ЖИВОТ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Во почетокот воопшто не бев свесен за големата преобразба на мерилата, за вредностите на животот, што се случуваше во мојата напатена душа, ниту пак имав објаснување за новата светлина што го осветлуваше мојот живот. Со помош на колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, научив дека во животот на секој човек има нешто, што е многу повредно од секојдневно опивање и бесцелно скитање. Кога денес размислувам за сето тоа, едноставно се изненадувам пред сите тие благодети што ги открив. Се чудам како тоа до сега не сум можел да го забележам, како тоа можат да го забележат сите други, само не и јас. Советите и мудроста на нашиот терапевт, заедно со мојата волја и упорност помогнаа да се извлечам од дното на пеколот, реално да ги согледам сите мои грешки и слабости и да отворам беспоштедна борба со нив, до конечна победа над алкохолното зло, да сфатам дека јадењето, пиењето и облекувањето навистина се животни потреби, но дека во нив не се наоѓа смислата на животот, дека желбата не престанува со исполнување на желбата, туку секое ново исполнување ја поттикнува жедта за нови исполнувања, како што бензинот го разгорува огнот, да сфатам и прифатам дека крстот што го носам не е терет, туку моја животна должност.

Радоста живее длабоко во душата и нема значење дали се наоѓаме во бедна колиба или раскошна палата. За вистинска радост и среќа потребни се само неколку добри луѓе, кои секогаш прават топол дом – и без печка, кров и прозорци. И не недостатокот на љубов, туку недостатокот на добрина, толеранција и пријателство, неспособноста за градење на вистинско заедништво, ги создава несреќните бракови. А алкохоличарот не е ни добар, ни толерантен, ниту пријател, не поседува чувство на сомилост, уште помалку поседува чувство за заедништво – едноставно, додека се дружи со алкохолот, тој е изгубена личност во времето и просторот.

Со помош на Др.Методија Николоски – Мец, нашиот терапевт и членовите на клубот, сметам дека денес сум сосема нов човек, многу поразличен од оној, кој за жал, многу луѓе го знаат. Во текот на мојот триесетгодишен стаж како алкохоличар, доживеав неуспех во секој поглед, нанесов многу неправди, пред се на моите најблиски на кои им ја украдов среќата и радоста, им ја украдов слободата. Најжалосно е што во тој најнесреќен период од мојот живот го изгубив најдобриот дел од мојата личност, стигнав до дното, дното на пеколот. Никој во живото ми нема нанесено поголемо зло од алкохолот и затоа денес алкохолот го сметам за најголем непријател на сите луѓе, најголемо зло од кое се раѓаат речиси сите други зла, зло кое на човештвото му има нанесено многу поголема штета од војните, гладот и сите други болести заедно, зло против кое човештвото мора да се бори со сите сили.

Денес гледам колку сум бил себичен и неправеден кон нешто што отсекогаш ми било најмило, најскапо и најсвето во животот – кон мојата сопруга и моите деца. За вистински да им помогнам на моите најмили, требаше многу порано да дојдам до тој едноставен, природен заклучок дека, ако навистина им го мислам најдоброто, како кога го жалам заморениот коњ, тогаш прво што треба да направам, ако навистина го жалам е да слезам од коњот и да одам на своите нозе. Овој природен заклучок, кој целосно ги задоволува чувствата на моралот и човекољубието, недвосмислено им паѓа во очи на сите нормални луѓе, само не и на алкохоличарите, кои не го гледааат или не се трудат да го видат.

% 

УТЕХА ЗА ЗАЛУТАНИТЕ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Др.Методија Николоски – Мец е единствен учител, достоен на тоа име, бидејќи во сите нас непрекинато го разбудува духот на слободното мислење и кај апстинентите развива чувство на лична одговорност. Не учи како да ја стекнеме способноста за сигурност во секојдневните активности, а за да се чувствуваме посигурни, помирни и похрабри во животот, дека треба да посакуваме малку, а да се надеваме на уште помалку; не учи дека не мораме да се трудиме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобри во границата на нашите можности. Тој знае да ја препознае и уништи демонската сила на незнаењето, особено да ја уништи демонската сила на погрешното знаење за смислата на човековиот живот, што е карактеристично за речиси секој алкохоличар, а со тоа да ја уништи и таа лоша причина за многу семејни трагедии.

Човек мора многу да знае за да може другите да ги поучува – со малку знаење да бидат мудри, за да можат да ги избегнат опасностите што животот ги носи. На сите апстиненти Др.Николоски ни пружа посебна помош и внимание во нашето искачување кон врвот на вистината, кон здогледување и откривање на нови, поголеми и поубави предели од животот, кои треба да ги истражуваме.

Дојдов до сознание дека објаснувањата на нашиот терапевт за проблемите со алкохолната болест се крајно уверливи и, да не се прифатат тие објаснувања и да не се применат во пракса би било исто, како морнарот да го фрли во морето единствениот компас што го има. Тој е љубезен човек кој секогаш со насмевка на лицето слуша како за нешто што тој многу добро го знае, говори некој кој за тоа ништо, или многу малку знае. Др.Николоски е премногу свесен за недостатоците на врстата на која и самиот припаѓа, да би се лутел на кој било нејзин член. Неговата парола, што непрекинато во пракса ја применува е: да започнеме битка со алкохолното зло секаде и секогаш кога го гледаме, притоа не повредувајќи го чинителот на злото, исто како што ни самите не би сакале да бидеме повредени, заради грешките што непрекинато ги правиме.

Во извршувањето на својата животна задача, тој е витален човек, кој го носи во својата душа, во своето срце, во својата крв животот на сите апстиненти – боледува од нашите болести, страда заради нашите неволји, цвета со нашето здравје, ужива во нашата среќа – независно од сопствените проблеми и преокупираност. Кој дава само совети, макар и најдобри, е поток кој пријатно жубори. Но, Др.Николоски тие прекрасни совети за доброто на заедницата во целина ги спроведува во дело и затоа е поток со млинови, кои работат подеднакво за сите. Тој е совршен пример дека човековиот дух со ништо повеќе не може да се приближи кон Бога, кон совршенството, отколку со несебично спасување на луѓето.

Еволуцијата на напредокот на цивилизацијата е разработена во целост, но од луѓето е сфатена премногу технички. Ако ја исклучиме Дарвиновата теорија за еволуцијата на човекот од мајмун, речиси во се друго човекот е изоставен од неа. Во градот Прилеп има многу експерти во стопанството за унапредување на науката и техниката, но во Прилеп единствен е Др.Методија Николоски, кој правилно го разбрал и во пракса го применува напредокот на цивилизацијата на која, на крајот на краиштата, не би требало примарна цел да и биде напредокот на науката и машините, туку напредокот и издигнувањето на човекот. Староста нема поубава утеха од сознанието дека целата своја младост е вградена во дела кои не стареат. Само малите духови разликуваат свое и туѓо. Др.Николоски е човек со голем дух и целиот свет го гледа како свое семејство.

Градот Прилеп треба многу повеќе внимание и помош да му посвети на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” и неговите сегашни и идни членови. За Др.Методија Николоски – Мец Прилеп не треба да се грижи и да троши пари за подигнување на негов споменик. Негов вечен, најголем и најубав споменик е неговото дело – тоа се илјадници лекувани и излечени алкохоличари, илјадници семејства во чии домови Др.Мец им ја врати среќата и радоста. Нивната искрена благодарност е најголема награда за докторот над докторите, за докторот кој ги оживува – ги воскреснува мртвите души на алкохоличарите, за Примариус Др.Методија Николоски – Мец, великанот пред чии дела се восхитуваат пријателите, великанот пред чии дела се поклонуваат и непријателите.

%

african mango ozoderm